!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вирусот „вонакрај“ можеби е дело на Северна Кореја


Маунтин Вју, 16 мај, 2017 - 11:08 (META) 

Компании за компјутерска безбедност велат оти постојат знаци дека Северна Кореја може да е поврзана со глобалниот кибер-напад преку вирусот „вонакрај“ (WannaCry), кој зарази неколку стотици илјади компјутери во повеќе од 150 земји.

Според првичните заклучоци за изворот на масовниот хакерски напад со вирусот што ги заклучува документите и бара да се плати откуп за да ги отклучи, има многу сличности меѓу него и хакерската акција од 2014 година, што многумина ја припишаа на Северна Кореја.

Тоа го тврди Ник Мехта од „Гугл“, а други експерти бргу го прифатија ова толкување. Истражувачи од безбедносната компанија „Касперски“ велат дека тоа е досега најважната трага за потеклото на вирусот, која, како што велат, може да биде клуч за решавање на мистеријата. Тие објаснуваат дека има делови во кодот што укажуваат на хакерската група „Лазарус“ за која се верува дека стои зад хакерскиот напад на „Сони пикчерс“ во 2014 година, за кој беше обвинета Северна Кореја.


Вирусот „вонакрај“ заразил повеќе од 200.000 компјутери во 150 земји


Лондон, 14 мај, 2017 - 17:27 (META) 

Масовниот кибер-напад во петокот со компјутерскиот вирус „wannacry“ (вонакрај) погодил 200.000 жртви во 150 земји, вели шефот на Еуропол, Рон Вејнрајт за „Би-би-си“. Тој вели дека нападот бил многу голем, како и дека утре наутро може да има и нови напади.

Вирусот е од категоријата „рансомвер“, што значи дека ги заклучува сите документи на заразените компјутери и ако корисникот сака да бидат отклучени за да може да ги користи, треба да плати одредена сума пари.

Меѓу најпогодените земји се Русија и Обединетото Кралство.

Според Вејнрајт, иако претходно привремено решение го спречи ширењето на вирусот, авторите на „вонакрај“ направиле понова верзија.


„Гугл“ предупредува дека на веб-страницата на Иванов има штетен софтвер


Скопје, 1 март, 2017 - 17:31 (META) 

Последниве денови, па и во моментот на обраќањето до јавноста кога ја соопштуваше својата одлука да не го додели мандатот на СДСМ, веб-страницата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, беше делумно блокирана, според предупредувањето што го даваше веб-прелистувачот „гугл хром“, но и „мозила фајерфокс“.

Главната страница се отвора нормално, но при кликнување на која било содржина, за да ја прочитате, се појавуваше црвен екран со предупредување дека на веб-страницата president.gov.mk има штетен софтвер и затоа веб-прелистувачот го блокира отворањето на страницата.

Како што може да се прочита и во рецензијата на „Сервисот за проверка на факти“, воопшто не се работи за хакерски напад, туку за неажурирани програмски делови на веб-страницата. Односно, поедноставно кажано, технолошкиот гигант „Гугл“ периодично прави надградба на безбедносните системи на својот пребарувач „хром“. При ваквите надградби, веб-страниците што содржат постари верзии на одредени софтверски решенија, се прикажуваат како потенцијално опасни за интернет-корисниците. Во такви случаи, наместо да се прикаже бараната веб-страница, се појавува црвена страница со предупредување, какво што се покажало на официјалната страница на претседателот на Македонија. На самата страница има линк за напредно појаснување, на кое детално се објаснува дека веб-страницата може да биде опасна за корисникот, но на негов ризик тој може да премине на бараната страница ако кликне на соодветниот друг линк.


Раководството на Русија стои зад хакерските напади, тврдат шефовите на американското разузнавање


Вашингтон, 5 јануари, 2017 - 19:12 (META) 

Шефовите на разузнавачките служби на САД денеска предупредија дека Русија е најголемата закана за американските интереси и дека зад хакерските напади и објавувањето документи на Демократската партија на САД стои највисокото раководство на Русија.

„Според нашите проценки, само највисоките руски функционери можеле да ги одобрат неодамнешната кражба и објавувањето податоци во врска со претседателските избори“, истакнаа денеска во заедничко соопштението до американскиот Сенат, директорот на Националната разузнавачка агенција, Џејмс Клапер, потсекретарот на одделот на министерството за обрана на САД за разузнавачки прашања, Марсел Летр, и адмиралот Мајкл Роџерс, директор на Националната безбедносна агенција (НСА), јавуваат светските агенции.

Тие предупредиле дека Русија претставува најголема закана за широк спектар од американските интереси, поради својата „високонапредна офанзивна сајбер-програма“ и софистицираните капацитети.

„Русија е голем актер во областа на кибернетиката, кој претставува главна закана за американската влада, војска, како и за дипломатската и економската инфраструктура“, навеле највисоките претставници на разузнавањето на САД.

Шефот на Националната разузнавачка агенција, Џејмс Клапер, исто така додал дека со објавувањето на доверливите информации, основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, директно ги загрозил животите на граѓаните на САД.