Еден уапсен признал вина за кражбата на податоци на германски политичари


Берлин, 8 јануари, 2019 - 14:54 (META) 

Уапсениот 20-годишник, кој се сомничи за кражбата на податоци и разговори на стотици политичари во Германија, која беше откриена, ја признал вината, пишува германски „Шпигл“ на својата веб-страница.

Истражител од канцеларијата на Федералната криминалистичка полиција (БКА), која се занимава со овој, еден од најголемите досега, хакерски напади во историјата на Германија, рекол дека уапсениот рекол оти не бил свесен за сите последици на својата постапка и засега нема потврда дека бил поврзан со странски разузнавачки служби.

Полицијата соопшти само дека е пребаран станот на 20-годишникот не изнесувајќи други податоци.

Во овој случај што беше обелоденет во четвртокот, украдени се лични податоци и записи од разговори на околу 1.000 луѓе, од кои огромен број политичари од сите германски парламентарни партии освен од ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“.


Хакери објавија разговори и лични податоци на Меркел и стотици германски политичари


Берлин, 4 јануари, 2019 - 15:43 (META) 

Германија врие од вчера, кога беше откриено протекувањето во јавноста на лични податоци и различни комуникации на германската канцеларка Ангела Меркел и на стотици политичари.

Материјалите, објавени на интернет, биле поставувани во изминативе две седмици од Твитер-корисникот ‘G0d’, кој вели дека се наоѓа во Хамбург, а според неговиот блог, станува збор за истражувач на ИКТ-безбедност.

Материјалите содржат и лични и партиски податоци, вклучувајќи тука електронски адреси, броеви на мобилните телефони, фотографии или снимки на лични карти, трансакции со дебитни картички, податоци за кредитни картички, разговори со членови на семејствата и разговори во рамките на партиите.

Интересен момент во скандалот е дека се објавени податоци од припадници на сите парламентарни партии освен од крајно десната Алтернатива за Германијa, што, според некои аналитичари, можеби сигнализира за мотивацијата на сторителите на хакерските упади.

Во моментов се прават опсежни анализи за тоа како се правени упадите и кражбите, а засега се знае дека во најголемиот скандал од овој вид во Германија досега, не се објавени политички чуствителни информации.

Протекувањето го истражува германската агенција за безбедност БСИ, а во објавените податоци има и материјали од музичари.

Претходно ваков голем напад беше направен во 2015 година, кога беше нападната мрежата на Бундестагот и беа украдени чувствителни информации. За овој напад беа обвинети руските државни органи.

Компјутерскиот систем на германскиот парламент беше нападнат и во 2017 година, но експертите успеаја да спречат упад.


Хакери ги нападнаа владата и јавните институции во Украина


Киев, 27 јуни, 2017 - 18:19 (META) 

Украинската влада и неколку јавни институции, вклучувајќи банки, компании, поштенски системи и меѓународни аеродроми, се погодени од серија хакерски напади.

Заменик-премиерот Павло Розенко на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека сите компјутери во министерствата се заклучени и на нив е испишана порака на англиски јазик, во која се предупредуваат корисниците дека сите податоци ќе бидат избришани ако ги исклучат машините.

Украинската централна банка претходно јави дека неколку банки исто така се погодени од нападот кој е предизвикан од „непознат вирус“.

Државната енергетска компанија јави дека била нападната, но оти тоа нема да влијае на снабдувањето со електрична енергија.


Вирусот „вонакрај“ можеби е дело на Северна Кореја


Маунтин Вју, 16 мај, 2017 - 11:08 (META) 

Компании за компјутерска безбедност велат оти постојат знаци дека Северна Кореја може да е поврзана со глобалниот кибер-напад преку вирусот „вонакрај“ (WannaCry), кој зарази неколку стотици илјади компјутери во повеќе од 150 земји.

Според првичните заклучоци за изворот на масовниот хакерски напад со вирусот што ги заклучува документите и бара да се плати откуп за да ги отклучи, има многу сличности меѓу него и хакерската акција од 2014 година, што многумина ја припишаа на Северна Кореја.

Тоа го тврди Ник Мехта од „Гугл“, а други експерти бргу го прифатија ова толкување. Истражувачи од безбедносната компанија „Касперски“ велат дека тоа е досега најважната трага за потеклото на вирусот, која, како што велат, може да биде клуч за решавање на мистеријата. Тие објаснуваат дека има делови во кодот што укажуваат на хакерската група „Лазарус“ за која се верува дека стои зад хакерскиот напад на „Сони пикчерс“ во 2014 година, за кој беше обвинета Северна Кореја.


Макрон жртва на хaкерски напад, голем број податоци за кампањата излегоа во јавноста


Париз, 6 мај, 2017 - 12:34 (META) 

Изборниот штаб на независниот кандидат на претседателските избори во Франција, Емануел Макрон, соопшти дека тој е жртва на голема и координирана хакерска операција. Имено, голем број на меилови од кампањата биле објавени на интернет на еден ден пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори.

Странските медиуми јавуваат дека околу девет гигабајти податоци биле објавени на веб-страницата „Пејтсбин“, која овозможува споделување на документите кои анонимно се објавени.

Изборниот штаб на Макрон исто така соопшти дека пред неколку недели биле украдени автентични документи кои притоа биле измешани со лажни документи за да предизвикаат сомнеж и дезинформации.

Портпаролот на министерството за внатрешни работи на Франција изјави дека нема да го коментира наводното хакирање на меиловите на Макрон, бидејќи кампањата е завршена.

Вториот круг на претседателските избори во Франција ќе се одржи утре (7 мај), а во трка се лидерката на ултрадесницата, Марин ле Пен, и проевропски ориентираниот претседателски кандидат, Емануел Макрон.


МВР го испитува протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти


Скопје, 1 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на Министерството за внатрешни работи (МВР) не стигнала пријава и поради тоа сè уште не се води никаква постапка во врска со протекувањето на околу 5.000 лични податоци на студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава. Сепак, од Секторот за „Мета“ велат дека тие по службена должност го испитуваат случајот и своите наоди ќе му ги достават на надлежното јавно обвинителство.

Ве известуваме дека до нашиот сектор не е доставена пријава и поради тоа сè уште не се води некакава постапка. Но, мораме да Ве потсетиме дека поради службена должност, од нашиот сектор се прават првичните чекори, односно собирање на податоци за вистинитоста на инцидентот, како и за другите околности кои потоа ќе бидат презентирани до надлежното јавно обвинителство“, стои во одговорот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР.

Прашањата на „Мета“ беа: „Дали МВР води истрага во врска со протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава?“ и „Дали од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци, која најави инспекција во врска со случајот, е побарана асистенција на МВР?“.

Во зависност од наодите на МВР, надлежното јавно обвинителство треба да одлучи дали ќе поведе кривична постапка во врска со случајот.

Инаку, во Кривичниот законик за делото злоупотреба на личните податоци се предвидени од парична казна до затворска казна до три години.

Личните податоци, како број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, лозинка за електронска пошта биле испратени на адреси на стотина студенти, преку официјалниот меил на Машинскиот факултет. Инцидентот беше откриен на средината од минатиот месец, а Дирекцијата за заштита на лични податоци почна со вонредна инспекција за расчистување на случајот.

Директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски, минатата недела изјави дека „вонредниот инспекциски надзор на Машинскиот факултет е во завршна фаза“, и дека сè што е алатка на законот во поглед на санирање на настанатите штети, веќе е преземено од Машинскиот факултет, а според насоки од ДЗЛП.

Засега нема информации дали во случајот станува збор за грешка или за упад во компјутерски систем.


Хакери ги нападнаа веб-страниците на главните руски банки


Москва, 10 ноември, 2016 - 11:02 (META) 

Веб-страниците на пет големи руски банки се најдоа на мета на хакерски напади, јавуваат руските медиуми.

Серијата хакериски пади започнала на 8 ноември и претставува прв поголем бран хакерски напади врз овие институции.

Според податоците на компанија „Лабораторија Касперски“, нападите сè уште траат, а има обид за напади и на други финансиски институции.


ФБИ: Изборни комисии во САД, мета на хакери


Вашингтон, 30 август, 2016 - 11:36 (META) 

Американското Федерално истражно биро откри дека лица, за кои се верува дека се странски хакери, упаднале во компјутерскиот систем на изборните комисии на некои држави.

ФБИ поради тоа препорачува на изборните претставници на сојузните држави да ја зајакнат безбедноста на своите компјутерски системи.

„Јаху њус“ наведува дека компромитирани системи за регистрација на избирачите имало во Аризона и во Илиноис.

Најсериозниот упад, наводно, се случил во Илиноис, каде претставниците на изборните тела соопштиле дека системот за регистрирање на избирачите бил затворен 10 дена минатиот месец, затоа што хакерите дошле до личните податоци на околу 200.000 избирачи.

Во Аризона станува збор за вметнување вирус во системот за регистрирање на избирачите, но еден од официјалните лица во таа држава изјавил дека личните податоци на избирачите не се отстранети.


Хакери украле повеќе од 20 милиони фунти од британски граѓани


Лондон, 14 октомври, 2015 - 12:22 (META) 

Британската полиција ги предупреди сите корисници на интернет-банкарството да бидат особено внимателни затоа што откриле дека хакери украле повеќе од 20 милиони фунти од сметки на британски граѓани.

Националната агенција за криминал (НКА) вели дека хакерите создале особено опасен вирус „дридекс“, кој може да преземе контрола над нечиј компјутер.

Се претпоставува дека со вирусот се заразени повеќе илјади компјутери во Велика Британија. НКА објави дека засега е уапсено едно позначајно лице во овој случај и оти истрагата сè уште е во тек, а се очекуваат и уште апсења.


Хакери нападнале компјутерски ситем на аеродром во Варшава


Варшава, 22 јуни, 2015 - 12:38 (META) 

Oткако хакери ги нападнале компјутерските системи преку кои се изработуваат плановите за летање, oколу 1.400 патници на полската воздухопловна компанија ЛОТ останаа приземјени на аеродромот во главниот град Варшава.

Упадот во компјутерските системи се случил во неделата попладне, а штетата е поправена по пет часа. Во тој период се откажани десетина домашни и меѓународни летови.