Малезија: Уапсен косовски хакер поради поврзаност со ИД


Куала Лумпур, 16 октомври, 2015 - 10:45 (META) 

Ардит Феризи од Косово е уапсен во Куала Лумпур поради хакирање и, наводно, давање информации за припадници на американските служби на милитантната организација Исламска држава (ИД), соопштија малезиски и американски претставници.

Шефот на малезиската полиција, Халид Абу Бакар, доцна синоќа соопшти дека Феризи, кој е во своите 20. години, е уапсен на 15 септември.

Феризи е осомничен дека е во контакт со еден од лидерите на Исламска држава во Сирија и оти по хакирање на неколку сервери, откривал информации за припадниците на американските служби.

Халид рече дека Феризи дошол во Малезија во август 2014 година и дека ќе биде испорачан на САД.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека верува оти Феризи е лидер на косовска хакерска група.


Руски хакер ја пробил безбедноста на „Јутјуб“


Москва, 6 април, 2015 - 19:37 (META) 

Руски компјутерски експерт покажа начин за бришење на која било снимка од интернет-сервисот „Јутјуб“.

Демонстрацијата на Камил Хисматулин објавена на интернет, прикажува како во рок од 30 секунди се брише која било снимка откако ќе се ископира дел од нејзината интернет-адреса.

Хисматулин не ја злоупотребил хакерската интервенција, туку ја пријавил во „Гугл“, сопственикот на „Јутјуб“.

Компјутерскиот експерт на шега рекол дека бил во искушение да ги избрише музичките видеозаписи на пејачот Џастин Бибер.

Хисматулин изјави дека од „Гугл“ набргу одговориле на неговата порака и го наградиле со 5.000 долари.

Безбедносниот пропуст е поправен за неколку часа.


ФБИ нуди три милиони долари за руски хакер


Вашингтон, 25 февруари, 2015 - 12:56 (META) 

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) и Стејт департментот нудат три милиони долари награда за корисна информација за рускиот хакер Евгениј Богачев.

ФБИ се сомнева дека тој се сокрил во Русија пред американското обвинение за организирање мрежа хакерски напади, со кои од банкарските сметки собрал повеќе од 100 милиони долари.

Властите се надеваат дека рекордната награда за кибер-криминалецот ќе доведе до апсење на Богачев.