Груевски: Власта продолжува со политичките хајки и притисоците врз судиите


Скопје, 26 декември, 2017 - 11:00 (META) 

Поранешниот премиер, сегашен почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Траекоторија“ на кое задоцни, повторно обвини за политичка хајка врз ВМРО-ДПМНЕ и притисоци врз судството околу случаите на СЈО.

Тој алудираше на двојни стандарди на судот во однос на судењата што се водат против поранешни и актуелни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ наспроти случајот „Поткуп“ против премиерот Зоран Заев, истакнувајќи дека дека на Заев судии му се извинуваат што го малтретираат и ги закажуваат рочиштата на подолг рок.

– Прво измислија истраги, потоа измислија обвиненија, па кога видоа дека немаат докази, почнаа со давање на судии на Советот на факти, што е практично предлог за нивно разрешување. Тоа влеа страв и кај овие судии, но и кај оние што не беа дадени на Советот. Потоа преку Апелацискиот суд ги ставија прислушуваните разговори како докази во судските постапки, што е спротивно на законот, а последното што го прават е префрлање на судии и ставање на нови, по кој знае какви критериуми. Тоа е тој притисок и таа хајка што се врши – рече Груевски.

Прашан за коментар за новата истрага на СЈО наречена „Странски служби“, Груевски рече оти не бил во тек и дека СЈО може да отвора какви сака истраги, но тој и ВМРО-ДПМНЕ нема од што да стравуваат.

На прашање дали очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието, Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ сега има нов претседател, а наскоро и ново раководство, и тоа прашање би требало да биде упатено до нив.

На прашањето од новинарите до кога ќе доцни на судските рочишта, Груевски рече дека денеска не задоцнил многу, туку само десетина минути.


Струмичанецот што смртно го рани ловецот се обидел да ги скрие трагите


Струмица, 10 декември, 2017 - 13:32 (META) 

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство во Струмица поднесе кривична пријава за тешки дела против општата сигурност против З.Ј (38) од Струмица, во врска со смртта на ловецот кој беше смртно застрелан завчера во близина на браната Водоча.

Додека пријавениот со уште седум лица бил на лов, завчера околу 13.50 часот на местото викано „Медев рид“во близина на браната Водоча, испукал еден патрон од пушка што не била негова сопственост и го погодил Ж.И. од селото Рич, кој во моментот се движел по шумска патека низ непрегледна шума, на оддалеченост од околу 30 метри. Тоа му нанело повреди во главата и почнал да крвари и паднал во бесознание.

Тогаш пријавениот, според СВР Струмица, ги известил другите учесници во ловот дека Ж.И. се самозастрелал и пушката што ја носел повредениот ја скрил 50-тина метри подалеку. Потоа, додека другите ловци со трактор го однеле тешко ранетиот кон Струмица, З.Ј. на пушката што ја користел отстранил траги и потоа заминал во селото Белотино и ја вратил на нејзиниот сопственик.

И загинатиот и неговиот убиец немале дозвола за оружје ниту биле членови на ловно друштво.

З.Ј. е приведен а судија на претходна постапка од Основниот суд Струмица на З.Ј. му одредил мерка притвор од 30 дена.


ВМРО-ДПМНЕ: Наместо реформи, СДСМ спроведува „хистерични хајки“ против нас


Скопје, 3 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Наместо СДСM да спроведува реформи кои долго време ги најавуваше, од партијата организираат хистерични хајки против ВМРО-ДПМНЕ сè за да се елиминира „единствената политичка партија која деноноќно работи за националното единство и на просперитетот на сите граѓани во државата“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека народот чека субвенции, просечна плата од 30.000 денари како што ветуваа, тие смислуваат црни сценарија за ВМРО-ДПМНЕ, сè за народот да заборави на лажните ветувања кои СДС ги расфрлаше во изминатиов период. СДС знае да управува само со лажни ветувања и со смислување црни сценарија“, стои во соопштението од опозициската партија.

Оттаму додаваат дека „налудничаво е СДС да говори за судскиот систем, но сосема очекувано е да бега од исполнување на економските ветувања“.

„Првата изјава на Зоран Заев затоа не е за зголемување на пензиите или на просечната плата до 30.000 денари. Првата изјава е за смена на јавниот обвинител кој го гони затоа што барал поткуп од едно евро за Вице. Сè поочигледно е дека Владата на аболираниот криминалец Зоран Заев и на СДС нема што да понуди на македонскиот народ освен лажни ветувања, деструкција и страв. Поради тоа оваа влада не е реформска туку антиреформска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Јанева прави „медиумски спектакли“ од случаи без покритие


Скопје, 11 февруари, 2017 - 10:25 (META) 

Наместо да го гони криминалот, Специјалното jавно Обвинителство го „штити и аболицира криминалецот Зоран Заев и понизно ги спроведува неговите нарачки“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Катица Јанева го даде крунскиот доказ дека платеничката револуција за наводна нејзина поддршка, била всушност платеничка револуција во режија на Сорос/СДСМ само за да се спасат од кривичен прогон Заев, Верушевски и останатите членови на нивното злосторничко здружение“, стои во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Јанева прави „медиумски спектакли“ од случаи без покритие, само за да ги задоволи потребите од „фабриките за афери на СДСМ“.

„Јанева и СЈО немаат срам. За нив врвна команда се заповедите од Заев и неговите соработници. Хајката која ја водат против ВМРО-ДПМНЕ деновиве ја доживеа својата најапсурдна епизода. Со последните обиди масовно, како во најлошите комунистички времиња, да се закануваат, уценуваат и вршат притисок масовно на членови на ВМРО-ДПМНЕ, Јанева и СЈО го пробија дното. Ова обвинителство целосно го загуби својот кредибилитет и интегритет“, се вели во соопштението.


Јанакиески: СЈО ме товари за нешто што не постои


Скопје, 5 март, 2016 - 18:34 (META) 

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за телевизијата „Нова“, во првото интервју по оставката, за акцијата „Титаник“ во која беше отворена истражна постапка и против него, рече дека „го товарат за нешто што не постои“ и дека „тоа е една политичка хајка кон луѓе што тие ги утврдиле дека се влијателни во ВМРО-ДПМНЕ“.

– На самата прес-конференција не беа приложени никакви докази, немаше никакви аргументи, ни зошто се поднесува барање за истрага, ниту, пак, барање за притвор. Во самиот конкретен акт што се однесува за мене, немаше ниту еден материјален доказ, ниту, пак, исказ. За жал, сè уште нашите адвокати, нашите бранители ги немаат добиено документите од СЈО. Се надевам дека тоа многу скоро ќе го направат, но она што го предочија е дека воопшто не е доставен ниту еден материјален доказ, а мене ме товарат како шеф на изборен штаб. Такво нешто не постои ниту правно. Значи, не постои таков документ дека јас сум бил шеф на изборен штаб, ниту, пак, во органограмот на ВМРО-ДПМНЕ постои таква функција. Значи ме товарат за нешто што не постои – вели Јанакиески.

Во однос на случајот со објектот „Космос“, Јанакиески изјави дека тој не бил урнат од политички прични туку дека „сите судски инстанци во Македонија имаат потврдено дека објектот е урнат во согласност со сите позитивни законски прописи.“

Поранешниот министер Јанакиески смета дека Специјалното јавно обвинителство работи по инструкции на СДСМ.

 


Хајка на волци во Битолско


Битола, 3 октомври, 2015 - 16:53 (META) 

Глутница волци ги преполовија стадата овци на жителите од пелагониските села Ивањевци и Подино, се жалат сопствениците на стадата со добиток. На нивно барање, утрово, ловното здружение „Сокол“ од Битола организираше хајка на волци, при што застрела пет волци од кои три се усмртени веднаш.

Жителите на овие пелагониски села велат дека секоја година стадата им се десеткувани.

– Секоја година волците ни дават по пет до десет овци. Секое излегување на пасиште е погубно за стадата – вели Борис Велевски, жител на Ивањевци.

Од ловното здружение „Сокол“ велат дека на ридиштата опстојуваат глутници волци и дека потребни се неколку хајки по ред.

– Денеска се собравме десетина ловци за да направиме хајка на волците. Во овие ридови ги има многу, па прават големи штети. Денеска застрелавме три, а два ранивме. Претпоставуваме дека ги има уште десетина – вели ловецот Димче Боревски од здружението „Сокол“.