!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ирма убиваше на Карибите, се заканува на Куба и на Флорида


Сан Хуан, 8 септември, 2017 - 17:03 (META) 

Ураганот Ирма уби најмалку 12 луѓе на Карибите и нанесе катастрофални штети на објекти, пловила и на возила. Некои делови на Карибите се толку уништени што во нив нема никакви услови за живот. Но, ураганот нема да запре таму, туку го продолжува својот пат кон Куба, а се очекува да ја погоди и американската сојузна држава Флорида.

На островот Сент Мартин загинале четири лица, а најмалку 50 луѓе се повредени. Во Порторико има тројца загинати од невремето, а на островите Сент Томас и Сент Џон има исто така три жртви. По еден загинат има на островите Ангила и Барбуда.

На островите Туркс и Каикос ураганот нанесе огромни штети ноќеска, но нема прецизни дојави бидејќи телекомуникациите се во целосен прекин.

Ураганот од петта категорија директно удри на островот Барбуда, на кој живеат 2.000 луѓе. Таму загина двегодишно дете додека со семејството се обидувало да избега од дома. Според премиерот на Антига и на Барбуда, на Барбуда повеќе нема ниту едно живеалиште што не е уништено.

Во меѓувреме, на жителите на Флорида им останува уште еден ден да размислуваат дали ќе се евакуираат или ќе останат во подрумите на своите куќи и во засолништа. Гувернерот на Флорида, Рик Скот, ги повика граѓаните да ги почитуваат предупредувањата. Скот уште вчера нареди затворање на сите јавни училишта, колеџи и универзитети.

 


Бан Ки-мун во посета на Хаити, апелира на итна помош


Порт о Пренс, 16 октомври, 2016 - 12:36 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, е во посета на Хаити и на областа што беше погодена од налетот на ураганот Метју.

Тој апелираше на итна помош, која му е неопходна на народот што живее на погоденото подрачје.

Генералниот секретар на ОН за време на посетата ќе се сретне со претставници на државните и на локалните власти, претставници на загрозените заедници и на хуманитарните работници.

Обединетите нации апелираат сите да учествуваат во собирање на 120 милиони долари, колку што е потребно да се помогне на Хаити, држава која се соочува со најголема хуманитарна криза од земјотресот во 2010 година.

Досега собрани се само 6,1 милион долари, што е пет отсто од вкупната сума.

Најмалку 473 лица загинаа кога ураганот Метју го погоди крајбрежјето на Хаити на 4 октомври.


Ураганот Метју на Хаити усмрти 1.000 лица


Порт о Пренс, 10 октомври, 2016 - 12:16 (META) 

Ураганот Метју однел најмалку 1.000 животи на Хаити и предизвикал огромни штети во југозападните делови на земјата, по што почнало да се шири колера, соопштија денеска локалните власти.

На руралните заедници им недостига чиста вода, храна и засолниште, предупредија властите.

Властите почнале да ги закопуваат жртвите во заеднички гробници во градот Ѓереми, затоа што телата почнале да се распаѓаат.

Колерата предизвикува тешка дијареја и може да доведе до смрт, доколку не се лекува. Болеста се шири преку контаминирана вода и има краток период на инкубација.

Државните тимови го посетуваат тешко погодениот југозападен дел од земјата во обид да ги обноват медицинските центри и да стигнат до епицентарот на епидемијата.

Болниците не располагаат со возила, а нови пациенти постојано пристигнуваат во подрачјата кои речиси се целосно срамнети со земја.

Плантажите со банани се уништени во подрачјето, а жителите се хранат со кокосови ореви, бидејќи никаква помош не е пристигната.


Бројот на загинати на Хаити во налет на ураганот Метју се зголеми на 842 лица


Порт о Пренс, 7 октомври, 2016 - 20:12 (META) 

Бројот на загинатите на Хаити во налетот на ураганот Метју се зголеми на 842 лица, додека десетина илјади луѓе останале без своите домови.

Вкупниот број на жртви на Хаити, на Јамајка, на Бахами и во Доминиканска Република достигна 936 лица.

– Бројот на жртви секојдневно се зголемува, а уште поголема е бројката на повредени додека 61.500 лица се наоѓаат во засолништата – соопшти Агенцијата за цивилна заштита на Хаити.

Хаити е често на удар на природни катастрофи, имајќи предвид дека се наоѓа на патот на ураганите, а во јануари 2010 година беше погоден од разорен земјотрес кој уништи поголем дел од престолнината и зад себе остави повеќе од 250.000 мртви.


Сè поголем бројот на жртви на ураганот Метју


Порт о Пренс, 7 октомври, 2016 - 15:12 (META) 

Бројот на загинатите на Хаити во налетот на ураганот Метју се зголеми на 478 лица, откако пристигнаа податоци за жртви во оддалечените подрачја на Хаити, кои претходно беа отсечени од престолнината Порт о Пренс, соопштија локалните власти.

Бројот на жртвите секојдневно се зголемува, уште голем број луѓе се повредени, а околу 61.500 лица се наоѓаат во засолништа, соопшти централната агенција за цивилна заштита на Хаити.

Ураганот Метју зад себе остави хаос, па освен загинати и повредени, многу граѓани останаа без куќи, а неколку окрузи се целосно отсечени и до нив нема пристап.

Хаити е често на удар на природни катастрофи, имајќи предвид дека се наоѓа на патот на ураганите, а во јануари 2010 година беше погоден од разорен земјотрес кој уништи поголем дел од престолнината и зад себе остави повеќе од 250.000 мртви.


Најмалку 108 лица загинаа на Хаити во налет на ураганот Метју


Порт о Пренс, 6 октомври, 2016 - 20:05 (META) 

Ураганот Метју усмрти најмалку 108 лица на Хаити, соопштија локалните власти, додавајќи дека ураганот од Бахами се движи кон Флорида.

Повеќето од настраданите на Хаити загинале при паѓање на дрва, покриви или во надојдените реки.
Во Доминиканска Република ураганот усмртил четири лица и оштетил 200 куќи, а властите евакуирале 800 лица.

Ураганот, кој се смета за најсилен во последните 10 години, утринава ги погоди Бахами, а додека се чека да пристигне на американскиот брег, во тек е масовна евакуација во четири американски држави.

Патиштата во Флорида, во Џорџија, како и во Северна и во Јужна Каролина од синоќа се блокирани од колони возила, бидејќи милиони луѓе го послушале предупредувањето за евакуација кон внатрешноста. Ураганот Метју се приближува со ветер од 185 километри на час, силни бури и со поројни дождови.

Сите четири држави прогласија вонредна состојба и го отворија засолништата откако гувернерите, заедно со претседателот на САД, Барак Обама, ги повикаа жителите да се евакуираат.


Ураганот „Метју“ стигна до Јамајка и до Хаити


Порт о Пренс, 4 октомври, 2016 - 12:40 (META) 

Ураганот „Метју“ предизвика поројни дождови на Јамајка и во делови од Хаити, а сериозни штети можно е да предизвика и во северозападните делови на островите, каде што се очекува да мине во текот на денот.

Еден од најсилните урагани на Атлантикот од минатата година и понатаму е во категорија четири, на скалата до пет.

Власите на Хаити апелираат населението да обезбеди резерви на храна и вода, а околу 150.000 лица се евакуирани од деловите кои се верува дека ќе бидат најзагрозени.

Се очекува ураганот „Метју“ да донесе повеќе од 100 сантиметри дожд, а по Јамајка и Хаити да продолжи кон источниот дел на Куба.

Според податоците на американскиот центар за надзор на урагани, „Метју“ синоќа достигнал брзина од 230 километри на час.


Најмалку 21 загинат во бродолом кај Хаити


Порт о Пренс, 3 мај, 2016 - 10:46 (META) 

Најмалку 21 лице загинале при бродолом во близина на Хаити, кој се случил поради силни дождови и невреме. Спасувачките екипи, јавуваат светските агенции, почнале со извлекување на телата на загинатите по потонувањето на бродот кој пловел од местото Гонаив, на северот на Хаити, кон местото Бомбардополис.

Засега не се знае точно колку патници имало на бродот во моментот на несреќата.

Според информациите од цивилната заштита на Хаити, дел од преживеаните биле префрлени во болница, а спасувачките служби продолжуваат со потрагата по преживеани и со извлекување на телата на загинатите.


Најмалку 17 загинати и 18 повредени во сообраќајна несреќа на Хаити


Порт о Пренс, 16 август, 2015 - 10:20 (META) 

Најмалку 17 лица починале, а 18 се повредени, во сообраќајна несреќа која се случила на Хаити, кога камион полн со патници и стока излетал од патот во обид да избегне судар со друго возило.

– Камион во кој се наоѓале околу 30 луѓе се превртел во обид да избегне мотоцикл на кој имало три лица – рекол координаторот на службата за цивилна заштита, Жан Анри Пети.

Една жена им подлегнала на повредите во болница, а останатите 16 лица, вклучувајќи и еден патник од мотоциклот загинале на лице место.

Од 18 повредени, 13 се во тешка состојба и се наоѓаат во медицинските центри во Кап-Хаитијену.


Дваесет загинати на уличен карневал на Хаити


Порт-о-Пренс, 17 февруари, 2015 - 14:21 (META) 

Најмалку 20 лица загинаа, а 46 се повредени од струен удар на карневалот во Порт-о-Пренс, главниот град на Хаити.

Несреќата се случила во време кога на улиците се наоѓаат илјадници луѓе на годишната прослава.

Очевидци велат дека некој од масата со штица ја допрел жицата што пренесувала струја за да може карневалското возило да мине под неа. Некои од жртвите загинале од струен удар на самото место. Останатите скокнале од возилото, по што меѓу насобраните настанала паника.