Загинаа најмалку 25 лица, уништени цели села во ерупција на вулкан во Гватемала


Гватемала, 4 јуни, 2018 - 10:25 (META) 

Најмалку 25 лица загинаа, а стотици се повредени во најсилната вулканска ерупција во последните пет децении во Гватемала.

Вулканот Фуего, што се наоѓа на околу 40 километри југозападно од главниот град Гватемала, исфрла камења, црн чад и пепел на небото.

Лавата буквално го прекри селото Ел Родео, при што голем број од жртвите загинале во своите домови. Главниот аеродром во главниот град Гватемала, е затворен, а претседателот Џими Моралес објави тридневна национална жалост.

Меѓу загинатите има деца и припадници на агенцијата за спасување.

Видеа објавени од локалните медиуми покажуваат шокантна слика на тела прекриени со пепел. Жителите сметаат дека бројот на загинатите е многу поголем.

Властите упатија апел до жителите да носат маски за заштита од пепел во четири региони на Гватемала.

Според локалните експерти, оваа ерупција е најголема од 1974 година.


Силен земјотрес во Мексико и во Гватемала


Мексико Сити, 14 јуни, 2017 - 12:26 (META) 

Земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала го погоди мексиканскиот брег во близина на сојузната држава Чијпад, соопшти Пацифичкиот центар за предупредување од цунами.

Како што соопшти американскиот Геолошки завод, епицентарот на земјотресот бил на осум километри југозападно од Тахимулка, во Гватемала.

Засега нема информации за евентуални жртви ниту за причинета материјална штета.

Од Пацифичкиот центар соопштија дека не е издадено предупредување за цунами.


При судир во затвор во Гватемала загинаа 13 затвореници


Гватемала, 19 јули, 2016 - 11:40 (META) 

Најмалку 13 затвореници загинаа во судир во затвор во Гватемала, меѓу кои и поранешен војник осуден за убиство на католички бискуп пред речиси две децении.

Војникот Бајрон Лима бил еден од најмоќните фигури во затворскиот систем во Гватемала. Тој за убиството на бискупот Хуан Херардиј бил осуден на затворска казна од 20 години.

– Помеѓу загинатите е Бајрон Лима, кој беше осуден поради учество во убиството на Хуан Херардиј во 1998 година. Тој го загуби животот во физичката пресметка помеѓу затворениците – изјави министерот за внатрешни работи на Гватемала, Фрасиско Ривас.

Судирот избил во затворот „Павон“ откако чуварите фрлиле граната во ќелијата на еден од затворениците.

 


Гватемала: Осум загинати во бунт во затвор


Гватемала, 2 јануари, 2016 - 12:38 (META) 

Најмалку осум затвореници загинаа, а 24 се повредени во бунт во затвор во Гватемала, кој избил за време на новогодишната ноќ, јавуваат денеска локалните медиуми.

Бунтот во затворот во североисточниот град Пуерто Бариос, според затворските власти, најверојатно избил по неуспешниот обид за бегство.

Во затворот, во кој е предвидено да се сместат 146 осуденици, има 944 затвореници. За време на бунтот избиле и неколку пожари.


Гватемала: Шест загинати во тепачка во затвор


Гватемала, 30 ноември, 2015 - 10:38 (META) 

Шест лица загинаа, а неколку се ранети во тепачка во затворот во Гватемала, јавуваат властите.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Елмер Соса, рече дека полицијата и војската интервенирала по инцидентот и ги осигурала другите затвореници.

Портпаролот на затворскиот систем, Руди Ескивел, рече дека е потврдена смртта на шест затвореници.

Според него, предвидено е во затворот да издржуваат казна 600 лица, а во моментот на судирот имало повеќе од 3.000. Тој рекол дека тепачката избила меѓу припадници на две банди и затвореници кои не припаѓаат во ниедна група.


Комичар избран за претседател на Гватемала


Гватемала, 26 октомври, 2015 - 10:33 (META) 

Комичарот Џими Моралес освои мнозинство гласови на претседателските избори во Гватемала, јавуваат светските медиуми, наведувајќи дека новиот претседател нема никакво политичко искуство.

Од пребројаните 94 отсто од гласовите, Моралес освоил 68,98 отсто, додека неговата ривалка, поранешната прва дама, Сандра Торес, освоила 31,02 отсто од гласовите, соопшти Врховниот изборен суд на Гватемала.

Во првиот изборен круг, Моралес освои 23,85 отсто, а Торес 19,76 отсто од гласовите. Пред вториот круг од изборите, предизборните анкети навестувале огромна предност на Моралес, а тоа и се потврди.

Претходниот претседател на Гватемала, Ото Перес Молина, поднесе оставка откако беше уапсен и обвинет за корупција.


Бројот на загинатите во Гватемала достигна 237


Гватемала Сити, 9 октомври, 2015 - 11:10 (META) 

Најмалку 237 лица загинаа во близина на главниот град на Гватемала, Гватемала Сити, при одрон на земјиште што се случи минатата недела.

Во местото Санта Катарина Пинула, на југоисточнот дел на Гватемала Сити, дожд предизвика лизгање на земјиштето, по што огромна маса земја, камења и дрва се сруши врз станбена населба во која беа уништени 125 куќи.

Како што соопштија официјалните лица, уште 150 лица се водат како исчезнати.

Националната агенција за вонредни ситуации „Конред“ соопшти дека 386 луѓе биле евакуирани по трагедијата, која е една од најтешките во последните неколку години во Централна Америка.

Припадниците на спасувачките екипи во местото Санта Катарина Пинула пронашле цели семејства затрупани живи, а напорите за извлекување на телата траат со денови.

Локалните власти неколкупати побарале од жителите да се иселат од таа локација, но тие тоа го одбиле одговарајќи дека немаат каде да одат.


Сè поголем бројот на загинатите во Гватемала


Гватемала, 5 октомври, 2015 - 10:51 (META) 

Најмалку 131 загинат и 300 исчезнати е последниот биланс од несреќата во Гватемала, кога свлечиште затрупа село во близина на главниот град Гватемала Сити, соопштија локалните власти.

– За жал, според новите пребројувања, извлековме 131 тело – соопшти синоќа Хулио Санчез, портпарол на службата за спасување на местото на катастрофата.

Спасувачите синоќа, исто така, ја прекинале потрагата поради поројниот дожд, но денеска ја продолжија.

Ридот висок околу 100 метри над Камбреј, населба во предградието Санта Катарина Пинула, околу 15 километри источно од градот Гватемала, делумно се урнал ноќта меѓу четврток и петок и затрупал голем дел од селото.

Во акцијата за спасување вчера учествуваа 892 лица и 80 машини за расчистување на теренот.


Во Гватемела бројот на мртви при одронот на земјиште се искачи на 86


Гватемала Сити, 4 октомври, 2015 - 12:36 (META) 

Најмалку 86 лица го загубија животот при одрон на земјиште врз повеќе куќи во близина на главниот град на Гватемала, Гватемала Сити.

Се проценува дека околу 350 луѓе сè уште се водат како исчезнати и се стравува дека бројот на жртвите во несреќата може да биде многу поголем, со што оваа несреќа би била најтрагична природна катастрофа во Централна Америка во последните неколку години.

– Околу 1.800 војници, пожарникари и спасувачи се во потрага по исчезнати. Некои куќи се затрупани и на 15 метри длабочина, што значи многу е тешко да се пронајдат уште преживеани. Потрагата ќе биде продолжена и 72 часа по несреќата. Податоците говорат дека уништени се 125 куќи – изјави Давид де Леон, портпарол на агенцијата за вонредни ситуации.

Ридот по силниот дожд почнал да се одронува по што земја, камења и дрва се срушиле врз населбата, затрупувајќи ги куќите и нивните жители додека спиеле.


Во одрон во Гватемала загинаа 30 луѓе, а затрупани се повеќе од 100 лица


Гватемала Сити, 3 октомври, 2015 - 12:19 (META) 

Најмалку 30 лица загинаа, а повеќе од 600 се водат како исчезнати кога рид висок околу 100 метри се срушил во село во предградието на главниот град на Гватемала, Гватемала Сити.

Членовите на семејствата пријавиле околу 100 исчезнати, но се стравува дека исчезнале и до 600 лица затоа што лавината од кал и од камења се срушила на најмалку 100 куќи, изјави извршниот директор на националната агенција за вонредни ситуации, Конред Алехандро Маладонадо.

Земјата се срушила во четвртокот на полноќ по локално време, а стотина спасувачи од вчера се обидуваат да најдат преживеани.

Портпаролот на волонтерската пожарникарна служба, Хулио Санчез, рекол дека 36 повредени луѓе се однесени во болниците.