Ангеловска-Бежоска: Потребни се структурни реформи за поголем економски раст


Копенхаген, 9 ноември, 2018 - 11:36 (META) 

На претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера во Копенхаген, излагање имаше и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска, во своето излагање се задржа на економиите од Европа од групата брзорастечки економии и економии во развој. Притоа, таа укажа на високата трговска и финансиска поврзаност на оваа група земји со останатите поразвиени европски економии.

Во тој контекст посочи на ризиците со кои што се соочуваат овие економии на патот кон побрза конвергенција, а како резултат на забавениот потенцијален раст на поразвиените економии и на постепеното затегнување на глобалните финансиски услови.

„Во вакви околности, сè поизразена е потребата за спроведување институционални и структурни реформи, кои што ќе ја зголемат продуктивноста на овие економии и нивниот потенцијал за раст, со што ќе се овозможи и нивна побрза конвергенција.“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Во претставениот најнов преглед на ММФ, во кој фокусот е ставен на европската економија, се укажува на нејзиното понатамошно закрепнување, со стапки на раст кои што забавуваат, но и понатаму се движат над потенцијалот.

Воедно, во рамки на Прегледот се упатува на неколку фактори кои што потенцијално можат да делуваат ограничувачки на понатамошниот раст, како што се послабата глобална побарувачка за европски производи, повисоките цени на енергенсите, како и цикличното забавување на економијата.

Како главни ризици околу тековните оцени за растот се наведуваат растечкиот трговски протекционизам, турбуленциите во брзорастечките економии, како и неизвесноста околу процесот на Брегзит.


Ангеловска – Бежоска: Граѓаните негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор


Скопје, 30 октомври, 2018 - 16:43 (META) 

Имајќи ги предвид сите придобивки на штедењето, задоволство ми е што можам да констатирам дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор, рече денеска гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска на свеченоста по повод Светскиот ден на штедењето (31 октомври), организирана од Македонската банкарска асоцијација.

– Во последните 10 години, вкупните депозити  растат со стапка од околу осум проценти, во просек, на годишно ниво, што придонесе за зголемување на штедењето за околу 10 процентни поени на нивото од 55 проценти од домашниот бруто-производ (БДП) во 2017 година. Фактот што депозитниот раст беше остварен во услови на глобалната криза и повеќе економски и политички шокови е потврда за високата доверба на граѓаните во банкарскиот сектор, кој што во целиот период остана здрав, стабилен, високо капитализиран и ликвиден, покажувајќи висока способност за успешно справување со шокови – рече Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти.

Гувернерката потенцираше дека и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ).

На свеченоста се обратија и министерот за финансии Драган Тевдовски и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски.


Ангеловска-Бежоска: Еврото може да го воведеме по две години од влезот во ЕУ


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:03 (META) 

Со почетокот на процесот на уставни измени се отвара патот за почнување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија, кои според најавите би требало да почнат следната година.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на дебатниот форум одржан во организација на Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг“ го презентира нејзиното видување за влијанието на евроинтегративниот процес врз нашата земја.

Според неа, има два аспекти на ова прашање. Првиот аспект е како би можело членството да влијае врз економијата во целина, а со тоа и со какви предизвици би можеле да се соочиме како еден од носителите на макроекономските политики. Вториот аспект го задира прашањето на ефектите од членство во монетарната унија, бидејќи економската интеграција е чекор кон монетарната интеграција и усвојувањето на еврото како единствена валута.

Во однос на првиот аспект, таа вели дека најверојатно најдобриот начин да се извлечат заклучоци е преку согледување на искуството на другите транзициски економии коишто веќе го поминаа процесот на европска интеграција. Влезот во ЕУ, на кој му претходеше силен бран на структурни и институционални реформи коишто ги зајакнаа фундаментите, значително ја подобри перцепцијата и ја зголеми довербата во овие земји, намалувајќи ги нивните премии за ризик.

„Во некои од овие земји, финансиските текови се насочија во продуктивни сегменти на разменливи добра, доведувајќи до позитивни промени во производната структура, пораст на продуктивноста и конкурентноста, што придонесе за значително забрзување на реалната конвергенција и повисоки нивоа на доход. Но, кај дел од нив странскиот капитал се насочи кон непродуктивни сектори, односно финансиските текови канализирани преку банкарскиот или небанкарскиот сектор доведоа до прекумерно финансирање на личната потрошувачка, т.е. до прегревање на економиите, што предизвика засилени инфлациски и платнобилансни притисоци поткопувајќи ја внатрешната и надворешната рамнотежа и придонесувајќи за значително побавна конвергенција. Ова создаде и предизвици за носителите на политиките, вклучително и за централните банки. Појавата на глобалната криза беше „природна кочница“, а во некои економии и болна корекција на овие неодржливи економски матрици“, објаснува гувернарката.

Таа додава дека имајќи ја предвид структурата и карактеристиките на македонската економија, ЕУ е наша природна економија сидро, со која и тековно имаме релативно висок степен на трговска и финансиска интеграција.

„Повеќе од 70 отсто од нашата вкупна трговска размена е со земјите на ЕУ, банките во странска сопственост главно се од ЕУ, а најголемиот дел од финансиските текови, вклучително и странските директни инвестиции, исто така, потекнуваат од  ЕУ. Многу поважно е тоа што овие финансиски текови се во најголем дел насочени кон попродуктивни сегменти ориентирани кон извоз, коишто ги зацврстија фундаментите на економијата, го поттикнаа растот и не придонесоа за инфлациски притисоци или притисоци врз девизните резерви. Овој модел всушност е и најсоодветниот модел на конвергенција и по приклучувањето кон ЕУ“, вели Ангеловска-Бежоска.

Во однос на вториот аспект, таа вели дека пристапувањето во ЕУ за НБРМ автоматски би значело учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).

„Ова е од витално значење за идните чекори, бидејќи членството во ЕУ, за мала и отворена економија, со високо ниво на евроизација и фиксен девизен курс, неизбежно ќе наметне потреба од многу сериозни подготовки за усвојување на еврото. За тоа е потребно да се помине таканаречениот „тест-период“, со членство во механизмот на девизни курсеви (МДК) најмалку две години, испорачувајќи стабилна валута, понатаму испорачување на инфлација и долгорочни каматни стапки споредливи со оние во ЕУ и дисциплинирани јавни финансии“, вели гувернерката.

Според нејзе, пристапувањето во ЕУ не само што ќе ги олесни трговијата и финансиите и ќе го олесни движењето на луѓето, туку и ќе ги отвори вратите за постепено придвижување кон единствената валута.

„Придобивките од усвојувањето на еврото се добро познати, особено за земја којашто веќе има фиксен девизен курс, што значи полесна транзиција. Единствената валута ги елиминира валутниот ризик и трансакциските трошоци, а со тоа ја олеснува трговијата на стоки и услуги. Тоа, исто така, може да ги намали трошоците за финансирање, овозможувајќи полесен пристап до финансиите и подобри можности за носење деловни одлуки. Единствената валута и учеството во монетарната унија и обезбедуваат на земјата поддршка во случај на финансиски тешкотии и оневозможен пристап до меѓународните пазари преку т.н. европски механизам за стабилност. Се разбира, усвојувањето единствена валута во принцип значи откажување од можноста за водење сопствена монетарна политика, што самото по себе ја апострофира потребата од синхронизиран економски циклус на нашата земја со ЕУ, со што монетарната политика на ЕЦБ би била соодветна и за нашата економија. Во основа, овој трошок е помал во споредба со придобивките од единствениот пазар и единствената валута, под претпоставка дека сите политики ќе бидат доволно прудентни за да обезбедат здрави основи и стабилност и синхронизираност на економијата“, вели Ангеловска-Бежоска.


Гувернерката на НБРМ учествува на финансискиот форум на „Еурофи“ во Виена


Виена, 5 септември, 2018 - 13:06 (META) 

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествува на Финансискиот форум организиран од меѓународната организација „Еурофи“ во Виена.

„Во рамки на Форумот, фокусот е ставен на актуелни прашања поврзани со макроекономските и системските предизвици, можностите кои што произлегуваат од воведувањето нови технологии и развојот на одржливи финансии, дискусии околу развојот на алтернативно финансирање во рамки на ЕУ, и прашања поврзани со евроинтеграцијата. Во контекст на последното прашање, посебен акцент е ставен на оптимизирањето на банкарската унија, улогата на дигитализацијата за интегрирани финансиски услуги, практичните аспекти на процесот на Брегзит, но и на прашањата за приоритетите во однос на развојот на финансиските пазари и финансиската поддршка за инвестирање во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Последното прашање ќе биде разгледано на панел-дискусија, на којашто активно учество како излагач ќе има и гувернерката Ангеловска-Бежоска “, соопштуваат од Народна банка.

Осврт на гувернерката Ангеловска-Бежоска за финансиските и инвестициските предизвици во регионот на ЦИЈИЕ е објавен и во специјалното издание на магазинот на „Еурофи“, подготвено по повод одржувањето на овој форум, значаен во глобални рамки.

„Еурофи“ е организација која претставува платформа за размена на ставови и за дискусија помеѓу претставниците на секторот за финансиски услуги и на институциите носители на политики во однос на прашања поврзани со регулативата и супервизијата на финансискиот систем, како и прашања од поширок економски контекст.


Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествува на Форумот на централно банкарство на ЕЦБ


Синтра, 19 јуни, 2018 - 10:32 (META) 

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Форумот на централно банкарство на Европската централна банка (ЕЦБ), кој што традиционално се одржува во Синтра, Португалија.

„Годинешново издание на Форумот започна вчера и тематски е посветено на одредувањето на цените и платите во напредните економии – тема која што во изминатиов период зазема централно место во дебатите за монетарна политика на глобално ниво. Денес, по обраќањето на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, учесниците на Форумот дискутираат за макроекономските аспекти на оваа тема, додека сесијата и панел-дискусијата кои што ќе се одржат утре се посветени на нејзиниот микроекономски аспект. Во текот на утрешниот ден, на Форумот ќе се одржи и панел-дискусија за политиките на централните банки“, информираат од Народна банка.

На Форумот, покрај највисоките претставници на ЕЦБ и гувернерите на централните банки, учествуваат и професори од најреномираните универзитети од Европа и САД и значајни учесници на меѓународните финансиски пазари.

Во Синтра, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации и со истакнати меѓународни експерти за монетарна политика.

„Нејзиното учество на годинешниот Форум на централно банкарство на ЕЦБ е уште една потврда на определбата на НБРМ да чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки“, додаваат од НРБМ.


Тевдовски се сретна се новоименуваната гувернерка Ангеловска Бежоска


Скопје, 23 мај, 2018 - 13:01 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски оствари средба со новоизбраната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Тевдовски и ја честиташе функцијата на Ангеловска Бежоска и рече дека и во наредниот период очекува добрата соработка помеѓу Министерството за финансии и Народната банка да продолжи.

„На средбата беа констатирани солидната макроекономска позиција и стабилноста на финансискиот систем. Исто така, беше заклучено дека добрата координацијата на фискалната и монетарната политика, во насока на остварување на макроекономските цели, ќе продолжи и во иднина“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Ангеловска Бежоска: Останува предизвикот за градење на независна монетарна политика


Скопје, 22 мај, 2018 - 12:21 (META) 

Анита Ангеловска – Бежоска денеска ја презеде должноста гувенерка на Народната банка од досегашниот гувернер Димитар Богов, на кој мандатот му истече вчера.

Во изјавата за медиумите таа се заблагодари на претседателот Ѓорге Иванов за нејзината номинација и на политичките партии кои што со широк консензус ја избраа за гувернерка.

Како што рече, оваа поддршка за неа е многу значајна, но и за целото општество бидејќи била поддржана професионалноста која е клучна за градење на прогресивно општество.

-Би сакала да му се заблагодарам на досегашниот гувернер Богов кој успешно ја водеше банката во критичните моменти. Бев дел од тимот кога ги поминувавме тие моменти, но благодарејќи на силниот институционален капацитет на централната банка, успешно ги поминавме – рече Ангеловска – Бежоска.

Таа потенцираше дека пред неа останува предизвикот за одржување на независна монетарна политика, но и макроекономска стабилност. Но како и досегашните раководни структури на банката, таа потенцираше дека ќе продолжи со градење на силен институционален капацитет на Централната банка, бидејќи го смета за клучен во извршувањето на задачите.

Претходно, Богов даде отчет за сработеното и рече дека двете клучни цели на банката се постигнати, односно постигната е ценовна и стабилност на банкарскиот сектор.

-Девизниот курс на денарот во однос на еврото беше одржан на стабилно ниво. Денарот не изгуби од конкурентност во однос на еврото, бидејќи инфлацијата за овие седум години од 1,5 проценти беше на слично ниво како во ЕУ од 1,2 проценти. Банкарскиот систем успешно се развиваше и растеше, така што активата и депозитите се зголемени за 50 проценти во однос на пред седум години – рече Богов.

Тој додаде дека за овие седум години, Народната банка успешно се справила со два силни, неповолни шокови како што беа грчката должничка криза во 2015 година и шпекулативниот напад врз монетарната стабилност во април и мај 2016 година. Имено, од 19 април до 23 мај 2016 година НБРМ интервенираше на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс.

Тој период, како што истакна Богов, во комбинација со политичката криза му бил најлошиот период за време на извршување на функцијата гувернер.

– Каматната стапка е на историско најниско ниво од 3 проценти. Секогаш постои дискусија дали може пониска, можеби и ќе можеше ако немаше политичка криза, но и дисциплинирана фискална политика – додаде Богов.

На прашањето на „Мета“ каде ќе ја продолжи кариерата, Богов рече дека сето ова набрзина му се случувало и дека ќе земе одмор па потоа ќе размисли што понатаму.

Неговата разделба со вработените беше прилично емотивна, бидејќи како што рече, таму поминал многу убави моменти и соработката со нив ја оцени како добра страна во работењето како гувернер.