ДУИ: Таравари и негов роднина градат куќа на простор предвиден за спортски терен


Гостивар, 10 август, 2018 - 13:27 (META) 

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој од една страна симулира акции за рушење на дивоизградени објекти, додека во реалноста го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти, и тој и негов роднина на место предвидено за спортски терен градат куќа кршејќи ги прописите, обвини ДУИ.

Како што рече Башким Хасани, потпретседател на огранокот на ДУИ во Гостивар на прес-конференција, жители од осмата зона во Гостивар реагирале „за дивоградбата која се гради на простор кој според Генералниот урбанистички план, како и Деталниот урбанистички план (блок 24), се предвидени спортски терени“.

Хасани рече дека има реклама на социјалните мрежи од фирмата изведувач која е во сопственост на близок роднина на Таравари.

– Со непреземањето на законски инспекциски мерки на терен, подразбираме дека Таравари го подржува и охрабрува урбанистичкиот каос. ДУИ ги подржува жителите на Гостивар и ги охрабрува таквите случаеви да ги пријават во надлежните институции, затоа што Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини – порача Хасани.


Богоев ветува ревидирање на урбанистички планови во Карпош


Скопје, 10 септември, 2017 - 13:38 (META) 

Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија, Стефан Богоев, денеска вети дека ќе се ревидираат сите урбанистички планови во општина Карпош. Тој не кажа дека ќе се прави ревизија на досегашнтие.

– Вчера со граѓаните на Карпош 3 и Карпош 4 се договоривме веднаш по преземањето на локалната власт во Општина Карпош, целосно и темелно да го ревидираме носењето на детални урбанистички планови за овие делови на општината. На граѓаните на Карпош им е доста од ставањето личните и бизнис-интереси на Стевчо Јакимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, пред интересите на граѓаните – рече Богоев.

Кандидатот на владејачката партија за нов градоначалник на Карпош вети дека „сите измени во иднина на урбанистичките планови ќе се прават во договор со граѓаните и ќе се прават на чесен, транспарентен и отчетен начин заради заштита на зеленилото, чистиот воздух во општината и обезбедување на чист, модерен и зелен Карпош“.


Осумте чекори на Груевски до плацот на Водно


Скопје, 24 март, 2015 - 14:19 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната прес-конференција објави нови прислушувани разговори, со кои, како што рече, се открива вистинското лице на премиерот Никола Груевски.

Според Заев, Груевски договарал купување на плац на Водно, а тоа се потврдувало со најновите разговори меѓу него и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

  • Прв чекор, 21 март 2013 година: Проблемите на Груевски со сопственоста на плацот настанале со изборот на Жерновски за градоначалник на општина Центар. Тој морал да наоѓа начини сето тоа да го реализира, а притоа да не предизвика внимание во јавноста.
  • Втор чекор, 7 јуни 2013 година: Првата драмолетка која, според опозицијата, требало да го покрие овој криминал, се протестите во општината. Под оправдание за одбрана на црквата „Свети Константин и Елена“, на 7 јуни 2013 година огромен број граѓани протестираа пред Општина Центар. Неформалното здружение на граѓани „Веритас“ го обвини градоначалникот Андреј Жерновски дека со измените на ДУП за Мал ринг и за Голем ринг, со кој се предвидува враќање на зелените површини, Општината ќе ја спречи изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“. По неколку дена состојбата се смири.
  • Трет чекор, 15 октомври 2013 година: На аеродромот во Виена, е уапсен претседателот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ. Тој, како претседател на Управниот одбор на „Машинопромет“, е осомничен за злоупотреба на службената должност и овластување, дело во кое како помагачи биле вклучени повеќе лица, а државниот буџет бил оштетен за еден милион евра.
  • Четврти чекор, 23 мај 2014 година: Шиповиќ беше ослободен од притвор за да се брани од слобода.
  • Петти чекор, 19 јули 2014 година: Само два месеци подоцна, на  19 јули 2014 година, беа изгласани урбанистичките планови на Општина Центар за Тасино чешмиче и за Капиштец. Тие беа изгласани со 11 гласа „за“ од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата. „Против“ гласаше само претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, додека опозициските советници и градоначалникот Андреј Жерновски, во знак на револт, претходно ја напуштија седницата.
  • Шести чекор, 3 март 2015 година: Според Заев, тоа е и причината за нервозата во ВМРО-ДПМНЕ по победата на Андреј Жерновски на локалните избори во општината Центар. На ова во прилог му одат и случувањата со немирите пред општинската зграда и притворањето на претседателот на Советот на Општината, Мирослав Шиповиќ.
  • Седми чекор, 15 март 2015 година: Заев на прес-конференцијата на 15 март рече дека за Груевски да добие плац на саканата локација, се менувал деталниот урбанистички план за Тасино чешмиче, со кој се добиле станбени објекти вредни повеќе од пет милиони евра. Тој изјави дека сопственик на тие парцели се фирмата на Орце Камчев, „Кара“, и офшор-компанијата „Ексико“. На друга локација, со измена на ДУП Капиштец-Водно, земјиште било пренаменето и од категорија за заштитно зеленило без маркици за градба, површина од 11.000 квадратни метри, добила три маркици за градба.
  • Осми чекор, 23 март 2015 година: Според она што го кажа и Заев, овој период се совпаѓа со инсистирањето на Груевски по секоја цена да го купи плацот на Водно со повеќе од 11.000 квадратни метри.

Во разговорот, Груевски инсистира да се пренамени земјиштето во градежно, според ГУП, и тоа да се направи побрзо, затоа што, како што се слуша на снимките, веднаш има купец.

  • НГ: Да го претвориме во онакво како што ти кажав, знаеш.
  • МЈ: Да, да, ама така е направено.
  • НГ: Тогаш одма го продавам. Имам више заинтересиран.
  • МЈ: Така е направено, општо, Ви кажав. Општо е ставено таму.
  • НГ: А направено е општо, добро.
  • МЈ: Да, Ви го кажав тоа и направено е веќе.
  • НГ: Оти овој се откажа, друг нема, а ја знам проект на дугачко негде имаше.

Инаку, Заев, и пред десетина дена објави разговори од Груевски за кои тврдеше дека покажуваат како премиерот целиот свој ангажман го посветува на парцела на Водно што сака да ја купи.


Трајановски: ГУП на Град Скопје е донесен транспарентно


Скопје, 17 март, 2015 - 15:39 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски вели дека сè што било донесено во Советот на Град Скопје било транспарентно, а во тоа учество имала и јавноста.

– Прво би сакал да кажам дека се неточни искажувањата кои се дадени. Градот на еден крајно транспарентен начин го донесе Генералниот урбанистички план. Претходниот беше донесен во 2002 година, овој е од 2012 година. Планот е донесен во соработка со сите десет општини во Градот Скопје, во соработка со невладини организации, со стручни и со научни институции, така што имаше една огромна транспарентност во донесувањето на тој план – изјави Трајановски.


Се бара статус на строго заштитена зона за Студенчишко блато


Охрид, 17 март, 2015 - 11:12 (META) 

Охриѓани, особено еколозите, покажаа голем интерес за измените на Генералниот урбанистички план за градот Охрид, што го изработува проектантската куќа „Полог проект“ од Гостивар. Тие побараа одговори од надлежните во Општината и од изработувачот, да кажат дали постои Студенчишкото блато, кои се неговите граници и дали при подготвувањето на документацијата за овој дел се почитувани домашните и меѓународните конвенции.

Станува збор за површина 70 хектари, од кои само 13 хектари се земјиште на Република Македонија. Сопствениците на имоти на шеесетина хектари, кои сега се претворена во ниви, бавчи, овоштарници и слично, исто така, бараат од надлежните во урбанизмот конечно по децении блокада да им дадат можност да го искористат својот имот, да го ефектуираат и од него да заработат. Тоа, пак, не се совпаѓа со заложбите на еколозите. Овоштарниците и земјоделските култури се ѓубрат со соодветни ѓубрива кои се штетни за флората и за фауната на тој простор.

Локалната самоуправа изработила студија за да се утврдат границите на блатото, со десетина хектари заштитен простор. Советот на Општина Охрид ја одобрил и била доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање во понатамошна постапка за утврдување на еден дел од блатото како споменик на природата. Министерството за животна средина ја проследи студијата до Владата, која, пак, со заклучок  ја врати за да се ревидира и да се одреди оној дел што навистина треба да се ревитализира.

Од „Полог проект“ од Гостивар појаснуваат дека во никој случај, со новите измени нема да биде загрозено блатото, иако засега не е дефинирано како строго заштитена зона. Ветуваат дека по дефинирањето на статусот, блатото ќе го добие соодветниот третман.

Бранко Арнаудов, заменик-раководител во секторот за урбанизам при Општина Охрид, дел од Студенчишкото блато сè уште постои, но треба да се утврдат точните граници на оваа природна реткост.

– Интензивното уништување на блатото е почнато во 70-тите години на минатиот век, со негово претворање во градска депонија бидејќи таму е депонирано огромно количество градежен шут и комунален отпад. При утврдувањето на локацијата за изградба на дендролошкиот расадник во 90-тите години, беа повикани сите експерти од Министерство за земјоделство, од Земјоделскиот факултет, професори, доктори на науки и уште тогаш се утврди дека најголемиот дел од блатото со депонирање на таквиот вид отпад е уништено и постојните канали немаат вода, а да не зборуваме воопшто за флора и за фауна на тој простор – појаснува Арнаудов.

Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање го апострофира ставот на Владата која го признава постоењето на Студенчишкото блато и бара остатокот да се заштити.

– Владата со заклучок донесен врз основа на студијата признава постоење на Студенчишкото блато. Со документ, со заклучок бара од Општината да утврди граници на строга граница и Општината да се однесува со тој заштитен сегмент според сите домашни и меѓународни конвенции. Тоа е најважниот момент. Потоа, при донесување на Деталниот урбанистички план, треба првенствено да се води сметка за еколошкиот сегмент односно за заштитата на Охридско Езеро и, притоа, да се инкорпорираат барањата на Владата – вели Пановски.

Строга заштита на Студенчишкото блато на последната седница на Советот на Општина Охрид, на 13 март, побараа опозициските партии, но нивната иницијатива за отворање поопширна дебата за урбанизацијата на блатото не беше прифатена од Советот.