„Јутјуб“ оневозможува „анти-ваксер“ содржините да заработуваат од реклами


Скопје, 27 февруари, 2019 - 21:16 (META) 

По написите на информативниот портал „Базфид“, „Јутјуб“ за првпат и официјално објави дека ќе спречи пуштање реклами покрај содржини против имунизацијата, експлицитно истакнувајќи дека таквите содржини отсега ќе потпаѓаат под нивната политика која забранува монетизација на видео клипови со „опасна и штетна“ содржина, се вели во текстот на „Критинк“.

Најпознатата онлајн платформа за објавување видеа – „Јутјуб“, која е во сопственост на гигантот „Гугл“ најави дека наскоро ќе забрани објавување реклами на каналите кои споделуваат видео клипови против вакцинирањето, односно така наречени „анти-ваксер“ содржини. Ваквите содржини неретко се објавуваат и на специјализирани страници на „Фејсбук“, како и на тематски видео канали на „ЈуТјуб“ преку кои систематски се шират дезинформации за наводната опасност од употребата на вакцините.

Додека „Фејсбук“, на пример, под притисок на конгресмени и сенатори во САД, во период кога во оваа земја има зголемени број на случаи на сипаници, објави дека работи на тоа „анти-ваксер“ содржините да не бидат промовирани и препорачувани на корисниците преку соодветните алгоритмички алатки на компанијата за таа намена, „Јутјуб“ досега не преземаше чекори во оваа насока.

ПРЕПОРАКИ СО АНТИ-ВАКСЕР СОДРЖИНИ НА КОРИСНИЦИТЕ

– Овој потег на „Јутјуб“, кој е во сопственост на „Гугл“, покажува колку приватните компании имаат важна улога во решавање на проблемите со дезинформирањето, особено оние чиј бизнис-модел е базиран на привлекување кликови. Со оваа одлука „Јутјуб“ не врши цензура на контроверзните антивасерски содржини, туку ги дестимулира издавачите кои копираат или креираат такви небулози за финансиска полза. Со тоа може сериозно да се намали количеството дезинформации кои се докажано штетни за здравјето. Постапката е слична на онаа која беше преземена кон сајтови со лажни политички вести од кои некои потекнуваа од Велес, за кои, исто така, е укината можноста да заработуваат од реклами – вели Филип Стојановски, раководител на проектот на „Со критичко мислење кон граѓани со медиумска умешност – Критинк“ спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис„ и „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија.

Порталот „Базфид њуз“ деновиве објавува написи токму на оваа тема, покажувајќи дека при пребарување на термини како „имунизација“ (immunization), на пример, на корисниците на „Јутјуб“ редовно им се нудат препораки да отворат видео клипови со содржини кои се спротивставуваат на вакцинирањето. Се разбира, „Јутјуб“ не дава препораки да се посетуваат само канали кои се исклучиво против вакцинирањето, ниту, пак, таквите препораки се мнозински. Најголем дел од препорачаните видео клипови и канали по овие прашања се оние на реномирани медицински установи во САД како што се Универзитетот Џонс Хопкинс или Клиниката Мејо, но неретко како препорака се јавува, на пример, и каналот VAXXED TV. Тој има 54 илјади претплатници и се претставува како промотивен канал за широко дискредитиран документарен филм против вакцинирањето од 2016 година. Филмот беше тргнат од програмата на познатиот Филмски фестивал Трајбека  во САД, а еден од продуцентите ја изгуби својата виза за престој во Австралија, откако таму одржа промотивна тура за овој документарец. Но, и покрај ова, документарецот има публика и веќе се собрани 86 илјади долари за негово продолжение.

ПРИТИСОК НА ОГЛАСУВАЧИТЕ

Сепак, по написите на „Базфид“, „Јутјуб“ за првпат и официјално објави дека ќе спречи пуштање реклами покрај содржини против имунизацијата, експлицитно истакнувајќи дека таквите содржини отсега ќе потпаѓаат под нивната политика која забранува монетизација на видео клипови со „опасна и штетна“ содржина. Она што ја прели чашата е постапката на огласувачите, кои ги повлекоа своите реклами од ваквите видео клипови по истражувањата на „Базфид“. Исто така, голем дел од нив не ни беа запознати со фактот дека нивните реклами се појавуваат во видео клипови со „анти-ваксер“ содржини.

„Јутјуб“ е особено важен зашто сè поголем број од корисниците сервисот го смедаат не само како место за забава, туку и за вести и информации, меѓу кои и оние од областа на здравјето.

„Базфид“ го цитира извршниот директор на „Јутјуб“, Сундар Пичаи, кој вели дека „корисниците не доаѓаат само за забава. Тие доаѓаат да најдат информации. Да научат нешто. Да откријат и да истражат.“ Порталот цитира и неодамнешно истражување на јавното мислење на познатата агенција „Пју рисрч“, според кое повеќе од половината од корисниците на „Јутјуб“ го посетуваат сајтот заради вести и информации со што се потврдува изјавата на Пичаи.

Уште пред овие настани „Јутјуб“ изјави дека работи на алгоритмички измени за да се намали бројот на теории на заговор на оваа онлајн видео платформа преку препораките до посетителите, каде што има и „анти-ваксер“ видео клипови. Компанијата најави дека измените во алгоритмите кои им препорачуваат содржини на корисниците, ќе бидат воведени постепено и системот ќе станува сè поточен и подобар во нивното откривање како што ќе изминува времето.


Заев се сретнал со еден од првите луѓе на „Гугл“ и разговарале за соработка


Њујорк, 19 септември, 2017 - 9:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави се сретнал со Џерад Коен, еден од првите луѓе на една од најразвиените светски компании „Гугл“.

На состанокот, како што информираат од Владата, било разговарано за соработка помеѓу компанијата „Гугл“ (Google Jigsaw) и била поставена основа за развивање на таа соработка.

На средбата, лицата што го придружувале високиот претставник на компанијата, Коен, ги кажале впечатоците од нивната неодамнешна посета на Македонија и нагласиле дека земјата има млади креативни луѓе кои би можеле да придонесат во иновативниот информатичко-технолошни сектор.

Заев истакнал дека Владата ќе даде поддршка на компании и на поединци со иновативни идеи.

„Заинтересирани сме да ги поддржиме и добрите иницијативи во ИТ-секторот и во технологијата“, изјавил Заев.


Музејот на ВМРО на „Гугл“ стана „Музеј на жртвите на Жмроизмот“


Скопје, 17 јули, 2017 - 16:40 (META) 

Уште еден локалитет во Скопје доби ново име на апликацијата „мапи“ на светскиот интернет-гигант „Гугл“. Овојпат станува збор за Музејот на ВМРО. Доколку на мапата го пребарувате овој музеј, ќе ви прикаже „Музеј на жртвите на Жмроизмот/(Museum of the victims of Zhmroism)“, а дури потоа како втора опција се прикажува вистинското име.

Претходно на оваа апликација, големиот скопски плоштад Македонија, на англиски беше преименуван во „Плоштад Вардарска“. Апликацијата за подобро снаоѓање, особено на туристите, ги дава имињата на локациите и на македонски и на англиски јазик.

Сепак, зад овие измени на имињата не стои самиот „Гугл“, туку корисниците. Компанијата во јули минатата година им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Едитираните локалитети по автоматизам не се појавуваат во апликацијата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници.

Оттука, голема е веројатноста дека станува збор за герила-акција на повеќе корисници кои одлучиле да го прекрстат музејот изграден од претходната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Компанијата „Гугл“ минатата година соопшти дека повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на истата.

Инаку, досега на микро-мрежата „Твитер“, хаштагот „Ж“ се користеше за поранешниот премиер Никола Груевски, а по објавувањето на бомбите, ВМРО-ДПМНЕ на оваа социјална мрежа беше именувана како „ЖМРО“.


„Гугл“ го преименува плоштадот Македонија во плоштад Вардарска


Скопје, 10 јули, 2017 - 12:29 (META) 

Светскиот интернет-гигант „Гугл“ во својата апликација „мапи“ (Maps) го пременува големиот скопски плоштад Македонија во плоштад Вардарска.

При пребарување на компании кои имаат свои разграноци или седиште во строгиот центар на Скопје, „Гугл“ во својата мапа ви посочува каде се лоцирани и името на локацијата. За полесно снаоѓање, особено за туристите, имињата на локациите се дадени и на македонски и на англиски јазик.

Во јули минатата година, „Гугл“ им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Сепак, локациите автоматски не се појавуваат на мапата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници. Веројатно, англиската верзија од плоштадот Македонија е вметната од корисник на мапата, а потоа преку верификација од други корисници и без посебен надзор од „Гугл“ истата е впишана во мапата за Скопје.

Според минатогодишните податоци, повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ на Гугл и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на апликацијата.


ЕУ го казни „Гугл“ со 2,7 милијарди американски долари


Брисел, 27 јуни, 2017 - 15:18 (META) 

Регулаторната комисија на Европската Унија одлучи да ја казни компанијата „Гугл“ со глоба во износ од 2,7 милијарди американски долари за злоупотреба на позицијата на пазарот и на антиконкурентни практики, јавува „Би-би-си“.

Компанијата е обвинета за намалување на видливоста на веб-страниците за интернет-купување и тоа за да стави својата продавница „Шопинг бокс“ на врвот на резултатите од пребарувањето.

Интернет-гигантот сега се соочува со серија закани за тужби од конкурентите, кои тврдат дека интервенирањето на „Гугл“ во резултатите од пребарувањето негативно влијаело врз нивниот бизнис.


Најмногу очекуваните паметни телефони годинава


Њујорк, 27 јануари, 2017 - 22:02 (META) 

Познавачите на пазарот на паметни телефони типуваат кои ќе бидат моделите што ќе предизвикаат најголемо внимание во светот годинава.

Откако ќе се појави на пазарот, осмата генерација ќе биде јаготката на шлагот за прославата на десеттиот роденден на „ајфон“. „Ајфон 8“ ќе биде комплетно редизајниран во однос на претходниците. „Мек ворлд“ најавува можно враќање на дизајнот со нерѓосувачки челик со комплетно стаклено лице, извиен ОЛЕД-екран, нови бои за избор и безжично полнење.

Годинава се очекуваат и „галакси С8“ и „галакси С8 еџ“ на „Самсунг“.„Форбс“ пишува дека ќе имаат „бескраен екран“, со што ќе се вклучат во трендот на многу тенок, милиметарски раб. Засега нема најави кога новите модели ќе бидат промовирани, но се очекува новите паметни телефони да излезат на пролет.

„Самсунг“ планира да исфрли на пазарот нов модел од серијата „галакси ноут“, за да го замени „ноут 7“, кој беше вистински кошмар и за компанијата и за многу корисници, поради експлодирањето на батериите, по што примероците беа повлекувани.

Кога станува збор за „Гугл“, паметните телефони „пиксел“ и „пиксел екс-ел“ се веќе на пазарот, откако беа формално најавени на крајот на 2016 година. Тоа се првите телефони што се направени токму од „Гугл“, оти претходно, како во случајот со паметните телефони и таблети „нексус“, „Гугл“ целосно го доверуваше производството на други производители.

„Ел- џи Г6“ се очекува на крајот на февруари, како нов адут на производителот од Јужна Кореја што цело време се бори да излезе од сенката на својот сонародник „Самсунг“. Фотографиите кои протекоа во јавноста покажуваат дека е изработен од метал и од стакло со екран од 5,7 инчи и многу тенок раб. Во однос на практичноста и економичноста, ќе има батерија што може да се замени. Овој телефон нема да пропушта вода.


Американците масовно го „гуглаат“ прашањето „како да гласам“


Вашингтон, 7 ноември, 2016 - 18:01 (META) 

Еден ден ги дели САД од резултатите од историските претседателски избори помеѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон, а Американците времето го користат за да го „прашаат Гугл“ како да гласаат.

Податоците од пребарувањето на „Гугл“ покажуваат дека бројот на пребарувања на прашањето „како да гласам“ во периодот од 1 октомври до 1 ноември се зголемил за неверојатни 233 отсто во однос на изборите во 2012 година.

Избирачите, исто така, го користат интернетот за да пребаруваат на кои избирачки места можат да гласаат.

Американците потрошиле повеќе од 20 милиони часа гледајќи ги дебатите на претседателските кандидати во живо, а од средината на јули до средината на октомври потрошиле 4,8 милини часа (545 години) гледајќи снимки од претседателските кандидати на „Фејсбук“.


ЕУ ја прошири антимонополската истрага против „Гугл“


Брисел, 14 јули, 2016 - 18:30 (META) 

Европската Унија ја проширила истрагата против компанијата „Гугл“, која е обвинета дека ја злоупотребила својата доминантна позиција на интернет во корист на своите бизниси за продажба и за огласување, јавуваат светските агенции.

Европската комисија, пак, веќе истражува дали „Гугл“ овозможува привилигиран третман за своите производи во опративниот систем за мобилни телефони „андорид“.

– „Гугл“ даде многу иновативни производи кои ги променија нашите животи. Сепак, тоа не му дава право на „Гугл“ да им ја ускратува шансата за натпревар и за иновации на другите компании – изјавила денеска еврокомесарката за конкуренција, Маргарет Вестагер.

Вестагер додала дека прелиминарната истрага покажала дека компанијата неоправдано ги фаворизирала своите продажни услуги во резултатите од пребарувањето.


Програмери од „Гугл“ учествуваат на програмерски маратон во Охрид


Охрид, 16 април, 2016 - 18:23 (META) 

Четвртото издание на програмерскиот маратон „Кодфест“ (Codefest) се одржува во хотелот „Инкес-Горица“ во Охрид.

Под мотото „Помести ги своите лимити“ (Chalinge Your Limits), собирот оваа година е збогатен со научна конференција, со учество на  еминентни стручњаци од областа на информатичката технологија, меѓу кои и експерти на „Гугл“ и на „Вибер“.

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, отворајќи го собирот, истакна дека светот брзо се менува, а развојот го диктираат информатичките технологии, посочувајќи дека денеска успеваат компаниите кои размислуваат брзо и знаат како да ги искористат технолошките придобивки.


„Гугл“ со насловна посветена на Бетовен


Денеска се одбележуваат 245 години од раѓањето на неповторливиот Лудвиг ван Бетовен.

Со својот приватен живот, мрачниот карактер и со нескротливиот дух, но со луцидните и брилијантни блесоци на неговата музичка величественост, остана запаметен како контроверзна личност од светот на уметноста, а со своите дела остави маркантно влијание и печат врз музичката уметност.

Лудвиг ван Бетовен е роден 17 декември 1770 година, а починал на 26 март 1827. Тој е германски композитор на класична музика и пијанист. И ден-денес е еден од најпочитуваните и највлијателни композитори на сите времиња.

„Месечева сонта“ е едно од неговите најпознати дела.

Кон одбележувањето на годишнината од неговото раѓање се приклучи и светскиот пребарувач „Гугл“.