Општина Тетово сокрива податоци за Општинскиот инспекторат


Тетово, 4 декември, 2018 - 14:05 (META) 

Општина Тетово одбива да разоткрие детали за работата, структурата и за вработените во Општинскиот инспекторат, непочитувајќи го своето ветување дека ќе биде транспарентна, пишува „Порталб“, посочувајќи дека овие податоци треба да бидат јавни, бидејќи вработените се плаќаат од народни пари.

Редакцијата пред повеќе од еден месец, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднела барање од Општина Тетово за доставување информации за работата и вработените на Општинскиот инспекторат.

„Но, она што ги добивме како одговор не е воопшто задоволително“, пишува „Порталб“.

Од Општина Тетово било побарано да достави информации за:
• Бројот на вработени во инспекцискиот оддел на Општинскиот инспекторат во Тетово.
• Бројот на вработени кои ја имаат позицијата „инспектор“ (со име, презиме и телефон за контакт).
• Бројот на други вработени, освен инспектори, и описот на нивните работни места.
• Бројот на возила што се на располагање на Општинскиот инспекторат.
• Платите на вработените и дали им се исплаќа надоместок за прекувремена работа.
• Распоредот на работа на инспекторите (во часови).
• Дали има некој вработен којшто постојано работи вон работното време, односно има ли дежурен во вечерните часови?

На тие прашања, од Општина Тетово одговориле со куса информација за вкупниот број вработени и бројот на инспектори.

„Врз основа на табеларната контрола на работните места во општинската администрација се вработени 42 лица, од кои 24 се општински инспектори; 19 се референти или или професионални официјални административни асистенти“, одговориле од општината.

„Порталб“, незадоволен што најголемиот дел од прашањата не се одговорени, поднел жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Нашата редакција никако нема да престане да бара одговори и транспарентност од општина Тетово за нашите граѓани, а ние ќе ја вршиме нашата работа. Потсетуваме дека во последното интервју за „Порталб.мк“ и „Вистиномер.мк“, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вети дека ќе биде транспарентна и нејзиниот тим за односи со јавноста ќе го стори истото.
Истото го вети и претходно во дебатата Животот во Македонија, како и во претходниот. Оваа општина не е на листата на најтранспарентни општини во Македонија“, порачуваат од  „Порталб“.

Во Тетово постојано се случува палење на ѓубрето, но сторителите ретко или никогаш не се откриваат.

„Ова се должи на ненавременото делување на органите на редот и Општинскиот инспекторат. Последниот случај беше на 11 октомври оваа година, кога некои луѓе запалија отпад на неформална депонија во ромската населба, односно во коритото на реката Пена. Порталб.мк, го пријави случајот до општинските власти, но сторителите не беа фатени. На 20 септември оваа година, за време на утринските часови жителите во некои тетовски населби пријавиле дека чувствуваат лош мирис, што веројатно потекнувал од горењето отпадоци.  Сепак, инспекторите задоцниле премногу и не успеале да ги фатат загадувачите. Случај што треба да се спомене е и случајот на масовно горење на депонијата на влезот на Тетово – и по една година, органите на редот и прогонот сè уште не успеале да ги најдат сторителите и да ги изнесат пред лицето на правдата“, пишува „Порталб“.


Пренатрупаните контејнери во Тетово се нефункционални и треба да се заменат


Тетово, 18 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Околу 80 отсто од контејнерите во Тетово немаат капаци и од нив се шири лоша миризба, а бидејќи не се чистат и не се одржуваат навремено се преполнуваат. Ситуацијата уште повеќе ја влошува фактот што отпадот што е фрлен во нив не е селектиран и затоа се преполнуваат со најразлични материјали, пишува „Порталб.мк“.

Во Тетово има 522 контејнери, додека само 120 од нив имаат капаци. Жителите се жалат дека поради недостигот на капаци се шири лоша миризба, додека одговорните тврдат дека капаците се изгорени во текот на зимскиот период.

– Поголемиот дел од контејнерите за отпадоци немаат капак и кога минувате покрај нив, се шири многу лоша миризба. Мислам дека ни треба повеќе работа за да имаме почист град – вели Венхар Исени, жител на Тетово.

Недостигот на капаци на контејнерите, исто така, предизвикува проблеми и при поставувањето на контејнерите. Властите велат дека граѓаните не дозволуваат поставување на контејнери за отпадоци во близина на нивните домовите, а пак граѓаните велат тоа се должи на не одржувањето и недостаток на капаци.

– Капаци недостигаат затоа што се изгорени, а дел од нив се украдени. Капаците на контејнерите ни прават проблеми при чистењето на отпадоци, бидејќи во четири случаи беа повредени работници при чистење со камиони – вели Џелал Цека од Општинското јавно претпријатие „Тетово“.


Ќе се чека нов тендер за чистењето на коритото на Пена во Тетово


Тетово, 8 октомври, 2018 - 14:57 (META) 

Купиштата отпадоци во коритото на реката Пена во Тетово ќе останат таму уште некое време, бидејќи, како што велат од Општина Тетово, ниту една компанија не се пријавила на тендерот за чистење на речното корито во долниот тек и за изградба на насип, пишува Порталб.мк.

„Станува збор за изградба на насип на крајот од течението на реката, на излезот од градот. Постапката е откажана бидејќи не се пријави ниту еден понудувач и ќе почне одново. Износот на активностите е во износ од 800.000 денари“, велат за „Порталб“ од Општина Тетово.

Појаснуваат дека од Министерството за животна средина и просторно планирање побарале пари за чистење и уредување речни корита, но од ресорот со кој раководи Садула Дураку им бил доделен само дел од побараниот износ. Но и тие пари сè уште не се префрлени на нивната сметка.

„Општина Тетово има поднесено барање за финансиски средства за чистење на реките, во вредност од 18 милиони денари, а од Министерството за екологија ни одговорија со средства во висина од 5 милиони денари, кои сè уште не се пристигнати на сметката на Општината“, информираат од Општина Тетово.

Иако општинската власт секоја година порачува дека речното користо се чисти, состојбата речиси постојано е како што може да се види на фотографиите – реката е речиси претворена во депонија.


Закинтос ги загуби сите 18 Сини знамиња


Атина, 23 јули, 2018 - 10:38 (META) 

На Закинтос, еден од најпопуларните острови во Јонсокото море, му се одземени сите Сини знамиња. Локалните медиуми јавија дека Хеленското друштво за заштита на природата и Советот за туризам ги отстраниле сите Сини знамиња од островот Закинтос по жалбите дека плажите на кои им се доделени овие признанија не ги исполнуваат критериумите.

Сино знаме за плажи и марини е меѓународен еколошки стандард за квалитет на заштита на животната средина на морето и брегот. Сини знамиња се доделуваат секоја година на плажи и марини кои ги исполнуваат строгите меѓународни стандарди според 33 критериуми.

Причините за повлекување се жалби во врска со управување со течен отпад, а посебно одлив на отпадни води во реката Агиос Хараламбос. На почетокот од јули имаше инцидент во подрачјето на реката Агиос Хараламбос кога после пропуст на вработени во комуналната хигиена кои затвориле само една од две пумпи, канализацијата завршила во реката.

Другите фактори кои се додадени на одлуката за повлекување на овие признанија се присуството на смет на улиците на кој многу туристи се пожалиле, како и отсуство на спасувачи на плажите со Сино знаме.

Минатата година беа отстранети пет сини знамиња од плажи на Закинтос, како и на плажата Миртос на блискиот јонски остров Кефалонија.


„Комунална хигиена“ ќе го преземе чистењето на Клинички центар


Скопје, 13 јули, 2018 - 12:59 (META) 

Екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ утрово спроведоа чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а како што велат од Град Скопје, планирано е ова претпријатие да го преземе чистењето на болничкиот комплекс. Но за тоа да се случи ќе треба да „ги решиме правните аспекти на набавката“, велат од Град Скопје, апелирајќи граѓаните повеќе да внимаат на тоа како фрлаат отпадоци.

„Повеќедецениската негрижа за хигиената во Клинички центар досега резултираше со неколку акции за расчистување на отпадот. Град Скопје цени што граѓаните волонтираат во чистењето на Клинички центар во овој преоден период и придонесуваат да се ублажи настанатиот проблем“, порачаа од градската управа, заблагодарувајќи се на волонтерите што утрово се појавија на акцијата за расчистување.


Филипче: „Комунална хигиена“ од денеска го расчистува ѓубрето во Клинички центар


Скопје, 20 јуни, 2018 - 10:51 (META) 

Со градоначалникот на Град Скопје, постигнавме договор од денеска ЈП „Комунална хигиена“  да почне да го расчистува ѓубрето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, односно дивата депонија кај Ургентен центар, а направивме и договор и во следниот месец тековно да се расчистува ѓубрето, сè додека не се избере на тендер фирма што ќе го врши чистењето, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.

– Тоа е резултат на фактот дека се прекина тендерската постапка за чистење на клиничкиот центар. По долги години ингеренциите се враќаат, како што е ред, во Службата за заеднички работи. Тие се во постапка за спроведување тендер за компанија што ќе го спроведува чистењето, оти самите немаат капацитет. Но затоа склучивме договор со Град Скопје, додека не заврши постапката за избор на фирма – рече министерот за здравство, одговарајќи на новинарско прашање.

На прес-конференцијата, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, министерот за здравство, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски, повикаа граѓанските организации, но и медиумите, внимателно да ги следат јавните набавки во сите фази на постапката, за да се откријат можни неправилности да се спречува корупцијата.


Бејли, Герет, Пломп, Османи и граѓани собираа ѓубре на кејот на Вардар


Скопје, 26 април, 2018 - 16:17 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет и американскиот амбасадор Џес Бејли, заедно со вицепремиерот Бујар Османи денеска на кејот на Вардар зад Луна паркот го чистеа расфрланиот смет во еко акцијата, која трета година по ред ја организира амбасадата на Кралството Холандија заедно со „Пивара“ и „Пакомак“.

Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат „Пивара“, „Пакомак“ и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на Денот на Кралот – националниот празник на Холандија.

– Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем – истакна холандскиот амбасадор.

Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди „Пакомак“.


#Одговорност е градот да не изгледа како голема канта за отпадоци


Скопје, 2 ноември, 2016 - 10:01 (META) 

Недостигот од канти за отпадоци е голем проблем со кој се соочува скопската општина Чаир. Во нивно отсуство, ѓубрето смрди низ улиците на главниот град.

Граѓаните што живеат во овој реон ги обвинуваат Општината и претпријатието за комунална хигиена дека го занемаруваат проблемот, но, исто така, и неодговорните граѓани.

На главните улици воопшто нема канти за отпадоци, а и некои што биле поставени се оштетени или веќе и не постојат.

Исто така, нивното отсуство се забележува и на автобуските постојки во оваа општина, каде што тие што чекаат автобус ги фрлаат отпадоците на земја, создавајќи, на тој начин, една грда слика за градот и за општината.

– Ги поставија пред неколку години, но не знам што се случи со нив. Исчезнаа, ги запалија, ги украдоа… Не знаеме… Но, и граѓаните се невнимателни, бидејќи кога гледаат дека нема каде да го фрлат отпадокот, треба да го задржат кај себе додека не најдат каде да го фрлат – велат жителите.

Со овој проблем не се соочуваат само жителите на Скопје, туку и на другите градови во Македонија, особено тие од Тетово и од Куманово.


Подземен контејнер пред споменикот на Григор Прличев во Охрид


Охрид, 9 септември, 2016 - 11:35 (META) 

По Струга и Дебар, како дел од проектот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, и во Охрид ќе бидат поставени три подземни контејнери во централното градско подрачје.

Локациите биле предложени од секторот за комунални дејности, сообраќај и улици и од секторот за урбанизам на Општината, а биле усвоени на седница на Советот на Охрид.

Охридската јавност реагира на избраната локација за едниот од контејнерите што се поставува. Имено, тој ќе биде поставен на само три метри од споменикот на Григор Прличев, македонскиот поет и преродбеник, роден во Охрид.

Најзагрижените предлагаат, кога веќе не може да се помести контејнерот, тоа да се направи со споменикот, кој, пак, е тука лоциран со децении, пред Центарот за култура што го носи името на Прличев.


Тетовскиот отпад повторно се носи во Русино


Тетово, 22 август, 2016 - 16:10 (META) 

Блокадата за тетовскиот смет кон депонијата Русино е отстранета. Од саботата навечер камионите на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ го носат сметот во Русино бидејќи жителите на гостиварските села постигнаа договор со Центарот за Полошки плански регион за исполнување на минимум услови за носење и за депонирање на смет во депонијата во Русино.

– Договорот за носење и за депонирање смет кој беше направен во вторникот, а предвидуваше да се носи сметот во 1 часот по полноќ и да се исчисти патот до Русино, првично не беше испочитуван. Но, во петокот повторно се сретнавме со жителите од гостиварските села и тие во саботата ја тргнаа блокадата кон Русино, затоа што договорот веќе почнува да се спроведува – изјави Назиф Јашари, раководител на комунална хигиена при ЈКП „Тетово“.

Поради блокадата, но и отежнатото носење на тетовскиот отпад до депонијата Дрисла, изминативе две недели на претоварната станица за смет во Тетово секојдневно се трупаа стотици тони отпад.

Од ЈКП „Тетово“ се надеваат дека за неколку дена станицата за претовар на сметот ќе биде целосно исчистена.