„Зелениот покрив“ на ГТЦ е премалку зелено решение, велат урбанистите и граѓаните


Скопје, 20 февруари, 2019 - 16:59 (META) 

Понуденото решение за покривот на Градскиот трговски центар не е она што јавноста го очекуваше и не може да се нарече „зелен покрив“, се најчестите реакции на јавноста откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, заедно со градоначалникот на Општина Центар, Сашa Богдановиќ и со претставници на УНДП го промовираа проектот за идниот зелен покрив на ГТЦ.

Граѓаните, архитектите и урбанистите се прашуваат зошто градските власти се одлучиле за реализација токму на вакво идејно решение со оглед на тоа што никаде не се појави информација дека е објавен конкурс за избор на најдобар проект на зелен покрив на Трговскиот центар, кој претставува значајно архитектонско наследство на градот.

„Изградбата на зелен покрив на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малион ринг во Скопје, како и проект кој ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на Градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на Трговскиот“, стои во писмениот одоговор на Службата за информирање на Град Скопје. Во него, исто така стои и дека „процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП согласно договорот меѓу УНДП и Градот, како и согласно меморандумот за соработка со АД ГТЦ“.

„Ајде убаво да го избришете и сите да пробаме да заборавиме дека сме го виделе. И ГТЦ да не се чепка додека не се смисли нешто што е достојно“, „ГТЦ е ремек-дело, не заслужува вакво решение за покривот, несоодветно со стилот и без било каква функционалност. Чие е ова решение, кој го одобри, како ве убеди и го одбрани? Дали имаше конкурс?“, се вели во реакциите на социјалните мрежи по промоцијата на идејниот проект за покривот на ГТЦ.

Според урбанисти со кои „Мета“ се консултираше, понуденото решение не кореспондира со вистинскиот концепт на зелени покриви, кои, според архитектонските трендови, по дефиниција се покриви каде површината претежно целата или целосно е засадена со зеленило.

– Од она што можеше да се види на 3Д визуализацијата, се работи за спротивен концепт, односно има 80 проценти поплочена површина со придружни елементи а 20 проценти е зеленило – вели Дамјан Балкоски, архитект и урбанист, асистент на Архитектонскиот факултет при МИТ-универзитетот во Скопје.

Според Балкоски, жалните врби и малите елкички се слаб придонес во борбата против ПМ честичките. Поплочените површини ќе го имаат токму спротивниот ефект. За вакви проекти Градот требало да објави конкурс за изработка на архитектонско и пејсажно уредување на покривот на ГТЦ и во јавна расправа да се избере најдоброто решение.

„Со ваквиот концепт на зазеленување на покривот на ГТЦ нема да се постигне целта која сите ја сакаме, а тоа е да се прочисти загадениот воздух бидејќи зелената површина е премногу мала, а освен тоа и растенијата кои се предвидени таму за засадување не соодветствуваат за таа намена туку се потребни дрвја со широки крошни и густи гранки за да ја имаат функцијата на апсорбирање на топлината на објектот, а во зима прочистување на воздухот“.

Од Канцеларијата на УНДП ни потврдија дека ова е уште еден од проектите на кои соработуваат Градот Скопје и оваа организација.

– Зелените покриви се една од мерките кои помагаат во намалување на топлинските острови. Термалното мапирање на Град Скопје кое што го направи УНДП во текот на изминатите месеци покажа дека ГТЦ е една од најжешките урбани точки во градот – велат од УНДП и посочуваат дека било утврдено дека постои температурна разлика од скоро 10 степени помеѓу плоштадот и покривот на ГТЦ.

Проектот ќе зафати површина од 1.600 квадратни метри, што е дел од површината на целиот покрив на ГТЦ.

Според Сандра Исмаилова од УНДП, проектот „Зелен покрив“ на ГТЦ целосно се финансира од Градот Скопје и ќе чини 35.079.800 денари, но и дека идејното решение и проектот биле добиени веќе готиви од ГТЦ, додека УНДП била надлежна само за распишување и водење на тендерската постапка за изборот на фирма изведувач.


ГТЦ ќе добие зелен покрив од 1.800 квадратни метри


Скопје, 19 февруари, 2019 - 15:14 (META) 

Гратскиот трговски центар во Скопје ќе добие зелен покрив со површина од 1.800 квадратни метри на која ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници, најави денеска градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Проектот „Зелен покрив на ГТЦ“ со кој постојниот покрив кој е сега неискористен ќе стане зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот е финансиран од Град Скопје, а имплементиран со поддршка на УНДП.

Се очекува изградбата на зелениот покрив да чини околу околу 32 милиони денари. Тековно одржување ќе биде одговорност на ГТЦ и на луѓето од кафетеријата која ќе се наоѓа на покривот. Шилегов очекува зелениот покрив да биде готов до летото.

– Освен во урбаниот развој на градот, овој проект ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите – рече Шилегов.

Изградбата на зелениот покрив е една од многуте заеднички активности кои ги спроведуваат Град Скопје и УНДП со цел да се зголеми отпорноста на градот и да се обезбеди одржливост преку воведување нови иновативни технологии и решенија, вели постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.

На покривот ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе-бар, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.


Одбележувањето на годишнината од земјотресот продолжува со филмови и концерти


Скопје, 25 јули, 2018 - 10:54 (META) 

Во денешниот настан од манифестацијата „Зборува Скопје“, со која градот се потсетува на жртвите од земјотресот од 26 јули 1963 година, вечерва во 20.30 часот во галеријата „Графити“, кај автобуската постојка во ГТЦ ќе биде прикажан краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума, насловен „Скопје сонува“. Половина час подоцна, во 21 часот ќе биде изведен перформансот „Тивка реконструција на земјотресот“ на Билјана Радиноска.

По овие две содржини во 21:30 часот ќе почне музичката програма „Разговор со смисла“  која вклучува концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.

„Зборува Скопје“ завршува утре кога група урбани уметници од Центарот за совремни уметници организираат аудио акција точно 5:17 минути на пет различни локации кои ќе не потсетат на точното време на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопјеа организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање а Здружението на акцијашите од студентскиот дом  „Стив Наумов“ ќе организираат марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори.  Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата Досие Скопје и богата музичка програма.


Автобуската постојка на ЈСП во подрумот на ГТЦ нема да биде во функција


Скопје, 24 јули, 2018 - 13:16 (META) 

Утре, (среда) автобуската постојка во подрумот на ГТЦ нема да биде во функција од 12 часот, па се до наредниот ден во утринските часови, информираат од ЈСП.

„Автобусите на линијата „50“ во тој период ќе ја користат автобуската постојка до паркот Жена борец. Привременото затворање на постојката е поради централниот настан во рамки на манифестацијата „Зборува Скопје“ кој ќе се одржи во Графити галеријата во ГТЦ“, се вели во соопштението на ЈСП.


По четирите големи, во Скопје ќе се гради уште еден гигантски трговски центар


Скопје, 25 октомври, 2017 - 16:09 (META) 

Додека класичните трговски центри „Веро центар“, „Рамстор мол“, „Сити мол“, „Капитол мол“ и „Зебра“ работат со речиси пополнет капацитет, односно има многу малку локали и отворени простори што не работат, речиси сите други големи и помали трговски центри во Скопје работат со одвај половина капацитет. Сликата што се добива кога ќе прошетате на сите нивоа на ГТЦ, во трговските центри „Лептокарија“, „Бисер“, „Буњаковец“, „Беверли хилс“, „Порта Влае“, „Козле“, „Олимпико“ и многу помали на целата територија на Скопје, е дека од вкупниот простор за издавање, во функција се само 30 до 40 отсто.

Во такви околности со трговските објекти во главниот град, силно внимание предизвика објавата на албанската компанија „Балфин груп“, која го изгради и до пред една година стопанисуваше со „Сити мол“, а потоа го продаде на британска компанија, дека планира да гради нов трговски центар, преку својата фирма – ќерка „Скопје ист гејт“. Тој би се градел кај Скопски саем, во рамките на голем деловно-станбен комплекс со вкупна површина од 250.000 квадратни метри.

Во соопштението за јавноста објавено на веб-страницата на компанијата се вели дека новиот трговски центар би имал 45.000 квадратни метри бруто-површина за издавање на две нивоа, со што ќе биде поголем дури и од сега најголемиот – „Сити Мол“, кој има 39.000 квадратни метри бруто-простор за издавање, односно вкупно 90.000 квадрати. ГТЦ има вкупен простор од 114.000 квадратни метри, а „Веро центар“ – 40.000 квадратни метри.

„Балфин груп“ во соопштението за јавноста вели дека сепак има разумна основа за градење уште еден трговски центар.

„Земајќи го предвид успехот на „Сити мол“ и силната желба на трговците да се прошират во Македонија, беше решено дека уште еден трговски центар во Македонија претставува разумна инвестиција. Финансирањето на ваков голем и значаен проект ќе го обезбедат акционерите на „Скопје ист гејт“ во соработка со локални и со странски финансиски институции“, се вели во соопштението.

Трговскиот центар што „Балфин груп“ го планира, покрај просторот за издавање, би имал и подземно паркиралиште со 2.500 места за возила. Би требало да почне да се гради следната година. Компанијата се изјасни дека проектот е разумен. За да се види дали е така и дали ќе успее да ги помати сметките на постојните трговски центри, ќе треба да се почека да се изгради, а потоа и да профункционира.


Уставен суд постави пречка Владата да прогласува објекти од посебен интерес


Скопје, 6 јули, 2017 - 11:22 (META) 

Уставниот суд вчера го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и од барок „ги спаси“, меѓу другите, Градскиот трговски центар, Универзитетската библиотека и Македонската опера и балет.

На вчерашната седница мнозинството судии гласале за укинување на членот 50 од Законот за урбанизам и просторно планирање, кој на Владата ѝ даваше можност да прогласи објекти од посебен интерес и за нив да ги одземе ингеренциите на општините.

Дури во април годинава, Уставниот суд одлучи да расправа за иницијативата за укинување на членот 50 од Законот.


Уставниот суд привремено ја стопира одлуката на Владата за барокна фасада на ГТЦ


Скопје, 5 април, 2017 - 16:30 (META) 

Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови одлучил да поведе постапка за утврдување на уставноста и на законитоста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, особено за ставот 2 од овој член и терминот „посебен интерес“.

„Градба од посебен интерес за која ќе се изработи урбанистичко-планската документација од став 1 на овој член се утврдува со одлука од страна на Владата на Република Македонија“, стои во член 50, став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со прифаќањето на иницијативата, Уставниот суд привремено ја стопира одлуката на Владата, Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ да добијат барокни фасади.

Владата во јули минатата година овие објекти ги прогласи за објекти од посебен интерес и ѝ ја зеде ингеренцијата на Општина Центар над нив.

Уставните судии, освен што ја прифатиле иницијативата, донеле и привремена мерка за запирање на сите активности на Владата додека Уставниот суд не донесе одлука за оспорениот член 50.

Решението за поведување на постапката, Уставниот суд сега треба да го испрати до Владата и до Собранието, кои во рок од 30 до 40 дена треба да одговорат и да испратат мислење, по што уставните судии ќе одлучуваат дали оспорениот член ќе биде укинат.

Иницијативата до Уставниот суд, како што пренесува порталот „СДК“, ја поднело здружението на архитекти „Проблесок“.


„Го сакам ГТЦ“ повика на протест в среда заедно со „Шарена револуција“


Скопје, 4 јули, 2016 - 19:00 (META) 

„Оваа влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА-фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти, како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие ѝ ги одзедоа надлежностите на Општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа влада нема разбирање, а „Скопје 2014“ може да се спречи само ако владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот на „Шарената револуција“ в среда. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!“, се вели во повикот кој го објави здружението „Го сакам ГТЦ“ на својот фејсбук-профил.

„Досега пробавме сè за да го заштитиме нашиот сакан ГТЦ. Го гушкавме, го браневме, му пеевме песни, правевме едукативни прошетки, издававме книги, обединивме стручна и општа јавност за негово зачувување. Што е најважно, минатата година организиравме референдум каде ГТЦ доби повеќе гласови од кој било политичар или партија претходно. Сепак, со инаетот на владата не може да се натпреваруваме. Во услови кога т.н. Триумфална порта се смета за културно наследство, а се притвораат активисти што ја шараат, како треба да реагираме на очигледноста на изиграните закони? Како системското уништување на еден град не е поголем вандализам од фрлањето боја?“, се вели во фејсбук-стаусот на „Го сакам ГТЦ“.


Манчевски: По смената на власта средствата за барокни фасади ќе бидат пренаменети


Скопје, 4 јули, 2016 - 15:09 (META) 

Новата лудост на власта на Никола Груевски нема да успее, затоа што граѓаните нема да дозолат Градскиот трговски центар, МОБ и Универзитетската библиотека да ги сменат фасадите во барок, изјави денеска Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

Тој рече дека пред да има можност да се реализира ова безумие, ќе дојде до смена на власта на фер и демократски избори.

– Новата демократска власт веднаш ќе ги стопира овие криминални проекти. Ги повикуваме сите домашни и странски градежни компании да не учествуваат на повикот кој евентуално би го распишала криминалната власт. Веднаш по смената на владата, средствата за овие барокни фасади ќе бидат пренаменети за гасификација на Скопје и за други неопходни проекти на граѓаните – изјави Манчевски.

Тој ги повика функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, чесните и одговорни поддржувачи да ја откажат послушноста на Никола Груевски во спроведувањето, како што рече, на лудилото „Скопје 2014“. Манчевски додаде дека скопјани, но и цела Македонија се спротивставуваат на трошењето пари за раскош и за луксуз.


Владата донесе одлука ГТЦ да добие барокна фасада


Скопје, 3 јули, 2016 - 10:30 (META) 

Владата донесе одлука Градскиот трговски центар (ГТЦ) да добие барокна фасада, јави телевизија „Телма“.

Одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014“, во чии што рамки е и измената на ликот на ГТЦ, е објавена во „Службен весник“.

Општина Центар лани во април распиша референдум за изгледот на Градски трговски центар, но тој не успеа, бидејќи околу 40 отсто од 43.560 запишани гласачи го искористија своето право на глас, што беше за 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на референдумот.

Тогаш градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, истакна дека повеќе од 95 проценти од оние што излегле на референдумот гласале за зачувување на автентичноста на ГТЦ.

По неуспешниот референдум, активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ побараа прогласување на ГТЦ за културно наследство, во насока на зачувување на автентичниот изглед.

Граѓаните организираа и протести под слоганот „Големо гушкање за ГТЦ“.