„Ројтерс“: Трамп напаѓа на самитот, состанокот продолжи без Авганистан и Грузија


Брисел, 12 јули, 2018 - 13:15 (META) 

На главниот настан од самитот во седиштето на НАТО денеска, претседателот на САД, Доналд Трамп, одново ги нападна членките на НАТО поради тоа што не ги зголемиле трошењата за одбрана, по што самитот на претседателите на земји и на премиерите продолжи зад затворени врати, а покрај комплетните делегации на Авганистан и Грузија биле замолени да излезат и другите членови на делегациите од земјите-членки јави Ројтерс, повикувајќи се на свои извори од самитот.

Според агенцијата, Трамп исто така го прекршил дипломатскиот протокол и на германската канцеларка Ангела Меркел и се обратил со личното име.


Уапсен Михаил Саакашвили, поддржувачите протестираат во Киев


Киев, 9 декември, 2017 - 10:27 (META) 

Во главниот град на Украина, Киев, доцна синоќа беше уапсен поранешниот грузиски претседател, исто така и поранешен гувернер на областа Одеса во Украина и актуелен лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, соопшти јавниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко.

Саакашвили се наоѓа во изолација, објави Луценко, додавајќи дека безбедносните сили при тоа сториле сè за да се избегне насилство и крвопролевање.

Група негови поддржувачи се собрале пред седиштето на Службата за безбедност во Украина по веста за неговото апсење.

Ова беше трет обид за апсење на Саакашвили, откако во претходните два неговите приврзаници не им дозволија на полицијата да го лишат од слобода.

Тој се товари за обид за уривање на уставниот поредок откако минатиот викенд организираше протести против украинскиот претседател Петро Порошенко.


Пожар однесе 11 животи во луксузен хотел во Грузија


Батуми, 25 ноември, 2017 - 11:02 (META) 

Единаесет лица загинале, а 21 лице се повредени во пожар кој синоќа избувнал во луксузен хотел во грузискиот град Батуми, на брегот на Црно Море, јавуваат светските медиуми.

Пожарот избувнал за време на вечерата, која била организирана по изборот на најубава жена на Грузија. Стотина учесници на натпреварот успеале да се засолнат на сигурно за време на пожарот.

Меѓу повредените се и еден израелски и 12 турски државјани.

Засега не се познати причините за избувнувањето на пожарот.


Путин нареди силите на Јужна Осетија да се вклучат во руската војска


Москва, 14 март, 2017 - 20:54 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ нареди на својата влада да го заклучи договорот за вклучување на силите на Јужна Осетија во руската воена команда.

Јужна Осетија прогласи независност од Грузија, но меѓународната заедница не го признава регионот за самостојна држава. Од друга страна, иако Москва неколку години го контролира овој грузиски регион, сепак го третира како самостојна држава, а не како дел од Русија.

Во соопштението, исто така, се вели дека сега војниците од Јужна Осетија можат да служат како руски војници.

Грузиските власти засега не ја коментираат ваквата одлука на Путин.

По распадот на Советскиот Сојуз, Јужна Осетија прогласи независност од Грузија во војна во која загинаа околу 2.000 лица, во периодот 1991 – 1992 година.

Руските сили влегоа во Јужна Осетија во август 2008 година, под изговор за заштита на цивилите од грузиските сили.

Грузија, поддржана од САД и од ЕУ, смета дека руската воена интервенција била инвазија на територија на грузиската држава.


Курц предлага создавање центри за бегалци во Грузија или земјите од Западен Балкан


Берлин, 5 март, 2017 - 11:07 (META) 

Шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, се залага за создавање центри за бегалци надвор од територијата на Европската Унија, што заедно ќе работат со Високиот комесаријат за бегалци на ОН, пишува германскиот весник „Билд“.

– Потребни ни се центри за бегалци надвор од територијата на ЕУ, што заедно ќе работат со Високиот комесаријат за бегалци на ОН. Нема толку фундаментално значење каде тие конкретно ќе бидат распоредени. Важно е да ја обезбедуваат заштитата и луѓето кои нелегално се обидуваат да влезат во Европа да можат да бидат пратени таму – вели Курц во интервјуто и додава дека центрите може да се формираат во земји како Грузија, Египет или во западнобалканските држави.

Австрискиот дипломат повторно изјави дека се затвори средоземноморската маршрута за нелегалните мигранти, по која во Европа пристигнуваат најмногу мигранти.


Украина и Грузија се приближуваат кон визна либерализација со ЕУ


Брисел, 15 декември, 2016 - 15:21 (META) 

Европскиот парламент гласаше за механизам кој ќе им овозможи суспендирање на визите за граѓаните на Украина и на Грузија под одредени услови.

Членките на ЕУ и на Европскиот парламент претходно дале зелено светло за слободно движење на граѓаните на овие две земји.

Но, доколку правилата за слободно движење се прекршат, секој членка од Унијата и на Европскиот парламент може да ја укине визната либерализација.

Визите би можеле привремено да бидат воведени доколку граѓаните на Украина и на Грузија илегално престојуваат во ЕУ или бидат закана за безбедноста.

Исто така, можат да бидат воведени доколку бројот на лицата што барааат азил се зголеми или поради не соработување при прифаќањето мигранти.

Украина и Грузија сакаат поголема интеграција со Западот. Двете поранешни републики на Советскиот Сојуз се соочија со воена агресија од Русија, како и со настојувањето на Москва да го засили своето влијание.


Пет лица уапсени при обид да продадат радиоактивен ураниум


Грозни, 28 април, 2016 - 16:21 (META) 

Грузиските безбедносни сили уапсиле пет лица кои се обидувале да продадат изотопи на радиоактивен ураниум по цена од три милиони долари.

Како што јавуваат светските медиуми, уапсените се обиделе незаконски да продадат ураниум-238 и ураниум-235.

Според податоците на грузиските власти, петте лица се обиделе да продадат вкупно 1.665 килограми радиоактивни супстанци.


ЕУ подготвува условена визна либерализација за Турција, Косово, Украина и за Грузија


Берлин, 19 април, 2016 - 10:51 (META) 

Процесот за визна либерализација за граѓаните на Турција, Грузија, Косово и на Украина ќе биде условен и поинаков во однос на досегашната практика, пишува германскиот весник „Велт“, повикувајќи се на анонимни дипломатски извори од Европската Унија (ЕУ).

Дипломат кој инсистирал на анонимност за весникот изјавил дека ЕУ ќе прифати посебен договор со Турција, кој потоа би бил применет и во случаите на Грузија, Украина и на Косово.

Според овој план, договорот би содржел клаузула за негова суспензија која автоматски би се активирала доколку државата која ќе го потпише договорот со ЕУ не се придржува до неговите одредби, пишува весникот.

Во случајот со Турција, автоматската суспензија би се активирала доколку земјата не ги прими бегалциите од Грција.

За Украина тоа би се случило ако не се придржува до договорите постигнати со Русија, а за Косово и за Грузија суспензијата ќе се активира ако од овие држави има баратели на азил во земјите од ЕУ.

Планот сè уште не е усвоен од ЕУ, но како што пишува весникот, тој има силна поддршка од Германија и од Франција и се очекува да биде ставен на маса неделава.


Одземено државјанството на поранешниот грузиски претседател


Тбилиси, 4 декември, 2015 - 15:06 (META) 

Грузискиот претседател Георги Маргелашили потпиша декрет за одземање на државјанството на својот претходник, Михаил Сакашвили.

Декретот е потпишан во согласност со законот за државјанство на Грузија, бидејќи Сакашвили примил државјанство од друга држава, односно од Украина.

Сакашвили беше претседател на Грузија во два мандати, од јануари 2004 година до ноември 2013 година. Од мај годинава е гувернер на Одеса.

Партија на Сакашвили, Обединето национално движење, ја осуди одлуката на претседателот, истакнувајќи дека е донесена за да се оневозможи учество на парламентарните избори закажани за следната година.


Истрага за можни воени злосторства за време на војната меѓу Русија и Грузија


Хаг, 8 октомври, 2015 - 16:48 (META) 

Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд (МКС) планира да покрене истрага за можни злосторства извршени за време на судирите меѓу Русија и Грузија.

Обвинителот Фату Бенсуда изјави дека постојат „основани сомневања“ за злосторства што се случиле за време на војната за отцепување на грузискиот регион Јужна Осетија.

Русија не ги признава одлуките а овој суд.