Заев: Парите од концесионерот „ТАВ“ ќе бидат вложени во значајни проекти


Анкара, 12 февруари, 2018 - 9:48 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во рамките на неговата дводневна посета на Турција, утрово се сретна со претставници на групацијата „ТАВ“, при шти биле утврдени приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра од концесионерот на аеродромот во Скопје.

Парите, соопштуваат од Владата, ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните.

– Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани – рече Заев.

Премиерот денеска ќе се сретне со државниот врв на Турција, со премиерот Бинали Јилдирим и претседателот Реџеп Таип Ердоган.


Грчкото електростопанство ја купува ЕДС на вицепремиерот Анѓушев


Скопје, 11 јануари, 2018 - 15:48 (META) 

Грчката национална компанија за производство на струја, „Паблик пауер корпорејшн“ ППЦ (Public Power Corporation) ја почнала постапката за купување на компанијата „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) на вицепремиерот Кочо Анѓушев, информираат од компанијата.

Од таму се додава дека, постапката за целосно купување на групацијата ЕДС со сите нејзини подружници на Балканот, ќе се реализира откако одобрение за тоа ќе издаде македонската Комисија за заштита на конкуренција.

ЕДС преку своите подружници работи во Словачка, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Грција и Бугарија.

Со купувањето на еден од најголемите балкански трговци со струја, ППЦ ќе влезе и во бизнисот со трговија со струја и ќе го прошири своето портфолио.

„ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е сопственик и на „Хедно“, која ја врши дистрибуцијата на струјата до потрошувачите во Грција, како и на ППЦ Обновливи извори  – една од компаниите пионери во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори“, се вели во соопштението.

 

 


Дополнителни 450 милиони евра за иновативните претпријатија од ЕИФ


Скопје, 10 август, 2017 - 12:43 (META) 

Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) и „Прокредит групацијата“ обезбедуваат дополнителни 450 милиони евра за иновативни мали и средни компании, што вкупно изнесува 820 милиони евра пласман во кредити за бизнисите во 11 земји.

Финансирањето обезбедено од ЕИФ е пласирано преку банките „Прокредит“ во Европа (Германија, Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Молдова, Украина и Грузија) и е наменто за компании кои инвестираат во нови технологии и производи.

Овие договори беа потпишани во согласност со иницијативата „Инов фин“ (InnovFin), која им овозможува на банките да пласираат кредити за иновативни компании со гарантна шема обезбедена преку Европскиот инвестициски фонд.

„Европската комисија верува дека малите бизниси придонесуваат за развој на нови вработувања и за пораст во Европа. Со олеснување на пристапот до финансии, кој на претпријатијата ќе им овозможи нови инвестиции, проширување на бизнисот и креирање нови работни места, Европска Унија активно ги поддржува малите и средни компании во Европа“, изјави потпретседателот на Европската комисија, одговорен за вработување, пораст, инвестиции и конкурентност, Јирки Катајнен.

Од банката „Прокредит“ за „Мета“ изјавија дека за неколку дена ќе се знае колку од овие средства ќе бидат наменети за Македонија.


НЛБ Тутунска банка се преименува во НЛБ Банка


Скопје, 19 мај, 2016 - 9:58 (META) 

НЛБ Тутунска банка го смени официјалниот назив во НЛБ Банка, согласно Oдлуката за промена на назив усвоена од Годишното собрание на акционери на банката на 10 мај.

Промената на називот е во согласност со насоките на матичната банка од Словенија, чија цел е унифицирање и јакнење на брендот и поголема присутност на НЛБ Групацијата.

НЛБ Тутунска банка е основана во 1985 година како интерна банка на тутунската индустрија во Македонија. На 27 мај 1993 година банката се трансформира во акционерско друштво и е регистрирана како универзална комерцијална банка.

Во 2000 година Тутунска банка АД Скопје склучи стратешко партнерство со НЛБ д.д и од 2006 година банката работи под брендот НЛБ.


„Искрател“ отвори развоен центар, инвестицијата е околу 1 милион евра


Скопје, 9 октомври, 2015 - 16:00 (META) 

Словенечката групација „Искрател“ отвори регионален развоен центар во Македонија.

Инвестицијата изнесува околу 1 милион евра, а за почеток ќе бидат отворени 100 нови работни места за млади од областа на телекомуникациските и на информатичките технологии.

„Искрател“ на пазарот опстојува повеќе од 60 години и е присутна во 50 земји.