Ќе се зголемуваат платите во основното и средното образование


Скопје, 30 август, 2018 - 10:15 (META) 

Владата на вчерашната седница донесе одлука за зголемување на платите на вработените во основно и во средно образование за 5%, почнувајќи од исплатата на септемвриската плата годинава.

На покачувањето ќе му претходно потпишување договор меѓу Министерството за образование и наука и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Со овој документ ќе се утврди најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта, која ќе изнесува 12.714 денари, а најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во средните училишта ќе изнесува 13.117 денари.

Исто така, донесена е одлука и да продолжи стипендирањето средношколоци во учебната 2018/2019 година. Според оваа одлука, 100 талентирани ученици и 80 талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија во висина од 2. 970 денари. Сто ученици со посебни потреби и 50 ученици – деца без родители ќе добијат стипендија од 2.750 денар, а 400 ученици ќе добијат стипендија за социјална поддршка од 2.200 денари.

Стипендии се предвидени и за средношколци од ромска националност.

На 85-тата седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата вчера прифатила да се дава дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка.


Исплатени 104,7 милиони денари субвенции за грозје


Скопје, 24 април, 2018 - 10:52 (META) 

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 104,7 милиони денари субвенции за грозје, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Исплатата е за дополнителната субвенција од два денари за килограм грозје предадено во домашни винарски визби. Мерката беше донесена лани со измени на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2017, со цел да им се помогне на лозарите, поради лошите временски услови кои негативно влијаеја врз родот“, информираат од МЗШВ.

Во соопштението се додава дека „со цел навремено извршување на сите агротехнички мерки, пред почетокот на годинешната производствена сезона, на лозарите им се исплатија субвенциите за одржување на лозовите насади или вкупно над 608 милиони денари.“

„Исплатата на субвенциите за преостанатите мерки за 2017 се одвива континуирано со цел да се запази законскиот рок за комплетно расчистување на 2017 година, односно 30 јуни“, додаваат од МЗШВ.


Николовски: Деновиве ќе биде исплатена дополнителната субвенција за лозарството


Скопје, 16 април, 2018 - 16:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешниот состанок со винарските визби, на кој учествуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, порача дека лани се исплатени сите обврски и субвенции за лозарите и винарските визби, а наскоро треба да стартува и исплатата на дополнителната субвенција од по два денари.

– Лани се исплатија сите заостанати обврски и кон лозарите и кон винарските визби. Оваа година сме насочени кон навремена исплата кон лозарите и кон визбите, тогаш кога им се потребни. Овие денови ќе биде исплатена и дополнителната поддршка од 2 денари од минатата година, и тоа се уште 140 милиони денари плус субвенции за лозарите – рече министерот Николовски.

Тој нагласи дека пред почетокот на новата производствена реколта, се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување на лозови насади за лозарите и за винарниците кои имаат сопствени насади.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за оние кои имаат од 1 до 10 хектари , односно наместо 40.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, а дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар ќе добијат оние кои ќе извршат реконструкција на лозовите насади, за промена на асортиментот, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста. Дополнително, 30 отсто повисока субвенција ќе добијат оние земјоделци ќе преминат во попрофитабилна гранка, на пример од полјоделство во лозарство, овоштарство и градинарство.


Николовски: Ќе се зголемат субвенциите за лозарите кои имаат насади до 10 хектари


Кавадарци, 14 февруари, 2018 - 16:50 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на одбележувањето на денешниот празник на лозарите и винарите, ги информираше лозарите за новите мерки во програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Оваа година со програмата предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат  лозови насади до 10 хектари. Нашата интенција како политика ќе биде, да ги стимулираме лозарите да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои што навистина може да го донесат развојот – рече Николовски.

Премиерот Зоран Заев кој исто така денеска беше во Кавадарци, изјави дека Владата почнала разговори со винарниците и откупувачите, за да може да се обезбеди поповолна цена за производителите.

– Убеден сум дека со новите мерки што ги прави Владата, посебно за стимулирање на нови насади, отварањето на нови пласмани и со освојувањето нови пазари, цените на грозјето ќе растат – рече Заев.


Николовски во Кавадарци вети дополнителни субвенции за лозарите


Кавадарци, 9 септември, 2017 - 19:59 (META) 

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска соопшти дека на првата наредна седница Владата ќе донесе одлука за дополнителни директни плаќања за произведено и предадено грозје во домашните винарски визби.

Тој беше во Кавадарци на традиционалната манифестација во чест на грозјето и виното „Тиквешки гроздобер“.

– Висината на субвенцијата ќе биде определена на самата седница на Влада. Со оваа мерка ќе бидат опфатени сите земјоделски стопанства што до 15 септември пријавуваат површини за лозје и кои произведеното и предадено грозје ќе го дадат во домашните винарски визби – рече Николовски.

Како што рече, според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 5 септември откупени се околу 16 милиони килограми грозје, од кои најголемиот дел се од сортите вранец и смедеревка.

– Би сакал да им порачам на лозарите дека грозјето од годинешната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби и прописи. Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакнува контролите на откупните пунктови на грозје за да нема манипулации со откупните цени – рече министерот за земјоделство.

Порача дека уште во првите 100 дена на новата влада се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за 10 отсто по хектар, како и дека за одржување на површини со лозови насади по Програмата за 2016 година се исплатени 8,7 милиони евра, а за вкупно 13 винарски визби за откупено грозје се исплатени субвенции од 700.000 евра.


Лозарите ќе блокираат патишта поради неисплата на грозјето


Велес, 13 јули, 2016 - 12:50 (META) 

Лозарите од Неготино и од Кавадарци ќе ги блокираат регионалните патишта в понеделник поради неисплата на нивниот род од визбата „Повардарие“, пишува порталот „Дума“.

Тие побарале помош од надлежните институции, бидејќи се загрозувал откупот на грозјето од идната реколта, но и нивната егзистенција.

Лозарите додаваат дека се наближува нова берба, а сè уште има лозари кои не можат да си го наплатат старото грозје од винарниците.

За да го свртат вниманието на јавноста и на институциите, најавуваат масовни блокади.


Производството на грозје лани поголемо за 65,8 отсто во однос на 2014 година


Скопје, 28 март, 2016 - 13:02 (META) 

Земјоделските површини лани во споредба со 2014 година се зголемени за 0,1 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Кај обработливата површина зголемување е забележано кај ораниците и бавчите за 0,4 отсто, кај овоштарниците за 3,6 отсто и кај лозјата за 0,8 отсто. Намалување е забележано кај ливадите за 0,8 отсто и пасиштата за 0,1 отсто.

Лани во споредба со 2014 година, поголемо зголемување на производството се забележува кај доматите за 8 отсто, пиперките за 7,7 отсто и краставиците за 38,3 отсто, а поголемо намалување се забележува кај житата, тутунот, сончогледот, компирот и луцерката.

Производството на овошје во 2015, во споредба со претходната година, бележи зголемување кај сите видови овошје, освен кај црешите.

Производството на грозје лани во споредба со 2014, бележи зголемување за 65,8 отсто.


Ѓорѓиев: Ниска е откупната цена на грозјето


Кавадарци, 30 септември, 2015 - 16:10 (META) 

Претседателот на општинската организација на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев, вели дека во екот на прибирањето на годинешната реколта, лозарите минуваат низ тешка есен.

– Најквалитетното грозје, кратошијата, ни го земаат и по осум денари за еден килограм. Тоа се пет денари помалку од загарантираната цена. Ова го прават со кражба при процената. Бидејќи исплатата оди по шеќерни единици, со наштимани ваги, небаждарени широмери, го спуштаат квалитетот на грозјето. Дури и да успее некој да се договори да ја добие загарантираната цена, таа противзаконски се намалува за исплата веднаш. Од 13 на 12 денари за кратошијата, од 11 на 10 денари за смедеревката – вели Ѓорѓиев во соопштението испратено до медиумите.

Тој додава дека Владата тврди дека ќе го казни тој што ќе ја намали откупната цена, но дека „тоа е лага“ и „напротив, тоа се дозволува“.

– Има лозари на кои сè уште не им е исплатено предаденото грозје од мминатата година. Според законот, рокот за исплата е најдоцна за шест месеци. И ова си поминува пред очите на Груевски и на власта. Сè уште не се исплатени и субвенции за минатата година, а еве за три месеци завршува оваа година. Тие што земаат субвенции, не се вистински лозари. Тоа се, главно, соработници на власта, на кои им е дадено земјиште за обработка – посочува Ѓоргиев.

Најново, според него, е што лозарите се соочуваат со огромни глоби од неколку илјади евра.

– Незамисливо за еден лозар е да плати толкава глоба. Премиерот во заминување, Груевски, самиот рече дека тракторите ќе се регистрираат на секои пет години за да им се олесни на лозарите. Но, наместо тоа, испрати инспекции да ловат нерегистрирани трактори. Инспекторите тврдат дека работат по наредба, а ветувањето на Груевски следната година ќе се остварело. Ни претовар на грозјето не може да помине без стрес. И за ова, огромни се казнитe! За претовар од возило на камион, казната е повеќе од 3.000 евра – објаснува Ѓоргиев.