!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицијата ги испратила доказите за нападот на Стевчо Јакимовски во Обвинителството


Скопје, 18 октомври, 2017 - 15:29 (META) 

Три дена по нападот на лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој се случи во неделата вечерта пред штабот на партијата, МВР денеска соопшти дека случајот е обработен и дека доказните материјали се испратени во скопското обвинителство. Јакимовски по нападот рече дека бил нападнат од Сеад Рахиќ, брат на поранешниот пратеник и висок функционер на СДСМ, Есад Рахиќ, а според денешното соопштение од полицијата, посочениот Сеад и уште еден маж биле повикани во полициска станица на разговор и потоа случајот бил документиран.

Полицијата посочува дека интервенцијата на терен била поради нарушен јавен ред и мир.

„Во Полициската станица Карпош беа повикани лицата С.Р. (51) и Е.Ш. (36) од Скопје, со кои беше извршен разговор. По ова, настанот беше целосно расчистен и документиран и севкупниот доказен материјал со писмено известување е испратен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое во согласност со ЗКП треба да даде насоки за понатамошно постапување“, се вели во соопштението од МВР.


ВМРО-ДПМНЕ: Насилствата продолжија – тоа е животот што СДСМ го ветуваше


Скопје, 17 октомври, 2017 - 12:46 (META) 

„Напад со нож, запален автомобил, пукање со огнено оружје се случија за само 24 часа по завршување на изборниот ден. Ова е животот што го ветуваше СДСМ“, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска, во првото соопштение во последните 36 часа, откако претходно партијата беше во молк по говорот на нејзиниот претседател Никола Груевски.

„Нападот со нож врз претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од страна на лица блиски до СДС е обид за политичко замолчување, кое не смее да остане неказнето. Надлежните институции треба веднаш да реагираат и да го расветлат целиот случај во најбрз можен рок. Запален е автомобил на симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ во Лисиче само неколку часа по завршувањето на изборите. Аздисаноста на криминалните структури блиски до СДС по изборите не запира, од медиумите видовме фотографии како двајца активисти на партијата се сликале со пиштоли пред штабот на партијата во Бутел. Според информациите објавени во медиумите, активистите на СДС во Бутел во неделата вечер пукале со пиштоли и создавале хаос низ Бутел“, се вели во соопштението од партијата.


Саздовски ја напушти ГРОМ, ќе биде независен пратеник


Скопје, 17 октомври, 2017 - 10:08 (META) 

Чедомир Саздовски од Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека ќе работи како независен пратеник.

Чедомир Саздовски и Панче Минов беа двајца пратеници на ГРОМ во Собранието, во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Минов е координатор на шестата од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, а Саздовски му беше заменик.

Саздовски беше член на СДСМ пред да му се приклучи на Јакимовски пред локалните избори во 2013 година, кога Јакимовски, кој исто така беше член на СДСМ, се кандидираше за градоначалник на Општина Карпош со помош на Српска напредна странка на Драгиша Милетиќ, а потоа ја формираше ГРОМ.


Јакимовски му ја честиташе победата на Богоев во Карпош


Скопје, 15 октомври, 2017 - 22:06 (META) 

Кандидатот за градоначалник на Карпош од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), која е дел од Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски, му ја честиташе победата на неговиот противкандидат Стефан Богоев, кандидат на СДСМ.

Јакимовски на прес-конференција изјави дека Богоев води убедливо.

– Јас му го честитам изборот за градоначалник. Очигледно е дека граѓаните на Карпош наместо резултати, избраа приказна. Ние ќе останеме присутни меѓу граѓаните на општината. Какви ќе бидат резултатите од изборот на новиот градоначалник на Карпош и дали граѓаните го направиле вистинскиот избор, ќе видиме по четири години – изјави Јакимовски.

Тој рече дека на денешното гласање во Карпош се случувале чудни нешта, односно дека според информациите што ги добил, на некои избирачки места недостигале избирачки ливчиња.


ГРОМ ќe поднесе кривична пријава против претседател на избирачки одбор


Скопје, 15 октомври, 2017 - 19:55 (META) 

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) соопшти дека ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против претседателот на избирачкиот одбор на изборното место 2645, Христина Јовановска, поради обид за спроведување т.н. бугарски воз.

„Денешниот изборен ден во општина Карпош почна бурно и со неправилности. Околу 10.30 часот на изборното место број 2645 забележан е обид на таканаречен бугарски воз, каде што набљудувачите веднаш реагирале и истото место е затворено“, велат од партијата.

ГРОМ, исто така, го повика СДСМ да не го урива меѓународниот углед на Македонија со вакви изборни нерегуларности

„СДСМ да не се бламира со вакви испади и нерегуларности, бидејќи Карпош отсекогаш бил пример за фер и демократски избори. Со вакви изборни активности, СДСМ прави повеќекратна штета на меѓународниот углед на државата. Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да издаде налог за апсење на актерите за направените тешки прекршувања на Изборниот законик“, велат од ГРОМ.


ГРОМ: Потпишувањето на договорот за добрососедство ќе предизвика конфронтации


Скопје, 9 јули, 2017 - 17:29 (META) 

Потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов, на прес-конференција за медиумите рече дека Зоран Заев и СДС тврделе дека ќе има дебати за договорот за добрососедство со Бугарија иако веќе договорот бил готов.

– За три недели е Илинден. Нема ни „Д“ од дебата, но затоа Бојко Борисов се однесува одговорно кон својата нација. Тој уште на 5 јули го доставил договорот до комисијата за надворешни работи во бугарскиот парламент – вели Пренџов.

Според него, тоа значи дека договорот е готов, штом пратениците во бугарскиот парламент веќе го разгледуваат.

– Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, вчера во својата изјава јасно кажа дека преговорите со Република Македонија за склучување на договорот се водат интензивно од 2008 година, при што, до овој момент имало 11 експертски средби. Борисов исто така истакна, дека која било бугарска влада да преговара со Македонија, тие од своите ставови не отстапуваат – додава потпретседателот Пренџов.

Граѓанската опција за Македонија се запрашува, со кое право Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев ќе прават отстапки откако ги изгубиле парламентарните избори.

– Вакви договори, кои задираат во темелите на македонското национално постоење, далеку од очите на јавноста, не може да ги потпишува партија и премиер кои ги изгубиле парламентарните избори. ГРОМ предупредува дека потпишувањето на ваков важен договор, набрзина, сред лето за време на годишни одмори од страна на „сезнајкото“ Заев, без широк научен и политички консензус, ќе предизвика дополнителни конфронтации во и онака зовриената политичка сцена во Македонија. Одговорноста за нестабилноста во РМ ќе ја сноси Зоран Заев и неговите погрешни политики – додава Пренџов.


Јакимовски: Загадувањето во Карпош доаѓа од другите општини


Скопје, 12 февруари, 2017 - 11:47 (META) 

Загадувањето во општина Карпош претежно доаѓа од другите – соседни општини, каде што домаќинствата користат дрва, ќумур или друг начин на греење, вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.

„Загадувањето не е проблем на една општина во Скопје. Загадувањето е проблем од Шар Планина па се до Дервенската клисура. Значи мерки мора да се преземаат интегрално, а не дава резултат ако ние преземаме само парцијални мерки. Ако една општина недоволно презема мерки тоа си има влијание врз атмосферата во друга општина…Како што покажуваат анализите, сериозни загадувачи претставуваат домаќинствата, особено во зимскиот период. Но, морам да кажам дека тие загадувања се многу помалку од Општина Карпош, многу повеќе доаѓаат од другите соседни општини каде што се користи дрва, ќумур и друг начин на греење…Може да замислите дека 19 отсто од загадувањето во Општина Карпош доаѓа од индустријата која ја нема. Ние имаме мали трговски единици, мали сервиси и претежно трговија…Морам да кажам и дека ПМ-честичките и она што значи градежна прашина претежно доаѓа од Цементарата во Генерал Јанковиќ, како и загадувањето од домаќинствата од другите општини“, вели Јакимовски во интервјуто.

Тој ги отфрла обвинувањата дека во Карпош се случува градежна експанзија на сметка на зелените површини и дека тоа е една од причините за загадувањето.

„Тоа воопшто не е точно. Во Општина Карпош за осум години вкупно се изградени 23 станбени згради од 4 до 10 ката. Во исто време во Општина Аеродром се изградени 130 згради“, вели Јакимовски.

Во врска со актуелните политички случувања, градоначалникот на Карпош вели дека доколку СДСМ формира влада, нема да биде испочитувана волјата на граѓаните и тоа ќе „предизвика сериозни проблеми“, кризата нема да се реши, туку „дополнително ќе се продлабочи“.

Тој потврдува дека планира повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош на претстојните локални избори кои треба да се одржат во првата половина на мај, а дали тоа ќе биде во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ вели дека за тоа ќе одлучат органите на неговата партија – ГРОМ.


Од удари на громови во Индија загинаа 67 лица


Њу Делхи, 22 јуни, 2016 - 10:18 (META) 

Најмалку 67 лица загинаа од удари на гром во Индија во изминатите два дена, соопштија индиските власти.

Молњите и громовите се релативно вообичаени во Индија во монсунскиот период од годината, од јуни до октомври, но овие две недели бројот на жртвите е невообичаено висок.

За време на ноќната бура во источната држава Бихар, загинаа најмалку 47 лица, а повредени се уште 22, поголемиот дел во руралните предели.

Во соседната држава Утар Прадеш во изминатите два дена загинаа 20 лица, соопштија локалните власти.

Во 2014 година во Индија од громови загинаа повеќе од 2.400 лица.


При удар на гром на концерт во Германија, повредени се осум лица


Франкфурт, 4 јуни, 2016 - 9:37 (META) 

Најмалку осум лица се повредни синоќа од удар на гром за време на концерт во рамки на рок-фестивалот „Рок ам ринг“, што се одржува на поранешниот аеродром во близина на германскиот град Мендиг, околу 100 километри западно од Франкфурт.

Како што јавија германските медиуми, по ударот на громот најмалку осум лица биле пренесени в болница со изгореници со различен степен. Еден од повредените бил подложен на реанимација од медицинските екипи уште на самото место на несреќата.

Според полицијата, на концерот присуствувале дестици илјади луѓе.

За вечерва е предвидено во рамки на фестивалот, концерт да одржи групата „Ред хот чили пеперс“.

 


ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ со заеднички листи за пратеници


Скопје, 11 мај, 2016 - 22:00 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ вечерва, најдоцна до полноќ, ќе поднесат заеднички листи за кандидати за пратеници до ДИК.

Ова било потврдено вечерва на централниот одбор на ГРОМ. Од ВМРО-ДПМНЕ ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата и велат дека на сите прашања ќе одговорат откако ќе ги достават листите до ДИК.

Се очекува на овие листи да се најдат имиња и на кандидати за пратенции од помалите партии, коалициони партнери на владејачката партија.

Досега до ДИК листи со кандидати за пратеници достави само Народното движење за Македонија (НДМ).

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека до полноќ ќе ги достават листите со кандидати за пратеници до ДИК.

ДУИ, СДСМ и ДПА нема да поднесат листи со кандидати со пратеници.