!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерство за култура: За Домот на културата во Охрид речиси ништо не е сработено


Скопје, 11 јули, 2017 - 14:39 (META) 

Министерството за култура денеска се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, кој обвини дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, се вели во реакцијата.

Министерството за култура информира дека ја анализира документацијата за проектот, по што ќе следува избор на проектант преку јавен тендер.


Изложба во Охрид за историјатот на украсувањето велигденски јајца во Русија


Охрид, 7 април, 2017 - 12:12 (META) 

Изложба насловена „Историјат на украсување и на бојадисување велигденски јајца во Русија од древноста до колекцијата ’Фаберже’“, денеска ќе биде отворена во НУБ „Григор Прличев“ во Охрид.

Изложбата е посветена на празникот Велигден, а посетителите ќе имаат можност да слушнат и предавање за историјата и за современите тенденци на уметноста на украсување јајца.

Исто така, публиката ќе може да учествува во работилницата за уметничко украсување велигденски јајца.


Поемата „Македонски стар и нов завет“, најдобра на конкурсот за наградата „Григор Прличев“


Охрид, 24 јануари, 2017 - 19:13 (META) 

Жири-комисијата ја избра поемата „Македонски стар и нов завет“ за најдобра на конкурсот за наградата „Григор Прличев“ за 2016 година.

Најдобрата поема беше одбрана од трите кои влегоа во најтесен круг, (од вкупно 12 пристигнати): „Слово горко непремолк“ под шифра „892000“, „Македонски стар и нов завет“ под шифра „Библија“ и „Армагедон“ под шифра „Кузман Капидан“.

„Текстот на поемата „Македонски стар и нов завет“ се издвојува со лирско-епското пеење поставено на повеќе нивоа, каде низ тонските созвучја одгласува простумот на татковината низ временските длабочини. „Македонски стар и нов завет“ е поема што во себе ја вплотува драматичноста на времето и драматиката на опстојбите низ долгата низа македонски векови. Протекот на дејството, кој надоаѓа од високите врвови на егзистенцијата на родот, понесува со својот полифоничен одглас на каскадниот порој низ спектарот на тонови и на бои со силна ерупција на метафори. Таа е една кратка, збиена историја на битот на татковината што во целата широчина ги отвора големината на просторот и длабочината на времето од кои пулсира живата енергија на настаните. Кохерентна градба на естетска хармонија низ лирско и епско созвучје“, стои во соопштението за јавноста на жири-комисијата за избор на најдобра поема на македонски јазик за 2017 година, чијшто претседател е поетот Трајче Кацаров.


Ликовнa изложба на уметници Роми од Унгарија


Охрид, 9 мај, 2016 - 10:09 (META) 

Денеска, со почеток од 14 часот, во ликовниот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, свечено ќе биде отворена изложба на ликовни уметници Роми од Унгарија.

Организатори на настанот се Општина Охрид и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија.

На изложбата ќе бидат поставени 28 слики од 19 ликовни уметници.

Најавено е на отворањето да присуствуваат и да се обратат Неждет Мустафа, министер без ресор во Владата на Република Македонија, Јозеф Бенце, унгарски амбасадор во Република Македонија, Никола Бакрачески, градоначалникот на Охрид, и Горан Стојаноски, директор на Центарот за култура.


Наградата „Григор Прличев“ за Глигор Стојковски


Охрид, 10 декември, 2015 - 13:56 (META) 

Наградата „Григор Прличев“ од конкурсот за најдобра поема за 2015 година ѝ припадна на поемата „Кирил 1830 – Кирил 2001“ што пристигна под шифра „Кирил“.

Организаторите објавија дека зад оваа шифра стои името на познатиот македонски публицист, поет и долгогодишен новинар, Глигор Стојковски.

НУ Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид ја доделува оваа награда во знак на сеќавање на ликот и на делото на познатиот преродбеник, македонскиот втор Хомер – Григор Ставрев Прличев.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на почетокот од наредниот месец на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид.

Стојковски досега напишал и објавил десетина поетски и неколку публицистички книги.

Глигор Стојковски (1952) бил новинар во „Нова Македонија“ и во „Утрински весник“, главен уредник на „Култура“, а сега е сопственик на издавачката куќа „Виг зеница“.


Поемата под шифра „Кирил“, најдобра на конкурсот „Григор Прличев“


Охрид, 26 ноември, 2015 - 14:22 (META) 

Поемата „Кирил 1830 – Кирил 2001“, испратена под шифра „Кирил“, ја доби наградата за најдобра поема за 2015 година на наградниот конкурс „Григор Прличев“, кој традиционално го организира Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Така одлучи жири-комисијата за доделување на наградата, во состав: Бранко Цветскоски, професор Илија Велев и професор Ангелина Бановиќ-Маркоска.

За наградата конкурирале 12 поеми, а членовите на жирито едногласно констатирале дека споменатиот ракопис го задоволува определеното стабилно ниво на поетска посветеност и ерудираност во откривање на можностите на јазикот и на поетиката на жанрот.

– Поемата под наслов „Кирил 1830 – Кирил 2001“ ја задоволува жанровската конфигурација на лирско епско пеење, кое покажува тенденција за тематско фабулирање на два настана од нашата историја: одлуката на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ за обнова на Лешочкиот манастир во 19 век и должност на владиката Кирил околу реконструкцијата на разурнатиот манастир во 2001 година – стои во образложението на одлуката од жири-комисијата.