Владата ќе предложи закон за забрана за греење на јаглен за домаќинствата


Скопје, 10 декември, 2018 - 11:31 (META) 

За да се намали загадувањето на воздухот во Македонија, ќе биде усвоен закон со кој ќе се спречи употребата на јаглен од домаќинствата, предупреди денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

– Ќе водиме кампања, ќе дадеме субвенции со еколошки ресурси, со зголемување на енергетската ефикасност. За промената на печките за јаглен и верувам дека и во Собранието ќе имаме консензус дека со закон ќе се сопре употребата на јаглен за греење – рече денеска Макрадули пред донаторската конференцијата каде што ќе биде презентирана двогодишната програма на македонската Влада за намалување на загадувањето на воздухот.


Домаќинствата се виновни за 90 отсто од вкупните емисии на ПМ честички


Скопје, 20 ноември, 2018 - 15:45 (META) 

Загревањето на домаќинствата придонесува со најголема количина на ПМ емисии односно дури 90 отсто доаѓаат од овој сектор, а само 10 отсто доаѓаат од транспортот. Кај емисиите на нитроген оксид (NOx) главен виновник е транспортниот сектор кој учествува со 60 отсто од емисиите. Ова го покажуваат студиите на истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ кој ги презентираше Александар Дединец на денешната дебата во Град Скопје за загадувањето на воздухот.

– Најбрза мерка која што може да се реализира во однос на загревањето е приклучувањето кон топлификацискиот систем за греење. Потоа субвенции за промена на начинот на греење односно замена на начинот со печки на пелети и топлотни пумпи односно инвертори. Изолација на домовите е мерка која што ја препорачуваме и може да ги намали потребите за греење а со тоа ќе го намали и локалното затоплување. Во поглед на транспортниот сектор има лепеза на мерки, најголемиот дел се однесуваат на промена на начинот на оданочувањето на возилата и воведување нова методологија која што ќе се базира на ЦО2 емисии, односно колку едно возило повеќе емитира толку повеќе ќе плаќа при увоз во државата и при регистрација. Конкретно за Град Скопје предвидуваме електрификација на Градот до 2025 година – вели Дединец.

Во однос на загадувањето предизвикано од големите индустриски капацитети, Дединец вели дека во следниот период ќе изработат посебна студија и ќе ги презентираат резултатите.

Според студиите на МАНУ, со примена на сите мерки во секторот загревање може да дојде до намалување на 93 отсто на ПМ емисиите, додека во транспортниот сектор би се намалиле за околу 20 отсто.

За загадувањето во Скопје, виновни сме сите, индивидуално и колективно и за тоа не може никој да биде амнестиран, вели Цветанка Икономова Мартиновска – раководител на секторот за заштита на животната средина во Град Скопје.

Таа потенцираше дека во буџетот за 2019 година на Град Скопје предвидени се 15 милиони денари за субвенционирање на граѓаните за набавување на печки на пелети.

Шефот на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумовски вели дека градската администрација во изминатата година преземала 25 мерки за намалување на загадувањето.

– Направивме обуки на 20 нови оџачари, за 30 отсто е зголемена бројката на подигнати возила од пајак службата, ослободени се четири километри тротоар за пешаците и велосипедистите, воведовме бесплатен јавен превоз во деновите со енормно загадување, во тек е постапката за набавување на 40 еколошки автобуси, субвенции има за велосипеди и електрични тротинети, редовно ги миеме улиците, воведовме систем за пријавување на огнови на отворено, дуплирани се казни од инспекторите, поставен е филтер на Дрисла и воведовме бесплатна автобуска линија за Водно – истакна Наумовски.

Пишува: Симона Атанасова


Макрадули: Со „Планот за чист воздух“ за 2 години аерозагадувањето ќе се намали до 50%


Скопје, 15 ноември, 2018 - 14:24 (META) 

Намалување на загадувањето на воздухот за 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови во следните две години, предвидува „Планот за чист воздух“ на Владата кој денеска го презентираше заменикот-министер за животна средина, Јани Макрадули, а започна да се применува од вчера.

За овој план во буџетот за 2019 година предвидени се 1,5 милиони евра почетни средства дополнителни на оние кои веќе постојат од 20 милиони евра во другите министерства.

– Ова е јасен план како да се намали загадувањето и предвидува справување со изворите за загадување од домашното затоплување, транспорт, индустрија, градежништво и отпад – рече Макрадули.

Планот предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 19 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.

Макрадули вели дека домашното затоплување е најголемиот загадувач на воздухот.

– После овој двегодишен план, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор, а ДДВ-то за испорачната топлинска енергија да се намали од 18 на 5 отсто за дополнително стимулирање за приклучување. 20.000 домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20.000 домаќинства ќе користат инвертор клима уреди, а 2.000 домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на живеење. После две години ниедно домаќинство нема да се грее на јаглен и нафта. Државата ќе биде пример и првите активности ќе ги започнеме со замена на нееколошките извори на затоплување во јавните институции во градинките, училиштата и здравствените домови– наведе Макрадули.

Во делот на транспортот, ќе се воведе посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко односно контролиран сообраќај во централното градско подрачје со претходно овозможени алтернативни решенија.

Во индустријата ќе се носи закон за индустриски емисии каде што се дефинираат построги правила во одобрувањето на интегрираните еколошки дозволи и ќе има потранспарентен мониторинг, а до тогаш ќе се зајакнат контролите.

-Во декември ќе ги започнеме преговорите за заокружување на оперативниот план за активностите за добивање на А интегрирана дозвола за РЕК Битола – информираше заменик министерот.

Во градежништвото ќе има засилени контроли во градењето и просторот за градење, миење на возила и покривање на товар. Обврска ќе биде да се контролира градежниот шут и другиот отпад на објектот што се гради.

-Апелирам и замолувам, за заедничка акција и за заедничка иднина. Верувам дека се уште не доцна да се делува. Длабоко сум убеден дека ова не е невозможна мисија бидејќи имаме јасен план што треба да се направи – додаде Макрадули.


Мерките против загадувањето на воздухот треба да почнат од домаќинствата


Скопје, 3 ноември, 2018 - 8:54 (META) 

Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата, оцени академик Глигор Каневче на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

– Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата, пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото – предложи Каневче.

Проблемот не е во законите, смета академик Таки Фити, туку во нивната имплементација

– Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око – нагласи Фити.

Тоа, според него, им овозможува на компаниите да ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина.

– Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже стоп – вели академик Фити.

Домаќинствата, односно греењето на дрва, и индустријата, особено производството на електрична и топлинска енергија, се најголеми загадувачи на воздухот по речиси сите параметри, што е документирано во десетици извештаи.

На пример, во последниот вкупен годишен извештај за состојбата на животната средина, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, стои:

„Согорувањето на дрва за затоплување во домаќинствата е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44 отсто до 63 отсто (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65 отсто“, стои во извештајот.

„Мета“ објави неколку стории и инфографици за стапката на смртност како резултат од загадувањето на воздухот, количеството на загаден воздух и за нецелосното функционирање на мерните станици.

Пишува: Игор К. Илиевски


Поради снежното невреме и студот во САД, починаа најмалку 17 лица


Њујорк, 5 јануари, 2018 - 13:15 (META) 

Најмалку 17 лица починаа од студ, предизвикан од снежното невреме и поларни температури кои зафатија најголем дел од Соединетите Американски Држави. Сите летови од Њујорк и од Њу Џерсу се откажани поради силниот ветер и снежната бура која се најавува. Во Њујорк се очекува да наврнат од 15 до 20 сантиметри снег.

Таканаречената метеоролошка „циклон бомба“ е проследена со силен ветер и обилен снег, денеска го погоди североистокот на САД, поради што се затворени училиштата и државните институции. Покрај обилните врнежи од снег, до крајот на неделата се очекува и голем пад на температурите.

Утрово, околу 65.000 домаќинства и компании останаа без струја, а се очекува дека бројката ќе се зголемува. Вонредна состојба е прогласена и во Флорида, каде што снег заврна по 28 години.


Владата уверува дека следната година исклучените нема да плаќаат паушал за парно


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:40 (META) 

Владата на Република Македонија денеска порача дека домаќинствата кои се исклучени од централното греење во град Скопје, во наредната година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот кој во моментов го плаќаат.

„Проблемот со кој се соочуваат граѓаните, владата предвиде да го реши во рамките на новиот предлог Закон за енергетика. Имено во подзаконските акти на Законот за енергетика кој ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација“, се вели во соопштението од Владата.


Инсталирање на калориметри ќе биде задолжително за новите згради


Скопје, 20 декември, 2017 - 17:18 (META) 

Задолжителното инсталирање на мерни уреди (калориметри) на парно-греењето е предвидено за секој нов објект за кој е започната постапка за одобрение за градење, информираат од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Во соопштението се додава дека, ова ќе важи откако новиот закон за енергетика ќе стапи во сила.

За објектите кои веќе се приклучени на дистрибутивната мрежа, поставувањето на мерни уреди не е задолжително.

„Тоа е оставено на избор на самите потрошувачи и со самото тоа, ќе нема никакви наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници“, се вели во соопштението.


Макрадули: До 2020 година ќе биде забрането греењето со јаглен


Бон, 18 ноември, 2017 - 12:08 (META) 

Греењето на јаглен во Македонија до 2020 година ќе биде забрането, истакна заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој учествуваше на Светската климатска конференција во Бон.

Тој додаде дека оваа мерка е дел од македонските заложби за заштита на животната средина и од борбата со климатските промени кои се предизвикани од огромната емисија на јаглеродни гасови во атмосферата, со што драстично се зголемува температурата на планетата.

– Две третини од загадувањето во Скопје е резултат на затоплувањето на домовите и на користењето несоодветни материјали и затоа тоа е приоритетен проблем на Владата – вели Макрадули.

Некои податоци, како што соопшти, покажуваат дека дури 100 семејства на територијата на општина Центар во Скопје се греат на јаглен, а многу од домовите се затоплуваат со неквалитетни дрва, но и со друг штетен материјал.

Макрадули вели дека загадувањето може да се реши само со интегриран пристап и со активности во сите области паралелено и со мерки на долг рок, но кои треба да почнат да се реализираат веднаш.


Фондот за иновации распишува повик за проекти што ќе го намалуваат загадувањето


Скопје, 3 ноември, 2017 - 13:27 (META) 

Фондот за иновации и за технолошки развој денеска објави јавен повик „О2 предизвик“, преку кој ќе финансира иновативен пилот-производ, услуга, процес или методологија со кои ќе може да се продонесе во намалување на загадувањето на воздухот.

За повикот се одвоени шест милиони денари и е отворен до 30 месецов. Треба да бидат доставени решенија од областите: користење енергија на греење, транспорт и мобилност и градежништво и урбани алтернативи. Може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија, со чие вклучување Фондот сака да го прошири опфатот на корисници на средства за иновации и каде смета дека има неискористени потенцијали.

– Решенијата може да се однесуваат на промена на навиките и практиките за греење, нови технологии за следење и предвидување на состојбата со проблемот, промена на сообраќајните навики, поттикнување на намалување користење автомобили. Едно од решенијата може да биде поттикнување изработка на зелени покриви – рече на прес-конференција, директорот на Фондот за иновации и технолошкиот развој, Јован Деспотовски.

Фондот ќе финансираа 90 проценти на проектот, а другите 10 проценти ги покрива апликантот. Согласно буџетите кои ќе ги понудат апликантите, ќе се одлучи дали ќе се финанисира едно или повеќе решенија.


МОН информираше дека ДСЦ „Скопје“ има долг од 4,5 милиони евра


Скопје, 16 јуни, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за образование и наука информираше дека Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, има долгови од 4,5 милиони евра.

Од нив, за комунални услуги, греење, комуникации и транспорт долгот е 1,6 милиони евра.

„Доколку раководството на ДСЦ „Скопје“ навреме ги намируваше долговите и обврските, немаше да се доведат студентите кои се сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“, но и во другите студентски домови да ги подготвуваат испитите во темница и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“, соопшти Министерството за образование.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ синоќа остана без струја поради неплатени сметки, по што студентите реагираа до Министерството за образование и наука и до Владата.

Од МОН информираа дека со „ЕВН Македонија“ договориле исплатата на долгот да биде на рати.