Во Атина не се сигурни: Μακεδονία του Ίλιντεν или Δημοκρατία της Ίλιντεν Μακεδονίας


Атина, 18 мај, 2018 - 12:36 (META) 

Грчките медиуми ги преземаат информациите од македонските портали околу новиот предлог за името.

Во грчка транскрипција и превод, првичните верзии се „Македониа ту Илинден“ (Μακεδονία του Ίλιντεν – Илинденска Македонија) или „Димократиа тис Илинден Македониас“ (Δημοκρατία της Ίλιντεν Μακεδονίας – Република Илинденска Македонија).

Информациите се главно околу историјатот на терминот и засега нема коментари колку тоа се вклопува во грчките црвени линии или дали е прифатливо за грчката страна.

Извори од владата само повторуваат дека „Ерга омнес и уставни промени се неопходни за да има договор“, како и дека премиерот Алексис Ципрас утре и в недела ќе ги информираа политичките партиии и претседателот на државата за резултатите од средбите во Софија.


Грчките медиуми ја обвинија турската новинска агенција за пропаганда


Атина, 7 март, 2018 - 17:19 (META) 

Напис објавен од турската новинска агенција „Анадолија“ ги зовре денеска грчките медиуми, кои обвинуваат за „скопска невладина пропаганда за геноцид врз Македонците во Грција пласирана од турската агенција“.

„Анадолија“ денеска објави текст „Македонските невладини организации ја обвинуваат Грција за геноцид” потпишан од Бајрам Алтуг од Женева, Швајцарија, во кој пишува дека група макeдонски невладини организации, во знак на протест против преговорите околу спорот со името помеѓу Македонија и Грција, упатиле барање до грчката влада да се извини поради геноцид, военото злосторство и злосторството против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во земјата.

Агенцијата вели дека тоа стои во заедничкото соопштение на женевските претставништа на Македонско меѓународно движење за човекови права, Обединета македонска диаспора, Светскиот македонски конгрес, како и Македонската координативна мрежа.

„Македонскиот народ веќе не може да ја поднесе неправдата пред се на Грција, Обединетите нации (ОН), Европската унија (ЕУ), и на НАТО“, се вели во заедничкото соопштение за „Анадолија“.

Грчките медиуми, го пренесуваат текстот со наслови, како „Скопска невладина пропаганда преку турска новинска агенција“ на „Катимерини“, „Неверојатна провокација: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за геноцид врз „Македонците“ на „Елефтерос типос“ и „Неверојатно: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за … геноцид врз „Македонците“ на „ИЕфимерида“.

На веб-страницата на Македонското меѓународно движење за човекови права не е објавено барањето од невладините, туку само врска до написот на „Анадолија“ на англиски јазик. Во Фејсбук-групата Светски македонски конгрес, чиј администратор е Тодор Петров, нема објавено такво соопштение. На веб-страницата на Обединета македонска дијаспора исто така не е објавен таков проглас.

Во текстот на „Анадолија“ се вели оти во соопштението се наведува дека „македонскиот народ е принуден да преговора за името, етничкиот идентитет, националниот идентитет, јазикот и историјата во замена за членство во ЕУ и НАТО, и се тврди дека за прв пат во историјата на човештвото се соочува со таков случај“.

„За запирање на овој културен геноцид, Македонците ширум светот кои ги застапуваат милиони лица во Македонија, се обединети во насока на иста цел. Тие бараат поддршка од сите народи во светот за спречување на овој криминал. Со спорот со името измислен од страна на грчката влада, постои цел да се продолжи и да стане интернационална стогодишната политика на одбивање на етничкиот идентитет на македонското малцинство во земјата. Соочувајќи се со минатото најмалку еднаш, грчката влада треба официјално да признае и да побара извинување за геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во Грција “, се наведува во соопштението пренесено од „Анадолија“.


„Етнос“: Продолжување на политичката криза во Македонија


Атина, 13 декември, 2016 - 12:29 (META) 

Изборите во Македонија донесоа продолжување на политичката криза, коментира грчкиот весник „Етнос“. Во анализа на изборните резултати и постизборните случувања, весникот коментира дека Македонија е пример каде безизлезните ситуации и проблемите се продолжуваат преку избори, продолжувајќи и одолговлекувајќи ги со тоа и другите отворени прашања, како спорот за името.

„Во демократиите, генерално, може и да не постојат безизлезни ситуации. Меѓутоа во Поранешната југословенска република Македонија безизлезните ситуации постојат и се овековечуваат преку „безизлени“ изборни процедури, кои пак ја пролонгираат состојбата на безвластие заедно со сè негативно кое доаѓа со таквиот развој на настаните за одолговлекување на останатите отворени прашања и на прашањата што ја интересираат Грција, како спорот за името“, се вели во анализата на весникот.

Според „Етнос“, изборите не успеале целосно да ја изменат политичката сцена во државата, имајќи предвид дека нема јасен победник, односно дека двете водечки партии се речиси изедначени и оти албанска партија ќе биде клучна при формирањето влада.

„Можностите кои се отвораат се две: или ќе се формира нестабилна коалициска влада со моќ само на гранично парламентарно мнозинство, на самата граница со најмногу 61 или 62 пратеника или, пак, ќе се формира преодна влада на национално единство која повторно ќе ја одведе БЈРМ до предвремени избори“, пишува „Етнос“.

Оценката на весникот е дека постизборната клима ќе биде веројатно уште потоксична од предизборната. Дилемата, според „Етнос“, е дали Никола Груевски ќе се врати како премиер или, пак, ќе се остварат прогнозите дека Никола Попоски ќе дојде на негово место.


Грчкиот суд го прогласи за неуставен новиот закон за медиуми


Атина, 27 октомври, 2016 - 11:06 (META) 

Новиот закон за медиуми на грчката влада не помина на Уставен суд. Со 14 гласа „за“ и со 11 „против“, судот одлучи дека законот е неуставен бидејќи владата го заобиколила Националниот совет за радиодифузија во аукцијата во која се доделија само четири национални телевизиски концесии.

Аукцијата за национални концесии ја спроведе Генералниот секретаријат за медиуми, а не Советот за радиодифузија, кој според Уставниот суд е единствениот надлежен орган за регулација на работата на медиумите. Со одлуката на судот, целата аукција се смета за неважечка, а новата потенцијална процедура за доделување концесии за работа ќе мора да ја спроведе Советот за радиодифузија. Грчката влада, пак, ќе треба да ги врати парите што телевизиите ги платија за концесиите.

По судската одлука, работите ќе си останат по старо. Сите постојни телевизии, независно од тоа дали обезбедиле концесија, продолжуваат најнормално со работа. Бизнисмените Иван Савидис и Вангелис Маринакис, кои обезбедија концесија за работа, но немаат постоечки телевизии, со судската одлука губат секаква дозвола за емитување телевизиска програма.

Грчката влада остро го нападна Уставниот суд за одлуката, ставајќи го под знак прашалник неговиот кредибилитет со обвинување дека во минатото ги одобрил меморандумите за штедење и одлуката да се затвори грчката државна телевизија. Владиниот потпарол Олга Геровасили истакна дека со оваа одлука судот лишува 15.000 деца од ранливи групи од одење во градинки, спречува вработување на 4.000 нови медицински лица во државните болници и ја осиромашува државната каса за 250 милиони евра што ѝ се потребни на државата, за да им ги врати парите на богати бизнисмени.

Сепак, судската одлука не става крај на владините планови за регулација на медиумскиот простор. Геровасили најави дека од понделник пред парламентот ќе донесат нов закон за концесии, со кој секоја телевизија ќе мора да плати за концесија за користење на фреквенциите за работа.

„Одлуката на Уставниот суд ја враќа државата во претходниот неуставен систем. Ние нема да дозволиме тоа да се случи. Ништо нема да ја спречи волјата на владата да воведе ред, според принципи и правила на праведност, во нерегулираниот медиумски простор“, истакна Геровасили.

Опозициските партии ја коментираат судската одлука како пораз за грчката влада. ПАСОК и партијата Река бараат оставка од министерот Никос Папас, кој е одговорен за овој закон за медиуми, а Нова демократија бара владата да си даде оставка и да распише предвремени избори.