Имаме добар договор на масата, но некои играат игри, велат од грчка влада


Атина, 8 јуни, 2018 - 9:29 (META) 

Грчката Влада реагираше на соопштението на македонското МНР дека не треба да се брза со договорот за името, бидејќи квалитетот на решението е поважен од тоа во кој рок ќе се финализира процесот.

Според нив, постои добар договор, но велат дека „некои играат игри“.

– Имаме добар договор на масата, за кој, како што рече премиерот на ПЈРМ, мора да се затвори многу наскоро. За жал, некои инсистираат на играње игри- соопштил синоќа грчки владин функционер, пренесе „Независен“.


Има одлука од Патријаршијата за црквата на северниот сосед, вели грчката влада


Атина, 31 мај, 2018 - 9:44 (META) 

Нова демократија не треба да брза. До овој момент не постои никаков договор, велат од кабинетот на грчкиот премиер во одговор на прашањата од опозициската партија, пренесува МИА.

Од таму додаваат дека единствено што за сега постои е одлуката од Вселенската патријаршија во однос на името на македонската црква.

– Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија“ од името на црквата на нашите северни соседи – пишува во соопштението.

Во одговорот до Нова демократија кабинетот на Ципрас ги повторува позициите на грчката Влада во преговорите за името.

– Предуслов за решение и интеграција на ПЈРМ во НАТО и ЕУ е договор за сложено име со географска или временска одредница, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов е и уставна ревизија –  соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.

Од таму, и порачале на опозициската партија дека набргу, доколку постои договор, ќе сфати дека ќе треба долго време да бара некаков аргумент за да не го поддржи договорот.

Повикувајќи се на вчерашните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев на прес-конференцијата, Нова демократија побара од грчката Влада да одговори дали Ципрас веќе прифатил признавање на македонски јазик и македонски идентитет, дали се повлекол од националната позиција за ерга-омнес име и дали веќе се обврзал да дозволи интеграција на Македонија во НАТО, „без да бидат отстранети од Уставот сите неприфатливи иредентистички наводи“.


Нова демократија ја предупредува грчката влада да не го предаде преговарачкото оружје


Атина, 29 мај, 2018 - 14:50 (META) 

Владата да не даде однапред зелено светло за интеграција на Скопје во НАТО и ЕУ, а усогласувањето на договорот во иднина да биде на рати, ѝ порачуваат на грчката Влада од опозициската Нова демократија.

Портпаролката на партијата, Марија Спираки, коментирајќи ги последните натписи во грчките медиуми, според кои, предвидена е етапна имплементација на евентуалниот договор, вели дека „грчкиот премиер е подготвен за компромис“.

– Нова демократија ја предупредува владата да не се согласи однапред за било каков договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската Унија и зелено светло за членство во НАТО. Незамисливо е Грција однапред да го предаде преговарачкото оружје што го поседува и да очекува во иднина усогласување на рати од страна на нашата соседна земја – вели Спираки.


На протестот „Македонија е грчка“ учествувале 140.000 граѓани, дел се судрија со анархистите


Атина, 4 февруари, 2018 - 17:10 (META) 

Грчката полиција соопшти дека на протестот „Македонија е грчка“ во центарот на Атина, учествувале 140 илјади граѓани, кои од цела Грција дошле со 283 автобуси, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од околу 800 метри, анархистички и антифашистички организации одржале контра-протест, по што дошло до судири, а полицијата реагирала со солзавец.

На протестот говорел грчкиот композитор Микис Теодоракис, митрополити од Грчката православна црква и претставници на организаторите.

Теодоракис упатил остри критики до грчката влада, кажал дека Македонија е грчка и побарал референдум.

„Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум“, рече Теодоракис.

Куќата на грчкиот композитор била испрскана со црвена боја, пред тој да се појави на протестот.


Изјавите на Димитров не помагаат, вели портпаролот на грчката влада


Атина, 2 февруари, 2018 - 13:52 (META) 

Изјавите на Димитров не помагаат, изјавил портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос за грчката државна телевизија „ЕРТ“, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, пренесува МИА.

– Изјавите на господинот Димитров, за време на преговорите, не помагаат, бидејќи тој знае многу добро, а за овие теми разговараа и двајцата лидери господинот Заев и господинот Ципрас, дека постојат конкретни барања, политички барања за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор – изјави Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада изјавил дека во преговорите Атина смета дека постојат „три основни столба на грчките позиции“.

– Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме „ерга омнес“ односно сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна промена во уставот, за да може ова „ерга омнес“ да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со промени во уставот. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии – изјави Ѕанакопулос.

Инаку, Димитров на вчерашната прес-конференција рече дека „не може никој, па ни нашиот сосед Грција, да го сопре нашето право, правото на моите сограѓани да бидат Македонци и да зборуваат македонски јазик кој е од групата на словенските јазици.


Мицотакис не му даде поддршка на Ципрас за прашањето за името


Атина, 27 јануари, 2018 - 13:39 (META) 

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, по средбата со грчкиот премиер, Алексис Ципрас ја отфрли можноста да и даде поддршка на владата за формирање на поширок национален консензус за прашањето за името, јавува македонската државна новинска агенција МИА.

Мицотакис по средбата со Ципрас упатил критики за начинот на кој грчката влада управува со конкретното прашање. Тој изјавил дека биле направени отстапки без конкретни и неповратни добивки, а Ципрас, наместо да создаде силен национален фронт, на прво место ја ставил партијата.

– Начинот на кој се развиваат преговорите предизвикува сериозна загриженост. Многу сериозниот пропуст на господинот Ципрас, директно и јавно да го постави прашањето за промена на Уставот на соседната земја, како неопходен предуслов за да постојат какви било преговори, ја ослаби националната линија. Фрагментација на решението на поединечни прашања не може да биде прифатена, затоа што директно ги поткопува интересите на Грција – рекол Мицотакис.

Тој остро го критикувал Ципрас и затоа што пред да ги почне разговорите не ги информирал ниту политичките партии, ниту парламентот, ниту грчкиот народ.

– Прашањето со Скопје не е само едно прашање во надворешната политика. Се однесува на нашата национална свест, на нашата историја и на крај и на самиот идентитет на Грците. Го повторувам она што го кажав пред неколку дена – нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните – нагласил Мицотакис.

Во реакцијата на изјавата на лидерот на Нова демократија, од кабинетот на Ципрас навеле оти било очекувано дека „Мицотакис ќе го избере полесниот пат на неодговорност“.


Грција побарала заем од Светската банка


Атина, 3 март, 2017 - 11:09 (META) 

Грција побарала заем од Светската банка, пренесува американскиот интернет-магазин „Политико“. Сумата засега не е јавно позната, а како што пишува „Политико“, извор од банката изјавил дека грчката влада побарала финансиска помош за да се справи со проблеми како долгогодишната невработеност и потребата за економски развој и социјална заштита.

Според „Политико“ и грчкиот весник „Катимерини“, грчката влада официјално не го потврдува барањето за заем, но преку последниот устен договор на состанокот на еврогрупата, на крајот на февруари наводно посочиле дека планираат да побараат заем од 3 милијарди евра за финансирање на програма за отворање 100.000 нови работни места.


Нова вознемиреност во Грција поради барањата на кредиторите за нови мерки


Атина, 11 февруари, 2017 - 11:44 (META) 

Нова тензија владее меѓу грчката влада и европските кредитори поради барањата за нови мерки од 3,6 милијарди евра. Грчките медиуми коментираат дека и покрај малиот напредок во разговорите меѓу грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос и европските партнери, сè уште постои голем јаз меѓу позициите на двете страни и нема договор на повидок.

Проценките во медиумите се дека кредиторите ја уценуваат Грција со инсистирање да се усвојат нови мерки, нешто на кое силно се опира грчката влада, а премиерот Алексис Ципрас испраќа јасна порака дека државата веќе нема намера да усвои ниту еден нов цент од дополнителни мерки. Ваквата ситуација на нови притисоци врз владата за дополнителни мерки се проценува дека може да ја втурне земјата во нова политичка неизвесност, слично како во јуни 2015 година, кога Ципрас за прв пат дојде на власт.

Кредиторите бараат да се усвојат нови мерки за да може да се финализира втората фаза од проценката на сработеното на грчката влада во однос на договорените мерки и реформи. Меѓународните кредитори се закануваат дека доколку грчката влада не ги усвои новите мерки, нема да може да се заврши проценката и Грција ќе се најде во независна позиција.

Иако претставниците на кредиторите се враќаат во Атина следната недела, сепак проценките во Грција се дека двете страни сè уште се многу далеку од напредок до 20 февруари, кога е рокот за да се заврши втората фаза од проценката.

Извори од грчката влада коментираат дека иако има напредок во разговорите, сепак Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) останува на своите, како што велат, нереални барања поради кои нема услови да се продолжат преговорите.


Европските кредитори бараат нови построги мерки за штедење од Грција


Атина, 1 декември, 2016 - 9:58 (META) 

Грција ја очекуваат нови отпуштања во јавниот сектор и итна приватизација на државни компании доколку грчката влада се согласи на барањата на кредиторите за кои се преговара, пренесува весникот „Та неа“. Потенцијалниот договор со кој би се затворила втората проценка на сработеното од грчката влада, се оценува дека ќе донесе ново финансиско стегање на ременот за грчките граѓани.

Според „Та неа“, доколку се постигне договор, бројката на масовни отпуштања ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, а воедно и ќе се укине административното одобрување за масовни отпуштања и таа улога ќе ја добие Високиот совет за труд, кој, во суштина, нема да може да ги одбива одлуките за масовни отпуштања туку само ќе може да го провери легитимитетот на одлуката.

Одлуките за протести, наместо со најава од 24 часа, ќе мора да се најават 48 часат пред протестот, со што автоматски се влијае на работничкото право на протест и на штрајк. Ќе мора да се воведат шест нови патарини со кои дополнително ќе поскапи патувањето низ Грција, и тоа кај Солун, Аспровалта и Кавала.

Една од мерките ќе биде и итно вработување нови советници за приватизација на државната компанија „Хеленик петролеум“, компанијата за вода, гас, телекомуникации и 30 отсто од атинскиот аеродром и итна продажба, до крајот на годината, на дел од компанијата за електродистрибуција.

Приватизацијата сè уште е една од најболните точки на сите грчки влади. Државата доживеа нов неуспех на овој фронт бидејќи пропадна договорот за продажба на мнозинските акции од една од државните компании за гас ДЕСФА, која требаше да ја преземе азербејџанскиот гигант за природен гас „Сокар“, кој го обезбедува и гасот за Трансјадранскиот гасовод.


Кредиторската тројка си замина од Атина без договор со грчката влада


Атина, 22 ноември, 2016 - 11:56 (META) 

Претставниците на меѓународните кредитори (Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Еврпската централна банка) заминаа од Атина без договор со грчката страна. Преговорите меѓу претставниците на тројката и грчката влада завршија рано утринава без успех и без заеднички договор, а ќе продолжат преку телефонска конференција која најверојатно ќе се одржи пред состанокот на Еврогрупата на 28 ноември.

Клучните проблеми за кои не можеа да постигнат договор се прашањата за работните услови, колективните договори и бенефиции, реформите во енергетската и во фискалната политика, односно начинот да се покријат дупките во грчкиот буџет.

Грчката влада се надева дека ќе биде постигнат договор со кредиторите до состанокот на Еврогрупата на 5 декември, по што ќе биде неопходно да се донесат и нови закони за новите мерки, за кои потенцијално ќе се согласат двете страни. На состанокот се очекува да се разговара и за буџетот и за финансиските цели на грчката влада во периодот од 2019 до 2020 година.

Во грчкиот парламент вчера беше поднесен предлогот за буџетот за 2017 година, кој опфаќа нови мерки во висина од 3,3 милијарди евра. Според предлогот, грчката влада очекува со новиот буџет и мерки да постигне суфицит од 2 отсто од БДП идната година. Буџетот треба да се изгласа до 10 декември.