Со средства од ИПА ќе се отвора преминот Маркова нога помеѓу Македонија и Грција


Скопје, 12 февруари, 2019 - 16:38 (META) 

Работни групи на техничко ниво од Македонија и од Грција, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, денеска во Скопје оддржаа состанок на кој се разговарало за подготвителните активности за отворање на нов граничен премин во месноста Маркова нога и на територијата на населеното место Лемос на грчка страна, во Преспанскиот регион, информираат од Министерството за локална самоуправа.

На состанокот била потврдена намерата на двете земји реализацијата на овој стратешки проект да започне што побргу, во интерес на жителите на двете страни од границата.

Средствата за изградба на граничниот премин ќе бидат обезбедени од ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција во вредност од околу четири милиони евра.

– Отворањето на овој граничен премин ќе ги зајакне врските меѓу двете земји и ќе ја олесни комуникацијата и движењето на луѓе и стоки. Во духот на европските вредности, прекуграничната соработка подразбира намалување на бариерите за соработка меѓу земјите и луѓето во регионот, заради обезбедување на услови за подинаминачен развој. Станува збор за прекуграничен регион, кој што стагнира во развојот. Убеден сум дека со наша иницијативност и со подршка од Европската Унија, ќе успееме да создадеме услови овој приреден потенцијал да биде ставен во функција на развојот на регионот и на граѓаните кои што живеат на двете страни од границата –  рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Изградбата на граничниот премин треба да заврши до 2023 година, а ќе претходи административна процедура која што вклучува и члество на сите надлежни институции, министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за заштита на животната средина, како и царинските управи.

Од страна на Министерството за надворешни работи веќе се подготвува основниот документ кој што според ИПА-правилата ќе биде трилатерален помеѓу Македонија, Грција и Албанија.

„Албанија е вклучена поради тоа што Европската Унија проценува дека овој граничен премин ќе има директно влијание на економскиот развој на целиот регион во кој што територијално е вклучена и Албанија. Се очекува документот да влезе во владина процедура до крајот на месецот, по што мешана комисија на техничко ниво ќе ги договара другите детали кои што треба да бидат усогласени согласно процедурите во трите земји“, се додава во соопштението.

ИПА- програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција е во вкупна вредност од 40 милиони евра, од кои 10 насто се резервирани за реализација на овој стратешки проект.

Минатата година во рамките на оваа програма беа склучени договори за финансирање на 40 други проекти во вкупна вредност од 30 милиони евра. До крајот на програмскиот период се планира уште еден јавен повик за проекти во вкупна вредност од шест милиони евра на кој што ќе можат да аплицираат невладини организации, општини, институции и други непрофитни субјекти.


Снимките од Груевски избришани, а албански сајт ги „испрати“ во нашето обвинителство


Скопје, 1 февруари, 2019 - 11:36 (META) 

Известувајќи за барањето на македонското обвинителство за снимките од безбедносните камери за бегството на екс премиерот Груевски, албанскиот новински сајт „Балканвеб“ во текст со наслов „Албанија ги праќа во Македонија снимките од бегството на Груевски“,  вели дека снимките од бегството на Груевски веќе се симнати од системот и според барањето од македонските власти, ќе се пратат во Скопје.

Во продолжение на текстот се вели дека во снимките се гледа моментот кога Груевски влегува во автомобил и ја поминува границата.

Имено, на 12.12.2019 македонските власти известија дека ќе бидат побарани снимки од безбедносните камери од Албанија, откако поранешниот премиер Никола Груевски еден месец претходно избега од Македонија за да го избегне издржувањето на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Потоа, со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што доби политички азил.

Но, како што е веќе познато во македонската јавност, обвинителството информираше дека иако две службени лица престојуваа таму, по барањето за меѓународна правна помош не е постапено целосно, така што снимките не се обезбедени.

Имено, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека во образложението било наведено дека системот од безбедносните камери од албанските гранични премини автоматски го бришел материјалот поради немање место.

– Има повеќе моменти во нивното образложение. Едно е дека тие податоците се многу од безбедносните камери и дека тој систем не може подолго да ги чува  – рече Јовески.

Но, и покрај овие информации пренесени и од албанските медиуми во Македонија – дека снимките не се добиени – медиумот не објавил нова информација за овој случај, а и текстот нема детално образложение како се одвивала постапката, ниту пак посочува извор од институцијата од каде потенцијално е преземена оваа „информација”.


Рама: Косово е почеток, ќе ги укинеме границите со Македонија, Црна Гора, Грција…


Тирана, 2 јануари, 2019 - 15:17 (META) 

Во новогодишното обраќање, албанскиот премиер Еди Рама порача дека отворањето на границите на Албанија со Косово, што настапи на првиот ден на 2019 година, е само почеток и дека Албанија планира да ги отвори границите и со Македонија, Црна Гора и Грција, пишува „Газетa Обсервер“.

– Наскоро, верувам во текот на пролетта, границата помеѓу Албанија и Косово ќе биде според критериумите на Шенгенскиот договор. Отворените граници со Македонија, Црна Гора и Грција ни се во поблиска иднина отколку приемот на земјата во ЕУ – порача Рама.

Само три дена претходно, неговиот косовски колега Рамуш Харадинај порача преку својот профил на Фејсбук дека од тој ден „границата на Косово кон Албанија не постои“.

„Од денеска границата на Косово со Албанија не постои. Ќе имаме само еден заеднички граничен пункт. Работата продолжува и во март влегуваме во втората фаза на потполното отстранување на границите меѓу Косово и Албанија, врз основа на Шенгенските принципи“, напиша Харадинај.

Спогодбата за заеднички царински и полициски проверки беше потпишана на 26 ноември 2018 година во Пеќ.


Албански „Топ ченел“ објави стара слика како дезинформација дека е „Груевски на граница“


Скопје, 7 декември, 2018 - 16:22 (META) 

Албанската телевизија „Топ ченел“ објави фотографија на која е избеганиот премиер Никола Груевски и за која тврди дека е снимена на граничниот премин Хани Хоти на албанско-црногорската граница на 11 ноември 2018 година во 19 часот и 11 минути. Овој текст и слика го преземаa голем број на албански, унгарски и некои македонски медиуми без притоа да ја проверат автентичноста на фотографијата.

Фотографијата, како што пишува „Критинк“ всушност, најобичен принтскрин (стоп кадар) од видео клип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017 година и нема врска со „Груевски на граница“.

Груевски, во видео клипот, вози „Пунто“, во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ минатата година, кога тој го предводеше протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

collage-gruevski vo punto

Прашањето, кое можеби требало да си го постави медиумот, е зошто, ако сликата е автентична и вистинита, Груевски е тој што го вози автомобилот, иако ѝ припаѓа на амбасадата на Унгарија.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации.

Поддржан е од Европската Унија а го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и Центарот за европски политики „Евротинк“.


Владата предлага кризната состојба на границите да продолжи до јуни 2019


Скопје, 30 октомври, 2018 - 13:23 (META) 

Владата предлага, кризната состојба на јужната и на северната граница да биде продолжена до 30 јуни 2019 година, со цел, превенирање и спречување влез и транзитирање мигранти на територија на Македонија.

Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија е веќе доставена до Собранието, каде треба да биде разгледана на матичната комисија и да биде изгласана на пленарна седница.

Целта за продолжување на одлуката е да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата и на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница.

Кризната состојба поради наплив на мигранти на македонската граница беше воведена летото во 2015 година, и од тогаш се продолжува.


Хан: Брисел би требало да прифати корекција на границата Србија-Косово


Виена, 27 август, 2018 - 15:39 (META) 

Брисел би требало да го прифати договорот меѓу Србите и Албанците со кој би се решил долгогодишниот проблем со Косово, изјави европскиот комесар Јоханес Хан, пренесе „Еуроактив“.

– Се работи за билатерално решение што не може да се користи како пример за други прашања – изјави тој во Виена.

Во анализата на „Еуроактив“ се наведува дека намерата на комесарот Хан е со таа изјава да отфрли стравувања дека какво било менување на граници на Балканот може да покрене нови проблеми во тој регион.

Белград и Приштина мораат да ги нормализираат односите за да се квалификуваат за членство во ЕУ, а оној момент кога ќе се постигне договор, тој би требало да биде почитуван од страна на сите членки на Унијата, додал Хан.

Постигнувањето на договорот во дијалогот Белград – Приштина со кој посредува ЕУ, Хан го опишал како „геополитичка неопходност“ и потсетил на обврската ЕУ да се грижи за европските држави не препуштајќи таква улога на трети држави во светот.


На Богородица се чека до еден час, на Табановце до 45 минути


Скопје, 16 август, 2018 - 9:31 (META) 

На граничниот премин Богородица од македонска страна за излез се чека од 40 до 60 минути, додека на Табановце од половина час до 45 минути.

Од АМСМ информираат дека возилата на Богородица се пропуштаат во неколку колони.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


АМСМ: Интензитетот надвор од градските средини е зголемен


Скопје, 6 август, 2018 - 9:38 (META) 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, соопшти Автомотосојузот на Македонија. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Мигрантските рути се затворени, владите во регионот ќе разменуваат информации


Скопје, 4 април, 2018 - 13:55 (META) 

Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) ги поддржува шесте влади од Западен Балкан, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија во усогласување на правната рамка со законодавството на Европска Унија, во изградбата на институции и персонал, како и размена на информации за мигрантите кои поминуваат низ овие држави.

На денешната презентација на МАРРИ, беше истакнато дека како делуваат на повеќе подрачја како азил, интегрирано гранично управување, визен режим, интеграција на бегалците, борбата против трговијата со луѓе.

– Ги поддржувме шесте влади за подобро да управуваат со миграцијата. Тоа е условено со евроатлантската перспектива на државите од регионот, а како членки на Обединетите Нации, одредени документи се обврзувачки. Државите исто така треба да имаат побрза соработка во размената на комунакции – изјави директорката на МАРРИ, Тамара Ругоша.

Иако рутата за мигрантите е затворена, сепак тие користат илегални премини преку државите од регионот за влез во државите од Европската Унија. Притоа, додаде Ругоша, постои опасност од нелегална трговија со луѓе, криумчарење на деца, трговија со органи.

Во следните две години, како предизвик за МАРРИ меѓудругото ќе биде и подигање на свеста во регионот од опасноста за криумчарење. Па оттука, граничните служби, посебно на аеродромите, ќе бидат обучувани од страна на Европската гранична служба, Фронтекс за препознавање на деца кои се жртви на криумчарење.

– Во моментов рутите се затворени, но опасноста од Блискиот Исток се уште ја има. Затоа овој период е потребно да превенираме. Кога беше кризата, на македонската и на српската граница имаше по 20.000 мигранти, а тоа навистина е тешко да се изменаџира. Властите овде и во Србија покажаа дека имаат капацитет за справување, но тој треба да се подобри и да биде поефикасен. Ние сме овде и да ги поврземе владите со донаторите, за тие да не трошат пари од буџетот. Имав информација дека вашата држава, ја чинело 50.000 евра дневно за регистрација, сместување, организација на мигрантите. Тоа е голем притисок – додаде Ругоша.

Во 2015 и 2016 година, низ територијата на Западен Балкан поминале еден милион бегалци.


Борисов: Бугарската граница е најдобро чуван Шенген


Софија, 12 јануари, 2018 - 15:38 (META) 

Ако има подобра Шенгенска граница од нашата во Европа, самиот јас ќе кажам дека не сакам Бугарија да влезе во Шенген, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на конференција за медиумите во Софија денеска, по општата седница на Колегиумот на европските комесари и на бугарската влада, која се одржа еден ден по церемонијата почетокот на бугарското претседателство со ЕУ.

Повторувајќи дека Бугарија најдобро ја чува европската граница, Борисов рече дека во тоа ќе го увери и холандскиот премиер Марк Руте, кој на 6 и 7 февруари ќе биде во посета на Бугарија. Борисов ќе го носи Руте за самиот да се увери како Бугарија ги чува надворешните граници.

На церемонијата за почетокот на бугарското претседателствување со Советот на ЕУ, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер вчера рече дека Бугарија ги исполнува сите услови да се приклучи во Шенгенскиот договор за заедничките граници и покрај тоа што некои членки на ЕУ го блокираат тоа.