Полицијата доби 45 нови „шкоди“, вредни еден милион евра – донација од Чешка


Скопје, 14 декември, 2017 - 14:28 (META) 

Амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан денеска на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му ја предаде донацијата од 45 возила од марката „шкода“, во вредност од околу еден милион евра.

Спасовски истакна дека за време на мигрантската криза Чешка дала „извонреден придонес за зајакнување на капацитетите на македонската полиција“.

– Нивната финансиска и материјално-техничка помош веќе надминува два милиони евра. Со оваа донација набавени се возила кои ќе служат и за граничната полиција, но и за полициските станици кои се во граничните подрачја, се со цел да може да ја зголемиме ефикасноста на полицијата, а со тоа и безбедноста на граѓаните – рече Спасовски на свеченото примопревање на возилата на паркингот во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Амбасадорот Томан истакна дека Чешка со задоволство и помага на македонската полиција и дека тоа ќе го прави и во иднина.

– Со министерот Спасовски разговараме како понатаму Република Чешка да му помогне на МВР. Република Чешка не помага само финансиски туку на јужната граница веќе е 14-от контингент на чешки полицајци, кои помагаат јужната граница да биде што побезбедна. Соработката меѓу македонските и чешките полицајци е одлична и во следната 2018 година ќе продолжиме со истиот број на полициски службеници – рече Томан.

Од 2016 година до сега во обезбедувањето на јужната граница учествуваа 534 чешки полициски службеници, а реализацијата на проектот е предвидена и за наредната 2018 година.

Вчера, македонската полиција доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра, исто така наменета за подигање на капацитетите на граничната полиција.


ЕУ на МВР му донираше возила и опрема вредни околу четири милиони евра


Гевгелија, 13 декември, 2017 - 16:23 (META) 

Македонската полиција денеска доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра.

Донацијата, со која треба да се подигнат капацитетите на граничната полиција, се состои од осум комбиња, осум патнички возила, осум четирицикли и пет специјални возила за надзор на границата со термални камери, од кои едно опремено со радар, потоа 100 рачни радио терминали и програмски алатки, 250 рачни палки со ознака „Стоп полиција“со лед светла, четири детектори за срцево отчукување, четири рачни скрининг-системи за карго-товар и проверка на возила, шест системи за проверка на валидност на документи – ВИСПЕК, комуникациска мрежа, како и локално распоредлив координативен-комуникациски центар, мобилен систем за надгледување со камери и радар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека самиот слоган „ЕУ за тебе“ значи дека Европската Унија е тука за да и помогне на нашата земја да се справува со предизвиците.

– Со оваа донација, полицијата ќе биде поподготвена да се справува со предизвиците со кои се соочува на границата. Европската Унија останува посветена на давањето поддршка за да може полесно да се справите со овие предизвици – рече Жбогар.

Спасовски ја посети и полициската станица во Гевгелија, каде беше информиран дека безбедносната состојба во општината е на задоволително ниво, а беше запознаен и со условите и проблемите со кои се соочуваат полицајците при извршувањето на задачите.


Уапсени двајца албански државјани со 38 килограми марихуана кај Меџитлија


Скопје, 4 декември, 2017 - 12:44 (META) 

Екипа на граничната полиција викендов, во близина на преминот Меџитлија, привела двајца албански државјани кои се обиделе да прошверцуваат 38 килограми марихуана, преку Македонија во Грција, соопшти денеска МВР.

Според полиција, станува збор за Р.А. (45) и Б.Г. (33), и двајцата од Република Албанија, против кои е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Судија на претходна постапка од битолскиот суд, на барање на Основното јавно обвинителство, на осомничените им одредил притвор од 30 дена. Третото лице кое било дел од групата, според МВР, успеало да ѝ побегне на полицијата.

Според истрагата на МВР, осомничените ја набавиле марихуаната во Албанија и откако ја препакувале, тргнале преку Македонија да ја транспортираат во Грција.

Ноќта меѓу саботата и неделата, екипа од полициската станица за граничен надзор Меџитлија, ги забележала тројцата албански државјани во близина на напуштената караула Лажец, но по дадената наредба од полицијата да застанат, тие почнале да бегаат.

По кратко време Р.А. и Б.Г. биле фатени во близина на граничната линија, со две торби со марихуана, додека третото лице успеало да избега.

„Од извршената анализа утврдено е дека во торбите има 38 најлонски пакувања со марихуана со вкупна нето-маса од 38,1 килограми. Во торбите имало и 201 грам хашиш и околу 350 милилитри хашишова смола“, стои во соопштението на МВР.


На коњи шверцувале 540 килограми сурово кафе од Македонија во Албанија


Дебар, 2 ноември, 2017 - 12:27 (META) 

Граничната полиција вчера спречила шверц на 540 килограми сурово кафе од Македонија во Албанија. Двајцата осомничени шверцери ја натовариле стоката на три коњи и сакале да ја пренесат преку границата, која е во непосредна близина на дебарското село Селокуќи.

Полицијата добила дојава дека се врши шверц и вчера рано наутро поставила заседа во атарот на селото. Притоа шверцерите побегнале и ги оставиле трите коња натоварени со девет вреќи кафе. СВР Охрид соопштува дека се работи на расчистување на случајот.


Граничната полиција доби квадроцикли за тешко пристапни терени од САД


Скопје, 21 септември, 2017 - 19:00 (META) 

Амбасадата на САД во земјава денеска на Министерството за внатрешни работи му ја предаде донацијата наменета за потребите на одделот за гранични работи.

Покрај техничката опрема наменета за контрола на товари и возила, владата на САД донираше и пет теренски квадроцикли, кои за прв пат ќе бидат во составот на граничната полиција за контрола и надзор на тешко пристапни терени на државната граница.

Примопредавањето на опремата беше извршено на граничниот премин „Блаце“, а на церемонијата присуствуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли.

– Успешното менаџирање на безбедноста на границите во современиот начин на живеење подразбира отворени, но и добро контролирани граници, каде што е возможен брз проток на материјални добра и патници, и ефикасна контрола и спречување на сите облици на илегална миграција и прекуграничен криминал – рече Спасовски, кој заблагодарувајќи се за донацијата, истакна дека таа е резултат на долгогодишното партнерство и блиската соработка со американската амбасада во Македонија.

Амбасадорот на САД, Бејли истакна дека во изминативе 16 години владата на САД издвоила повеќе од 20 милиони американски долари во опрема и обуки за подобрување на квалитетот на граничната контрола и безбедност во земјава. Тој ги оцени како извонредни досегашните заеднички напори за подобрување на македонската гранична безбедност и порача дека соработката ќе продолжи и во наредниот период, како во делот на граничната безбедност, така и во делот на обуката за криминалистички истраги.


Амбасадата на САД ќе донира опремa за зајакнување на граничната безбедност


Скопје, 20 септември, 2017 - 11:50 (META) 

САД на Министерството за внатрешни работи – Гранична полиција, на Министерството за финансии – Царинска управа и на Дирекцијaта за радијациона сигурност ќе донираат опрема во вредност од 207.000 американски долари, која вклучува опрема за попречување прекуграничен криминал, компјутери, патролно возило и теренски возила.

„Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) и Меѓународната програма за помош и обуки при водење кривични истраги (ICITAP) при Амбасадата на САД ќе ја донираат опремата за зајакнување на капацитетите на граничните служби на Македонија за професионална гранична контрола и за оперирање на граничните премини. Донираната опрема, исто така, ќе го подобри капацитетот на овие три агенции во попречување на нелегални активности, борба против прекуграничниот криминал и тероризам, откривање радијација и идентификација на оружје за масовно уништување и поврзани материјали“, информираат од американската амбасада.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, ќе им ја предаде опремата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и на генералниот директор на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, утре на граничниот премин Блаце, каде што ќе има и показна вежба на која ќе биде изложена дел од опремата.


Хан ја предаде донацијата од ЕУ на граничната полиција и на ЦУК


Скопје, 10 февруари, 2017 - 12:46 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, денеска во Министерството за внатрешни работи ја предаде донацијата од 33 теренски возила наменети за зајакнување и за модернизирање на капацитетите на македонската гранична полиција и на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Хан, во своето обраќање по повод примопредавањето на донацијата, истакна дека таа е силен знак за блиската соработка меѓу „семејството на Европската Унија и Македонија во справувањето со најсериозната бегалска и мигрантска криза со која се соочи Европа“.

– Европската комисија стои покрај вас и ќе продолжи да биде покрај вас и во иднина. Мигрантската криза помогна да се илустрира како вашата земја, но и целиот Западен Балкан, е дел од европската целина и како се работи заедно во справувањето со предизвиците – рече Хан.

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, заблагодарувајќи се за донацијата, истакна дека таа ќе ги зајакне капаицитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците од мигрантската криза, меѓународните закани и со меѓуграничниот криминал.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, нагласи дека МВР и македонската влада за време на мигранстака криза покажале солидарност и дале значаен придонес во делењето на одговорноста со Европската Унија и со меѓународната заедница во справувањето со овој феномен.

– Оваа донација не само што значи поддршка туку е и мотив за понатамошно ангажирање во решевањето на овој проблем, особено на меѓуграничниот криминал и криумчарењето мигранти – рече Чавков

Вицепремиерот за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека иако движењето на мигрантите сега е под контрола, сепак ситуацијата и понатаму е неизвесна, а соработката е најдобар одговор за сите предизивици. Тој нагласи дека мигрантската криза покажала дека Македонија и другите земји од регионот треба што поскоро да станат дел од ЕУ и од нејзините безбедносни капацитети.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Агрон Буџаку, рече дека секоја помош придонесува за зголемена ефикасност на институциите и дека Македонија ќе даде пример како се бранат и се чуваат европските вредности и како се спроведуваат правото и правдата врз оние што ја злоупотребуваат и сакаат да остварат корист од човечката несреќа.

На свеченоста по повод примопредавањето на донацијата беа присутни и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Инаку, станува збор за донација на 33 теренски возила од марката „сангјонг рекстон“, во вредност од околу 800.000 евра. Од нив, 31 се за потребите на граничната полиција, а две се за Центарот за управување со кризи.


ЕУ ќе донира 33 теренски возила за да ни помогне во справувањето со бегалците


Скопје, 9 февруари, 2017 - 11:57 (META) 

Европската Унија ќе ѝ додели 33 теренски возила на Македонија за полесно справување со мигрантите.

Примопредавањето на возилата ќе се одржи утре во МВР, со почеток во 10 часот, а на церемонијата ќе присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, како и директорот на Центарот за управување со кризи, Аргон Буџаку.

31 теренско возило ќе бидат дадени на Граничната полиција, а две возила се наменети за Центарот за управување со кризи.

Возилата се набавени во рамките на проект финансиран од ЕУ, во насока на поддршка на владините институции на национално и на локално ниво.

Возилата се погодни за тешки теренски услови и имаат седишта за седум полицајци. Со оваа донација, националните институции ќе бидат во можност да ги зголемат своите напори за управување со миграцијата, борба против криумчарење мигранти и прекуграничниот криминал.


Алтхаузер – Нухиу: Создавањето правна држава е главен столб за развој


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:41 (META) 

Германската влада на Министерството за внатрешни работи на Македонија му донираше опрема за потребите на граничната полиција. Договорот за примопредавање на опремата денеска во МВР го потпишаа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и амбасадорката на Германија во земјава, Кристине Алтхаузер.

Станува збор за донација вредна 60.000 евра, а која се состои од четири возила од марката „дачија дастер“ за граничната полиција.

По тој повод, министерот Нухиу истакна дека донацијата ќе ги зајакне капацитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците и дека интензивните реформски зафати што се одвиваат во полицијата се должат на партнерството и на помошта што МВР ја добива од повеќе европски земји, меѓу кои и Германија.

Германската амбасадорка изјави дека возилата се симбол на соработката меѓу двете земји, односно меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција.

Алтхаузер нагласи дека во краткиот разговор што го имале со министерот Нухиу, главна тема било создавањето правна држава како главен столб за развојот на земјата.

Таа рече дека опремата што денеска беше донирана на МВР е дел од планот мерки договорен меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција за 2017 година.

– Покрај техничката опрема, договорот, исто така, опфаќа и обука за проверка на документи, обука на возачи, гранича контрола, обработка и анализа и безбедност на воздушниот сообраќај. Оваа година ќе се спроведат вкупно седум обуки на граничната полиција во Германија – рече Алтхаузер.