На граница биле пронајдени 21 килограм марихуана, уапсен 52-годишен струмичанец


Струмица, 22 ноември, 2017 - 15:58 (META) 

СВР Струмица го уапсила 52-годишниот струмичанец З.Б. под сомневање за трговија со дрога, откако на границата, кај местото Војничка чешма, биле пронајдени 21 килограм марихуана, а потоа при претресот во неговиот дом биле пронајдени уште 25 грама марихуана и 19 грама бела прашкаста материја.

Откако кај границата граничната полиција на крајот на минатиот месец ја пронашла оставената марихуана, СВР Струмица почнала истрага и дошла до сознанија кој планирал да ја прокриумчари дрогата.

Со наредба од судија на претходна постапка, вчера полицијата извршила претрес во домот на З.Б., при што покрај малите количества дроги, биле пронајдени и 16.200 денари, 4.055 евра и банкноти на швајцарски франци, турски лири, унгарски форинти, полски злоти, како и мобилни телефони и дигитална вага.


На коњи шверцувале 540 килограми сурово кафе од Македонија во Албанија


Дебар, 2 ноември, 2017 - 12:27 (META) 

Граничната полиција вчера спречила шверц на 540 килограми сурово кафе од Македонија во Албанија. Двајцата осомничени шверцери ја натовариле стоката на три коњи и сакале да ја пренесат преку границата, која е во непосредна близина на дебарското село Селокуќи.

Полицијата добила дојава дека се врши шверц и вчера рано наутро поставила заседа во атарот на селото. Притоа шверцерите побегнале и ги оставиле трите коња натоварени со девет вреќи кафе. СВР Охрид соопштува дека се работи на расчистување на случајот.


МВР: Повредени 18 полицајци во судирите со мигрантите на границата со Грција


Гевгелија, 28 ноември, 2015 - 16:00 (META) 

Во денешниот судир меѓу мигрантите и припадниците на безбедносните сили на границата со Грција, повредени биле 18 полициски службеници, од кои двајца имале потешки повреди на главата, а биле демолирани и неколку полициски и армиски возила, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот се случил околу 13.30 часот на граничната линија кај кота 59, каде припадниците на Армијата на Република Македонија утрово почнаа со поставување на жичана ограда.

Состојбата, како што информираат од МВР, во моментов е нормализирана.

„Денес околу 13.30 часот на граничната линија кај кота 59, нарушен е јавниот ред и мир од страна на мигрантите кои се наоѓале на грчка страна на граничната линија меѓу Грција и Македонија. Мигрантите почнале да фрлаат со камења кон полициските службеници со цел пробивање на полицискиот кордон и влез на македоснка страна. Повредени се 18 полициски службеници, од кои двајца со потешки телесни повреди во пределот на главата и еден од нив со потрес на мозок. Сите се хоспитализирани во медицинскиот центар во Гевгелија. Демолирани се и неколку полициски и армиски возила и штитови“, стои во соопштението на МВР.