ВМРО-ДПМНЕ секој ден ќе блокира по еден граничен премин


Скопје, 20 декември, 2017 - 15:38 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека добило известување од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги блокира граничните премини во текот на наредните четири дена.

Партијата денеска од 16 до 18 часот ќе го блокира граничниот премин Богородица, утре од 17 до 18 часот граничниот премин Ќафасан, во петок од 17 до 18 часот на граничниот премин Деве Баир и внедела, на 24 декември од 16 до 18 часот блокада ќе има на граничниот премин Богородица.

Членовите на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција пред Основниот суд во Куманово побараа да се ослободи нивниот член кој беше приведен вчера на протестот на граничниот премин Табановце.

Тие рекоа дека го изразуваат својот револт поради полициска бруталност на вчерашниот протест. На прес-конференцијата присуствуваше и генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски.

– Апелираме и бараме од судот, веднаш да биде ослободено лицето кое е долгогодишен член, активист и виден граѓанин на Куманово. Уште еднаш потенцирам лицето е неправно задржано во полициската станица и нема никакви причини и аргументи од оние кои што се изнесуваат во јавноста – изјави Марио Цветковски, од ВМРО-ДПМНЕ.


МВР пронајде 26 мигранти во две возила на патот Гевгелија – Скопје


Скопје, 3 декември, 2017 - 13:11 (META) 

Вчера, во 12 часот, мешовит патролен тим од полициска станица за граничен премин и граничен надзор Богородица, на автопатот Гевгелија – Скопје, забележал автомобил „рено еспејс“ со велешки регистарски ознаки, при што на даден знак возачот да го запрел возилото, тој ја зголемил брзината и се упатил кон село Миравци, каде се обидел да побегне.

Полицијата го привела лицето С.М. (35) од село Бузалково, Велешко, а при контрола, во неговиот автомобил пронашла 12 мигранти. Возачот е предаден во полициска станица Гевгелија за понатамошна постапка.

Утрово на граничен премин Богородица за влез во Македонија во товарно моторно возило „волво“ со скопски регистарски ознаки управувано од Р.Т. (63) од Србија, со место на живеење во Скопје, откриени се 14 илегални мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Запленети 16 килограми марихуана на Блаце


Скопје, 31 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Двајца скопјани добија кривични пријави за трговија со дрога, поради обид во земјава да внесат речиси 16 килограми марихуана.

Тие на 28 октомври, на граничниот премин Блаце, се пријавиле за влез во Македонија од Косово. При прегледот на автомобилот „шкода октавија“ со кој патувале биле најдени 22 пакувања, односно 15 килограми и 725 грама марихуана.

Шверцерите рекле дека дрогата ја презеле од Косово и била наменета за Скопје, а тие требало само да ја транспортираат. За тоа им биле ветени 7.500 евра.

Вредноста на дрогата, при улична продажба на црниот нарко-пазар, се проценува на околу 80.000 евра.


Сообраќајот кон Грција утре ќе биде во прекин поради штрајк на грчките царински служби


Скопје, 18 октомври, 2017 - 19:45 (META) 

Поради штрајк на грчките царински служби, утре ќе биде во прекин сообраќајот за сите видови возила на границата помеѓу Македонија и Грција, освен за пешаци, информираат од Министерство за внатрешни работи.

„Прекинот на сообраќајот на граничниот премин Богородица ќе биде од 6 часот утре до 6 часот на 20 октомври, на Меџитлија од 6.30 часот до истиот термин на 20 октомври, а на преминот Дојран од 5 часот до 23 часот утре“, се вели во соопштението на МВР.


Откриени 12 килограми марихуана во автомобил на Табановце


Табановце, 20 јули, 2017 - 14:59 (META) 

Полицијата вчера доцна вечерта спречила обид од Македонија во Србија да бидат прокриумчарени 12 килограми марихуана, скриени во автомобил.

Како што соопшти МВР, на полицајците им се сторил сомнителен автомобил „опел астра“ со скопски таблички, во кој биле двајца скопјани на возраст од 30 и 31 година.

При извршената детална контрола на возилото, под задните тапацири се пронајдени 25 пакувања марихуана, со вкупна тежина од околу 12,5 килограми. Скопјаните биле приведени.


Евозни отворен за сите видови возила


Скопје, 18 февруари, 2017 - 12:10 (META) 

Штрајкот на грчките земјоделци е прекинат. Граничниот премин Евзони е отворен за сообраќај за сите видови на возила, соопштуваат од Авто-мото сојузот на Македонија.

Од АМСМ информираат дека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози, освен на осојничавите места. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патниот правец Гевгелија – Удово и од 50 до 100 метри на патниот правец Неготино – Градско.

Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен, преку обиколница Битола е во прекин поради свлечиште кое е расчистено, но од превентивни причини сообраќајот се уште се пренасочува преку градот Битола.


Грчките земјоделци почнуваат да се повлекуваат од Евзони


Атина, 17 февруари, 2017 - 9:34 (META) 

Земјоделците кои го блокираа граничниот премин Евзони денеска ќе почнат да се повлекуваат од блокадата. Како што јавуваат грчките медиуми, земјоделците од пладне ќе започнат да го напуштаат блокот на граничниот премин.

„Одлучивме во петок на пладне да започнеме да се повлекуваме од клучката кај Идомени, блиску до преминот Евзони на границата меѓу Грција и БЈРМ и да се вратиме на нашите ниви“, изјави Томас Карипидис, претставник на земјоделците кои го блокираа Евзони за грчката информативна агенција АПЕ.

По средбата со вицепремиерот Драгасакис  фармерите не добија решение на повеќето барања, но Владата се обврза да достави до парламентот на гласање некои олеснувања во даночната и осигурителна програма.

Преминот Евзони беше блокиран од земјоделците од 30 јануари. Целосната блокада создаде огромни проблеми и за туристите и за товарниот превоз, за македонската индустрија и за солунското пристаниште кое беше преполнето со контејнери со производи за македонските компании.

Македонското МНР вчера по речиси три недели блокада испрати протестна нота до Грција за блокадата.


Продолжува блокадата на граничниот премин Евзони


Скопје, 14 февруари, 2017 - 10:06 (META) 

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони и понатаму е затворен за сообраќај. Граничните премини Меџитлија и Дојран се отворени и нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација од Автомото-сојузот на Македонија се однесува само за македонската страна на премините.

Сообраќајот на државните патишта сe одвива по наместа влажни коловози.

Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен, преку обиколница Битола е во прекин поради свлечиште и се пренасочува преку градот Битола.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


Блокадите продолжуваат, превозниците го намалуваат бројот на камиони


Скопје, 13 февруари, 2017 - 12:36 (META) 

Граничниот премин Евзони е затворен веќе две недели, а македонските превозници најмногу трпат од блокадата на грчките земјоделци кои протестираат против владините мерки на Грција.

Камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати се пренасочуваат преку Ново Село, но и преку Меџитлија, граничен премин преку кој од денеска може да поминуваат камиони кои пренесуваат само нафта, но не и друг вид на акцизна стока. Камионите кои превезуваат акцизна стока не можат да поминат преку граничниот премин Дојран, бидејќи нема одобрение од грчка страна.

– Компанијата „Окта“ превезува преку Ново Село, Бугарија. Но оттаму трошоците на превозниците се зголемуваат за 20-30 проценти, така што тие веќе го редуцираат бројот на камиони. Има патарини, километражата е поголема, па оттука и цената на превозот се зголемува –  вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека превозниците засега не најавуваат одредени протести, бидејќи користат алтернативни патишта за превоз, а поскапувањето на нафтата ќе зависи од одлуката на Регулаторна комисија за енергетика.


Затворен и граничниот премин Дојрани до 14 часот


Скопје, 10 февруари, 2017 - 12:36 (META) 

Граничниот премин Дојрани денеска во 12 часот е затворен за сообраќај за сите видови возила, а се очекува да биде отворен во 14 часот, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај.

Сообраќајот е во прекин и на патниот правец Штип – Радовиш поради сообраќајна несреќа.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози. Слаб снег кој не се задржува на коловозот провејува на планинскиот премин Стража. Поради магла, видливоста на Стража е од 80 до 100 метри. Слаб дожд врне во Тетово и во Удово.