!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Невладините бараат од Владата информации за администрацијата и поголема отвореност


Скопје, 27 октомври, 2017 - 21:04 (META) 

Граѓанскиот сектор бара дополнителна ефикасност и транспарентност во поглед на регистарот на вработени во јавните институции, соопшти владината служба за информирање.

Од граѓанските организации, на денешната средба со работни групи од министерствата, било побарано да се подобри ефикасноста на примената на Законот за пристап до информации од јавен карактер и да се обезбеди поголема транспарентност на податоците за привремените вработувања.

Денешната средба е дел од процесот за консултации со граѓанските организации за планот „3-6-9“ за итни реформи.

Во наредниот период, сметаат граѓанските организации, неопходно е тие да бидат поактивно вклучени во работата на собраниските комисии, односно нивното учество да биде загарантирано.

Во однос на независните регулаторни тела, граѓанските организации побарале поголема транспарентност, a директорите, освен обврската пред Собранието, да ги презентираат извештаите за нивната работа и јавно и да носат и одговорност за нивната работа.

Во исто време сметаат дека е неопходна ревизија на Изборниот законик, соодветна систематизација во Државната изборна комисија, како и нова методологија за следење на избирачкиот список.


АВМУ вели дека не сака да зависи од Владата, невладините денеска ќе кажат што не одговара


Скопје, 28 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, вчера порача дека со укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на Агенцијата од страна на bуџетот ќе се наруши независноста на оваа институција.
Денеска неколку невладини организации ќе презентираат извештај токму за АВМУ.

– Укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето од буџетот значи целосно уривање на независноста на институцијата и ставање под капата на Владата. Ако постоела таква практика, ќе била применета и во другите европски земји. Ова е популистички чин со кој сакаат да се исполнат предизборни ветувања, за жал, и на опозицијата и на позицијата, не водејќи притоа сметка дека се уништува функционирањето на Агенцијата, која претходните 20 години, поради финансиската независност, можеше да ја врши улогата во општеството – порача вчера Трајчевски.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со подготовката на нов закон за медиуми, Трајчевски рече дека неговиот личен став е оти се работи за текст на закон кој е спротивен на европските директиви. Рече дека агенцијата не е вклучена во новиот закон.

Денеска ќе биде презентиран третиот извештај за работата на АВМУ, кој го подготвуваат  „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

– Во изработката на законот, ние не сме вклучени и сметам дека се работи за работна верзија која се изработува. Логично е да има јавна расправа и да бидат вклучени сите субјекти кои се засегнати од законот – рече Трајчевски во изјава за медиумите.


Османи: Предизвикот е да направиме систем за координирање и за надзор на планот „3-6-9“


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:47 (META) 

„Подготовката на планот „3-6-9“ беше полесната работа. Планот доби широка поддршка како надвор, од нашите меѓународни партнери, така и дома, кај домашната јавност. Но, сега ни е потребна имплементација на 73 мерки за три месеци, во услови на ограниченост од прогласувањето локални избори и од летните одмори. Сега предизвикот е да направиме систем за надзор, координирање и за информирање“, порача вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба со претставници на граѓанскиот сектор, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

Османи додаде дека спроведувањето на планот „3-6-9“ претставува обврска преземена пред меѓународните партнери за откочување на евроинтегративните процеси, но и основен услов за изградба на стабилно демократско општество и европска држава за граѓаните на Република Македонија. Нагласи дека еден од чекорите во остварувањето на планот е и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Невладините организации побараа во планот „3-6-9“ да се предвидат точни мерки за тоа како Владата ќе соработува со нив, за тоа да не остане на неформално ниво, како што, според нив, е случај сега.

– Иако има волја за соработка, ние, како граѓански сектор, не можеме да си дозволиме соработката да биде оставена на добра волја – посочи Ардита Абази од Институтот за европски политики.

Османи нагласи дека постои решеност планот да се спроведува сеопфатно.

– Потребно е прашањето на евроинтеграции да го издигнеме на едно надпартиско, надетничко, ако сакате наднационално ниво, по кое нема да има политичко расправање туку консензус. Тоа се покажа успешно на примерот на Хрватска, каде и позиција и опозицијата се договорија политичкиот натпревар да го водат по сите други теми, а по прашањето на евроинтеграциите да се држат до консензусот – рече вицепремиерот Османи.

На трибината учествува бројни невладини организации, претставници на медиуми и претставници од Секретаријатот за европски прашања кои се задолжени за имплементацијата на планот „3-6-9“.


Граѓанските организации бараат консултативен совет за реформите


Скопје, 19 јули, 2017 - 12:23 (META) 

Надградена верзија на предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи за следните 6, 9 и 12 месеци, денеска беше презентирана на прес-конференција во име на 73 граѓански организации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.

„Овој план има цел да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на веродостојни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но тие не се гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава“, се вели во образложението.

Граѓанските организации предлагаат формирање консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и на граѓанското општество.

Се бара и назначување на лица за контакт во министерствата и во независните, надзорните и во регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои, исто така, ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество. Претставниците на иницијативата истакнаа дека во текот на целиот процес Владата треба да ги почитува принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективност, а неопходно е и политичките партии во Собранието да покажат вистинска посветеност за спроведување на клучните реформски приоритети. Ваква посветеност, иницијаторите очекуваат и од вонпарламентарните партии, како и од граѓанското општество во целина.

Исто така, посочено е на неопходноста преземените мерки да бидат насочени кон подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници. Во оваа насока, според иницијаторите, потребно е да се разгледаат препораките од прегледот на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година.

„Од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во надзорот и во евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети. Потребно е да се обезбеди граѓанско учество и на ниво на извршната, како и на законодавната власт, вклучувајќи ја и соработката со судството и независните, контролните и регулаторните тела“, велат иницијаторите.


Хан: Барањата на граѓанскот сектор од Балканот се прифатливи


Трст, 12 јули, 2017 - 16:16 (META) 

Најголем дел, околу 90 отсто од барањата и од препораките на граѓанскиот сектор од Балканот се прифатливи, само треба да се најде начин за нивна имплементација, оцени еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, денеска во Трст, откако присуствуваше на средбата меѓу претставниците на граѓанскиот сектор и шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан. На средбата шефот на македонската дипломатија ги охрабри граѓанските организации и иницијативи да ја критикуваат власта.

По вчерашниот целодневен Форум на цивилното општество, барањата на министрите и на еврокомесарот им ги презентираше Срѓан Сушиќ, консултант на германската фондација „Хајнрих Бел“, која е коорганизатор на настанот.

Министрите, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, позитивно реагираа и побараа од граѓанскиот сектор уште поактивна улога. Димитров ја истакна улогата на невладиниот сектор во неодамнешната криза во Македонија, оценувајќи дека таа помогнала во евроинтеграциските процеси.

– Желбата на регионот е да влезе во ЕУ. Веќе изгубивме многу време и крајно време е да ја завршиме работата. Критичкиот однос е многу важен и затоа немојте да се двоумите дали да нè критикувате –  изјавил Димитров.

Препораките се однесуваат на демократските процеси, владеењето на правото, деловното опкружување и иновациите, енергијата и климатските промени и слободата на говорот и улогата на медиумите, што беше посебно нагласена од еврокомесарот Хан, како многу важен услов за евроинтеграциите и како критична точка во регионот.

– Медиумските слободи можат да бидат унапредени само доколку создадеме медиумски пазар и со тоа да им овозможиме на медиумите да не бидат зависни од финансиска помош – оцени Хан.

Третиот Форум на цивилното општество од Западен Балкан, на кој учествуваа и претставници од Македонија, беше замислен како претходница на денешниот самит во Трст. Шефовите на дипломатиите и премиерите на Македонија, Албанија, БИХ, Црна Гора, Косово и на Србија треба да ги земат предвид барањата на граѓанскиот сектор, кој од страна на ЕУ е оценет како значаен фактор за побрза евроинтеграција и е составен дел од Берлинскиот процес.

Состанокот на Западен Балкан со ЕУ завршува вечерва, со заедничка декларација и со одлуки кои ќе бидат сериозно придвижување кон регионалната соработка и забрзување на евроинтеграциските процеси.


Утре конференција „Улогата на граѓанските организации во унапредување на просторот за нивно дејствување“


Скопје, 20 јуни, 2017 - 10:30 (META) 

Балканската мрежа за развој на граѓанско општество утре во хотелот „Парк“ во Скопје организира регионалната конференција на тема „Улогата на граѓанските организации во унапредување на просторот за нивно дејствување“. Конференцијата е поддржана од програмата „Цивика мобилитас“.

На настанот, претставници од реномирани граѓански организации од Македонија, Европа и од светот ќе споделат свои искуства и ќе дискутираат за тоа како да се унапреди просторот за дејствување на граѓанските организации.

Воведен говор ќе има генералниот секретар на Глобалната алијанса на граѓански организации „Цивикус“, Дхананџајан Сивагуру Срискандараџах.

Целта на конференцијата е преку размена на добри практики од регионот и од Европа за унапредување на работната средина за граѓанските организации, подобрување на сопствената отчетност и за зголемување на соработката во самиот граѓански сектор, да се поттикнат граѓанските организации да бидат поактивни и поефективни во унапредување на просторот за нивно дејствување.


Унгарија доби закон за контрола на странските донации во граѓанскиот сектор


Будимпешта, 13 јуни, 2017 - 19:11 (META) 

Унгарскиот парламент денеска усвои закон за граѓански здруженија кои се финансираат од странство.

Законот, за кој гласаа пратеници од владејачката коалиција под водство на премиерот Виктор Орбан, предвидува здруженијата кои добиваат повеќе од 26.200 американски долари годишно од странство да ги пријават во судот. Со законот се предвидува организациите во своите печатени и интернет-публикации да ги објават своите финансии од странство.

Невладините организации исто така мора да ги наведат сите странски спонзори кои им даваат повеќе од 1.800 долари годишно.

Во амандманите на законот се вметнати некои од препораките на Виенската конвенција, но повеќето спорни прописи се задржани. Критичарите сметаат дека законот е дел од напорите на Орбан за замолчување на неистомислениците и за зајакнување на контролата над јавните дискусии.


УСАИД додели награда за Младинско граѓанско учество


Скопје, 9 јуни, 2017 - 9:57 (META) 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество додели награда за Младинско граѓанско учество на двајца поединци и една неформална младинска група.

Наградата им беше доделена поради нивната силна посветеност и преземање на важни активности кон позитивни промени за животот во нивната заедница и за општеството.

„Ги охрабрувам добитниците на наградата, како и целата младина во Македонија да работат заеднички за да се постигнат позитивни промени во општеството. Овој настан ја покажува важноста на граѓанското учество предводено од младите луѓе во Македонија и се охрабруваат останатите да се приклучат кон заложбите за подобрувања во заедниците и во општеството, во целина,” рече директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн.

Целта на оваа награда е да се даде признание на работата на млади момчиња и девојки (на возраст од 18 до 29 години) и на неформални групи, чии активности претставуваат пример за извонредно младинско граѓанско учество.

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишен проект кој има за цел да се јакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто управување и придонес кон подобрување на животниот стандард во Македонија.


Невладините организации бараат да сопрат инспекциите и политичкиот прогон


Скопје, 29 мај, 2017 - 13:51 (META) 

Невладините организации денеска ја повикаа новата власт и институциите веднаш да го прекинат политичкиот притисок на кој, како што рекоа, неправедно и намерно се изложени 20 граѓански организации уште од декември, кога ВМРО-ДПМНЕ повика на „прогон“ на граѓанските организации.

– Бараме и да се провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација, но и да се повлече одлуката на актуелната техничка влада да додели 800.000 евра на граѓански организации, за кои голем дел од јавноста првпат слушна по објавувањето на нивните имиња како примачи на пари од владата – порачаа, во името на 20 граѓански организации, Дона Костуранова од „Младински образовен форум“, Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ и Зекир Абдулов од организацијата КХАМ – Делчево.

Тие посочија дека изминатите месеци овие организации биле под постојан притисок на контролите од Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и од МВР, а на барање на Јавното обвинителство, како и на Агенцијата за финансиско разузнавање и на Државната комисија за спречување корупција.

– Одговорно кажуваме дека како организации својата работа ја вршиме професионално и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно го правиме и пред нашите членови, донаторите и пред граѓаните – рече Костуранова, истакнувајќи дека досегашното искуство на 20 невладини организации говори дека не станува збор за рутински и наменски контроли, туку за наменски контроли за да се нанесе штета на работењето.

Таа додаде дека инспекторите, гледајќи дека сè е в ред во работењето, барале законски дупки за да ги казнат невладините организации. Посочи и дека е сомнително тоа што во ист ден се давале наредби за контроли на неколку невладини организации.

Костуранова соопшти дека  досега се изречени и неколку казни, од кои како впечатлив беше посочен примерот на КХАМ – Делчево, која досега треба да плати 3.500 евра за персонален данок за поделена хуманитарна помош, како и камати за него поради задоцнето плаќање.

– Гледаме еден крајно селективен пристап и хајка на невладините организации. Во општините Делчево, Виница и Пехчево досега доделивме повеќе од 500 бебешки пакети, организиравме обуки на Ромки, организиравме довршување на основно и на средно образование на значителен број лица, обезбедивме возило за брза помош и патронажна служба, организиравме 450 превентивни прегледи и за сето тоа, за работа во полза на ранливите групи, на кои пред сè треба да им помага државата, а тоа го правиме ние, добивме казна од 3.500 евра – рече Абдулов.

Поради отежнатото работење на граѓанските организации, Македонија е изложена не само на ризикот да не добијат помош тие на кои им е најмногу потребна, туку и да загуби голема меѓународна помош, нагласи тој.

Покрај барањето да престане прогонот, неформалната коалиција граѓански организации побара и да се ревидира одлуката на техничката влада во заминување да подели 800.000 евра на непознати граѓански организации, сума која е најголема досега.

– Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините организации, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од кој било што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра, сега се зголемени до 50.000 евра. Поради сите овие причини, бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најкус можен рок – рече Стојановски.

Тој порача дека и покрај околностите и секојдневните притисоци во изминатите пет месеци, граѓанските организации кои се подложени на инспекции сепак не престанале да ја работат својата работа и посочи дека така ќе биде и во иднина.

– Ќе продолжиме да работиме одговорно и во интерес на сите граѓани на Македонија, како контролори на власта и на институциите. Ќе бидеме тука за да се грижиме дека ќе има одговорни институции и фукционално Собрание, отворено за граѓаните, кое ќе врши надзор на власта – рече Стојановски.

Невладините организации во изминатите пет месеци неколкупати се обраќаа до досегашната власт со апел да престане со политичкиот притисок преку инспекциите.


Годишна средба на граѓанските организации корисници на ИПА2


Охрид, 16 мај, 2017 - 11:57 (META) 

Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, „Реактор – истражување во акција“ и Асоцијација за развојни иницијативи „Зенит“, денеска и утре, во Охрид, ја одржуваат годишната средба на корисниците на механизмот за граѓански организации ИПА2.

Овие и други поканети граѓански организации и асоцијации, во хотелот „Метропол“ во Охрид, дебатираат и бараат решенија за секторските предизвици и идеи за секторска комуникација и за вмрежување.

Исто така, ќе бидат презентирани досега спроведените активности на механизмот ИПА2, како и активностите планирани за иднина.