Водата во Струга забранета за пиење


Струга, 17 ноември, 2017 - 19:09 (META) 

Забранета за пиење е водата од градскиот водовод во Струга поради зголемено заматување, зголемени вредности на боја и отсуство на резидуален хлор.

Според надлежните, дополнителното хлорирање нема да ја промени ваквата состобја на водата, туку треба чистење на мрежата и испуштање вода од хидрантите.

Водата редовно ќе се анализира и во следните денови.


Водата во Гостивар е безбедна за пиење, тврди Институтот за јавно здравје


Скопје, 31 октомври, 2017 - 15:19 (META) 

Институтот за јавно здравје информираше дека водата од водоводот во Гостивар е исправна и безбедна за пиење. Тоа го покажале физичко-хемиските анализи, при што е утврдено дека нема присуство на пестициди, а исто така водата е бактериолошки исправна.

Проблемот со водата во Гостивар се случи кон крајот на минатата седмица и во текот на викендот, кога 360 гостиварци побараа лекарска помош поради дијареа, повраќање и зголемена телесна температура. Главниот сомнеж падна на водата од градскиот водовод.


„Арсена“ предупредува дека гевгеличани уште пијат вода со арсен


Гевгелија, 27 октомври, 2017 - 15:56 (META) 

Примерок вода од гевгелискиот водовод покажал дека водата што ја пијат гевгеличани сè уште содржи количества арсен опасни по здравјето на луѓето и ја повикува новата локална власт да го реши проблемот со посебни филтри, оти водата од изворите содржи големи количества арсен.

Како што посочува граѓанската иницијатива „Арсена“, анализата на примерокот вода од гевгелискиот водовод што го испратиле на меѓународно призната лабораторија во Грција, покажала присуство на отровниот елемент арсен во концентрации од 18,6 микрограми на еден литар вода, што ја надминува здравствено дозволената максимална граница пропишана според СЗО од 10 микрограми на еден литар.

„Максималните законски ограничувања на анализираните елементи во водата се според Европската легислатива (98/83/EU 3-11-1998), која ги имаат прифатено Грција, како земја членка на Европската Унија, и Македонија со Правилникот за квалитет на води на РМ донесен во 2008 година (Сл. Весник на РМ бр. 46/2008)“, се вели во соопштението.

Тоа е десетта анализа направена од „Арсена“, која вели дека во сите изминати години претходната локална власт го игнорирала проблемот, а во предизборната кампања дури и се тврдело дека проблемот со арсенот е решен. Тој проблем, според активистите, може да се реши само со поставување посебни филтри, оти проблемот е во водата која влегува во водоводот, односно Конска Река содржи многу повеќе арсен од максимално дозволените количества.

„Ги повикуваме новите органи на локалната власт, Советот и новоизбраниот градоначалник на општина Гевгелија да го ревидираат проектот на Конска брана и употребната вредност на таквата вода со арсен и со приоритет да пристапат кон реализација на  проектот за набавка на деарсенификатори за бунарите кај Моин, заради обезбедување чиста вода за гевгеличани“, се вели во соопштението.


Петиција на „Арсена“: Бараме поради арсенот гевгеличани водата да ја плаќаат како техничка


Гевгелија, 12 февруари, 2017 - 20:18 (META) 

Граѓанската иницијатива „Арсена“ денеска поведе граѓанска петиција за намалување на цената на водата од градскиот водоводен систем во Гевгелија на ниво на техничка, со цена од 5 денари за потрошен кубен метар.

Поводот петицијата, велат од здружнието, е неколкугодишното игнорирање од страна на локалните власти и Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија да се соочат со проблемот со високата концентрација на отровниот металоид арсен во градскиот водоводен систем и забраната за употреба на водата изречена од државната Агенција за храна и ветеринарство.

„Општинските власти, пред сè Советот на општина Гевгелија досега не обезбедија мерки за снабдување на гевгеличани со чиста вода за пиење. Иако повеќе од 4 години и 4 месеци е на сила забраната за употреба на водата поради констатирани енормни концентрации на арсен кои се движат од 50 до 130 отсто над максимално дозволената граница пропишана од Светската здравствена организација, локалните власти и ЈПКД „Комуналец“ не се ниту обидоа граѓаните да ги известат дека водата смеат да ја користат само како техничка. Од тие причини, а и според Законот за заштита на потрошувачи, корисниците на вода од градскиот водоводен систем се должни да го плаќаат тоа што го добиваат – техничка вода за одржување на хигиената, а не и отровниот арсен за кој надлежните не најдоа решение“, велат од „Арсена“.

Здружението и граѓаните бараат ваквата цена за техничка вода да трае сè до моментот на обезбедување на чиста, здрава и безбедна вода за пиење за граѓаните на општина Гевгелија.