Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


Во Скопје скратени градски линии, пречки во сообраќајот до Попова Шапка


Скопје, 22 март, 2018 - 9:35 (META) 

Поради големите врнежи на снег вчеравечер и во текот на ноќта, има скратување на линиите на јавниот автобуски превоз во Скопје, како и одредеи проблеми на патот до Попова Шапка.

Поради снегот денеска во Скопје не сообраќаат автобусите со број 69 и 69а.

Како што информира ЈСП Скопје, автобусот со број 25 место до Средно Водно сообраќа до комплексот „Соравиа“, а автобусот со број 28 место до „Македонско село“ сообраќа само до Козле.

Од приградските линии, автобусот со број 65 наместо до селото Раштак сообраќа до селото Црешево, а 81 наместо до Блаце сообраќа до Горњани, а автобусот на линијата 60 сообраќа само до магацините на АРМ.

Надвор од Скопје, забрана за движење на тешки товарни и за патнички возила без зимска опрема е воведена изутрина во 8:20 часот на патот до Попова Шапка, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Поради интензивните врнежи од снег претходно беа воведени забрани за движење на камиони и на регионалниот пат Дебар-Маврово и на магистралниот пат Гостивар – Кичево, поточно на планинскиот превој Стража.

Сообраќајот на другите државни патишта се одвива отежнато по влажни коловози. Снег врне кај Страцин, на Маврово, Стража, Буково, Ѓавато, Попова Шапка, Пресека и во Смојмирово.


В недела градските автобуси во Скопје по изменети траси


Скопје, 5 мај, 2017 - 12:58 (META) 

Поради одржувањето на „Скопски маратон 2017“, в недела, во периодот од 7 до 14 часот, градските автобуси во Скопје, односно тие на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници, ќе сообраќаат по посебни траси, кои ќе отстапуваат од вообичаените линии.

Toчниот распоред може да се види на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.