Скопје има само 13 возила на Итна помош, а Кочани, со 38.000 жители – десет (инфографик)


Скопје, 23 ноември, 2018 - 10:34 (META) 

Министерството за здравство обезбеди 12 возила за Итна медицинска помош, при што, шест од нив ќе бидат распределени во Скопје, а за другите шест не се знае во кои градови.

Ниту деловникот за работа на Итната помош, ниту пак Министерството за здравство ги имаат дефинирано критериумите според кои се распределуваат возилата низ градовите. Од друга страна, постои значајна разлика во бројот на амбулантни возила по глава на жител што ги имаат другите градови пренесува „Порталб.мк“.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека возилата ќе бидат распоредени таму каде што е потребно, но не наведе како ќе се дефинираат „потреби на градовите“, бидејќи со Правилникот не се предвидува такво нешто.

„Шест други возила ќе бидат распределени низ целата земја, во здравствените домови каде што има поголема потреба. Возилата не може да се заменат одеднаш, ќе треба постепено да се реши, и следната година, со набавката на овие возила ќе добиеме и соодветен кадар таму каде има потреба“, рече Филипче.

Запрашан од „Порталб.мк“ за критериумите за распределба, Филипче првично рече дека ќе биде направено во согласност со моменталната состојба на возилата, но подоцна изјави дека распределбата ќе се врши откако ќе ги прашаат здравствените центри за тоа, кој колку има потреба.

„Да бидеме реални, има здравствени центри, кои велат дека немаат потреба за возила“, рече Филипче.

И со новата набавка, нема да се подобри сегашната ситуација во Македонија, при што во понаселените градови имаат мал број на возила за Итна медицинска помош, додека во помалку населените имаат поголем број на возила.

Во Скопје со над 800 илјади жители во служба се 13 возила, во Кочани со над 38 илјади жители има 10 возила. Кичево има над 52 илјади жители, што е повеќе од Кочани, но има само четири возила на Итна помош. Меѓу поголемите градови се Гостивар и Струмица, но тие имаат само по две возила, иако тие имаат само по три илјади жители помалку од Кочани.


Владата организира прослава во 15 градови за поканата за членство во НАТО


Скопје, 12 јули, 2018 - 10:50 (META) 

Владата организира „голема граѓанска прослава“ за поканата за членство во НАТО, во 15 градови ширум земјата заедно со преку 40 домашни артисти и музичари в сабота, 14 јули.

„Македонија започнува нова приказна – добивме покана за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.  Застануваме рамо до рамо со најсилните земји од Европа и светот. Македонија зачекорува во ново време. Време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност. Доаѓа време на подобар живот за сите граѓани тука во нашата земја. Се изборивме за сигурна иднина“, се вели во поканата до граѓаните на фејсбук-настанот на Влада.


Голем број туристи од Грција, Бугарија и од Албанија во Охрид за Прочка


Охрид, 26 февруари, 2017 - 15:02 (META) 

Стотици Грци, но и помал број туристи од Албанија и од Бугарија, допатуваа во Охрид и во Струга за прослава на верскиот христијански празник Прочка.

Гостите што допатуваа во Охрид го заживеаја градот. Кафулињата и рестораните се полни, а шеталиштето наликува како во сезона. Навечер гостите ги посетуваат православните храмови.

Задоволни се и туристичките агенции, хотелитерите и приватните станоиздавачи.

Лани, во посета на Охрид беше градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, додека градовите Охрид и Воден, договорија заеднички туристички пакети, како нов туристички производ во меѓусебната соработка.

Специфика на двата града се природните убавини, особено богатството од водни ресурси. Тоа е препознаено и од ЕУ, така што ќе бидат финасирани неколку проекти, преку Програмата за трансгранична соработка на ИПА-фондовите.


Централен регистар известува за работното време за прием на годишни сметки и извештаи


Скопје, 22 февруари, 2017 - 17:02 (META) 

Централниот регистар ќе врши прием на годишни сметки и финансиски извештаи за 2016 година, на 25 февруари (сабота) од 8 до 16 часот, 27  февруари (понеделник) и на 28 февруари (вторник) од 8 до 20 часот.

– За микро и малите компании кои нема да достават годишна сметка во хартиена форма во законскиот рок, ќе имаат можност годишната сметка, во согласност со Законот за трговски друштва, да ја поднесат во електронска форма до 15 март – информираат од Централен регистар.

В понеделник и во вторник од 8 до 16 часот, Централниот регистар ќе овозможи прием на годишните сметки во хартиена форма за 2016 година за правните субјекти и во градовите каде што нема свои канцеларии.

Во Кратово и во Демир Хисар тоа ќе бидат општинските згради, а во Крушево – објектот на „Уни банка“.


Британски „Телеграф“ го рангира Охрид меѓу 30 најубави градови во Европа


Охрид, 7 февруари, 2017 - 15:08 (META) 

Според проценките на Јапонската асоцијација на агенти за патување, објавени на интернет-страницата на британскиот весник „Телеграф“, градот Охрид е рангиран на 28. место меѓу 30 најубави градови во Европа.

Страницата го опишува Охрид како град кој се наоѓа на брегот на езерото што го носи истото име и кој ги исполнува условите и за културен и за природен локалитет на УНЕСКО.

Првото место на листата му е дадено на гратчето Килкени во Ирска, додека второто место му припадна на Берат во соседна Албанија, прогласен за светско наследство според УНЕСКО.

На трето место се најде туристичкиот феномен, селцето Сивита ди Бањореиџо во Италија, во кое живеат само 10 луѓе, но кое годишно го посетуваат 600.000 туристи.


Туристичките потенцијали на Македонија претставени на саем во Турција


Истанбул, 29 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Туристичките потенцијали на Македонија беа презентирани пред претставници од туристичката индустрија на Саемот за туризам во Истанбул на кој присуствуваат повеќе од 80 држави.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги промовираше природата, културата и отоманските споменици во Македонија, како и македонската традиција и градовите кои може да се посетат.

Делегацијата на Агенцијата оствари бројни средби со претставници на познати тур-оператори и компании кои дејствуваат во областа на туризмот.


Најмалку 38 загинати во серија бомбашки напади во Сирија


Дамаск, 5 септември, 2016 - 13:19 (META) 

Најмалку 38 лица загинале во серија бомбашки напади на воени и на владини цели во Сирија, јавиле сириските државни медиуми, пренесуваат светските агенции.

Нападите биле изведени во кратки временски интервали во градовите Тартус, Хомс, околината на Дамаск и во уште неколку други градови кои се под контрола на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Во двојниот бомбашки напад во пристанишниот град Тартус, кој е важно упориште на сириската влада, загинале 30 лица, а повеќе од 45 биле повредени. Во Тартус, исто така, се наоѓа руската воена база во Сирија.

Според медиумите, во Тартус првин експлодирал автомобил бомба, а потоа бомбаш-самоубиец детонирал експлозивна направа во моментот кога луѓе биле собрани да им помогнат на повредените во првиот напад.

Милитантите на Исламска држава (ИД) ја презеле одговорноста за бомбашкиот напад во градот Хасакеш, во кој загинале најмалку пет лица, но не и за нападите во другите делови на Сирија.


Протести во осум градови, демонстрантите ги менуваат методите?


Скопје, 8 мај, 2015 - 10:28 (META) 

Протести против полициската бруталност за денеска се најавени во повеќе градови. Граѓаните се организираат во Штип, Охрид, Куманово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Битола и во Скопје.

Секаде ќе се протестира против полициската бруталност, со барање за расветлување на убиството на Мартин Нешковски и за нова истрага за сообраќајната несреќа во која загина Никола Младенов.

Демонстрантите деновиве размислуваат и за промена на методот на протест. Според нашите информации, можно е да се блокираат крстосниците во центарот на Скопје и со таканаречено „тивко диско“ да демонстрираат смиреност и ненасилност.

На вчерашните протести на полицијата ѝ беа делени гумени бомбони и цвеќе.

„По неделните настани, обелоденувањето на снимките на кои се потврдува скривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на власта, и протестот во Скопје, и Охрид се приклучува на протестите против полициската бруталност! Охрид гордо стои до Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци и до Куманово, исправено, сите солидарно за подобро утре!“ стои во повикот на „Фејсбук“.

Тие ги повикуваат охриѓани на масовност.

„Драги охриѓани, движењето „Стоп за полициска бруталност“ не е централизирано движење и е целосна хоризонтална структура. Движењето сме сите! Затоа и немаме капацитет да ги модерираме и да се грижиме за тонот и за јазикот во настаните. Овде гледаме многу гнев и шпекулации. Не наседнувајте на лутината на оние кои профитираат од моменталната ситуација и сакаат да го заштитат тоа. Тука сме сите со една цел, подобро утре за нас и за нашите деца. Сè додека има желба да се биде на улиците и да се бара правда, така треба и да биде! Храбро Охрид – порачуваат на профилот на „Фејсбук“ од движењето „Стоп за полициска бруталност“.

 


Се кастри максималната брзина: Во градовите само со 50 километри на час!


Скопје, 17 ноември, 2014 - 11:17 (META) 

Максималната брзина на движење на возилата низ сообраќајниците во урбаните средини, наместо досегашните 60 километри на час, ќе изнесува 50 километри на час, е предвидено со измените на Законот за безбедност во патниот сообраќај, кој е подготвен и треба да се најде во собраниска процедура, потврдуваат за агенцијата „Мета“ од МВР.

Како што информираат оттаму, ова е најголемата и единствена измена во Законот за безбедност во сообраќајот во делот на ограничувањата на брзината на патиштата. Оваа измена е заснована на препораките и на искуствата на најголемиот дел од земјите-членки на ЕУ, кои од поодамна го имаат воведено лимитот од 50 километри на час во градските средини, а ова ограничување веќе функционира и на градските сообраќајници во земјите од регионот.

– Ограничувањето на брзините, како и казнената политика во новиот закон за безбедност во патниот сообраќај остануваат исти, единствена промена има во максималната брзина на движење во убрани средини, каде максималната дозволена брзина е намалена од 60 на 50 километри на час, во согласност со европската практика – велат од МВР.