Шилегов се сретна со градоначалникот на Атина, најавија соработка


Атина, 9 февруари, 2018 - 11:31 (META) 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска во Атина имаше прва официјална средба со градоначалникот, Јоргос Каминис.

– Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат, заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на нашите сограѓани – изјави Шилегов на заедничката прес-конференција.

Каминис изјавил дека од првиот ден од изборот на градоначалникот Шилегов, тие биле во комуникација.

– Тој е прогресивен и модерен политичар кој го разбира значење на добрата соработка меѓу градовите. На оваа прва средба договориме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени и дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде што ќе потпишеме и Меморандум за соработка. На денешната средба ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата и ќе создава политика на оптимизам меѓу двата града и двете земји – изјави Каминис.


Градоначалниците на Скопје и Атина повикуваат на остварливо решение за името


Скопје/Атина, 7 февруари, 2018 - 21:49 (META) 

Kако градоначалници на главните градови на двете земји, ги здружуваме нашите гласови и го поддржуваме процесот (за решавање на спорот за името) што мора да води кон остварливо решение, а не кон ново разочарување, наведуваат градоначалниците на Скопје и на Атина, Петре Шилегов и Јоргос Каминис во заедничка колумна во пресрет на нивната официјална средба закажана за в петок во Атина.

Колумната е објавена во утрешните изданија на македонскиот дневен весник „Слободен печат“ и во грчкиот дневен весник „Та Неа“.

„Во текот на изминатите неколку недели беа направени важни чекори и беше направен моментум за решавање на спорот кој ги дели нашите држави со децении. Ова кулминираше со неодамнешниот конструктивен состанок помеѓу двајцата премиери во Давос, што доведе до изрази на надеж и охрабрување кај нашите народи дека оваа историска можност нема да се пропушти повторно. Ние, како градоначалници на главните градови на двете земји, ги здружуваме нашите гласови и го поддржуваме процесот што мора да води кон остварливо решение, а не кон ново разочарување“, велат Шилегов и Каминис во колумната.

Двајцата градоначалници во колумната го изнесуваат своето разбирање дека активирањето на преговорите создава стравови и несигурност кај голем дел од населението во двете земји, и дека таквите негативни чувства и грижи треба да се почитуваат, внимателно да се решаваат и да не се игнорираат.

„Не смееме да дозволиме националистичките гласови во двете земји да ги искористат овие чувства во обидот да го загрозат конечниот договор и повторно да ја утврдат нашата судбина и нашата заедничка иднина, не само како соседи туку и како европски граѓани“, нагласуваат Шилегов и Каминис.

Тие истакнуваат оти се решени да изградат повеќе мостови на соработка и да бидат движечка сила за приближување на двете соседни земји. Велат оти е непобитен фактот дека бизнисите во Скопје и во Атина сé повеќе се поврзуваат, дека постои културна размена, младите студираат на исти универзитети, а нивните сограѓани посетуваат исти туристички дестинации во двете земји и развиваат меѓусебно пријателство.

На крајот од колумната Шилегов и Каминис додаваат дека како градоначалници на главните градови, се решени да го отворат патот кон поблиска соработка и дека силно ги охрабруваат владите на двете земји да го вложат тој дополнителен напор потребен за да не се пропушти новата можност и да се постигне договор кој им служи на основните интереси на двете земји и гарантира подобра иднина за сите нивни сограѓани.


Анализа: Градоначаниците не ги користат социјалните мрежи за да ги слушнат граѓаните


Скопје, 17 декември, 2017 - 13:45 (META) 

Осумдесет од вкупно 81 градоначалник ја користат социјалната мрежа „Фејсбук“ во својата работа, покажа анализата направена од тим специјалисти за социјални медиуми, во периодот помеѓу 04 и 15 декември 2017 година.

Втор на листата на „омилени“ социјални медиуми кои ги користат градоначалниците е „Инстаграм“. Анализата покажува дека 21 градоначалник го користат „Инстаграм“, а само пет од 81 градоначалник го користи „Твитер“.

Сепак, специјалистот за нови медиуми и односи со јавност, Бојан Кордалов, вели дека повеќето од градоначалниците еднонасочно ги користат социјалните медиуми, односно само за промоција на нивната работа, но не и за да контактираат и да ги слушнат проблемите и идеите на граѓаните.

– Тоа што недостасува кај поголемиот дел од нив е да бидат секојдневно присутни онлајн, но не само за да се претстават, туку да го слушнат мислењето, критиките и предлозите кои доаѓаат преку социјалните медиуми. Разликата во бројот на градоначалници кои користат „Фејсбук“ споредено со „Инстаграм“ веројатно се должи на недостатокот на професионални лица и тимови за социјални медиуми кои секоја општина е потребно да ги има. Активното користење на „Твитер“ од само 5 градоначалници можеме да го толкуваме како недостаток на ресурси, но пред сè и како избегнување на оваа публика која важи за најкритизерска. Ова не е добро и мора да се промени – вели Кордалов, кој е и автор на анализата.

Само тројца градоначалници истовремено користат Фејсбук, Твитер и Инстаграм во својата работа, а само еден градоначалник, односно градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски, воопшто не ги користи социјалните медиуми, покажа Анализата.

Сепак, градоначалниците се поактивни на „Фејсбук“ споредено со пратениците и министрите. Ваква анализа, направена во март годинава година, откри дека 110 од вкупно 120 пратеници користат „Фејсбук“, додека слично истражување објавено во јуни годинава покажа дека 20 од вкупно 26 министри се редовно активни на овој социјален медиум.


Заев вети владина помош на општините за враќање на долговите


Струга, 1 декември, 2017 - 21:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев најави план за помош на општините во справувањето со долговите кои надминуваат 200 милиони евра, упатувајќи порака до градоначалниците да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците.

– Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни – рече Заев на Националниот форум за градоначалници, кој се одржува денеска и вчера во Струга. На форумот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност да дискутираат со премиерот и со министрите за приоритетите и за потребите на општините.

– Локалните заедници се срцето на развојот и демократијата. Општината е местото каде се создава квалитетот за животот на граѓаните – рече постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

Самуел Жбогар,  шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.

Премиерот Заев најави дека Владата ќе работи заедно со градоначалниците за вистинска децентрализација преку пренесување на надлежностите и обезбедување поголемо финансирање за локалниот развој.

– Не постои причина зошто капиталните инвестиции, на пример, во образованието, да не бидат во рацете на општините или планските региони. Вие подобро знаете каде се потребни парите – рече Заев.


Дураки и Макрадули ќе разговараат за загадувањето со скопските градоначалници


Скопје, 8 ноември, 2017 - 9:52 (META) 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, и заменик-министерот Јани Макрадули со градоначалникот на Град Скопје и со градоначалниците на општините од Скопскиот Регион денеска ќе одржат состанок за координирање и за усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Од Министерството информираат дека на состанокот ќе биде презентирана моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, како и предлог-мерките и патоказите за дефинирање на идната комуникација и на заедничкото дејствување на МЖСПП, УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекцискиот совет.

На средбата, како што е најавено, ќе присуствуваат и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.


Им престана мандатот на пратениците што станаа градоначалници


Скопје, 1 ноември, 2017 - 12:56 (META) 

Во експресното прво продолжение на 18. седница, прва по долгата пауза поради локалните избори, Собранието денеска констатираше дека им престанал мандатот на пратениците што беа избрани за градоначалници во првиот круг на локалните избори, односно на Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски, но и на Бардиљ Даути од ДПА и на Зеќирија Ибрахими од Беса, кои си поднесоа оставки откако Собранието ја прекина работата поради изборите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, посочи дека на ред е Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го извести Собранието кои имиња од кандидатските листи на нивните партии ќе ги пополнат испразнетите пратенички фотелји.

По десетина минути работа, Џафери даде пауза и најави продолжение во 13 часот. На него Собранието би требало да ги прогласи новите пратеници од изборната листа на СДСМ.

Пред почетокот на денешната седница, која беше најавена за 11 часот, а почна со задоцнување од 25 минути, во собраниската пленарна сала, пратениците од СДСМ им ги честитаа новите градоначалнички функции на Шилегов, Богоев, Димитриевски, Поцков и на Јаневски.


Амбасада на САД: Новите градоначалници да бидат отворени, достапни и одговорни


Скопје, 31 октомври, 2017 - 12:47 (META) 

„Силна локална власт обезбедува основи за динамична демократија. Ги охрабруваме новоизбраните градоначалници и советници да бидат отворени, достапни и одговорни за граѓаните во своите општини“, се вели во оценката на Амбасадата на САД за локалните избори.

Од амбасадата велат дека ќе ја продолжат соработката со општините, организациите и граѓаните за да се унапредат клучните реформи на локално ниво.

„Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа одржани во атмосфера на натпревар и дека почитувањето на основните слободи придонесе за подобрување на демократскиот процес. Овие заклучоци се во согласност со тоа што тимовите од Амбасадата на САД го забележаа за време на првиот и вториот круг од изборите. Таму каде што постои загриженост за неправилности и за злоупотреби, повторно препорачуваме на граѓаните да ја искористат соодветната процедура и да ги пријават, а на релевантните власти -бргу да ги адресираат“, се вели во соопштението.

Од Амбасадата ѝ препорачуваат на Државната изборна комисија и на другите владини тела да го искористат периодот по овој изборен процес за да се фокусираат на препораките на ОДИХР што беа дадени по изборите во 2016 година и во 2017 година за да се зајакнат идните изборни процеси.


ЕК: Новите градоначалници имаат чист мандат, лидерите да се однесуваат одговорно


Брисел, 30 октомври, 2017 - 19:25 (META) 

Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, оцени денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Според неа, акцентот сега треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани.

– Изборите беа набљудувани од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која во својата првична изјава оцени дека двата круга беа одржани во атмосфера на антпревар преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости. Сите чинители во државава треба да ги спроведат препораките од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, со што ќе им се овозможи на државните институции да ги зајакнат своите капацитети пред следниот изборен циклус. За оваа цел Европската Унија е подготвена да понуди поддршка – вели Коцијанчич.

Забелешките и жалбите од учесниците во изборите, според Коцијанчич, треба да се насочат кон релевантните државни институции, во согласност со установените процедури и во рамките на законските рокови.

– Важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и во политичките процеси – додава Коцијанчич.


„Мост“: Вториот круг од изборите помина во мирна и демократска атмосфера


Скопје, 30 октомври, 2017 - 15:27 (META) 

Прелиминарната оценка на граѓанската асоцијација „Мост“ за вториот круг од локалните избори е дека гласањето се спровело во фер и демократска атмосфера.

Според „Мост“, институциите имале брза и ефикасна реакција во текот на гласањето во однос на забележаните неправилности во и надвор од гласачките места.

„Во овој изборен круг, исто така беа отстранети техничките предизвици при спроведувањето на гласањето кои беа забележани во првиот круг. Во текот на денот, набљудувачите најчесто јавуваа за случаи на групно, односно семејно гласање и за фотографирање на гласачките ливчиња, но мора да се истакне дека фреквенцијата на сите видови забележани неправилности беше намалена, споредено со првиот изборен круг“, велат од „Мост“.

Според извештајот на невладината организација, гласањето на болните и немоќни лица пред денот на изборите генерално било спроведено во согласност со процедурите, освен што еден избирачки одбор не ја носел со себе гласачката кутија, а во неколку случаи не била запазена тајноста на гласањето. Поголем број од лицата кои гласаат во затвор не биле пронајдени на избирачкиот список.

„Мост“ вториот круг на гласањето го следеше со повеќе од 1.000 набљудувачи на 50 отсто од гласачките места во секоја општина.


Котевски: ВМРО-ДПМНЕ не ги враќа мандатите, иако не ги признава резултатите од изборите


Скопје, 30 октомври, 2017 - 12:22 (META) 

По вчерашниот говор на партискиот лидер Никола Груевски, во кој тој ги проласи изборите за нерегуларни и порача дека не ги признава, денеска од ВМРО-ДПМНЕ за „Мета“ велат дека тоа не значи дека ќе бидат вратени освоените мандати, оти со тоа „само би им помогнале на Заев и на СДСМ полесно да тргуваат со националните интереси“.

– ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите на криминалните избори, бидејќи волјата на граѓаните во голема мера беше украдена со закани, притисоци, поткуп и со злоупотреба на институциите, но не постои причина градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ што победија да ги враќаат мандатите, особено во вакви услови, бидејќи на тој начин само би им се помогнало на Заев и на СДС во узурпација на нивната волја и во реализацијата на нивниот план за обезбедување целосна власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси – одговори партискиот портпарол Иво Котевски на прашањето од „Мета“ дали вчерашниот говор на Груевски значи дека партијата нема да се вклучи во локалната власт и избраните кандидати нема да ги пополнат освоените градоначалнички и советнички места.

Котевски во писмениот одговор вели и дека неговата партија е убедена дека вистинска проверка на рејтингот на партиите може да се покаже само на фер предвремени парламентарни избори.

– ВМРО ДПМНЕ не ги признава резултатите на криминалните избори бидејќи волјата на граѓаните во голема мера беше украдена со закани, притисоци, поткуп и со злоупотреба на институциите. Доколку изборите се одржаа во макар минимум фер и демократска атмосфера, резултатите ќе беа поинакви. Најдобра проверка на сите овие факти може да добиеме на предвремени избори, кои би се организирале по пржинскиот модел, односно избори во кои ќе постои контрола врз злоупотребата на државниот апарат во партиски цели – посочи тој.

Партискиот лидер Груевски вчера во долгиот говор обвини за бројни нерегуларности и рече дека Македонија се соочила со „екстремно недемократски поход“.