!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Новинар од „Порталб“ доби закани по објава на текст за Блерим Беџети


Скопје, 7 јуни, 2017 - 20:38 (META) 

Новинар што работи во порталот на албански јазик „Порталб“ (portalb.mk) денеска доби закани, откако на овој медиум беше објавен текст за можни злоупотреби на службената положба од страна на поранешниот министер за правда и поранешен градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети.

Случајот бил пријавен во полиција, а биле известени и Здружението на новинари, Делегацијата на Европската Унија, како и други надлежни органи.

Во текстот на „Порталб“, за Блерим Беџети пишува дека тој, како градоначалник на Сарај, овозможил неговиот шеф на кабинет, Бекир Муамеди, да добие тендер во вредност од 810.000 евра.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги блокираше општините


Скопје, 31 мај, 2017 - 10:02 (META) 

Во редовното утринско соопштение денеска, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ го манифестирал „својот страв и антидржавното дејствување со одбивање на предлогот да се изгласа во итна постапка датумот за одржување на локални избори и да се продолжат мандатите на градоначалниците и на советите на општините и на Град Скопје“.

Предлогот на седницата на Собранието на Република Македонија за избор на владата го поднесе Илија Димовски, но беше одбиен од мнозинството.

„СДС со ваквото свое дејствување прави срамен преседан и го загрозува нормалното функционирање на единиците на локална самоуправа. СДС ги доведува во прашање исплатите на платите на вработените во општинската администрација, функционирањето на јавните претпријатија формирани од општините, детските градинки, основните и средните училишта, противпожарните служби, но и го оневозможува издавањето на разни  дозволи и одобренија, кои ги потпишуваат градоначалниците или претседателите на совет“, се вели во соопштението.

Партијата обвинува дека директна вина за сите проблеми и штети од состојбите ќе има СДСМ, за која обвини дека го блокира нормалното функционирање на државата поради теснопартиски интереси.


Кривични пријави за екс министерот Спасов и прилепскиот градоначалник Ристески


Прилеп, 22 мај, 2017 - 10:44 (META) 

Заради сомневање дека извршиле злоупотреба на службената положба и овластување, како и несовесно работење во службата“, денеска во Основното јавно обвинителство Прилеп  адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава против поранешниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, поранешниот директор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ Дарко Рибароски, директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Снежана Јованоска и против членови на Управниот одбор на прилепскиот Дом за стари лица, јави „Публикум“.

Според подносителот на пријавата,постојат основи за сомнение дека во периодот од 2009 година до денеска спротивно на одредбите од чл. 95 од Законот за социјална заштита, пријавените Диме Спасов и Снежана Јованоска со тогашниот директор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“, Дарко Рибароски, склучиле договор за финансирање на проектот „Народна кујна“, без обезбедено одобрение за вршење дополнителна дејност од Владата.

Исто така, според кривичната пријава поднесена од Стеваноски, постојат основи за сомневање дека прилепскиот градоначалник Марјан Ристески и членовите на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп со неизвршување на својата службена должност, спротивно на Статутот на јавното претпријатие и на Законот за социјална заштита, не спровеле постапка за избор на нов директор на установата во периодот од 08.07.2010 до 05.11.2015. Со тоа, спротивно на закон, му овозможиле на Рибароски да ја врши функцијата ВД директор на домот за стари лица. Во тој период, според наведеното во пријавата, преку неизвршување на службените должности и непреземање на мерки и активности за законито управување со средствата на домот, била предизвикана штета во износ од преку 15 милиони денари, односно 243.000 евра.

Во само неколку денови, ова е втора пријава против сегашни и поранешни директори на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“, откако минатата недела четворица вработени во домот поднесоа кривична пријава против актуелната директорка Ирена Стерјоска Локвенец, за малтретирање во вршење на службата.


Директор на тетовско средно училиште смета дека е разрешен незаконски и тенденциозно


Тетово, 12 мај, 2017 - 13:28 (META) 

Директорот на Средното стручно училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, Александар Бачевски, смета дека решението за негово разрешување донесено од Општина Тетово е незаконско, тенденциозно и од политички причини.

Тој изјави дека ќе го прифати решението за да не ја усложнува ситуацијата која, според него, е и онака комплицирана, во период кога завршува мандатот на градоначалниците и на советите на општините.

– Решението за мое разрешување, кое е потпишано лично од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, е невалидно и незаконско, затоа што е донесено според Законот за локална самоуправа, а не според Законот за средно образование. Но, јас ова решение ќе го прифатам и нема да поднесам жалба затоа што в понеделник истекува мандатот на градоначалниците и ако поднесам жалба, уште повеќе ќе се искомплицира работата, а тоа ќе штети и на воспитно-образовниот процес во нашето училиште – додаде Бачевски.

Според него, откако се обзнанила коалицијата СДСМ –  ДУИ, тој постојано имал притисоци и од заменик-директорот во училиштето, кој е кадар на ДУИ, но и од други луѓе од општината, иако со нив во изминативе неколку години имал одлична соработка.

– Сите знаат дека моево разрешување е политички мотивирано. Јас имав одлична соработка со Општина Тетово, многу успеси сум постигнал со училиштево, дури и од Општината имам добиено награда – рече Бачевски.

Инаку директорот на средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ беше разрешен од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, поради, како што пишува во решението, „учеството на директорот во настаните во Собранието на 27 април, за време на одвивањето на воспитно-образовниот процес во училиштето.“


Трајановски: Идризи беше пример како треба да работи еден градоначалник


Тетово, 7 мај, 2017 - 17:30 (META) 

„Идризи беше голем човек, пред сè, професионалец, тој беше пример како треба да работи еден градоначалник. И јас учев од неговите потези и идеи, иако тој водеше мала, а јас голема општина“, истакна претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во говорот на погребот на градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи.

Високи функционери на ДУИ, меѓу кои и лидерот Али Ахмети, но и голем број луѓе присуствуваа на погребот на Идризи во Боговиње.

Тој извршуваше трет мандат како градоначалник, но вчера беше убиен од поранешен вработен во Општината, кој по убиството со пиштол си пукаше во слепоочница и на Клиничкиот центар во Скопје им подлегна на повредите.


ДУИ жали за убиството на Идризи и бара да се расветлат мотивите за случајот


Тетово, 6 мај, 2017 - 14:59 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара надлежните институции да ги расветлат мотивите за убиството на градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, кое, како што велат во соопштението, во никој случај не било испровоцирано.

– ДУИ е длабоко потресена од веста за убиството на членот на нашето семејство и градоначалник на Oпштина Боговиње, Хазби Идризи, за време на извршувањето на својата должност во служба на граѓаните. Нашите мисли и срца во овие тешки моменти се со семејството и со пријателите на Хазби Идризи – се вели во соопштението од ДУИ.


Градоначалникот на Боговиње, Хазби Идризи, им подлегна на повредите од огнено оружје


Тетово, 6 мај, 2017 - 11:55 (META) 

Градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, им подлегнал на повредите откако утрово бил застрелан со огнено оружје, потврдуваат од Клиничкиот центар во Тетово за „Мета“.

Неофицијално, убиството го извршил вработен во Општината, кој, наводно, добил отказ од работа. По убиството, А.Ќ. се обидел да се самоубие, пукајќи си во слепоочница. Тој со возило на итната медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје на КАРИЛ.

Полицијата работи на расветлување на случајот и се очекуваат и подетални информации.


ВМРО-ДПМНЕ: Изјавата на дебарскиот градоначалник го поткопува темелот на државноста


Скопје, 23 април, 2017 - 14:25 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува изјавата на градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, која го уништува духот на соживотот и длабоко го поткопува темелот на државноста и уставното уредување, порача на партиска прес-конференција денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој ја обвини СДСМ дека е главниот поттикнувач на големоалбанските тенденции.

– Ваквите националистички и ретроградни изјави, кои зачестија во последниот период, се предизвикани директно од антидржавното дејствување на криминалецот Зоран Заев, неговите антидржавни ветувања во Берн и од прифаќањето целосно да ја реализира тиранската платформа. Покрај Лата, вакви антидржавни изјави се изнаслушавме и од Зијадин Села, коалицискиот партнер на Заев, од кого зависи мнозинството на СДС во парламентот, Еди Рама,  Хашим Тачи, Дитмир Бушати и од Месила Дода и ниту една изјава не беше осудена од страна на СДС. Зоран Заев и СДС се главен поттикнувач на „големоалбанските“ апетити во Македонија и во регионот. Заев ги разбуди духовите на минатото и шовинистичките и иредентистички намери на одредени кругови во регионот – рече Данев.


Меџити нема да се кандидира за градоначалник на Чаир


Скопје, 7 април, 2017 - 14:34 (META) 

„Одлучив да не се кандидирам на наредните локални избори за градоначалник на Општина Чаир. По три мандати и по 12 години, дојдено е време да се остави простор и можност на помладите генерации од нашата политичка структура за да го дадат нивниот придонес заснован на знаење, способност и на одговорност“, вели градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, на својот фејсбук-профил.

„За мене беше чест што напишав историја како прв градоначалник на општина со албанско мнозинство во Скопје, што произлезе како обврска од Охридскиот договор. Но, сега е време да се повлечам и со сето искуство и знаење низ овие години, да застанам како најверен војник на следниот градоначалник на општината од редовите на Демократската унија за интеграција. За 12 години, односно три последователни мандати, заеднички се соочивме со секојдневните проблеми, почнувајќи од инфраструктурата и од амбиентот, па сè до блокади и до политички притисоци, протести кои одвреме-навреме можеа да предизвикаат тешки последици за нашето општество“, вели Меџити.

Меџити во напишаното му се заблагодарува на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, воените структури на ОНА во Скопје, на политичките структури на ДУИ, од локалните совети па сè до генералното раководство на партијата, како и на секој гласач поединечно.


Професорот Стојаноски, фаворит на внатрепартиските избори на СДСМ за градоначалник на Охрид


Скопје, 27 февруари, 2017 - 20:41 (META) 

Професорот Јован Стојаноски, од Факултетот за туризам во Охрид и актуелен координатор на советничката група на СДСМ, ги освои најголемиот број гласови на внатрепартиските избори за кандидати за градоначалник и за советници во Охрид.

Стојаноски остварил убедлива победа со неколку стотини гласови разлика пред второпласираниот кандидат за градоначалник, Науме Јованоски, поранешен претседател на општинската организација на СДСМ.

Првпат досега, во општинскиот разгранок на СДСМ во Охрид се одржани внатрепартиски избори за кандидати за градоначалник и за советници.

Претходно, од разгранокот, преку јавно обраќање, повикаа да се пријавуваат што повеќе кандидати за да се донесе нов квалитет и можност за избор од поширока листа на можни кандидати.

Меѓу другите, на градоначалничката позиција атакуваат пратеници, функционери во локалниот разгранок, членови на централниот и на извршниот одбор на партијата.

„Резултатите ќе имаат значително влијание врз утврдувањето на конечните кандидатски листи од страна на партиските тела и органи во СДСМ. Денешниот ден е празник на демократијата во СДСМ од Охрид и нова страница во партиското дејствување, не само во нашиот град, туку и во државата. Изборната постапка во СДСМ од Охрид е отворена, транспарентна и демократска“, порачуваат од локалниот разгранок на СДСМ.