СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески си поиграа со 20 вработени во градинка во Охрид


Охрид, 14 ноември, 2014 - 14:29 (META) 

Со судбината на околу 20 вработени во детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид си поиграа ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески. Иако во буџетот беа предвидени 6,56 милиони денари за да бидат исплатени како привремено вработени, сега луѓето се оставени во неизвесност да работат како волонтери, обвинија од општинската организација на СДСМ во Охрид.

– Со новиот ребаланс, оваа ставка ја намалија за огромни 5,56 милиони денари и ја сведоа само на еден милион. Власта си поигрува со егзистенцијата на овие вработени во градинката и со тоа што тие се платени далеку под минималната плата во државата иако чесно си ја извршуваат работата. СДСМ апелира општинската власт да ја преиспита и повлече ваквата срамна одлука и еднаш да им стави крај на недостојните начини на искористување на работната сила на вработените во детската градинка „Јасна Ристеска – порачаа од СДСМ-Охрид.

 


Децата од градинката „Срничка“ градеа град од коцки


Скопје, 13 ноември, 2014 - 9:19 (META) 

Дечињата од градинката „Срничка“, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Скопје, беа во посета на Детскиот културен центар – Карпош,  каде под мотото „Да го изградиме нашиот град“, се приклучија во изградбата на импровизиран град од коцки.

Децата од градинката Срничка

Децата од градинката „Срничка“

 


Отворена првата градинка во Дојран


Дојран, 12 ноември, 2014 - 16:03 (META) 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и градоначалнкот на Дојран, Борче Стамов, ја отворија првата градинка во Дојран која ќе згрижува деца од целата општина. Градинката „Кокиче“ има можност за згрижување до 50 деца, а моментално половина од капцитетот е веќе исполнет. Засега градинката ќе работи само по три часа во денот, но надлежните велат дека за два месеци ќе работи со полно работно време.
– Градинката ја опремивме со најсоодветна и модерна опрема и ги создадовме сите неопходни услови, според сите современи стандарди за општина Дојран да добие една врвна детска градинка со капацитет за згрижување до 50 дечиња. Имено, Општина Дојран досега воопшто немаше посебна градинка и со ова значително се подобрува квалитетот на услугите за децата од предучилишна возраст, кои ќе ги дава понатаму оваа јавна општинска установа за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст – рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Објектот чини пет милиони денари и е инвестиција на Министерството за труд и социјална политика.


Хигиеничарка од градинка во Блатец заболена од менингит, три деца на антибиотска терапија


Виница, 12 ноември, 2014 - 12:55 (META) 

54-годишна хигиеничарка од детската градинка во виничко Блатец заболела од тешка форма на заразен менингит. По земањето примероци, кај три од вкупно 13 деца што престојуваат во градинката е утврдено присуство на предизвикувачот на болеста.

– Заболената жена е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести во Скопје и е во карантин. Стабилизирана ѝ е состојбата и засега не може да се зборува за епилогот – изјави епидемиологот до Виница, Горан Николов.

Децата, кај кои е утврдено присуството на бактеријата се здрави, но превентивно им е даден антибиотик.

Сепак, според доктор Николов, нема потреба од паника бидејќи болеста не е од таков степен на инфективност што е опасен за околината.

– Болеста се јави кај жена која е со ослабен имунитет и има висок крвен притисок – изјави Николов.

Бактеријата, како што објаснува епидемиологот, нормално ја има во околината и кај луѓето и се пренесува преку воздухот, меѓутоа организмот реагира само при ослабен имунитет или кај веќе болни луѓе.

Директорот на градинката, Илија Јованов, изјави дека е направена комлетна дезинфекција.

– Темелно се исчистени просториите и играчките, а земени се примероци од сите деца и од тројцата вработени во градинката – изјави Јованов.

Вообичаено, годишно се регистрираат по само неколку случаи на енцeфалит.

В.К.


Отворена градинка во Кривогаштани


Прилеп, 4 ноември, 2014 - 12:59 (META) 

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во Кривогаштани, заедно со градоначалникот Тони Заткоски, ја пушти во употреба новата и прва градинка во општината.

Спасов нагласи дека се работи за комплетно нов, современ објект со најнова и најсовремена опрема за оваа прва детска градинка во Кривогаштани.

– Ова е заеднички успех зашто изнајдовме начин и средства со заедничка инвестиција од вкупно 5 милиони денари да се создаде овој нов и современ објект – изјави Спасов.

Според него, ова е капитален проект за општината зашто тука ќе се згрижуваат и ќе се воспитуваат децата од предучилишното образование.

– Капацитетот на градинката е за 50 деца. Со оваа градинка се создаваат и услови за правилен раст и развој на децата од предучилишна возраст. Се надевам дека наскоро овој капацитет ќе биде мал, а со општината ќе најдеме начини за друг вид соработка – рече Спасов.

Минатата година, со помош на Министерството за труд и социјална политика во општина Кривогаштани се отворени дисперзираните канцеларии на Центарот за вработување и на Центарот за социјална работа.

– Во иднина ќе продолжиме да ги доближуваме институциите и услугите до жителите на оваа општина, но и да создаваме нови капацитети како што е оваа детска градинка – рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Според градоначалникот Тони Заткоски, градинката што е лоцирана до основното училиште „Манчу Матак“ е веќе исполнета.

– Планираме да отвориме детска градинка и во селото Обршани, кое е едно од поголемите во општината – изјави Заткоски.

Градинката располага со сите потребни услови, помагала и простории за престој на децата и за нивно воспитување, а дворот е уреден со забавни површини.