!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Курц смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена


Виена, 22 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Министерот за надворешни работи и шеф на Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц, смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена кои ги посетуваат 10.000 деца, пишуваат австриските медиуми.

Тој додал дека таквите градинки, јазично и културно се целосно одвоени од мнозинството во општеството.

Според него, клучот е во успешна интеграција и во знаење германски јазик. Тој се залага за воведување задолжителна посета на градинки во Австрија, за да се спречи децата кога ќе почнат на училиште да не знаат германски јазик.


Експлозија во градинка во Кина – седум загинати и 59 повредени


Пекинг, 15 јуни, 2017 - 15:01 (META) 

Седум лица загинаа во експлозија во градинка во Фенгксиан во источната кинеска провинција Џиангсу, јавуваат кинеските медиуми.

Полицијата сè уште нема официјално потврдено колку лице загинаа, но кинеските медиуми јавуваат дека освен седумте загинати, во експлозијата има и 59 повредени лица.

Кинеската држвна телевизија „Си-си-ти-ви“ јави дека две лица загинале при самата експлозија, додека другите починале во болница.

Агенцијата „Ксинхуа“ јави дека експлозијата се случила во време кога родителите доаѓаат да си ги земат децата од градинка. Засега не се знае што ја предизвикало експлозијата.


Овчи сипаници ги испразнија училиштата и градинките, регистрирани 3.025 случаи


Скопје, 4 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Во училиштата и во градинките е забележан зголемен број на деца со овчи сипаници, па така во некои одделенија речиси половина од учениците отсуствуваат од настава поради појавата на овој вирус.

Информацијата дека во овој период е регистрирано релативно зголемување на бројот на лица заболени со овчи сипаници, за „Мета“ ја потврдија и од Институтот за јавно здравје.

„Во 2017 година регистрирани се 3.025 случаи на мали сипаници или за 15 проценти повеќе споредено со истиот период од 2016 година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи овчите сипаници се појавуваат сезонски, односно највисок број на случаи се јавува во периодот од април до јуни“, вели лекарот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој информираше дека ова заболување трае кратко, се карактеризира со осип по кожата, проследен со треска и со слабост и дека вирусот е многу заразен. Периодот на инкубација е помеѓу две и три недели.

Болеста може да биде сериозна кај повозрасните и кај лицата со намален имунитет.


Илијовски: Градинката што ја изгради Жерновски покажува знаци на неквалитет


Скопје, 21 февруари, 2017 - 14:36 (META) 

И кога првпат во својот мандат се осмели да изгради градинка, Андреј Жерновски ја изгради фушерски, изјави на денеска на прес-конференција Илија Илијовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Илијовски вели дека градинката која чини 2 милиони евра уште веднаш почнала да покажува знаци на неквалитет.

– Плочникот во дворот веќе е целосно руиниран и уништен. Автомобили поминуваат и се паркираат врз него секој ден. Се полни со вода и при најмал дожд. Мрзливиот и алчен Жерновски, народните пари ги расфрла без мера. Неквалитетни боемски улици од 1,2 милиони евра, скапи тамбураши, скапи диџеи кои не настапуваат, неквалитетна реализација во градинка, огромна сума на пари за училиште кое не е изградено – вели Илијовски.

Според него, тоа е начинот на работа на, како што рече, мрзливиот и алчен Андреј Жерновски и додаде дека Општина Центар има најмалку капитални проекти од сите општини.


Депонија во центарот на Охрид, помеѓу училиште и детска градинка


Охрид, 21 февруари, 2017 - 11:49 (META) 

Освен што не направи ништо за образованието во Охрид, локалната самоуправа го става на ризик и здравјето на учениците, обвинија од СДСМ.

Од охридскиот разгранок на партијата побараа градоначалникот Никола Бакрачески и раководството на основното училиште „Григор Прличев“ итно да ја исчистат депонијата што се создава среде најголемото основно училиште и веднаш до централната детска градинка, во центарот на Охрид.

– Покрај депонијата, од која се шири смрдеа и претставува опасност од зарази, секојдневно поминуваат деца кои ризикуваат да добијат некаква болест или инфекција – предупредија од општинскиот разгранок на СДСМ во Охрид и приложија фотографии како доказ.


Паниката ги проретчи училиштата, МОН чека инструкции од кризниот комитет


Скопје, 13 септември, 2016 - 11:11 (META) 

Официјален став од Министерство за образование за затворање на училиштата нема, но и покрај тоа, голем дел од родителите самоиницијативно одлучуваат да не ги носат децата на училиште и во градинка.

Според информациите на „Мета“ од терен, во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава се присутни половина или една третина од децата.

Од Министерството за образование велат дека тие не можат да донесат одлука за затворање на училиштата, ниту да влијаат врз индивидуалната одлука на родителите, туку чекаат инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи.

Управувачкиот комитет за справување со кризи вчера попладне одржа нов состанок во врска со серијата земјотреси, а по негова препорака Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) ги посети училиштата и градинките во Скопско.

Во некои училишта, дел од просториите се забранети за користење.

Некои од општините веќе презеле одредени мерки, па така градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, свикал состанок со директорите на деветолетките. Тие го известиле дека презеле соодветни мерки предвидени за вонредни ситуации.

– Во училиштата беа поставени знаци (насоки) за движење при евакуација на децата и на персоналот. Испратени се пишани известувања во секоја училница за однесување на децата и на наставниците за време на земјотрес и одржани се две показни вежби на кои учество зедоа сите ученици и наставници од училиштата. Освен во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, каде што има одредени оштетувања на вториот кат од училиштето изградено во 50-тите години од миниот век и каде што наскоро ќе се преземат мерки за санирање на штетите, во другите училишта нема никакви оштетувања што можат да го загрозат непреченото одржување на редовната настава. Истата ситуација е и со објектите на градинките – информираат од Општина Ѓорче Петров.


Жерновски: 100 деца од градинката „Кочо Рацин” на улица ако МТСП не ги продолжи договорите


Скопје, 23 јуни, 2016 - 13:24 (META) 

„Денеска упатив уште еден апел до Министерството за труд и социјална политика да ги продолжи договорите за 11 вработени за да не се случи близу 100 деца од новата градинка „Кочо Рацин“ да не можат да бидат згрижени“, напиша градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, на својот профил на „Фејсбук“.

Тој додава дека на 11 вработени во новата градинка на 30 јуни им истекува договорот за вработување. Доколку не се продолжат договорите за нивно ангажирање, близу 100 деца ќе треба да останат на улица.

– Неколкупати пративме допис до Министерството, но немаме никаков одговор. Се надевам дека политиката нема да преовлада, туку разумот и грижата за децата – додава Жерновски во статусот.

Тој потсетува дека за згрижување на децата и за нормално функционирање на новата градинка „Кочо Рацин“, неопходно е да се продолжат договорите за ангажирање на шест негувателки, еден воспитувач, готвач, лекар и за двајца хигиеничари.


Груевски: Штом нешто влезе во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа е завршена работа


Скопје, 28 февруари, 2016 - 18:28 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска со неколку партиски функционери ги посети селата Бразда, Чучер, Сандево, Мирковци и Кучевиште.

Жителите на селата му се пожалиле на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека имаат проблеми со локалниот пат, немаат градинка, ниту, пак, фискултурна сала. Како што пишуваат некои медиуми, жителите на овие села побарале од Груевски нивните барања да бидат запишани во програмата на владејачката партија.

„Ми беше задоволство што можев директно од граѓаните да слушнам за овие проблеми. Интересно е тоа што сите бараат нивните барања да бидат внесени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од причина што знаат дека ако барањата ги ставиме во програмата, тогаш таа работа се исполнува. Задоволство ми е што дојдовме до тој степен луѓето да разберат дека кога нешто ќе влезе во програмата, тогаш тоа е речиси завршена работа“, изјави Груевски.


Градинката „Корчагин“ го прослави патронатот


Скопје, 19 февруари, 2016 - 9:19 (META) 

Градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ вчера го прослави патрониот празник. Децата пред присутните, меѓу кои беше и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, изведоа пригодна програма.

Градинката „Корчагин“ прослави 68 години постоење.


СДСМ: Додека децата смрзнуваат, директорката се шета во странство


Скопје, 12 февруари, 2016 - 9:46 (META) 

„Два дена јавната детска установа „Јасна Ристеска“ од Охрид нема централно греење во својот објект „Развигорче“. Таму каде што цел ден престојуваат нашите деца, недозволиво е во зимски услови да нема греење“, обвинуваат од СДСМ.

„Дали воопшто директорката реагирала да се надмине таа состојба или сè уште е под импресии од службеното патување како дел од официјалната делегација на Општината Охрид во Нови Сад?! Патем, нека им објасни на граѓаните и на родителите на измрзнатите деца во градинката, во кое својство таа беше дел од таа делегација“, прашуваат од партијата.