!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Изградбата на џамијата на Попова Шапка продолжува, иако нема дозвола за градба


Тетово, 14 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

На Попова Шапка деновиве повторно продолжија градежни активности за изградба на џамија која нема дозвола за градба. Инвеститорот не се откажува од изградбата на џамијата дивоградба, иако тетовскиот општински инспекторат во изминативе две недели, двапати бил на местото каде што се гради и му наложил да го запре градење.

Иако и двете забрани беа испочитувани неколку дена, ископите за поставување на темелите продолжиле уште во текот на вчерашнот ден. Денеска, местото каде што треба да се гради џамијата беше израмнето и се носеше градежен материјал.

Од секторот за урбанизам при Општина Тетово велат дека на таа локација нема издадено никакво одобрение за изградба на верски објект ниту, пак, за каков било објект. Од тетовски општински инспекторат имаат отворено предмет во кој е констатирано дека џамијата е дивоградба.

Во случајот е вклучен и државниот градежен инспекторат, кој само врши надзор на работата на тетовскиот инспекторат. Но, денеска ниту од Општина Тетово ниту од државниот градежен инспекторат не ни одговараа на повиците да објаснат што ќе преземат против инвеститорот, кој и понатами го крши законот.

Од тетовското муфтиство при Исламската верска заедница денеска не беа достапни за коментар.

Претходно за дел од медиумите негираа дека вршат градежни активности за изградба на џамија на Попова Шапка, иако на повеќе билборди поставени на патот кон Попова Шапка пишува дека во туристичкиот центар ќе се гради џамија, а како инвеститор се наведува ИВЗ.

Планот е џамијата најверојатно да биде на три ката, со големо минаре, а локација се наоѓа веднаш над главниот пат на туристичкиот цетнар, на само десетина метри од викендички.


ВМРО-ДПМНЕ: Секој кој ќе излезе на улица, може да види во чие време се градело


Скопје, 3 февруари, 2017 - 14:04 (META) 

Македонија денес е една од најмалку задолжените земји во Европа и покрај европската должничка и светската економска криза, што е резултат на успешните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, во кое се повикува министерот за финансии, Кирил Миноски да каже за што ги задолжувал граѓаните 40 милиони евра месечно.

– Лагите на СДСМ се побиваат и со податоците што транспарентно ги објави Министерството за финансии, во кои јасно секој граѓанин може да ја види расходната и приходна страна на буџетот, како и долговите. Впрочем, сега граѓаните може да видат каде завршуваат парите, за разлика од времето на СДСМ кога само во мандатот од 2002 до 2006 година потрошија милијарди евра народни пари, а камен на камен не оставија – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека секој што ќе излезе на улица може да види во чие време се градело и се правело нешто за граѓаните.


„Да ја спасиме Попова Шапка“: Наместо да го градат, институциите го уништуваат центарот


Тетово, 28 јануари, 2017 - 12:28 (META) 

Попова Шапка е оставена без никаква инфраструктура, одржување и без конкретен проект за модернизирање на туристичките капацитети.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа граѓаните што ја поведоа иницијативата под мотото „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Тие се загрижени што центарот наместо да се гради, се уништува за овие 15 години.

– Попова Шапка е претворена во трпеза на која не се знае кој јаде и кој пие, претворена е во место каде што секој прави што сака и мисли, краде колку што може, вработува и отстранува од работа кој кого сака и вработените се искористуваат максимално. Не се презема иницијатива за да се обновува, да се чисти, да биде привлечна и профитабилна, од здравствен, спортски, туристички и економски аспект – истакнаа граѓаните на прес-конференцијата.

Тие велат дека со оваа иницијатива сакаат да му се спротивстават на лошото што му се случува на овој центар.

Иницијаторите ќе продолжат и со следни активности и ги повикаа сите граѓани, интелектуалци, правници, економисти, експерти за туризам да им придружат и да им дадат поддршка на иницијативата за спасување на Попова Шапка.


Градел хотел на диво, на земјиште на МПЦ


Струга, 14 октомври, 2016 - 12:42 (META) 

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.Ќ. (56) од струшкото село Биџево, за кого, според полицијата, постои основан сомнеж дека бесправно градел.

Пријавениот, без одобрение за градење, продолжил со градба на туристичко-угостителски објект во местото Еленско, во близина на хотелот „Макпетрол“ на струшкото крајбрежје.

Се работи за доградба на 11 единични објекти, исто така бесправно почнати со градба во 1993 година. Пријавениот сакал да ги догради и да прикаже дека се изградени пред 2011 година, за да ги легализира во согласност со Законот за постапување со бесправно изградените објекти, кој важи за објекти изградени пред оваа година.

Градежен инспектор на Општина Струга извршил инспекциски надзор на објектите градени на државно земјиште, при што било констатирано дека инвеститор на доградбите е сега пријавениот и дека градбите немаат градежно-техничка документација и одобрение за градба.

Уште во 1993 година, од страна Републичкиот инспектор за градежништво и урбанизам, е донесено решение за запирање на бесправно почнатата градба, како и решение за уривање на дополнително изградените делови од објектот.

Од увидот во имотниот лист, утврдено е дека предметната катастарска парцела кај селото Калишта е предмет за денационализација, по барање на МПЦ, односно манастирот „Св. Богородица“.


Во јули издадени 256 одобренија за градење


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:14 (META) 

Во јули се издадени 256 одобренија за градење, што е за 28,7 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.462.458.000 денари, што е за 37,9 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 181 (70,7 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 24 (9,4 проценти) за објекти од нискоградба и 51 (19,9 проценти) за објекти за реконструкција.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 711 станови со вкупна корисна површина од 58.253 квадратни метри.


Во јуни се издадени 274 одобренија за градење


Скопје, 15 август, 2016 - 14:21 (META) 

Во јуни се издадени 274 одобренија за градење што е за 47,3 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4.405 372.000 денари што е за 52,9 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 174 се наменети за објекти од високоградба.

Од вкупно 274 објекти, како инвеститори на 169 објекти се јавуваат физички лица, а на 105 објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 


Македонија и Грција одржаа нова рунда разговори за мерките за градење доверба


Атина, 14 јуни, 2016 - 10:43 (META) 

Во Атина се одржа нова рунда разговори за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Со оваа средба меѓу претставниците на грчкото и на македонското министерство за надворешни работи во Атина, се продолжува дијалогот за зајакнување на меѓусебната соработка во повеќе различни сектори за приближување на двете општества.

Според информациите од грчкото МНР, на оваа рунда разговори се разговарало за соработка во транспортниот и во енергетскиот сектор, начини за зајакнување на полициската соработка и за соработката во европските програми.

Двете страни се фокусирале на идеи за нови бизнис-соработки, но и на можности за академска соработка, цивилна заштита, соработка меѓу јавната администрација, здравствениот сектор. Се разговарало и за соработка меѓу дипломатските академии на Македонија и на Грција.

Разговорите се одржале во пријателска и конструктивна атмосфера. Двете страни се договориле следниот состанок за мерките за градење доверба да се одржи во Скопје, на почетокот од септември.

Македонија и Грција го потпишаа договорот за мерки за градење доверба лани, на 24 јуни, при посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на Скопје. Претходната рунда разговори беше во април во Скопје, непосредно по тет-а-тет средбата на Коѕиас и на Никола Попоски на маргините на Солунскиот самит за бегалската криза, со која беше ублажена тензијата меѓу двете страни поради инцидентите со бегалците на македонско-грчката граница.

Билатералниот спор, кој не е тема на овие состаноци меѓу грчкото и македонското МНР, можно е викендов да се најде како тема на агендата на грчкиот државен врв поради посетата на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, на Атина.

Освен со премиерот Алексис Ципрас, в сабота Бан Ки-мун ќе се сретне и со Коѕиас, со кој покрај за бегалската криза и за кипарското прашање, постои можност да разговара и за спорот за името во кој посредуваат Обединетите нации.


Лани 1.061 објект биле бесправно изградени


Скопје, 10 јуни, 2016 - 13:35 (META) 

Во земјава во текот на минатата година, бесправно биле изградени 1. 061 објект, објави Државниот завод за статистика.

Според видот на објектите, бесправно се изградени 232 објекти за домување, 163 доградби, надградби и адаптации, 104 деловни објекти и 82 гаражи.

Според податоците на ДЗС, најголем дел од дивоградбите, односно 98,4 проценти, се приватна сопственост.


Во февруари се издадени 335 одобренија за градење


Скопје, 11 април, 2016 - 14:26 (META) 

Во февруари годинава се издадени 335 одобренија за градење, што е за 48,2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.872.239.000 денари, што е за 228,3 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 197 (58,8 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 39 (11,6 отсто) за објекти од нискоградба и 99 (29,6 отсто) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 335 објекти, на 198 (59,1 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 137 објекти (40,9 отсто) инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 848 станови со вкупна корисна површина од 66.209 квадратни метри.


Зголемен бројот на одобренија за градба во ноември во однос на истиот месец од 2014 година


Скопје, 15 јануари, 2016 - 13:24 (META) 

Во ноември 2015 година се издадени 318 одобренија за градење, што е за 13,2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.981.924.000 денари, што е за 66,1 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 201 се наменети за објекти од високоградба, 36 за објекти од нискоградба и 81 за објекти за реконструкција.

Од вкупно 318 објекти, на 221 како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 97 објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 539 станови со вкупна корисна површина од 43.785 квадратни метри.