!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Општина Охрид: Наскоро ќе донесеме соодветна правна одлука за хотелот во Лагадин


Охрид, 19 јуни, 2017 - 18:11 (META) 

Општина Охрид донесе решение за поништување на правосилноста на одобрението за градба на хотелот во Лагадин, на што инвеститорот со жалба го обжали предметното решение до соодветната второстепена комисија при Министерството за транспорт и врски, од каде жалбата на инвеститорот е уважена, а предметот е вратен на повторно одлучување на Општина Охрид, се вели во реакцијата на Општината на соопштението на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

„Неколкупати ја известивме јавноста дека издаденото одобрение за изградба на споменатиот објект е поништено од страна на Инспекцискиот совет со образложение дека инвеститорот ненавремено известил за почнување со почеток на градежни активности. По уважувањето на жалбата од страна на второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски, наведениот предмет е во фаза на обработка и целосно постапување по насоките дадени од страна на второстепениот орган и наскоро се очекува да биде донесена соодветна правна одлука“, се вели во реакцијата на Општина Охрид.


„Охрид СОС“: Продолжува изградбата на хотелот во Лагадин без одобрение за градба


Охрид, 19 јуни, 2017 - 16:07 (META) 

Инвеститорот Никола Толевски ја воскресна изградбата на хотелот во Лагадин со кој се прекршуваат 13 закони, еден подзаконски акт и Уставот, и тој се гради без никакво одобрение за градба, велат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

По претставката што иницијативата ја доставила до Инспекцискиот совет, оттаму добиле одговор дека „градбата на објектот е повторно почната без никакво одобрение за градба“.

„Ги испративме истите информации и до Општина Охрид и до секторот урбанизам, од кои се бара итно прекинување на сите активности, издавање одобрение за отстранување на бесправниот објект и најстрого санкционирање на лицата што го прекршиле законот со обидот од 14 јуни 2017 година повторно да почнат со градежни работи“, информираат од иницијативата.

Од „Охрид СОС“ потсетуваат дека градењето без одобрение за градба повлекува повеќе санкции, меѓу кои и одземање лиценца на изведувачот, како и илјадници евра во глоби.

„Се сомневаме дека целта на инвеститорот Толевски е најбргу што може да изгради дивоградба што потоа ќе ја легализира. Многу сценарија се во игра и затоа бараме најитно издавање одобрение за отстранување на бесправната градба од страна на Општина Охрид, бидејќи објектот е Б-категорија и е во надлежност на општинските власти“, додаваат од „Охрид СОС“.


Инспектор на Општина Центар побарал да запре иградбата на улица на кејот, изведувачот одбил


Скопје, 30 април, 2017 - 11:30 (META) 

Овластен инспектор за градежни работи на Општина Центар побарал да запрат градежните работи за изградба на улица на Кејот 13 Ноември, кои почнале рано утринава, но изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење, информираат од Општината.

„Овластениот инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, утринава пристигна на градилиштето на кејот, на кое повторно, во раните утрински часови, пред празник, почна да се работи. Инспекторот констатираше низа неправилности и недостатоци: неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности. И покрај инсистирањето на инспекторот градежните работи веднаш да запрат, изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење. Изведувачот на работите повторно приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на градбата. Инспекцијата на Општината во моментов изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба“, се вели во соопштението од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека ова е грубо кршење на одлуките на Општина Центар и јасна политичка провокација за дефокусирање на јавноста. Општината бара од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни на законот и на волјата на граѓаните.


Нов обид за изградба на улица на Кејот 13 Ноември


Скопје, 30 април, 2017 - 11:02 (META) 

На кејот на Вардар од утрово има нов обид да се продолжи со изградба на бесмислената улица, а овластениот градежен инспектор на Општина Центар веќе се упати на местото, соопшти утринава преку својот фејсбук-профил, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

„По веќе добро познатото сценарио, избран е ден – недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат. Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано за да се дефокусира јавноста од немилите настани и од дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири. Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на кејот, се очекува и нивната реакција“, напиша Жерновски.

Пред месец и половина, исто така имаше обид да се изгради спорната сообраќајница која ќе го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември, во центарот на Скопје. По бурните реакции на сопствениците на угостителските објекти, градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Еден ден потоа Советот на Општина Центар на вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.


Битола ќе добие парно греење следната година, вели Мицкоски


Битола, 23 април, 2017 - 12:40 (META) 

Tендерот за избор на градежна компанија што ќе ја гради топлификациската мрежа во Битола ќе биде објавен до крајот на мај, информираше генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, при посетата на РЕК Битола.

Следната година се очекуваат и првите приклучоци на централно греење во Битола, кое ќе биде од РЕК Битола.

– До крајот на годината се очекува да почне изградбата на примарната и на терцијарната топлификациска мрежа, за што веќе се обезбедени и градежни дозволи. Кај секундарната мрежа работата е закочена, бидејќи во периодот откако беше усвоен инфраструктурниот проект и додека да го добиеме одобрението за градба, се случи централното градско подрачје на Битола да биде прогасено за културно наследство. Самото тоа значеше дека сега проектот прејде во ингеренции на Министерството за транспорт и врски, односно станува градба од прва категорија – изјави Мицкоски.


Шест загинати при уривање градба во Мексико


Мексико Сити, 11 април, 2017 - 10:55 (META) 

Најмалку шест лица загинаа, а девет се повредени при уривање на дел од објект во изградба во Мексико Сити каде работниците останале заробени под бетонска плоча.

Несреќата се случила синоќа по локално време во дел од градбата, која требало да биде повеќекатна гаража за трговски центар во квартот Оливар де Лод Падрес.

Шефот на цивилна заштита на градот Мексико, Фаусто Луго, соопшти дека спасувачките екипи користат кучиња за да ги пронајдат работниците кои се заробени под урнатините, но оти мора да работат многу внимателни за да ги загрозат можните преживеани.

Градските власти соопштија дека според првичните информации, градбата се урнала кога греда која ја кревале до дигалка удрила во носечки столб.

Поведена е истрага за причината за несреќата, со која треба да се утврди дали градбата ја имала потребаната дозвола, соопшти обвинителот Густаво Омар Хименез.

Деветте повредени се префрлени во болница, соопштија властите.


„Охрид СОС“ повторно бара Општина Охрид да го поништи одобрението за градба во Лагадин


Охрид, 15 март, 2017 - 13:56 (META) 

Активисти на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ велат дека се згрозени од последните изјави на Општина Охрид, во врска со одобрението за градба на хотел во Лагадин.

„Општина Охрид упорно го продолжува своето безочно противзаконско дејствување, но не можеме да кажеме дека очекувавме да постапат законски имајќи го предвид импресивниот обем на прекршени закони и подзаконски акти, како и Уставот на РМ, со издавање на незаконското одобрение за градба на хотел во Лагадин. Природно е сите вмешани кои се под ризик да бидат санкционирани, да стојат на своето самоволие до последно зашто за нив во моментов нема друг излез“, велат од иницијативата.

Оттаму додаваат дека според членот 244-а од Кривичниот законик на РМ, „службеното лице во локална самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план, ќе се казни со затвор од три до осум години“.

„Според истиот овој член, службеното лице подлежи на истата казна доколку при издавањето на бесправно решение за градба му нанесе штета на друг. Во случајов огромна материјална штета му беше нанесена на првиот сосед, кај кој беше урната терасата и почна да пука бетонската плоча внатре во куќата, со што се наруши статиката на целата конструкција и објектот стана опасен по животот на тие што престојуваат во него. Законот за инспекциски надзор е, исто така, јасен. Непостапување по решение издадено од инспекциска служба повлекува плаќање глоба и поведување прекршочна постапка по службена должност“, прецизираат од „Охрид СОС“.

Активистите потсетуваат дека моментално на сила како плански документ за потегот Лагадин-Пештани се забранува градење во заштитниот појас од 50 метри од највисокиот водостој на езерото.

„Актот е донесен без никаква јавна расправа, спротивно на сите демократски начела и принципи, а освен тоа, за него не е спроведена ни задолжителната постапка за оцена на влијанија врз животна средина како што се наведуваше во известувањето од Државниот инспекторат за животна средина. Во пресрет на реактивната мисија на УНЕСКО, на која ќе се решава дали ќе го задржиме или изгубиме статусот, Општината покажува не само целосна неодговорност туку и општа неспособност за добро владеење“, додаваат од „Охрид СОС“.


Општина Охрид не се откажува од контроверзниот хотел во Лагадин


Охрид, 9 март, 2017 - 13:34 (META) 

Постапката за издавање одобрение за градење хотелски комплекс во Лагадин се води според законски пропишана процедура, се вели во реакцијата на Општина Охрид на соопштението од „Охрид СОС“ во кое невладината организација известува дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.

„Уште еднаш повторуваме дека целокупната постапка за донесување на општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс во населба Лагадин се водени во согласност со законски пропишаната процедура, предвидена во Законот за градење и во Законот за просторно и урбанистичко планирање“, велат од Општина Охрид.

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска соопшти дека Државниот инспекторат за градежништво и за урбанизам (ДИГУ) до нив доставил известување во кое се наведува дека бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба на хотел во Лагадин.

„Во меѓувреме, известување стигна и од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека Општината го усвоила општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена за влијанието врз животната средина. Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото“, велат од „Охрид СОС“.


Во ноември лани биле издадени 363 одобренија за градење


Скопје, 13 јануари, 2017 - 14:41 (META) 

Во ноември 2016 се издадени 363 одобренија за градење, односно 14,2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 6,03 милијарди денари, што е за 0,8 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 219 (60,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 54 (14,9 проценти) за објекти од нискоградба и 90 (24,8 проценти) за реконструкција на објекти.

Од вкупно 363 објекти, на 239 (65,8 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 124 објекти (34,2 проценти)  инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 985 станови со вкупна корисна површина од 86.342 квадратни метри.


Kвалитетната градба e услов за стабилни објекти при силен земјотрес


Скопје, 16 ноември, 2016 - 14:07 (META) 

Во Македонија постои традиција и техничка регулатива за проектирање, изведба и за контрола на градби отпорни на силни земјотреси. Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите што се проектираат и се градат да се сметаат за сеизмички отпорни.

Ова е еден од заклучоците на домашните експерти кои учествуваа во дискусијата на стручниот форум посветен на сеизмичката отпорност на градбите во организација на Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.

Според професорите од Градежниот факултет во Скопје, неопходно е да се посвети внимание на делот од регулативата што го третира испитувањето на сеизмичката повредливост на постојните објекти, бидејќи за нив е неопходна специфична експертиза.

Дополнително, еден од основните услови за успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, исто така, е и познавањето на геолошките карактеристики на почвата каде се гради.

„Особено внимание треба да се посвети на сигурноста на градбите за кои постојат недоречености во важечките прописи, како што се: доградбите, надградбите, објектите кои се реконструираат и другите специфични комплексни објекти“, истакна директорот на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски.