ЈСП: Поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени


Скопје, 12 јули, 2018 - 13:04 (META) 

Денеска поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени, а дел од автобусите ќе возат по скратена траса од вообичаената, информираат од ЈСП.

Од таму додаваат дека „автобусите од јавниот превоз, како возилата на ЈСП Скопје, така и на приватните превозници, ќе сообраќаат согласно условите на терен и наложениот режим од страна на сообраќајната полиција.“

„Поради протестот на Бит пазар предвиден во период од 12 до 16.30 часот, изменет режим на сообраќање ќе важи за автобуските линии 2, 8, 9, 12, 17, 19, 45, 50, 54, 55, 57, 59, 62, 63, 63А, 63Б, 65, 65А, 65Б, 65В, 73, како и за сите останати градски и приградски линии кои по редовната траса минуваат преку Бит пазар. Најавен е и протест во период од 15 до 17 часот на крстосницата на „Рузвелтова“ со булевар „Партизански одреди“. Автобусите што сообраќаат во овој реон ќе возат во зависност од моменталните услови на терен, односно по траса наложена од сообраќајната полиција. Вообичаено како и во изминатите неколку денови и вечерва во период од 20 до 22.30 часот поради протест пред Собрание на РМ, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот. Возилата од јавниот сообраќај ќе бидат пренасочени по улица „Даме Груев“ (позади Собрание на РМ) и по булевар „Свети Кирил и Методиј“ (Рамстор)“, се вели во соопштението на ЈСП.


Аларм за невреме попладне и во текот на викендот


Скопје, 6 јули, 2018 - 11:52 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира невреме со пороен дожд и грмежи во некои региони на земјава попладнево и во текот на ноќта. Слична ќе биде временската состојба и во деновите на викендот.

Според алармот, попладнево и кон крајот на денот, особено во планинските региони ќе има изолирани појави на пороен дожд и грмежи, со голема можност невреме да има и во Скопскиот регион.

Преку ноќта облачноста ќе се зголемува и претежно на Истокот ќе има краткотраен дожд.

Утре наутро во северните и источните делови на Македонија ќе има повремен дожд проследен со ретки грмежи. Во текот на денот на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално се можни поинтензивни процеси со пообилни врнежи од дожд и со услови за појава на град.

Утре, а особено в недела ќе дува умерен, повремено засилен северен ветар, кој ќе предизвика опаѓање на температурите за неколку степени.

В недела и в понеделник ќе има повремен локален дожд со ретки грмежи, вели прогнозата на УХМР.


Најмногу дожд во Куманово и Скопје, поплавени куќи и прекини на струјата


Скопје, 7 мај, 2018 - 9:27 (META) 

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово, 36 литри на метар квадратен и во Скопје – Петровец – 34 литри на метар квадратен, информираат од УХМР.

Во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје пристигнале дојави за поплавени објекти во скопските села Црешево и Стајковци.

Невремето, во одредени делови од Скопје, предизвика проблеми и во одвивањето на сообраќајот, како и времени прекини на снабдувањето со електрична енергија.

Според најавата од УХМР, попладне поинтензивни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со можна појава на град.


Започна исплатата на земјоделците за штетите од 2017 година


Скопје, 26 април, 2018 - 16:13 (META) 

Исплатата на обештетувањата за земјоделците од временските непогоди што се случија во 2017 година започна денеска, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати близу 85 милиони денари (1,38 милиони евра) обештетувања за 2.355 земјоделци во Ресен, како регион каде што имаше најголеми штети.

Исплатата ќе продолжи континуирано во следните денови и за останатите региони кои беа погодени од временските непогоди во 2017 година.

Со исплатата ќе бидат опфатени сите 17.500 баратели кои претрпеле загуби во текот на сите пет временски непогоди што се случија минатата година и од сите региони кои беа зафатени со временските непогоди. Вкупната сума која што ќе се исплати по основ на претрпени загуби од петте временските непогоди е во износ од над 4 милиони евра.

Станува збор за временските непогоди што се случија во април, две временски непогоди во јуни, како и во јули и септември 2017 година, проследени со обилни дождови, пороен дожд, силен ветер, електрични празнења, град. Со временските непогоди беа зафатени вкупно 36 општини.


Одблокиран процесот на обесштетување на земјоделците за непогодите во 2016 година


Скопје, 26 септември, 2017 - 17:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска го усвоила Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети од временските непогоди што се случија во 2016 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочувајќи дека тоа значи дека е одблокиран процесот за исплата на обесштетувањата на земјоделците кои во 2016 година претрпеа штети во земјоделското производство од пролетниот мраз, град и поплави.

Формирана е комисија која ќе ги прегледува барањата за штети и елаборатите, а нејзините членови ќе ги посетуваат општините и заедно со општинските комисии ќе ги обезбедат податоците кои се потребни за довршување на процесот за исплата на обештетувањата на земјоделците.

„Ќе бидат посетени 14 општини,  во кои штети врз земјоделските култури имаат пријавно околу 5.500 земјоделци. Исплатата на обештетувањата ќе се врши согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Најмногу барања за исплата на обештетувања има во во општината Ресен, каде што повеќе од 2.300 земјоделци поднеле барања“, соопшти Министерството за земјоделство.


ЛП: Дивите продавачи ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот


Скопје, 28 јули, 2017 - 12:05 (META) 

Либералната партија го поздрави барањето на Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија за решавање на проблемот со дивите пазарџии, кои на улица, од камиони, продаваат сезонско овошје и зеленчук.

„Овие диви продавачи не само што нелегално тргуваат и создаваат нелојална конкуренција, туку и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот и дополнително ја загадуваат околината, создавајќи отпад од кој се шират разни болести. Финансиската загуба поради нивното неконтролирано и неконкурентно дејствување изнесува 20 отсто од вкупниот приход на организаторите на пазарите“, велат од Либералната партија.

Оттаму додаваат дека за да се стави крај на овој 25-годишен проблем со нелојалната конкуренција, потребна е континуирана акција на Министерството за внатрешни работи, пазарната и на комуналната инспекција, преку конфискација на стока, заплена на моторни возила и парични казни на дивите продавачи во скопските општини и во градот Скопје, како и во другите градови.


Попладне повторно пороен дожд и грмежи, а и утре нестабилно и лошо време


Скопје, 15 јуни, 2017 - 10:34 (META) 

Променливо и нестабилно време се очекува и во текот на денешниот ден, но повеќе во западната половина на земјата, како и во делови на југот.

Врнежите ќе има во текот на попладнето и во првиот дел од вечерта, а ќе бидат проследени со грмежи и со засилен ветер. Локално ќе има услови за појава на град.

Источниот Регион ќе има нешто постабилно време, со сосема мала шанса за врнежи.
Во Скопје и во околината ќе биде променливо облачно, претпладне со услови за краткотраен пороен дожд и за грмежи.

Максималната дневна температура ќе се искачи до 32 Целзиусови степени.

Од УХМР велат дека позначителна нестабилност повторно се очекува утре попладне и во текот на ноќта кон сабота. За време на викендот ќе дува засилен северен ветер и ќе има значително намалување на дневната температура


Силно невреме со интензивни врнежи на дожд и град го погоди Скопје


Скопје, 14 јуни, 2017 - 18:12 (META) 

Силно невреме со пороен дожд, силен ветер, грмотевици и со град со големина на орев попладнево го погоди Скопје.

Градот кој интензивно паѓаше десетина минути, предизвика оштетувања на автомобилите, а на неколку места од силниот ветер се забележани паднати дрвја.

Според синоптичарите, изразено нестабилната воздушна маса доаѓа од Косово. Управата за хидрометеролошки работи попладнево предупреди дека поради најавите за локален пороен дожд и грмежи можна е појава на одрони и на свлечишта. Се препорачува внимателно движење покрај суводолиците каде е можно брзо надоаѓање на вода.

„Особено треба да се внимава на локации каде водотеците и суводолиците се пресечени од патишта и разни премини и каде има какви било стеснувања на водните правци“, се вели во соопштението од УХРМ.

Според најавите, во вечерните и во ноќните часови се очекува променливо облачно време, а наместа ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и со грмежи. Локално се очекува процесите да бидат поинтензивни, во форма на невреме, со интензивен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и со услови за појава на град.


Облачно со локален пороен дожд и ветер


Скопје, 24 мај, 2017 - 9:00 (META) 

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, со услови за локално невреме со појава на град и засилен ветер.

Утринската температура ќе се движи од девет до 16, а дневната од 15 до 23 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно особено во попладневните часови со пороен дожд и со грмежи. Утринската температура ќе се спушти до 13, а дневната ќе достигне до 22 степена.

До сабота подрачјето на Македонија ќе се задржи под влијание на серија влажни воздушни бранови, така што времето во попладневните часови ќе биде променливо облачно и нестабилно со поројни врнежи од дожд и грмежи.

Во четврток ќе биде облачно преку целиот ден и се очекуваат пообилни врнежи од дожд, особено во јужните делови. Температурата ќе се движи од 14 до 21 степен. Во петок и сабота врнежите ќе бидат полокализирани, преку денот ќе има и сончеви периоди, но ќе дува засилен северен ветер.


Македонски компании во Германија учеа за енергетски ефикасно градење објекти


Хамбург, 19 мај, 2017 - 14:42 (META) 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија во соработка со Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, организираше тридневно делегациско патување во Хамбург, на тема „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во објекти“, информираат оттаму.

Делегацијата ја сочинувале 15 претставници на компании од градежната индустрија и од енергетскиот сектор од земјава.

– Ова беше исклучително важна посета за компаниите од Македонија, бидејќи стекнаа нови сознанија за енергетски ефикасно градење објекти. Хамбург е одличен пример на град кој поради пристаништето кое се наоѓа во центарот на градот е виското индустријализиран, но сепак е град со огромнни зелени површини, детски иргалишта од природни материјали, модерни и енергетски ефикасни објекти, град кој не дозволил и при санација на старите градби во енергетско ефикасни згради да изгубат најмал дел од својата автентичност – соопшти Марија Радевска од делегација на германското стопанство во Македонија, која ја предводеше делагацијата.