!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

На граничните премини Богородица и Дојран за влез во Грција се чека половина час


Гевгелија, 2 јули, 2017 - 9:56 (META) 

Интензитетот на сообраќајот на патните правци во земјава надвор од градските средини е зголемен, а на граничните премини Богородица и Дојран со Грција, за влез и за излез се чека околу 30 минути, информира Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

На другите гранични премини нема подолги задржувања. Од АМСМ потсетуваат дека овие информации се однесуваат само за македонската страна од премините.

Инаку сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива по суви коловози.

Од вчера на сила стапи примената на привремениот режим на сообраќај во летниот период со кој се забранува движење на тешки товарни возила за време на деновите од викендот и за денови при екстремно висока температура. Оваа мерка ќе трае од 1 јули до 31 август.


Запленети 7 килограми хероин на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 18 април, 2017 - 11:44 (META) 

Царинските инспектори од одделението за оперативни работи за време на велигденските празници на граничниот премин Богородица заплениле 7 килограми хероин, соопштија денеска од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, дрогата е запленета во саботата, а била сокриена во возило што го управувал државјанин на Србија, кој бил пријавен за влез во земјава.

„При контрола на возилото во два акумулатори, од кои едниот бил сместен под хаубата, а другиот во багажниот простор, царинските службеници пронајдоа вкупно 14 пакувања облепени со леплива лента, наполнети со кафеава прашкаста материја, за која по извршеното тестирање на тестер за дрога е утврдено дека се работи за хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму информираат дека осомничениот го набавил хероинот во Истанбул и требало да го пренесе до Нови Пазар во Србија.

Против него Царинската управа до надлежното јавно обвинителство во Велес поднело кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.


Запленети 144 килограми марихуана на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 13 април, 2017 - 11:04 (META) 

Царинските службеници на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, вчера заплениле 144 килограми марихуана, која била сокриена во приколка од товарно возило, соопшти денеска Царинската управа.

Како што информираат оттаму, камионот со странски регистарски таблички, управуван од бугарски државјанин, бил пријавен за излез од земјава. Цариниците го селектирале за детална контрола откако се посомневале во тврдењата на возачот дека приколката е празна.

„При контрола на возилото, царинските службеници забележале дека страничните штици од полуприколката биле наполнети со наркотична дрога марихуана. Вкупното количество на запленетата марихуана е 144 килограми“, стои во соопштението од Царинската управа.

Од Царината велат дека предистражната постапка за случајот е сè уште во тек и дека се прибираат докази, а против осомничениот е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.


МВР ѝ предаде на Грција 49 мигранти, во согласност со договорот за реадмисија


Гевгелија, 9 февруари, 2017 - 16:36 (META) 

Денеска во периодот меѓу 8 и 9.30 часот, на граничниот премин Богородица, Министерството за внатрешни работи на грчките надлежни органи им предало 49 лица, од кои 42 државјани на Сирија и седум државјани на Ирак, во рамки на постапка за реадмисија на илегални мигранти.

„Целокупната постапка за реадмисија, која е почната во септември 2016 година е реализирана во согласност со Договорот меѓу Европската Унија и Република Македонија за преземање лица со незаконски престој, а предавањето на лицата е реализирано по претходно добиен позитивен одговор од грчка страна за нивно прифаќање, во време и на место одредени од страна на грчките надлежни органи“, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.


Поради лошото време, забранет e влезот на камиони во Грција на преминот Евзони


Гевгелија, 11 јануари, 2017 - 11:01 (META) 

На тешките товарни возила кои транзитираат меѓу Македонија и Грција, преку граничните премини Богородица и Евзони не им се дозволува влез во Грција поради лошите временски услови и состојбата на патиштата. Вакво известување утрово добиле македонските полициски служби на граничниот премин Богородица од своите колеги на преминот Евзони, од грчката страна на границата.

Поради забрната за влез, како што информираат од МВР, во граничниот меѓупростор, за влез во Грција чекаат околу 70 товарни возила.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека утринава (11 јануари 2017 година) остварен е контакт помеѓу раководител на смена на полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица со раководител на смена на граничниот премин Евзони во врска со застој при влез во Грција за товарен сообраќај. Од страна на грчките полициски службеници добиено е известување дека од 2 часот, не им се дозволува на тешките товарни возила влез во Грција поради лошите временски услови и состојбата на патиштата“, стои во соопштението од МВР.


Запленети злато и платина на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 14 септември, 2016 - 16:27 (META) 

Царинските службеници на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, вчера заплениле околу еден килограм златна жица во парчиња и 57 грама платина, соопшти денеска Царинската управа.

Како што информираат оттаму, вредноста на запленетото злато и платина е проценета на околу 38.000 евра.

Златото и платината биле сокриени во пластичен сад наполнет со ориз, што цариниците го нашле во возило што го управувал германски државјанин, кој вчера околу 8.15 часот се пријавил за излез од Македонија. Тој бил заедно со уште еден сопатник, а на цариниците им рекол дека нема ништо за пријавување.

„При преглед на багажниот простор од возилото, во една патничка торба со прибор за автомобил, во пластичен сад наполнет со ориз, царинските службеници пронајдоа 948 грама златна жица во парчиња и 57 грама платина во парчиња. По направена проценка од стручни лица, констатирано е дека златната жица е со чистота од 24 карати, чија вкупна берзанска вредност изнесува 36.000 евра, додека гранулите преставуваат благороден метал платина со берзанска вредност од 1.630 евра. Вредноста на непријавената стока изнесува 2.322.849 денари, а висината на избегнати царински давачки е 426.418 денари“, стои во соопштението од Царинската управа.

Инспекторите од одделението за истраги при Царинската управа по документирањето на целиот случај и по прибирањето на сите материјални докази поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против осомничениот, кој се товари за криумчарење.

Судија на претходна постапка на осомничениот му одредил притвор од осум дена.


На Богородица запленети повеќе од 8 килограми марихуана


Гевгелија, 26 април, 2016 - 13:23 (META) 

Екипи на одделот за организиран криминал на МВР и на Царинската управа завчера во заедничка акција на граничниот премин Богородица заплениле повеќе од 8 килограми марихуана, сокриена во возило што го управувал 19-годишен скопјанец, соопшти денеска МВР.

Како што информираат оттаму, против возачот М.С. (19) е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори, а судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Дрогата била сокриена во специјално направен бункер во подвозјето на возилото, а според истрагата на полицијата, осомничениот имал намера да ја прошверцува во Турција.

„Од извршениот преглед над возилото откриен е специјално направен простор – бункер во долниот дел на подвозјето кај праговите на возилото, во кој се пронајдени 10 полиетиленски пакувања обвиткани со кафеавa леплива лента, исполнети со непозната растителна материја со зелена боја. Имено, М.С. во текот на април 2016 година, од засега непознато лице во Македонија набавил марихуана за да ја пренесе во Турција заради понатамошна продажба и стекнување противправна имотна корист. Со вештачење е утврдено дека се работи за 8 килограми и 239 грама марихуана“, стои во соопштението на МВР.


Блокиран граничниот премин Богородица


Гевгелија, 13 февруари, 2016 - 10:56 (META) 

Такси-превозници и автобуси утринава во 10 часот го блокираа граничниот премин Богородица.

Како што соопштија на Автомото-сојузот на Македонија, поради блокадата, оневозможен е влез и излез од Македонија кон Грција.
Граничниот премин Богородица, исто како и претходните денови, ќе биде блокиран до 12 часот.

Таксистите и автопревозниците протестираат бидејќи не се вклучени во превозот на мигрантите од Гевгелија до Табановце.


МВР и царината заплениле 30 килограми марихуана на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 14 декември, 2015 - 14:04 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) и Царинската управа во саботата минатата недела, при контрола на автомобил на граничниот премин Богородица, откриле и заплениле околу 30 килограми марихуана.

Како што информираат од МВР, во саботата, околу 19 часот, на граничниот премин Богородица на излез од земјава бил запрен автомобил марка „рено меган сценик“ со гостиварски регистарски ознаки, што го управувал Р.Н. (61). Поради истрагата што ја водело МВР околу случајот и засилените гранични контроли, бил извршен преглед и претрес на возилото, при што било употребено и службено куче на царината, кое покажало реакција за присуство на наркотична дрога.

„Притоа во автомобилот бил откриен специјално направен простор-бункер во долниот дел на подвозјето, под седиштата на возилото, во кој пронајдени биле 30 пакувања обвиткани со алуминиумска фолија, исполнети со непозната растителна материја со зелена боја и помало пакување обвиткано исто така со алуминиумска фолија, исполнето со непозната растителна материја со зелена боја. Одземената растителна материја е предадена во одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ, заради вештачење, при што е утврдено дека се работи за 29 килограми и 905,6 грама марихуана“, стои во соопштението на МВР.

Во истрагата на МВР било утврдено дека Р.Н. марихуната ја набавил од Албанија за сума од 15.000 евра и требало да ја транспортира до Турција, која била крајна дестинација на пратката.

„Запленетата наркотична дрога на нарко-пазарот на големо би достигнала цена од околу 100.000 евра“, велат од МВР.

Против Р.Н. е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, а судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.