!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Опседнатоста на СДС со нас нема да донесе полза за граѓаните


Скопје, 17 јуни, 2017 - 22:15 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ вечерва се огласи со одговор на реакцијата на СДСМ на говорот на претседателот на опозициската партија, Никола Груевски, на вечерашната прослава на 27. роденден на партијата.

„Оваа опседнатост на СДС со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски нема да им помогне на Ибраимовски, Шапуриќ и на Марко да донесат нови инвестиции, како тоа што го правеше тимот на ВМРО-ДПМНЕ кој донесе стотици инвеститори.Оваа опседнатост на СДС со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски нема да помогне да падне невработеноста, како во време на ВМРО-ДПМНЕ кога таа од речиси 39 отсто падна на 22,9 отсто. Оваа опседнатост на СДС со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски нема да отвори нови работни места, како што ВМРО-ДПМНЕ успеа да отвори околу 170.000 нови работни места“, се вели, меѓу другото, во реакцијата.


СДСМ: Годините на криминално владеење на Груевски завршија


Скопје, 17 јуни, 2017 - 21:12 (META) 

Единаесетте години власт на ВМРО-ДПМНЕ под водство на Никола Груевски ќе бидат запаметени единствено како години на криминал, корупција, сиромаштија и на масовно иселување на работоспособното население надвор од државата, порача СДСМ вечерва во реакција на говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на 27. роденден на партијата.

„Катастрофата што ова криминално раководство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја направи на Македонија е најголемиот антидржавнички чин во современата историја. Погубните политики во владеењето на Груевски и на неговите соработници резултираа со меѓународна изолација, партизирано судство, криминални тендери, урнисани државни институции и со огромно незаконско богатење на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за речиси 11 години владеење имаа неброени шанси да направат нешто добро за граѓаните и за државата. Но, наместо тоа, Груевски и соработниците беа единстевните кои правеа сè да ја осиромашат, да ја изолираат и да ја уназадат државата, додека во меѓувреме криминално се богатеа“, порача СДСМ.

Владејачката партија вели дека граѓаните навистина ќе ја увидат разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, оти СДСМ преку новата влада што ја предводи ќе ги санира штетите од владеењето на Груевски, ќе ги врати правдата, економскиот напредок и животот и ќе ги отвори евроатлантските перспективи.


Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе се обнови и набргу пак ќе ја води државата


Скопје, 17 јуни, 2017 - 21:10 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ за многу кратко време ќе се врати на власт, порача претседателот на партијата, Никола Груевски, во својот говор на вечершната прослава на 27. годишнина од основањето на партијата. Тој увери дека партијата ќе ги издржи сите притисоци и ќе се спротивставува на „погубните чекори“ на СДСМ.

– На оние на кои им е потребно поделено ВМРО-ДПМНЕ, да им порачам дека ќе одолееме на овие притисоци. Нашата битка не престанува овде, таа допрва почнува. Допрва ќе следуваат погубни чекори на СДСМ, на кои ќе мораме да се спротивставиме. Остануваме заедно како еден, ние сме ВМРО-ДПМНЕ, не заборавајте на нашите предци. Ќе дојде бргу денот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води земјата, кога народот ќе каже дека единствената опција е ВМРО – рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за партијата е подготвен „пеколен план“ да биде заслабната пред локалните избори.

– Откако ги донесоа на власт, сега наумиле нов план. Пред да го одработат ветеното, планот е да го ослабнат ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори и партиски да завладеат со судството и со медиумите. ВМРО-ДПМНЕ да е слаба и поделена, судството да ги гони челниците на ВМРО-ДПМНЕ. Тргнаа на ѓон, и на ѓон не така далеку од сега ќе завршат. Без никакви докази ќе штанцаат докази против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Сакаат да создадат негативна слика за нас –  рече тој.

Груевски најави кадровски освежувања во партијата, корекција на грешките од минатото и подготовка за нов почеток. Најави и повеќе работа меѓу Албанците.

– Мора да работиме на исправување на искривената слика што ја создаваа за нас пред Албанците, која беше товар за албанските партии да му бидат партнери на ВМРО. Обичниот Албанец нема да има аир од СДСМ на власт, туку и ним, како и на сите други граѓани, им треба подобар живот, пари, работни места, стандард и услови за живот – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Единствени“ го прослави 27. роденден од формирање како политичка партија и 124-годишнината од основањето на историското ВМРО, на церемонија која се одржа вечерва во Музејот на македонската револуционерна борба.


Хан на „Принстон“: Мораме да видиме политичка волја наместо политички игри


Њу Џерси, 21 април, 2017 - 17:00 (META) 

Наместо политички игри, мораме да видиме политичка волја и вистински реформи, не на хартија туку на терен, особено во клучните области како владеење на правото, конкуретноста и поврзувањето. Ова е пораката на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, до земјите од Западен Балкан, вклучително и до Македонија, што тој ја нагласува во својот говор на Универзитетот „Принстон“ во САД, на тема „Европа и кризите во нејзиното соседство“.

Хан вели дека работата на Еврпската Унија на Западен Балкан сè уште не е завршена и дека од витално значаење е задржувањето на веродостојна перспектива за членство на регионот во ЕУ, како сидро за стратешка стабилност и за реформи.

– Истовремено, проширувањето не е бесплатен ручек. Само локалните лидери може да ја завршат работата и да им ја испорачаат на своите граѓани. Ние мораме да видиме политичка волја наместо политички игри. Мораме да видиме вистински реформи, не на хартија туку на терен, особено во клучните области на владеење на правото, конкурентноста и на поврзувањето. Тоа може да го загрози бизнис-моделот на некои индивидуи, но стратешки не постои друга алтернатива. Нивните граѓани го знаат тоа – вели Хан.

Еврокомесарот нагласува дека доколку ЕУ стане колеблива на Балканот, некој друг може да влета во него, додавајќи дека тој некој, всушност, веќе се обидува да го направи тоа.

– Во таа смисла, проширувањето на ЕУ, со сите услови и критериуми, е најдобрата безбедносна политика што ЕУ некогаш ја имала. Само замислете каде ќе беше Полска, Балтикот или другите денеска ако не го искористевме временскиот прозорец во 1990-тите години – нагласува Хан.

Хан во својот говор зборува и за кризите во Источна Европа, Сирија и во Турција.

– Се плашам дека достигнавме до точка од која нема враќање со Анкара. Таму повеќе не може да работиме по старо, односно ние да се преправаме дека им веруваме на нивните заложби за членство во ЕУ, додека случувањата на терен го кажуваат спротивното, за жал – вели еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика.


Германија почнува со тестирање на софтвер за препознавање на говорот на мигрантите


Берлин, 18 март, 2017 - 11:39 (META) 

Германските власти почнуваат со тестирање на нов софтвер за препознавање на говор, со кој може да се одреди од која земја доаѓаат мигрантите кои немаат документи, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на властите во Берлин.

Од заводот за бегалци и мигранти на Германија соопштиле дека новиот автоматизиран систем треба да почне да работи во рок од две недели, но, дека нема да подготвен за официјална употреба уште најмалку една година.

Целта на софтверот е да ги открие мигрантите кои зборуваат на арапски јазик и доаѓаат од Сирија, а немаат документи тоа да го докажат и на тој начин да ги зголеми нивните шанси за добивање на азил во Германија.

Лингвистите, како што пренесуваат агенциите, се скептични околу ефикасноста на новиот систем и наведуваат дека е невозможно софтверот да биде целосно прецизен, бидејќи јазикот и говорот постојано се менуваат.

Новиот софтвер треба да се користи во рамките на технологијата за утврдување на индентитет, кој е веќе во употреба, соопштиле германските власти.


Доналд Трамп и официјално стана 45. претседател на САД


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 18:43 (META) 

Доналд Трамп положи заклетва и официјално стана 45. претседател на САД. Неговата инаугурација во Капитол хил ја следеа 900.000 луѓе.

Откако положи заклетва над Библијата, Трамп се поздрави со семејството и го почна својот говор, во кој, меѓу другото, зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави.

– Проблемите со сиромаштијата, здравството, образованието, криминалот и дрогата сега ќе завршат. Заклетвата што денеска ја положувам е за Американците. Секоја одлука за даноците, надворешната политика, имиграцијата ќе биде во согласност со интересите на Американците. Никогаш нема да ве изневерам. Ќе ги вратиме нашите работни места, граници, богатство. Аеродроми и патишта ќе изградиме со наши раце – истакна меѓу другото Трамп на инаугурацијата.


Обама го затвори кругот во Чикаго со слоганот „Да, ние направивме“


Чикаго, 11 јануари, 2017 - 10:49 (META) 

Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, во својот проштален говор во Чикаго изјави дека Америка „денеска е подобро и посилна“.

Признавајќи дека расното прашање било предмет на поделба во САД, Обама, како 44. американски претседател, вложил напори во решавање на бројни други прашања, меѓу кои и создавање нови работни места, подобро здравство, како и смртта на Осама бин Ладен во рамки на борбата против тероризмот.

– Нашата демократија е загрозена секогаш кога је земаме здраво за готово. Сите заедно, без разлика на припадноста на некоја партија, треба да работиме на изградба на демократските институции – рече Обама, наведувајќи дека секој американски граѓанин е „актер во таквите промени“.

Американскиот претседател им одаде признание на сопругата Мишел и на ќерките Малија и Саша за нивната поддршка за време на престојот во Белата куќа.

Пред околу 18.000 лица во Чикаго, неговото политичко упориште каде пред осум години пред голема маса луѓе го прослави влегувањето во Белата куќа, Обама го заврши својот проштален говор со тогашниот слоган „Да, ние можеме“, менувајќи го во „Да, ние направивме“.

Новиот, 45. американски претседател, Доналд Трамп, кој победи на изборите на 8 ноември, официјално ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.


На 10 јануари во Чикаго, Обама ќе го одржи последниот говор како претседател


Вашингтон, 2 јануари, 2017 - 15:20 (META) 

Претседателот на САД во заминување, Барак Обама, ќе го одржи последниот говор како претседател на 10 јануари пред неговото место да го преземе Доналд Трамп.

Обама последниот претседателски говор ќе го одржи во Чикаго.

– Го гледам говорот како шанса да им се заблагодарам на сите за ова сјајно патување, да ги прославам начините на кои оваа земја се промени на подобро во претходните осум години и да кажам што мислам дека САД треба да направи во иднина – наведе Обама.

Според неговите зборови, од 2009 година САД се соочила со многу предизвици, но успеала од сето тоа да излезе многу посилна.

– Тоа е затоа што никогаш не сме го напуштиле нашето верување кое секогаш нè следеше, дека заеднички можеме да ја промениме земјата на подобро – додаде претседателот во заминување.

Обама од местото претседател на САД ќе замине на 20 јануари, кога ќе го замени новоизбраниот Доналд Трамп.


„Ги умреа“ амбасадорите во Македонија на интернет


Скопје, 19 декември, 2016 - 13:53 (META) 

Посмртни фотографии на дел од сегашните и од поранешните амбасадори во Македонија, се појавија на веб-страницата „Имгур“.

Не е познато кој ги прикачил овие слики на веб-страницата, но тие се појавуваат два дена откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одржа говор пред Државната изборна комисија, во кој истакна дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата.

– Амбасадорите кои се мешаат, мора да престанат да го прават тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и на преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот – рече Груевски.

Посмртни фотографии добија амбасадорот на САД, Џес Бејли, ЕУ-амбасадорот Самуел Жбогар, сегашниот и поранешната француска амбасадорка, Кристијан Тимоние и Лоренс Оер, холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, италијанскиот амбасадор Масимо Белели, британскиот амбасадор Чарлс Гарет, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, како и поранешниот посредник на ЕУ во Договорот од Пржино, белгискиот експерт Питер Ванхауте и поранешниот европарламентарец Ричард Ховит.


Села: Ќе се залагаме за вработувања по етничка линија и за бинационална држава


Тетово, 1 декември, 2016 - 20:49 (META) 

Претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, на митингот во Општина Желино порача дека доколку дојде на власт, ќе се залага Македонија да стане бинационална држава.

– Ние ќе се залагаме албанскиот јазик да биде службен на цела територија на Македонија, која ќе биде бинационална држава, ќе се донесуваат одлуки со консензус, ќе ја спроведеме целосно децентрализацијата. Со исполнување на овие мерки, кои ќе бидат регулирани со закон, Албанците повеќе нема потреба да се плашат од тоа кој ќе биде идниот премиер – изјави Села.

Села како дел од програмата на Алијансата за Албанците, понуди и нов концепт на распределба на работни места, според етничка припадност.

– Ние ќе предложиме и правична распределба на работните места. На пример, во тетовската полиција да има вработено 80 проценти Албанци, а вака ќе биде во сите институции. Вработувањето по етничка линија ќе биде реализирано во зависност од тоа колку во одреден регион живеат Албанци – изјави Села.

Албанците вработени според Рамковен договор, а кои седат дома и земаат плата, Села ги нарече паразити. Тој истакна дека за овие млади луѓе мора да се најде работа.

– Гледам дека отсега се зборува за некакви владини коалиции, на пример Беса со ВМРО-ДПМНЕ, ДПА со ВМРО-ДПМНЕ и слично. Јас сакам да порачам, на Алијансата за Албанците вистински коалиционен партнер е албанскиот народ и по изборите ќе ја почнеме вистинската битка со македонската страна – рече Села на крајот од својот говор.