!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

23 Октомври нè обврзува да создаваме услови за стабилност и за подобар живот, порача Владата


Скопје, 23 октомври, 2017 - 13:57 (META) 

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вицепремиерот за домашни инвестиции, Зоран Шапуриќ, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, и од заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, денеска положи венци со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градски парк во Скопје.

Венци со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев положија и делегации на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на Република Македонија, на АРМ, на Сојузот на борците на Република Македонија, на политичките партии и на дипломатскиот кор во земјата.

Владата на Република Македонија им го честита на граѓаните празникот, истакнувајќи дека тој обврзува заеднички да креираме услови за стабилност и за подобар живот во нашата држава.


Заев и Борисов се поклонија на гробот на Гоце Делчев


Скопје, 2 август, 2017 - 10:48 (META) 

Премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов положија свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, по повод 114-годишнината од Илинденското востание и по повод 73-годишнината од првото заседание на АСНОМ.

Премиерот Заев рече дека е потребно да се помират минатото и сегашноста заради иднината на Македонија.

–  Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на кои почнавме да ја градиме евроатлантската иднина на Македонија, која води до квалитетен живот. Го послушавме Делчев кој ни рече да не се губи времето. За развојот се потребни доброволно подадени раце на граѓани и на народи кои се потпираат и се поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред – рече Заев.

Тој порача дека каква Македонија ќе изградиме, таква и ќе имаме, а Македонија дала пример како да се чекори.

– Подадовме рака и раце се испружија кон нас. Бугарија ја покажа истата одговорност за заедничките цели – додаде Заев.

Тој потенцираше дека регионот почна да се однесува европски и затоа заслужува шанса, а членките на ЕУ и на НАТО го препознаа тоа во Трст и истото се очекува денеска во Подгорица од потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Заев и Борисов вчера го потпишаа Договорот за добрососедство и за пријателство. Денеска завршува дводневната официјална посета на владината делегација од Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.


МОН: На државните универзитети годинава упис на 26.105 студенти


Скопје, 17 јуни, 2017 - 15:27 (META) 

Министерството за образование и наука (МОН) извести дека вчера Владата донела одлука за распишување конкурс за упис на студенти на државните универзитети, за кои ќе има 26.105 места. Од нив 13.953 места се за редовни студенти во државна квота, 8.367 места се за редовни студенти со кофинансирање и 3.785 места се за вонредни студенти.

„Со тоа обезбедени се доволно места за упис на сите заинтересирани матуранти, како и за други лица заинтересирани за студирање на државните универзитети. При утврдување на бројките за упис на студенти се водеше сметка за потребите на пазарот на трудот во Република Македонија, дефицитарноста на струките и за расположливите можности за вработување, бројот на студенти за кои се акредитирани факултетите, како и за показателите за интересот на средношколците за упис на одредени факултети изминативе години“, се вели во соопштението од министерството.


МОН информираше дека ДСЦ „Скопје“ има долг од 4,5 милиони евра


Скопје, 16 јуни, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за образование и наука информираше дека Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, има долгови од 4,5 милиони евра.

Од нив, за комунални услуги, греење, комуникации и транспорт долгот е 1,6 милиони евра.

„Доколку раководството на ДСЦ „Скопје“ навреме ги намируваше долговите и обврските, немаше да се доведат студентите кои се сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“, но и во другите студентски домови да ги подготвуваат испитите во темница и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“, соопшти Министерството за образование.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ синоќа остана без струја поради неплатени сметки, по што студентите реагираа до Министерството за образование и наука и до Владата.

Од МОН информираа дека со „ЕВН Македонија“ договориле исплатата на долгот да биде на рати.


Студентскиот дом „Гоце Делчев“ има неплатени сметки за струја, студентите седеа во темница


Скопје, 16 јуни, 2017 - 10:08 (META) 

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ синоќа остана без струја поради неплатени сметки, по што студентите реагираа до Министерството за образование и наука и до Владата.

„Успеавме да воспоставиме контакт со компанијата за повторно да се приклучи студентскиот дом на електрично напојување и за да може активностите да се одвиваат нормално“, изјави министерката за образование, Рената Тренеска-Дескоска, која синоќа го посетила домот.

Во соопштението на Владата се вели дека долговите што биле оставени од претходната владејачка гарнитура во сите сфери, останале и во доменот на образованието.

Од Студентски парламент велат дека студентите кои се сместени во студентскиот дом не се должни да бидат жртви на негрижата на надлежните.

„Апелираме до надлежните органи, во најкус можен рок да реагираат и да спречат студентите да бидат оставени да живеат како на работ на 18 век, без електрична енергија и осветлување“, велат оттаму.


Велосипедската патека на кеј во Горно Лисиче се продолжува за два километри


Скопје, 15 мај, 2017 - 14:52 (META) 

Екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ ја асфалтираат патеката за возење велосипеди и ролерки на реката Вардар во Горно Лисиче, на потегот од големиот парк на булеварот Февруарски поход до железниот мост во Горно Лисиче, од десната страна.

Оваа патека е во должина од 2.000 метри, со ширина од четири метри.

Патека на Кејот на реката Вардар што се протега од големиот парк на булеварот Февруарски поход до железниот мост во Горно Лисиче, односно до крај на регулацијата на реката Вардар, претставува продолжување на патеката што се протегаше од мостот Тодор Александров до паркот на булеварот Февруарски поход.


Два филмски фестивали ќе се одржат во Штип неделава


Штип, 18 април, 2017 - 10:30 (META) 

Штип неделава ќе биде дoмаќин на два филмски фестивали. Вечерва во Домот на млади ќе гостува филмскиот планински фестивал „Ехо“, со програма која е селекција од најдобрите и наградувани филмови на фестивалот, што лани во октомври се одржа во Скопје.

Филмовите изобилуваат со убавините на планината, зборуваат за планинарите, искачувањата и за слободата. Фестивалот го организираат Дом на млади од Штип и Форумот за креативна авангарда.

В среда и в четврток, 19 и 20 април, ќе гостува Филозофскиот филмски фестивал и во мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе бидат прикажани вкупно шест филмови.


Одбележани 145 години од раѓањето на Гоце Делчев


Скопје, 4 февруари, 2017 - 13:36 (META) 

Со положување цвеќе на гробот и со панихида во црквата „Свети Спас“, денеска се обележа 145-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Цвеќиња на гробот положија градоначалникот Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, делегација од владата на Република Македонија, од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието на Република Македонија, делегација од АРМ, како и претставници на политички партии, здруженија и граѓани почитувачи на неговата борба за слобода и на неговото дело.

Во црквата „Свети Спас“, покрај панихида на Македонската православна црква, настапи и мешаниот градски хор „Вардар“ под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска.


Доделени наградите „Гоце Делчев“ за остварувањата во областа на науката


Скопје, 4 мај, 2016 - 19:48 (META) 

Во Кристалната сала на македонското Собрание вчера беа доделени наградите „Гоце Делчев“ за највредни остварувања во науката во текот на претходната година.

Годинешни добитници на престижната државна награда се академикот Ѓорѓи Филиповски, проф. д-р Јосиф Митрикески, проф. д-р Татјана Миткова, доцент д-р Миле Маркоски, проф. д-р Диме Петковски, проф. д-р Душко Мукаетов, проф. д-р Марјан Андреевски и проф. д-р Коле Василевски, за трудот „Педолошка (почвена) карта на Македонија и нејзините толковници“. Наградени се и д-р Валентина Миронска-Христовска за трудот „Трајко Китанчев (книжевна, културна и револуционерна дејност)“ и д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни за трудот „Македонците во Тетово од Ала Турка до Ала Франга – општествено-политичкиот живот и културата на живеењето во првата половина на 20 век“.

Во име на наградените се заблагодари 97-годишниот академик Филиповски, член и основоположник на МАНУ, кој рече дека во времето на создавање на Академијата имало малку пари, но многу се одвојувало за науката и за образованието – нешта кои денеска се запоставени. Сепак, тој порача дека ако се сака, има простор за подобрување во оваа најмоќна и најдолгорочна инвестиција.

Според претседателот на одборот за доделување на наградата, академик проф. д-р Владо Камбовски, наградените научни трудови претставуваат висок придонес во македонската наука, а самата награда – највисоко признание и поттик не само за нивните автори, туку за сите наши научници.


Сто и тринаесет години од смртта на Гоце Делчев


Скопје, 4 мај, 2016 - 9:38 (META) 

Во Македонија денеска се одбележуваат 113 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев.

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и на Никола. Се школувал во гимназија во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО, работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896 г.), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска на денешен ден во 1903 година, во селото Баница, Серско.

Неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.