!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонска филхармонија ќе соработува со црногорскиот симфониски оркестар


Скопје, 4 декември, 2017 - 12:34 (META) 

Македонската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Црна Гора потпишаа меморандум за зајакнување на соработкaтa на двата национални оркестри.

Со овој меморандум за соработка, оркестрите се обврзуваат на квалитетна соработка и размена во период од две години. Соработката ќе се одвива на полето на размена на солисти и на диригенти, музички материјали, како и преку гостување на оркестрите во Скопје и во Подгорица.

Синоќа, во салата на Македонската филхармонија, концерт одржа црногорскиот симфониски оркестар под диригентство на Григориј Краско, што воедно претставува и прво гостување на симфониски ансамбл во новата концертна сала на Македонската филхармонија.


Дејвид Гета на 5 јуни во Скопје


Скопје, 5 април, 2016 - 12:50 (META) 

Еден од најактуелните диџеи во последните неколку години, Дејвид Гета, на 5 јуни ќе гостува пред македонската публика, а шоуто ќе се одржи на арената „Филип Втори“, соопштија денеска од „Авалон продукција“, која е организатор на настанот.

„Под франшизата „Скопје колинг“ (Skopje Calling), со невидена светска продукција, спектакуларно шоу ќе одржи една од најголемите глобални ѕвезди на денешницата, Дејвид Гета (David Guetta). Пред Гета како специјален гостин ќе настапи Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последниве неколку месеци на сите светски радиостаници. Тој во Скопје ќе изведе 90-минутен сет со најголемите денс-хитови, со кои ги освои светските топ-листи, водечките фестивали и клубови во светот“, велат од „Авалон продукција“.

Од „Авалон“ најавуваат дека „Скопје колинг 2016“ ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот „Филип Втори“ ќе биде со полн капацитет, а шоуто ќе почне со настап на локални диџеи и на новата француска диџеј-ѕвезда Кангс (Kungs).

„Поради тоа што ова е прво промотивно издание на брендот „Скопје колинг“, „Авалон проукција“ се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл“, вели организаторот.


ЖРК Вардар поразен од Турингер во драматична завршница


Ерфурт, 22 ноември, 2014 - 17:47 (META) 

Ракометарките на ЖРК Вардар се поразени на гостувањето во Германија, кај тимот на Турингер, во неизвесна завршница, во која решавачкиот гол домашниот тим го постигна на само неколку секунди пред крајот, за конечни 21-20.

Најдобра поединка кај Турингер беше Надгорнаја, која постигна осум голови, додека во тимот на ЖРК Вардар, Пенезиќ го заврши натпреварот со шест погодоци.

Ова е последно, шесто коло во првата фаза од Лигата на шампионите, по кое македонскиот шампион е на второ место, зад екипата на Будуќност, која допрва ќе игра со Подравка.