Таравари негира дека во Гостивар се гради без документација


Гостивар, 10 август, 2018 - 14:56 (META) 

По денешните обвинувања од огранокот на ДУИ во Гостивар дека градоначалникот Арбен Таравари гради без документација куќа на простор предвиден за спортски терен во Осмата зона во Гостивар, Таравари рече дека во општината се работи по прописите, а тоа што фирма на негов роднина ја гради куќата не значи дека станува збор за кршење на законите.

– За тој објект има записник  како и за неколку други кои надлежните инспекциски служби ги направиле и за нив се води постапка. Во Гостивар има четворица инженери и шестмина доктори со презиме Таравари, зарем треба да им забранам да работат. Доколку постои поврзаност или заеднички интерес на фирмите на моите роднини и локалната самоупарва треба веднаш да бидам пријавен кај надлежните институции – порача градоначалникот на Гостивар.


ДУИ: Таравари и негов роднина градат куќа на простор предвиден за спортски терен


Гостивар, 10 август, 2018 - 13:27 (META) 

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој од една страна симулира акции за рушење на дивоизградени објекти, додека во реалноста го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти, и тој и негов роднина на место предвидено за спортски терен градат куќа кршејќи ги прописите, обвини ДУИ.

Како што рече Башким Хасани, потпретседател на огранокот на ДУИ во Гостивар на прес-конференција, жители од осмата зона во Гостивар реагирале „за дивоградбата која се гради на простор кој според Генералниот урбанистички план, како и Деталниот урбанистички план (блок 24), се предвидени спортски терени“.

Хасани рече дека има реклама на социјалните мрежи од фирмата изведувач која е во сопственост на близок роднина на Таравари.

– Со непреземањето на законски инспекциски мерки на терен, подразбираме дека Таравари го подржува и охрабрува урбанистичкиот каос. ДУИ ги подржува жителите на Гостивар и ги охрабрува таквите случаеви да ги пријават во надлежните институции, затоа што Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини – порача Хасани.


Општина Гостивар и „Метаморфозис“ потпишаа Меморандум за соработка за Проектот за зајакнување на иновативен туризам


Гостивар, 19 март, 2018 - 16:55 (META) 

Општина Гостивар и Фондацијата за интернет о и општество „Метаморфозис“, денеска потпишаа Меморандум за соработка за Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП).

Меморандумот го потпишаа градоначалникот Арбен Таравари и извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

На свеченоста на потпишувањето присуствуваше и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Целта на проектот е да се промовира енергичен туристички сектор кој ефикасно се прилагодува на потребите на домашните и меѓународните пазари и придонесува за забрзување на порастот и стимулирање на отворањето нови работни места во прекуграничната туристичка зона помеѓу Македонија и Албанија, поточно во подрачјето на Гостивар и Елбасан.

Со меморандумот Фондацијата „Метаморфозис“ со Заедницата за развој на полошкиот регион и Советот на Елбасан е превидено да ги промовираат вредностите на сите потенцијални места и можности за развој на туризмот во полошкиот регион.

Општината Гостивар ќе обезбеди информации, експертиза и искуство, како и ќе ги поттикне малите и средни претпријатија и сите заинтересирани страни активно да дадат придонес кон реализирање на целите на проектот.

Проектот е финансиран од Програмата за меѓугранична соработка на Европската Унија (ИПА 2).


Во Врапчиште протест против спортските обложувалници


Гостивар, 12 јануари, 2018 - 20:48 (META) 

Жители на гостиварско Врапчиште денеска по петочната молитва протестираа против спортските обложувалници, јави телевизијата 21.

Тие го блокираа патот што минува покрај зградата на општина Врапчиште, и потпишаа петиција на која собраа 800 потписи.

Жителите на Врапчиште реагираат што во објекти наменети за домување се отвораат обложувалници и ја повикаа и централната власт да реагира.

На протестот, во знак на поддршка излезе и градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани.


Села: Концептот на Заев „живот за сите“ е голема лага


Гостивар, 3 јануари, 2018 - 17:50 (META) 

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, денеска од Гостивар рече дека гостиварчани се исклучени од концептот „едно општество за сите“ и додаде дека тоа е само една голема лага.

-Блокадата е видлива и преку примерот со неставањето на предлог-буџетот на дневен ред на седницата на советот. Граѓаните на Гостивар се пример дека големите изјави на премиерот за едно опшество за сите и живот во Македонија за сите се само една лага зад која стојат ниски политички игри на СДСМ и нивниот коалиционен партнер ДУИ – рече Села.

Тој додаде дека со директни наредби од премиерот, коалицискиот партнер ДУИ прави сé за да го блокира работењето на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.


Нухиу: Ќе се гони секој прекршител на законот дури и ако е полицаец или функционер


Гостивар, 1 јануари, 2018 - 18:25 (META) 

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска при работната посета на Полициската станица Гостивар порача дека годинава ќе се води остра борба со криминалот и со корупцијата и притоа нема да бидат поштедени ниту полицајците ниту луѓето од државната управа.

– Сакам да го повторам ставот дека ќе имаме нов и поагресивен пристап во борбата против кримималот и корупцијата и ќе се гони секој еден кој нема да подлежи на апсолутниот авторитет на законот. Верувам дека 2018-та ќе биде година на некомпромисното справување со криминалот и корупцијата, дури и ако е дел од структурите на полицијата и на државата. Нека биде берикетна Новата година! – порача заменик-министерот за внатрешни работи.


Во Битола првите новороденчиња се машки близначиња, во Куманово и Струга момчиња


Битола, 1 јануари, 2018 - 14:39 (META) 

Во Битола ноќеска точно на полноќ се родиле две машки близначиња, и тие се првите бебиња родени во новата година. Како што информираат од Клиничкиот центар – Битола, по нив на свет биле донесени уште 10 новороденчиња.

Четири бебиња се родиле на првиот ден од новата 2018 година во Куманово, а првото е машко, родено 45 минути по полноќ на Одделението за гинекологија и акушерство во кумановската Општа Болница. Првото бебе ќе го носи името Ерион, а на раѓањето било тешко 3,4 килограми, долго 51 сантиметар. Во новогодишната ноќ се родиле две момчиња и две девојчиња.

Првото бебе родено во новата 2018 година во општина Струга е машко, информираат од Гинеколошкото одделение при струшката Општа болница. Бебето кое се родило триесет минути по полноќ е од Струга и тежи 3.230 кг. По него на свет се донесени уште четири бебиња.

Првото бебе родено во Гостивар во 2018 година е девојче, родено во 5.50 часот во Гинеколошко-акушерското одделение на гостиварската болница, тешко е 3,75 килограми и долго 54 сантиметри.


Таравари побара од командирот на полицијата во Гостивар да не ги казнува иселениците


Гостивар, 26 декември, 2017 - 13:48 (META) 

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, со службен допис се обратил до командирот на полициска станица Гостивар, Гази Абдурахмани, барајќи тој и полицајците да бидат потолерантни и покоректни кон иселениците што се вратени во родниот крај за време на новогодишните празници.

„Од позиција на градоначалник на Гостивар и како граѓанин на овој град, барам вашите полицајци да бидат што покоректни во нивните задачи, особено за кон иселениците кои се дојдени во Гостивар. Тие се враќаат само неколку дена во својата татковина и даваат толку многу пари, што ги држат градот и државата со своите приходи! Не е ниту законско, ниту хумано а ниту морално да ги казнувате со парични казни, само затоа што се претпоставува дека тие имаат пари! Прво, тие се заморуваат многу за да ги заработат тие пари, и второ, треба да бидат еднакви пред законот!“, се вели во писмото од Таравари.


Деветмина повредени во верижна сообраќајка на патот Гостивар – Кичево


Гостивар, 10 декември, 2017 - 12:41 (META) 

Во верижен судир на три возила што се случил вчера на патот Гостивар – Кичево во близина на отворените сепарации над Гостивар, биле повредени девет лица, информираше СВР Гостивар.

Трите автомобили – голф, лупо и киа, биле со гостиварски регистарски таблички. Судирот се случил околу 17.30 часот, а во него тешки телесни повреди задобил возачот на автомобилот „фолксваген лупо“, 58-годишниот гостиварец З.М. Возачот на автомобилот „киа“, 59-годишниот Т.А., исто така гостиварец, и седум сопатници од трите автомобили се пренесени во Општа болница Гостивар со телесни повреди, од каде по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.

Полицијата извршила увид и според првичните информации причина за несреќата е недржење растојание.


Малолетник греел куршум со леткум, детонацијата му го повредила показалецот


Гостивар, 5 ноември, 2017 - 16:01 (META) 

Малолетник во гостиварското село Зубовце вчеравечер добил повреди на показалецот, откако експлодирал куршумот што го загревал со леткум.

Како што соопшти полицијата, вчера, околу 21 часот, во куќата на неговиот дедо во Зубовце, 10-годишниот малолетник, додека бил сам во една од собите, со леткум загревал куршум од гасен пиштол во пределот на капислата, при што куршумотт пукнал и му нанел повреда на показалецот на левата рака.

Повреденото дете е пренесено во Медицински центар – Гостивар и по укажаната лекарска помош е пренесено во Клинички центар во Скопје.