!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Претседателот Иванов ја повика Владата да го објави договорот со Бугарија


Скопје, 25 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја повика Владата да го објави и да го образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред неговото потпишување. Како што стои во соопштението од претседателскиот кабинет, отсуството на транспарентност предизвикало негативни коментари и загриженост во јавноста кои треба да се надминат со објавување на текстот на договорот пред неговото потпишување.

„Иванов нагласува дека секогаш треба да се имаат предвид националните и државните интереси на Република Македонија и дека кој било меѓудржавен договор не смеe да бидe на штета на македонските национални интереси“, стои во соопштението.

Македонскиот претседател вчера имаше средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на која беше информиран за последната нацрт-верзија на договорот за пријателство и за добрососедство со Република Бугарија.


Иванов – Бејли: Потребен е нов импулс за членството на Македонија во НАТО


Охрид, 13 јули, 2017 - 14:52 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана“ во Охрид имал средба со амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, на која истакнал оти очекува дека ќе продолжи американската поддршка и ангажман околу членството на Македонија во Европската Унија и во НАТО.

„Македонскиот претседател истакна дека е неопходно да се создаде нов поттик и дополнителен импулс за членството на Република Македонија во НАТО, посочувајќи дека реализација на нашата евроатлантска интеграција ќе придонесе за долгорочен мир, стабилност, безбедност и за просперитет на целиот регион“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов за средбата.

Бејли на својот твитер-профил напиша дека имал „конструктивна средба со претседателот Иванов во Охрид“ и дека „партнерството помеѓу САД и Македонија останува цврсто“.

Иванов и Бејли размениле мислења и за соработката на полето на безбедноста и на одбраната, преку реализација на заеднички обуки и вежби за припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) и војската на САД. Во овој контекст, било поздравено учеството на АРМ на мултинационалната вежба „Сејбер гардијан 2017“, а било разговарано и биле разменети информации и за претстојната вежба на АРМ и на Армијата на САД во Европа, „Драгон рајд“, која ќе се одржи од 28 јули до 8 август, на воениот полигон Криволак.


Кохабитацијата на тест: Во тек се разговорите за именување 18 амбасадори и конзули


Скопје, 6 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Премиерот Зоран Заев вчера при промовирањето на реформскиот план „3-6-9“ за забрзување на евроатлантските интеграции, најави кохабитација со претседателот Ѓорге Иванов. Прв чекор во кохабитацијата е пополнување на испразнетите 18 дипломатски позиции во амбасадите, конзулатите и во мисиите на Македонија во странство.

Во моментов испразнети се 13 амбасадорски позиции, од кои 12 се во Европа и една во Кина, три конзулски позиции, а Македонија нема амбасадори ниту во Мисијата во ЕУ, ниту во Мисијата на Обединетите нации во Женева. На овие позиции во моментов има само вршители на должноста.

Како што соопштија од МНР за „Мета“, веќе се почнати разговори со претседателот Иванов за пополнување на амбасадорските и на конзулските позиции.

Редоследот на пополнувањето на амбасадорските места ќе зависи од приоритетите и од потребите на Република Македонија, велат од МНР, но не коментираат колку од овие дипломатски позиции ќе бидат пополнети од дипломати од кариера, а колку со партиски кадри.

– Ќе настојуваме, во рамките на нашите надлежности, да го поместиме балансот кон кариерните дипломати и кон професионалците – велат од кабинетот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Засега не се знае ниту колку амбасадорски позиции ќе отидат кај СДСМ, а колку кај ДУИ и кај Алијансата за Албанците.

Некои од амбасадорските места веќе подолго време се испразнети. Дел од нив требеше да бидат пополнети од редовите на ДУИ, која беше дел и од претходната владина коалиција. Сепак, по претседателските избори во 2014 година, партијата соопшти дека не го признава Иванов за претседател, поради што тој одбива да ги потпише акредитивите за амбасадорите од редовите на ДУИ.

Инаку, според последните измени на Законот за надворешни работи од декември 2015 година, најмалку една третина од вкупниот број шефови на дипломатско-конзуларни претставништва се именуваат од редот на дипломатско-конзуларните службеници со високи дипломатски звања во Министерството. Истовремено, најмногу една третина од вкупниот број на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва може да се именуваат од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата.

Во моментов испразнети се амбасадорските позиции во Брисел, Лондон, Париз, Осло, Талин, Варшава, Букурешт, Загреб, Подгорица, Берн, Мадрид, Пекинг, Прага и во Загреб.


Иванов: Верувам дека ЕУ и НАТО ќе извлечат поуки од погрешениот пристап кон Македонија


Барселона, 5 јули, 2017 - 20:39 (META) 

„Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерство“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на 28. годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.

Иванов во својот говор истакна и дека се надева дека ЕУ и НАТО, како и земјите од регионот, ќе извлечат поуки од погрешниот пристап кон Република Македонија и оцени дека државата успешно се справила со мигрантската криза.

– И покрај сè, останувам оптимист и се надевам дека и ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија. Мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси. Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект – изјави Иванов.

Македонскиот претседател смета дека Организацијата на Обединетите нации мора да се реформира и да се приспособи кон новата реалност.

– Ова се однесува и на другите меѓународни организации кои не смеат да си дозволат да останат заглавени во 20 век. Напротив, мора да бидат пофункционални за да бидат вистински гаранти на стабилноста. Времето за дејствување е сега – додаде Иванов.


Треба дополнителен импулс од двете страни во спорот за името, му порачал Иванов на Нимиц


Скопје, 2 јули, 2017 - 19:29 (META) 

Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите за спорот за името – резолуциите на Советот за безбедност, Привремената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, истакнал македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, на средбата со Метју Нимиц, специјален пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за прашањето за името.

Иванов порачал дека Македонија и понатаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и дека е потребно да се создаде „позитивен амбиент за подобро разбирање и за почитување“.

„Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и за просперитетот на целиот регион“, истакнал Иванов на средбата со Нимиц, на која ја поздравил и конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и на внесување нови содржини.

Нимиц, кој од денеска до 4 јули претстојува во Скопје, утре во 9 часот ќе има средба со премиерот Зоран Заев, а потоа ќе се сретне и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Веднаш по посетата на Скопје, предвидено е Нимиц да замине за Атина, на покана на грчката влада.

Специјалниот пратеник на ОН пред неговото доаѓање изјави дека целта на неговата посета е да ја испита подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.


Нимиц денеска ќе се сретне со Иванов во Вила Водно


Скопје, 2 јули, 2017 - 14:16 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска ќе го прими специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за спорот за името, Метју Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје.

Средбата на Иванов и на Нимиц е закажана по 17 часот во претседателската резиденција на Водно.

Инаку, Нимиц е во посета на земјава на покана на македонската Влада, на разговори за начините за постигнување напредок во разговорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Специјалниот пратеник на ОН во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“ пред неговото доаѓање, изјави дека овојпат не носи ново предлог-решение за името и дека во земјава доаѓа да ја тестира подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.


Иванов од Дубровник: Интеграцијата на Балканот е клучна за безбедноста на ЕУ


Дубровник, 1 јули, 2017 - 14:18 (META) 

Европската Унија треба да го забраза интегративниот процес како витален дел од нејзината долгорочна стратегија за безбедност, порача претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на „Дубровник форум 2017“, што денеска се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“, соопшти неговиот кабинет.

Балканските земји, посочил Иванов, кои сè уште не се интегрирани во Европската Унија се потенцијален тројански коњ на портите на Европа.

„Неинтегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и однатре“, истакнал претседателот на државата.

Иванов рекол дека најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и дека итно е потребно да ѝ се посвети внимание, посочувајќи на илјадниците странски борци од балканските земји кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.

„ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон неинтегрираниот дел од Балканот“, истакнал Иванов.

Шефот на државата во своето обраќање нагласил дека интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.

„Со тоа би се гарантирале надеж и напредок во регионот, кој веќе покажува знаци на разочарување и очај. Европскиот сон треба да стане реалност за сите и тоа што е можно побргу“, додал Иванов.

Претседателот на државата вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и на влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на кој имаше билатерална средба со претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.


Иванов ќе учествува на самитот на ПСЈИЕ во Дубровник


Дубровник, 30 јуни, 2017 - 10:38 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Хрватска, каде ќе учествува на самитот на шефови на држави и на влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Дубровник.

Иванов денеска ќе има обраќање на пленарна сесија на самитот и ќе оствари средба со претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Утре Иванов ќе учествува и ќе се обрати на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

На самитот на шефови на држави и на влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Република Хрватска, најавено е учеството на претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, како и на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.


Иванов – Вучиќ: Да не се политизираат отворените прашања меѓу Македонија и Србија


Белград, 24 јуни, 2017 - 13:07 (META) 

Сите отворени прашања мора да ги разгледуваме преку дијалог и надлежните институции да наоѓаат решенија, изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со српскиот колега, Александар Вучиќ. Тој додаде дека средбата била конструктивна и дека се согласиле отворените прашања да не се политизираат.

– Каде настануваат проблемите, таму треба да се наоѓаат и решенијата. Да не ги политизираме и да не им даваме посебно значење на прашањата кои се во надлежност на институциите – изјави Иванов.

Прашан дали на средбата се разговарало за промовирање на идејата за заеднички регионален пазар, Иванов рече дека тоа ќе биде во надлежност на двете влади.

– Тоа е во интерес на целиот регион. Ние во минатото сме имале заеднички пазар, ги знаеме добивките од сето тоа и која е користа за нашето стопанство, така што се надевам дека како што Процесот Брдо Бриони на ниво на претседатели ги промовира тие идеи за зближување и за отворање на просторот, така и премиерите и владите на нивната идна средба во Трст сигурно конкретно ќе разговараат за реализација на таа иницијатива – изјави Иванов.

На средбата, како што соопшти претседателот, било разговарано и за можностите за продлабочување на економската и на трговската соработка, како и за прашања од културата.

– Разговаравме и за прашања од доменот на културата, кои мора да ги регулираме со одбележувања на настани, како што беше одбележувањето на 70-годишнината од доаѓањето на Македонците во Србија што го одбележавме заедно со претходникот на Вучиќ. Тоа беше еден чин на почит. Тие ни посветија внимание и нашите Македонци беа навистина задоволни. Таквите настани ќе продолжиме и во иднина да ги одбележуваме, бидејќи тие ги зближуваат двата народа и придонесуваат кон доверба на двете држави – изјави Иванов.

Политичкиот дијалог меѓу двете земји се очекува да продолжи со идна посета на претседателот Вучиќ на Република Македонија.


Иванов во Белград на средба со Вучиќ


Белград, 24 јуни, 2017 - 10:32 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Белград ќе има средба со новиот претседател на Република Србија, Александар Вучиќ.

Иванов синоќа присуствуваше на свечениот прием по повод инаугурацијата на Вучиќ.

На церемонијата во палатата „Србија“ присуствуваа околу 5.000 гости, меѓу кои и претседателите на Република Словенија, Република Хрватска, Црна Гора, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика на ЕУ, Јоханес Хан, заменик-помошникот на државниот секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Ји, премиерите на Унгарија и на Австрија, заменик-претседателот на кинеското собрание, како и престолонаследникот на Обединети Арапски Емирати, шеик Мухамед бин Зајед.