!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов: Живаљевиќ извести дури откако влезе во Собранието, за да има алиби


Скопје, 23 август, 2017 - 21:33 (META) 

Посочениот советник на претседателот Иванов, не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски претставници и во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени. Ова стои во експресната реакција на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов по изјавата на советникот за безбедност во амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ, дека одобрение за да влезе во Собранието на 27 април, добил од советникот на Иванов.

Во соопштението од кабинетот се вели дека „согласно законите во Македонија, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски преставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието се грижи за редот во зградата.“

 „Кабинетот на претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието. Изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Тој по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник, дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување. Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието, амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот, не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието“, се додава во соопштението.

Од кабинетот на претседателот исто така велат дека „во изминатиот период реагирале до амбасадорот на Србија да се прекине со злоупотреба на името на советникот, со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување на дипломатот.“

„Случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието е затворен во постигнат договор помеѓу службите“, се додава во соопштението.


Живаљевиќ: Одобрение за да влезам во Собранието добив од советникот на Иванов


Белград, 23 август, 2017 - 20:32 (META) 

Советникот за безбедност во амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ вечерва изјави дека неговото присуство во Собранието на 27 април, не било ниту тајно, ниту скришно и дека за тоа добил одобрение од советник на претседателот Ѓорге Иванов, пренесува српската агенција „Танјуг“.

– Мојата мисија не беше тајна, ниту недобронамерна, а згора не се, македонските служби беа упатени – изјавил Живаљевиќ за „Танјуг“.

Тој исто така кажал дека „за престојот во Собранието добил одобрение од советникот за безбедност на претседателот на Македонија, Синиша Алексовски.“

– Тој човек ја знаеше причината зошто бев таму и за тоа беше информиран. Мојата мисија таму не беше тајна и беше добронамерна во однос на безбедноста на Македонија, а во контекст на соработката која ја имаме со безбедносните служби на Македонија. Моето пријавување за активност таа вечер, на 27 април, беше насочено на самиот кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност – додал Живаљевиќ.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги демантираше тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.

Живаљевиќ тврди дека „во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ намерно се прескокнува инстанцата претседател на Република Македонија.“


ВМРО-ДПМНЕ: Вучиќ не ја кажува вистината, проверивме


Скопје, 23 август, 2017 - 16:15 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение за јавноста ги демантира тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.

„ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека сега е во опозиција, во текот на денешниот ден во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение“, велат од опозициската партија.

Вучиќ во интервју за српската државна телевизија „РТС“ вчера изјави дека Живалевиќ за да влезе во Собранието го прашал нависокиот преставник на извршната власт во Македонија.

– Па тој Живаљевиќ не отишол на своја рака. Не ме прашал мене, ниту кого било во нашата земја, иако нам треба да ни полага сметки. Тој го прашал највисокиот претставник на извршната власт на Македонија, директно го прашал: „Јас сакам да бидам таму. Дали имате нешто против?“. Тие беа целосно запознаени со неговото присуство – изјави Вучиќ.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика владата да провери дали такво нешто имало, и доколку имало да го објави документот со кој некоја институција издала такво одобрение. Од партијата велат дека доколку не се прикаже таков документ во наредните ден два, ќе констатираат дека дефинитивно такво нешто не е издадено.

Во врска со дипломатскиот скандал, ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека македонската и српската влада ќе ги расчистат сите детали и дека ќе ја информираат јавноста.

„Чекорите кои ги превзема Република Србија, степенот на кој се превземаа мерки од нивна страна, како и изјавите на српските политичари не кореспондираат со изјавите на македонските претставници, што укажува дека постојат детали за кои јавноста не е запознаена“, додаваат од партијата.


МВР со известувања до Обвинителството за насилници и за српскиот разузнавач


Скопје, 9 јуни, 2017 - 19:43 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) извести дека во изминативе неколку дена Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднело шест известувања за истрагата околу насилствата на 27 април во Собранието на Република Македонија.

Притоа, поднесена е кривична пријава заедно со известување против А.К., за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, при што по Наредба за претрес од Основен Суд Скопје 1 е извршен претрес во домот на пријавениот и пронајдени се предмети важни за кривичната постапка.

Луѓето од СВР Скопје разговарале со повеќе новинари, како и со лицето М.П., во врска со обидот за убиство на Зијадин Села. Притоа, со наредба од Скопје 1 извршен е претрес во домот на еден новинар, при што се пронајдени и одземени фотоапарат, камера, УСБ, преносен компјутер, мобилен телефон и ДВД, кои по извршеното  вештачење со дополнително ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство Скопје.

Исто така, ОЈО  Скопје е известено за утврдување на присуство на странски државјанин во Собранието, во врска со две кривични дела – учество во толпа што ќе изврши кривично дело и учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. Притоа е идентификуван Г.Ж., српски државјанин, односно, како што претходно јавноста дозна, српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ. Притоа е утврдено дека тој од 22.04 до 00.11 минути часот следниот ден бил во во собранието.

СВР Скопје известува дека во консултација и соработка со Обвинителството и понатаму работи на расчистување на дивеењата во Собранието на 27 април.


Македонската амбасадорка во Белград повикана во српското МНР


Белград, 30 мај, 2017 - 18:40 (META) 

Амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска, денеска итно била повикана на разговор во Министерството за надворешни работи на Србија, за да ги објасни околностите поради кои биле прислушувани телефоните на советникот во Амбасадата на Србија во Скопје, Горан Живаљевиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, и на новинарот на весникот „Политика“, Мирослав Лазански, како и фактот дека транскрипти од нивните разговори протекоа во јавноста.

Од амбасадорката е побарана информација и дали на разговор во Министерството за надворешни работи на Македонија биле повикани амбасадорите на сите земји чии претставници на тајните служби биле видени во зградата на Собранието во текот на насилствата на 27 април или тоа е случај само со амбасадорката на Србија, соопшти српското МНР.

Амбасадорката Јовановска, како што се наведува, рекла дека македонските надлежни служби не располагаат со информации за присуство на припадници на други тајни служби во Собранието, како и дека нема податоци за тоа како наведените транскрипти протекле во српските медиуми. Јовановска укажала дека „во Македонија во тек е транзиција на власта“ и искажала уверување дека во наредниот период сите недоразбирања ќе бидат надминати, се додава во соопштението.

Претставниците на српското МНР од амбасадорката на Македонија побарале „на Скопје“ да му ги пренесе очекувањата на Србија дека добрососедските односи може да се развиваат и да се унапредуваат само на основа на меѓусебно уважување и почитување на општо прифатените дипломатски принципи, како реципроцитетот и рамноправниот третман на сите членови на меѓународната заедница.


Дачиќ: Зошто ви пречат српските, а не американските, германските и другите разузнавачи


Белград, 29 мај, 2017 - 15:06 (META) 

Многу интересно е што, како што пишуваат некои медиуми, во македонското Собрание во текот на нередите имало и претставници на други странски служби, но Македонија не ги повика нивните амбасадори на разговор, рече шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.

Тој нагласи дека амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, имала коректен разговор во македонското Mинистерство за надворешни работи, каде беше повикана поради присуството на Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада и офицер на српската разузнавачка агенција БИА, во Собранието на 27 април. Притоа, како што рече Дачиќ, не се зборувало за мерки против него.

Српскиот министер за надворешни работи, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека е чудно што од сите претставници на странски служби во македонското Собрание, се реагирало само за српскиот претставник.

– Не забележав дека Македонија ги повика нивните амбасадори да ги праша што прават таму… Не може да ви пречат само српските претставници, а да не ви пречат американските, германските, француските и други – рече Дачиќ.

Шефот на српската демократија, сепак, рече дека Србија ќе се труди да има најдобри односи со соседите, но и дека таа ќе се однесува со нив така како што тие се однесуваат со неа.


Српската амбасадорка во МНР го објаснувала присуството на Живаљевиќ во Собранието


Скопје, 26 мај, 2017 - 13:54 (META) 

Амбасадорката на Србија Душанка Дивјак – Томиќ денеска беше повикана во македонското Министерство за надворешни работи во врска со присуството на советникот на амбасадата Горан Живаљевиќ во Собранието за време на насилните настани.

Амбасадорката одби да даде било каков коментар, но од МНР наведуваат на средбата било изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран српски дипломат Македонија во Собранието за време на насилните настани на 27 април. Од МНР побарале детално појаснување на „причините и околностите за присуството на Живаљевиќ“.

„Беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право“, стои во соопштението.

Од МНР соопштуваат дека амбасадорката ги потврдила заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете држави, а притоа биле искажани ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ.


Дачиќ: Живаљевиќ требаше да извести дали во Собранието има српски државјани


Белград, 25 мај, 2017 - 22:39 (META) 

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, изјавил денеска дека службеникот на Амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ, со влегувањето во Собранието на Македонија на 27 април, за време на инцидентите, не го прекршил дипломатскиот протокол, ниту ја нарушил Виенската конвенција, туку само си ја вршел работата.

„Не учествуваше во кривично дело, само известуваше за ситуацијата во Македонија, бидејќи Србија мора да знае како таа ситуација може да се одрази на националните и на државните интереси“, изјавил Дачиќ пред новинарите.

Тој додал дека Живаљевиќ како официјален претставник на БИА во Македонија не престојува илегално, туку неговата работа била да известува што се случува и дали во нередите во Собранието учествувале државјани на Србија.

Прашан, со кој тој влегол во Собранието, Дачиќ го прочитал списокот на имиња на луѓе од Македонија, кои, како што тврди, во Србија организирале протести против премиерот во заминување Александар Вучиќ. Тој додал дека српските власти за тоа, Македонија ја известувале веќе две години.

На прашањето, дали овој случај ќе влијае врз влошувањето на односите со Македонија, Дачиќ изјавил дека синоќа разговарал со македонскиот министер за надворешни работи и дека тој воопшто не му го спомнал Живаљевиќ, а дека мандатарот за состав на новата влада Зоран Заев, само изјавил дека службите случајот треба да го решат помеѓу себе.


Српската амбасадорка во Македонија била повикана на разговор во МНР


Скопје, 25 мај, 2017 - 20:39 (META) 

Амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ денеска била повикана на разговор во Министерство за надворешни работи (МНР) за да го објасни присуството на српскиот разузнавач и нејзин советник Горан Живаљевиќ во Собранието за време на инцидентите на 27 април, објави веб-порталот „мкд.мк“.

Според информациите од МНР, најверојатно амбасадорката ќе отиде на разговор утре.

„Македонија во овој случај ќе се однесува согласно Виенската конвенција, а тоа значи дека овој случај може да резултитра и со протерување од земјата на српскиот дипломат“, изјавиле од МНР.


За Вучиќ не е кривично дело што српскиот разузнавач бил во Собранието


Брисел, 25 мај, 2017 - 11:45 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ, по вчерашната неформална вечера на премиерите на земјите од Западен Балкан, на новинарско прашање за присуството на советник во српската амбасада во Скопје при насилствата во Собранието на 27 април, изјавил дека советникот не учествувал во кривично дело, ниту пак нешто организирал, јави агенцијата „Бета“.

Телевизијата „Телма“ завчера објави дека Горан Живаљевиќ, офицер на српската разузнавачка агенција БИА за време на нередите бил во Собранието.

Вучиќ одговарајќи на прашањето додал и дека некои од Македонија биле во Белград на протестите против него, нагласувајќи „Па што?“

-Не слушнав дека сторил какво било кривично дело и дека учествувал во организирање какво било кривично дело. Има повеќе лица што би можел веднаш да ви ги наведам… лица од Скопје, кои беа во Белград на демонстрациите против мене. Па што? Не сторија кривично дело, не сторија ништо – рекол Вучиќ.

Инаку, Живаљевиќ, кој влегол во пленарната сала на Собранието, каде беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и таму се сликал, прашан од Телма што правел, рече дека бил на службена должност за да види дали во инцидентите учествуваат луѓе од Србија, навивачи или екстремисти.

Вучиќ за српските медиуми изјавил дека со мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев, имал коректен однос и дека Србија сака да има добри односи со Македонија. Лидерот на СДСМ во интервјуа за српски медиуми го нарече раководството на Србија „националистичко“.

– Заев беше коректен вечерва. Не сакам да зборувам за приватните односи. Сакаме да имаме добри односи со Македонија и ќе ги имаме – порача Вучиќ.