!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Свилановиќ: За пет години 1.000 борци од Западен Балкан заминале во Сирија и во Ирак


Крањ, 30 ноември, 2017 - 14:24 (META) 

Околу 1.000 лица од земјите од Западен Балкан заминале да се борат во Сирија и во Ирак од 2012 до 2017 година, од кои 300 се вратени, околу 200 се убиени, а околу 400 сè уште се на боиштата, изјави денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Тој, како што соопшти РСС, изјави дека темпото на заминување на граѓаните од регионот се намалило во 2015 година, а речиси во целост е запрено во средината на 2016 година.

Study Infographics

Инфографик за движењето на странските борци од Западен Балкан кои заминале на боиштата во Сирија и во Ирак во периодот од 2012 до 2017 година

– Истовремено, од цела Европска Унија околу 5.000 граѓани заминале да се борат во Сирија и во Ирак – рече Свилановиќ во обраќањето на Втората меѓународна конференција за борба против тероризмот и насилниот екстремизам во Југоисточна Европа, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ во Словенија.

Свилановиќ додаде дека овие податоци, кои поттекнуваат од студија што наменски ја порача РСС, „нè доведуваат чекор поблиску да осмислиме што треба да се направи од училиштата до затворите за да се победат насилните идеологии кои доведуваат до ужасите на тероризмот“.

Учесниците на Конференцијата, на која има претставници на влади од Западен Балкан и на повеќе меѓународни и регионални организации и инцијативи што се занимаваат со овој проблем, ќе разговараат за моменталните трендови и предизвици во активностите на европско, регионално и на национално ниво, како и за начините на спроведување на порано договорениот принцип – „цела влада, цело општество“, во сузбивање на насилниот екстремизам.

Конференцијата ја организира Регионалниот совет за соработка заедно со Министерството за внатрешни работи на Словенија, како и со Иницијативата на Западен Балкан за борба против тероризмот и Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа.

Првата конференција за овој проблем е одржана во ноември во Тирана. Република Македонија, како основач и активен член на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, активно партиципира на овие собири.


Пари за проблемите на Ромите на Балканот ќе се бараат и во државните буџети и од донатори


Тирана, 10 ноември, 2017 - 13:48 (META) 

Министрите кои ја покриваат социјалната сфера во повеќе балкански држави, вклучително и на Турција, на конференција во Тирана денеска се договорија за решавање на проблемите на Ромите да се издвојуваат дополнителни средства од националните буџети, но и од други донатори.

На регионалната министерска конференција во организација на Регионалниот совет за соработка (РCC) и албанските власти, се зборуваше пред се за мерки за решавање на станбеното прашање и вработувањето на Ромите.

Република Македонија смета дека инклузијата на Ромите е дополнителна вредност во општеството и дека во таа насока има простор за дополнителни буџетски планирања – рече на конференцијата министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Таа појасни дека Министерството со Светска банка во 2018 година ќе работи на реформа на системот на социјална заштита и подобро распоредување на средствата за намалување на сиромаштијата, не само на малцинствата, туку и за сите граѓани на Република Македонија.

Генералниот секретар на РCC, Горан Свилановиќ, потсети на мега истражувањето „Балкански барометар 2017 година“, според кое 16 отсто од анкетираните големи бизнисмени на Балканот не би ги вработиле Ромите без оглед на нивната стручност, а 19 отсто не се сигурни. Освен тоа, 55 отсто од бизнисмените сметаат дека вработувањето на Ромите негативно ќе се одрази на продажбата на стоки и услуги и на работната атмосфера во претпријатието. Вакавите гледишта и ставови треба да бидат променети, истакна Свилановиќ.


Македонија и Западен Балкан ќе бидат приоритет на бугарското претседавање со ЕУ


Софија, 27 октомври, 2017 - 12:15 (META) 

Главен приоритет на Бугарија за време на претседавањето со Европската Унија (ЕУ) ќе биде Западен Балкан и поддршка на европската перспектива на регионот, изјавила бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, на средбата во Софија со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Бугарија ќе продолжи со поддршка на зајакнување на соработката меѓу ЕУ и регионот низ практични мерки, како што е, на пример, неопходната енергетска инфраструктура, рекла Захариева. Таа истакнала дека брзата интеграција во ЕУ е препознаена како главен приоритет на државите во регионот и додала дека Западен Балкан треба да ја искористи оваа единствена можност, дотолку повеќе што со Советот на ЕУ во наредниот период последователно ќе управуваат пет земји што се залагаат за проширување – Естонија, Бугарија, Австрија, Романија и Хрватска.

Свилановиќ, како што соопшти РСС, рекол дека Советот и Бугарија можат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот.

„Се радуваме на претстојното претседателство на Бугарија со ЕУ и на силната желба и амбиција во текот на првата половина од 2018 година да се посвети повеќе внимание на Западен Балкан. Советот и Бугарија можат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и да го подржат позитивниот напредок во регионалната соработка што е остварен во текот на годинава“, истакнал претседателот на РСС.

Захариева и Свилановиќ на средбата, одржана синоќа, разговарале за конкретни активности за време на бугарското претседателство со ЕУ, кое почнува на 1 јануари 2018 година, како и за планираниот самит на претседатели на држави и на влади на Западен Балкан и на ЕУ. Самитот треба да се одржи во мај во Бугарија, а истовремено ќе се одбележи и десетгодишнината на РСС, кој е формиран во 2008 година, исто така во Софија.

РСС e оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


Самит на СЕЕЦП во Дубровник – големи очекувања за Балканот од самитот во Трст


Дубровник, 30 јуни, 2017 - 19:54 (META) 

Годишен состанок на министрите за надворешни работи и на шефовите на држави и на влади се одржува денеска во Дубровник, со што завршува хрватското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), а на кој беа искажани и големи очекувања за Балканот од претстојниот самит во Трст.

СЕЕЦП е формиран во Софија во 1996 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Тој се смета за политички форум за унапредување на соработката во регионот, поттикнат од земјите од регионот. Активностите главно ги координира Регионалниот совет за соработка (РСС), меѓувладино оперативно тело на СЕЕЦП со седиште во Сараево.

Настанот го отвори шефицата на хрватската дипломатија и министерка за европски прашања, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, која претходно оствари низа билатерални средби, меѓу кои и со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој, пак, имаше свое излагање.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изрази задоволство од хрватското претседателство, го презентираше годишниот извештај кој беше поздравен од министрите и ја подвлече важноста за Балканот од претстојниот самит на Западен Балкан со ЕУ што ќе се одржи во Трст за две недели, на 12 јули.

– Следејќи го фокусот од агендата на поврзувањето од минатогодишниот самит во Париз, очекуваме во Трст за две недели  процесот да биде управуван кон цврста економска интеграција на Балканот, со што ќе се исполнат очекувањата не само на регионот, туку и економските критериуми од делот од копенхашките критериуми за влез во ЕУ – подвлече Свилановиќ.

Состанокот на шефови на држави и на влади продолжи попладнето, а го отвори хрватската претседателка Колинда Грабар- Китароовиќ. Следува свечена вечера што ја организира хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. На овие настани учествува и претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, кој исто така се очекува да има билатерални средби.

Утре Иванов и  Димитров ќе присуствуваат на традиционалниот Дубровнички форум, кој годинива ќе биде посветен на „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“, а ќе се работи и во пленуми, посветени на комуникациите, трговијата и на младите.

Од 1 јули годинава, претседателството со СЕЕЦП го презема Словенија, а за 2018 година кандидатури поднеле Косово и Босна и Херцеговина, за што ќе се разговара и во Дубровник и подоцна во Трст.


Свилановиќ: Прогресот на соработката на Балканот е видлив и покрај осцилациите


Дубровник, 29 јуни, 2017 - 20:35 (META) 

Прогресот во регионалната соработка на Балканот и во Југоисточна Европа е видлив и покрај пречките и осцилациите што се создаваа повремено на националните и на политичките сцени, оцени денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Оценката доаѓа само еден ден пред состанокот на шефовите на дипломатиите и самитот на шефовите на држави или влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа – СЕЕЦП (SEECP).

„Видлив напредок е постигнат во унапредувањето на трговијата и на инвестициските интеграции, на дефинирање на ефикасните политики за вработување, на засилување на соработката на полето на образованието, истражувањата и иновациите, на доброто владеење и на полето на соработка во областа на безбедноста“, рече Свилановиќ, зборувајќи на годишната средба на РСС во Дубровник.

Тој додаде дека иако регионалните предизвици и осцилациите на националните политички сцени понекогаш го попречуваа Регионалниот совет за соработка, она што влева надеж е напредокот кој е видлив во поглед на продлабочување на економската соработка, на силно управување и на стабилност во самиот регион.

Денеска беше поднесен неговиот годишен извештај за работата на РСС, меѓувладино оперативно тело на СЕЕЦП, кој беше одобрен од поканетите учесници на годишниот собир. Се очекува негово одобрување и усвојување и од земјите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кои утре и задутре на највисоко ниво ќе се состанат исто така во Дубровник.

Република Македонија е основач и полноправен член на СЕЕЦП и активно партиципира во активностите во регионот, што ги координира РСС.


Свилановиќ: Борбата против екстремизмот да се вгради во образованието


Загреб, 25 мај, 2017 - 16:11 (META) 

„Спречувањето на екстремизмот треба да биде вграден во наставните планови и програми на општиот образовен систем, но и надвор од наставните активности“, изјави денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

– Младите се примарна цел на пропагандата на насилните екстремисти и за да станат поотпорни треба да се направат посебни координирани програми – појасни Свилановиќ, зборувајќи на собир во Загреб на кој присуствуваат претставници на министерствата за образование, наставници и експерти од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија.

На состанокот, како што соопшти РСС, се разговарало и за начинот како во наставата да се интегрира образованието за толеранција во општеството. Станува збор за наставни планови во основно и средно образование, но и надвор од наставни активности.

РСС, кој е меѓувладино оперативно тело на земјите од Процесот за соработка во ЈИЕ – (SEECP), веќе има воспоставено функционален систем, односно Група на национални контакт-точки за спречување и сузбивање на насилниот екстремизам и регрутирање на терористи.

Денешниот собир е само проширување на координираните активности околу ова прашање меѓу земјите од Западен Балкан.


Шест земји од Западен Балкан во Сараево разговараат за економско поврзување


Сараево, 11 мај, 2017 - 14:06 (META) 

Агендата за регионалната економска интеграција е тема на состанок на претставници на шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, како една од последните подоготовки пред самитот планиран за јули годинава во Трст, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС).

Средбата на која учествуваат претставници од повеќе министерства и претставници на премиерите на земјите од Западен Балкан е организарана од РСС, од Европската комисија (ЕК) и од ЦЕФТА.

Се разгледува консолидиран преглед на клучните регионални економски иницијативи кои се, пред сè, насочени кон зголемување на економскиот пораст и на конкурентноста на регионот.

„Успешното намалување на цената на роамингот, напредокот во олеснувањето на трговијата и на транспортот, вмрежувањето во приватниот сектор, работата на изградбата на регионалната туристичка понуда, се некои од бројните области што докажуваат дека заедничките регионални напори носат дополнителна вредност – изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.

Бернард Брунет од Дирекцијата за соседство и за проширување на Европската комисија, изјави дека Брисел исклучително ги поддржува напорите на шесте земји од Западен Балкан за продлабочување на регионалната соработка.

„ЕК се надева дека на претстајниот самит во Трст ќе се усвои амбициозен акциски план“, изјави Брунет.

На работилницата присуствуваат високи претставници од министерства задолжени за трговија, инвестиции, труд, образование и за ИТ-секторите, исто како и претставници од министерствата за надворешни работи и од кабинетите на премиерите на Албанија, БИХ, Косово, Македонија Србија и на Црна Гора.

Регионалниот совет за соработка е меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што полноправна членка е и Република Македонија.


Свилановиќ: Потребно е регионално економско здружување на Балканот


Сараево, 15 март, 2017 - 17:15 (META) 

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС), Горан Свилановиќ, смета дека политиката „еден регион – една економија“ е добра за Западен Балкан, ако е проследена со честа интеракција помеѓу ресорните министри од регионот и нивните колеги и институции од Европска Унија.

– Очекувам дека премиерите на состанокот во Сараево ќе потпишат план за целосна економска интеграција на регионот. Овој процес на регионализација не ги исклучува тие земји од европскиот пат и нивно членство во ЕУ – изјави Свилановиќ за „Гласот на Америка“, непосредно пред Самитот на лидерите на Западен Балкан, кој ќе се одржи утре (16 март) во Сараево.

Застојот во реформите, според Свилановиќ, може да се надмине со единствен пазар на трудот на Западен Балкан, кој би подразбирал слободно движење на работната сила, како и единствен инвестициски простор и либерализација на трговските услуги, во согласност со целосно либерализираната регионална трговија.

Од овој проект се очекува дека ќе ја зајакне конкурентноста на националните економии во регионот, ќе ги олесни транзитот и трговијата низ поврзување на сите гранични служби и ќе ја зголеми конкурентноста на националните економии.

Според Свилановиќ, поддршка за овој проект има од три држави, меѓу кои и Македонија.

-Имаме поддршка од премиерот на Србија, како и од Македонија и од Босна и Херцеговина, а истото го очекуваме и од другите –  изјави Свилановиќ.

Советот заедно со Европската комисија ќе предложи повеќегодишен акционен план, кој подразбира рокови до кои би требало договорите да се применат и како да се дефинира процесот на примената.


Свилановиќ: Крајно време е Балканот да ги препознае пораките од ЕУ


Белград, 7 март, 2017 - 16:41 (META) 

„Крајно време е Западен Балкан да ги препознае пораките од ЕУ и да тргне напред преку регионалната соработка“, изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС), меѓувладино тело на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, од кој дел е и Македонија.

Тој ја модерираше панел-дискусијата што се одржа првиот ден од познатиот бизнис-форум „Копаоник 2017“, на кој, како што соопшти РСС, доминантен став на учесниците бил дека „реформите што водат кон економска интеграција на регионот, се неопходен дел дел од побрзото приклучување кон ЕУ“.

„Европската Унија повеќепати го нагласуваше значењето на регионалната соработка и на добрососедските односи и го потврди освежениот пристап кој подразбира посилно партнерство помеѓу претставниците од земјите од Западен Балкан и од ЕУ. Сега е последен момент регионот да тргне напред, водејќи ги своите економии кон просперитетна иднина“, изјави Свилановиќ.

Тој додаде дека мора да се има предвид дека ниту еден инвеститор нема да ги ризикува своите пари доколку не може да се потпре и на правосудството во одредена земја.

„Тоа е тоа што покажува дека процесот на реформи мора да биде сеопфатен, што сепак не може да се направи преку ноќ“, истакна Свилановиќ.

Форумот кој почна денеска, ќе трае до 9 март и на него учествуваат околу илјада учесници, од деловната и од академската заедница, како и претсавници на влади и членови на дипломатскиот кор.

Од Македонија на форумот учествува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.


Свилановиќ: Застојот на реформите во Западен Балкан може да се надмине преку интеграција во економијата


Минхен, 17 февруари, 2017 - 17:39 (META) 

„Еден регион – една економија“, може да биде добредојдена новина за земјите од Западен Балкан, но само ако е следена со почеста интеракција од ресорните министри од регионот и нивните колеги од институциите од Европската унија. Ова денеска во Минхен го изјави Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) Горан Свилановиќ, зборувајќи на сесија посветена на глобалниот дијалог, на конференција организиран од Фондацијата БМВ.

Оценувајќи дека постои парализа на реформите во регионот, Свилановиќ ја истакна клучната потреба Европската Унија да го вклучи Западен Балкан во својата визија за иднината и тоа пред сè со поголемо ангажирање за решавање на нерешените прашања меѓу земјите, кои го спречуваат нивниот напредок.

-Постоечкиот застој во реформите може да се реши со чекорење кон единствен пазар на трудот на Западен Балкан, кој подразбира слободно движење на работната сила, единствен информациски простор кога станува збор за информатичките и комуникациските технологии и единствен инвестициски простор, кога станува збор за либерализација на трговијата со услуги, во рамките на веќе во целост либерализираната регионална трговија – предложи Свилановиќ.

Регионалниот совет за соработка е меѓувладино оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што полноправен член и основач е и Република Македонија.

Изјавата на Свилановиќ доаѓа по потегот на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој на австрискиот канцелар Кристијан Керн на средбата во Белград му предал документ за формирање слободен трговски пазар и царинска унија во Западен Балкан.

Станува збор за идеја која, како што објасни самиот Вучиќ „има за цел да ги зближи нашите територии“ и да се олесни минувањето на стоките. Српскиот премиер кажал дека за предлогот се консултирал со претседавачот на Советот на министри на БиХ,  Денис Звиздиќ и со албанскиот премиер Еди Рама.