ВМРО-ДПМНЕ: Заев го „приватизира“ правосудството


Скопје, 9 мај, 2018 - 10:33 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта ја продолжува партизацијата на судството, што, како што вели, го признал и премиерот Зоран Заев.

„Судот е заробен, а Специјалното јавно обвинителство работи по политичка нарачка на Зоран Заев. Цената на послушноста ја откри самиот Заев. Шефот за човечки ресурси во Основен суд Скопје 1, кој е и десна рака на претседателот на судот Иван Џолев, Горан Стаменковски е назначен за советник на Заев. Ќе зема пари кабинетот на премиерот за да биде линк помеѓу Заев и Џолев. Изгледа не беше доволно тоа што претседателот на судот стоеше во став мирно пред Заев кој е обвинет за тежок криминал и му се суди во Кривичниот суд“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува и дека Специјалното јавно обвинителство е под контрола на власта, како и дека институциите се користат за враќање на долговите на Зоран Заев кон поединци и групи.

„Заев ја држи државата во грч. Непотизмот и вработувањето по партиски клуч се начинот на кој функционира картелот. Веднаш по доаѓањето на власт видовме како градоначалниците на Битола, Неготино и Берово си ги вработија своите сопружници. АД ЕЛЕМ го претворија во место за згрижување на децата на функционерите, на државна плата во ова претпријатие картелот ги вдоми децата на Мирослав Грчев и Талат Џафери, како и сопругот на Магдалена Несторовска. Функција доби и синот на Љубомир Фрчкоски, кој беше именуван за раководител во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Зарем ова е професионализацијата која ја ветуваше СДСМ? Ова не е професионализација ова е непотизам и партизација“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


Панчевски и Стаменковски на чекор до физички инцидент


Скопје, 18 јануари, 2018 - 13:57 (META) 

Судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1, тврди дека утрово бил нападнат на работното место во судот за прекршоци, каде е прераспореден по доаѓањето на Иван Џолев за претседател на Кривичниот суд.

– Додека бев во судница, влезе Горан Стаменковски, вработен како раководител во Кривичниот суд, и почна да ми се заканува. Извикуваше дека ќе сум видел што ќе ме снашло, а почна да изговара и вулгарности, споменувајќи ја во тој контекст мојата сопруга – изјавил Панчевски за „Фокус“, додавајќи дека сведок на вербалниот напад била записничарката.

Панчевски веднаш повикал полиција, по што оттаму му било кажано да поднесе приватна тужба бидејќи така било решено по консултација со јавен обвинител.

Стаменковски, пак, вели дека во канцеларијата влегол службено.

– Правевме ревизија во судот, и кога влегов во канцеларијата на Панчевски, јас не ни знаев која е негова канцеларија, тој почна да ми вика „излегувај, излегувај“. На масата имаше полициски пендрек и го зема, не ме удри, но ме истурка надвор од канцеларија. Обвинувањата на Панчевски се лажни и сега јас ќе одам во полициска станица да го пријавам – изјавил Стаменковски.

Инаку, Стаменковски го тужеше судијата за мобинг, додека Панчевски беше претседател на Кривичниот суд.

Основниот суд Скопје 2 пресуди во корист на Стаменковски, но пресудата сè уште не е правосилна.


Поранешниот шеф на Кривичниот суд, Панчевски, осуден за мобинг


Скопје, 14 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, е осуден за мобинг, по тужбата што против него ја поднесе Горан Стаменковски, поранешен раководител на секторот за човечки ресурси во судот, објави денеска Основниот суд Скопје 2.

Според „Википедија“, мобинг е појава на психичко малтретирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работникот, кои може да предизвикаат повреда на човековите права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесно здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата.

Во македонската правна терминологија за поимот „мобинг“ се употребува изразот „вознемирување на работното место“.

Пресудата против Панчевски е неправосилна и тој има право на жалба пред Апелацискиот суд. Во случај Апелација да ја потврди пресудата, Панчевски нема да може да извршува раководна функција во судот.

На изрекувањето на пресудата Панчевски не беше присутен, а во судницата беше само неговиот адвокат Димитар Дангов.

Стаменковски го тужеше поранешниот претседател на Кривичниот суд бидејќи подолг временски период го прераспоредувал на други работни позиции, го казнувал и го терал да исполни норма која не постои во практиката на судот.

Покрај тужбата, Стаменковски поднесе и две кривични пријави против Панчевски за малтретирање во службата и за повреда на рамноправноста.


Со тужбата се врши мобинг врз Панчевски, тврдат неговите адвокати


Скопје, 24 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

Судењето против поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, кого службеникот во одделот за човечки ресурси во судот, Горан Стаменковски, го тужи за мобинг, е повторно одложено. На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2, не се појавија ниту Панчевски, ниту тужителот Стаменковски, а присутни беа само нивните адвокати.

Одбраната на Панчевски, како што пренесува „Телевизија 24“, деновите го доставила одговорот на тужбата до адвокатте на Стаменковски, кои побараа одложување на денешното рочиште за да можат да го разгледаат одговорот.

Адвокатите на Стаменковски во изјава за медиумите рекле дека тужениот Панчевски се обидува да ја одолжи постапката, додавајќи дека Стаменковски покрај постапката за мобинг, бил повторно казнет со суспензија, што, според адвокатите, претставува притисок врз него.

Адвокатот на Панчевски, Митко Соколов, изјавил дека тужбата против поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје е беспредметна и дека немало никакви основи за обвинување за мобинг. Тој нагласи дека мобинг се врши врз Панчевски со постапката што се води против него, а за да му се наруши угледот како поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1 и како кандидат за нов мандат за прв човек на Кривичниот суд.

Следното рочиште е закажано за 16 март.


Судењето на Панчевски за мобинг повторно одложено, тој пак не се појави во судот


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:36 (META) 

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, и денеска не се појави во Граѓанскиот суд на рочиштето од судскиот процес што се води против него за мобинг, а по тужба од Горан Стаменковски, вработен во одделението за човечки ресурси на Кривичниот суд.

На денешното рочиште дојдоа неговите адвокати, кои пред судот наведоа дека немаат поднесено писмен одговор на тужбата и побараа да го изнесат во усна форма. На ова реагираа адвокатите на Стаменковски, кои инсистираа одговорот на тужбата да биде во писмена форма за да можат да приговараат по него.

Судот го прифати барањето на адвокатите на тужителот и донесе решение со кое на Панчевски, односно на неговите адвокати, им даде рок од 15 дена да достават одговор на тужбата во писмена форма.

По ова судот го одложи рочиштето и следното го закажа за 24 февруари.


Денеска ново рочиште по тужбата против Панчевски за мобинг


Скопје, 7 февруари, 2017 - 10:16 (META) 

Денеска во Основниот суд Скопје 2, во 12.30 часот, е закажано ново рочиште од судскиот процес против поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, Владимир Пачевски, по тужбата што против него ја поднесе Горан Стаменковски, од одделението за човечки ресурси во судот.

Панчевски не се појави на претходното рочиште, иако, како што соопшти адвокатот на тужителот, тој бил уредно поканет.

Според тужбата, поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 подолг временски период го прераспоредувал Стаменковски на други работни позиции и го казнувал. Стаменковски морал и да исполни норма која не постои во практиката на судот.

Основниот суд Скопје 2 на 28 декември лани ја прифати приватната тужба за мобинг поднесена од Стаменковски.


Одложено судењето против Владимир Панчевски за мобинг – тој не се појави


Скопје, 23 јануари, 2017 - 14:35 (META) 

Иако требаше да почне денеска, одложено е судењето на поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, судијата Владимир Панчевски, по приватната тужба за мобинг што против него ја поднесе поранешниот раководител на одделението за човечки ресурси на судот, Горан Стаменковски.

Панчевски не се појави во судницата во Основен суд Скопје 2, иако, како што вели адвокатот на тужителот, бил уредно поканет.

– И покрај тоа што Панчевски имаше уредна покана да се појави пред судот, тој не дојде, што претставува игнорирање на судот како институција и кон нас како колеги – изјави Душко Јанковиќ, адвокат на тужителот Стаменковски.

Поранешниот прв човек на одделението за човечки ресурси на Основен суд Скопје 1 се жали дека Панчевски подолг временски период го прераспоредувал на други работни позиции и го казнувал. Тужителот морал и да исполни норма која не постои во праксата на судот, се наведува во тужбата.

Основниот суд Скопје 2 на 28 декември лани ја прифати приватната тужба за мобинг поднесена од Стаменковски.


Почнува судењето за мобинг против експретседателот на Основен суд Скопје 1


Скопје, 23 јануари, 2017 - 13:05 (META) 

Поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, денеска треба да се појави во судница во Основен суд Скопје 2, каде почнува судењето по тужбата за мобинг што против него ја поднесе поранешниот раководител на одделението за човечки ресурси на судот, Горан Стаменковски.

Пред судија за работни спорови, Панчевски денеска ќе треба да ја изнесе својата одбрана на приватната тужба што ја поднел Стаменковски. Тој се жали дека Панчевски во подолг временски период го прераспоредувал на други работни позиции и го казнувал. Тужителот морал и да исполни норма која не постои во праксата на судот, се наведува во тужбата.

Освен тужбата, Стаменковски поднел и две кривични пријави против поранешниот шеф – за малтретирање во службата и за повреда на рамноправноста.

Основниот суд Скопје 2 на 28 декември лани ја прифати приватната тужба за мобинг поднесена од Стаменковски.


Поднесена тужба за мобинг против Панчевски


Скопје, 28 декември, 2016 - 16:01 (META) 

Вработен во Кривичниот суд во Скопје пред седум дена во Основниот суд Скопје 2 поднел тужба за мобинг против поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски.

– Тужбата е поднесена до овој суд на 21 декември 2016 година и таа во согласност со оперативниот систем АКМИС е распределена кај судија во одделот за работни односи, за понатамошно постапување согласно одредбите од Законот за парнична постапка – велат од одделот за односи со јавноста на Основниот суд Скопје 2.

Подносител на тужбата против Панчевски, како што објавија повеќе медиуми, е Горан Стаменковски, вработен во секторот за човечки ресурски во скопскиот Кривичен суд. Причина за поведување постапка пред суд од страна на Стаменковски бил начинот на кој Панчевски ги прераспределувал вработените во судот на различни работни позиции, исклучиво по сопствена желба и, наводно, без да внимава на личните квалификации на вработените. Дел од вработените, наводно, биле и казнувани со намалување на платата без никакви причини.

Инаку, на почетокот на ноември годинава, кривична пријава против Панчевски поднесе неговиот колега од Кривичниот суд, судијата Иван Џолев, со која го товараше за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава против Панчевски, со заклучок дека не станувало збор за кривично дело кое се гони по службена должност.

Инаку, Панчевски и Џолев, заедно со нивниот колега, судијата Владимир Туфегџиќ, се кандидати за избор на нов претседател на Основниот суд Скопје 1.