Апелација му ја укина затворската казна на бегалецот Грујевски за „Тврдина 2“


Скопје, 30 мај, 2018 - 16:43 (META) 

Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата за поранешниот  началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, во предметот на СЈО „Тврдина 2“. Со пресудата, Грујевски кој сега е бегалец во Солун, беше осуден на година и пол затвор за уништување списи и документи за незаконското прислушување.

Тоа значи дека за овој предмет, судењето за Грујевски треба да почне од почеток. Oва е одлуката на тричлениот кривичен совет со кој претседаваше судијката Цветанка Периќ по жалбата на адвокатите на Грујевски. Јавната седница се одржа годинава кон крајот на март.

Причината за укинувањето на пресудата за случајот „Тврдина 2“, која ја донесе судијката Лидија Петровска, позната од „бомбите“, е тоа што не биле исполнети законските услови за на обвинетиот Грујевски да му се суди во отсуство.

Грујевски, инаку е обвинет и во случајот за масовното прислушување „Тврдина – Таргет“ и во предметот „Трезор“, а против него СЈО ја води истрагата „Странски служби“, за набавка на опремата за прислушување.


Врховниот суд на Грција одлучи да нема екстрадиција за Грујевски и Бошковски


Атина, 18 мај, 2018 - 12:50 (META) 

Горан Грујевски и Никола Бошковски нема да бидат екстрадирани во Македонија за да им се суди за децениското нелегално прислушување.

Врховниот суд во Атина одлучил дека двајцата не треба да бидат испорачани во земјава бидејќи нема услови тука да им се овозможи фер судење.

Претходно судот во Солун одлучи спротивно од Врховниот суд во Атина. Тамошниот суд пресече дека тие треба да биде екстрадиран во Македонија, постапка која траеше со месеци поради немањето официјален превод на македонски.

Сепак според грчките закони, последниот збор за екстрадиција на Грујевски и Бошковски ја има грчкиот министер за правда кој со негова лична одлука може да реши дали двајцата ќе бидат екстрадирани од Грција.

Инаку против нив се водат уште две постапки пред грчките органи. Едната е за лажните бугарски пасоши со кои тие сакаа да избегаат во Будимпешта од солунскиот аеродром со измислени идентитети. Другата постапка е за барањето политички азил кои тие го поднесоа поради страв дека во Македонија нема да имаат фер судење.


Завршни зборови во судењето за луксузниот „мерцедес“, рочишта и за „Трезор“ и за „Шпион“


Скопје, 17 мај, 2018 - 10:30 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, денеска повторно судиите и обвинителите се со пополнет распоред, бидејќи ќе се одржат три рочишта од најзначајните судски процеси.

Во случајот „Тенк“, во кој, за набавката на блиндираниот „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра, им се суди на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, треба да бидат изнесени завршните зборови на одбраната. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта и за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Шпион“ и „Трезор“.

Во случајот „Шпион“ кој е од 2013 година, осудени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје. Апелацискиот суд лани ги ублажи казните на обвинетите и ја преиначи првостепената одлука на Кривичниот суд. Предметот „Шпион“ сега го застапува Специјалното јавно обвинителство, откако го презеде од редовното обвинителство.

На претходното рочиште судот одлучи на Зоран Божиновски да му се суди заедно со обвинетите во случајот „Шпион“, чија постапка беше раздвоена поради тоа што им беше недостапен на органите на прогон, а во април 2016 година беше уапсен во Нови Сад и беше екстрадиран во Македонија.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ и поранашениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој веќе со месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Грција.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.


Во судница денеска Јанкулоска, Мијалков и Ѓорчев


Скопје, 15 мај, 2018 - 10:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да се одржат две судења – за случајот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како и за обидот за убиство на Зијадин Села во нередите во Собранието на 27 април минатата година.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Претходното рочиште беше одложено поради незавршената екстрадициска постапка што се води пред Врховниот суд во Грција за двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски. Врховниот суд на Грција во Атина одлуката треба да ја соопшти в петок.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Во истиот суд ќе се одржи и судење за случајот за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година, а на денешното рочиште треба да сведочи и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. Тој беше поканет да сведочи на минатото рочиште, но не се појави бидејќи поканата не му била доставена уредно. Тој е сведок на одбраната.

Како сведок во овој случај беше поканет и премиерот Зоран Заев, но тој не дојде на минатото рочиште бидејќи беше зафатен, па сведочеа следните од листата сведоци, а потоа адвокатите се откажа од тоа тој да сведочи, бидејќи им го нарушил концептот за редослед на сведочењата преку кои го разработуваат својот концепт на одбраната.


Одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошковски на 18 мај


Атина, 27 април, 2018 - 13:58 (META) 

Во Врховниот суд во Атина зaврши рoчиштетo по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски, кое се одвиваше зад затворени врати.

Одлукaтa на судот ќе биде соопштена нa 18 мaј.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, другиот е по поднесеното барање за азил на 29 ноември, а третиот случај е по македонското барање за екстрадиција.

Бидејќи датумот 18 мај е по 15 мај, последниот рок што беше даден од Основен суд Скопје 1 на рочиштето во предметот на СЈО „Тврдина – Таргет“ на 27 март, судењата на Грујевски и Бошковски ќе бидат издвоени.

Грујевски е поранешен началник на Петтата управа во МВР, а Бошкоски е поранешен вработен во УБК.


Рочиштето за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски одложено за 26 април


Атина, 9 март, 2018 - 12:16 (META) 

Рочиштето на кое Врховниот суд во Атина одлучува по жалбата за одлуката на Солунскиот суд за екстрадиција на поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски е одложено за 26 април.

Денешното рочиште, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше прекинато поради правни прашања.

По барање на адвокатите, рочиштето за жалбата по одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, денеска во Врховниот суд во Атина се одржуваше зад затворени врати, а така ќе биде и на наредното рочиште.


СЈО дополнително ќе решава дали ќе се жали за пресудата на Талевска


Скопје, 20 февруари, 2018 - 11:44 (META) 

Специјалното јавно обвинителство дополнително ќе решава дали ќе се жали на пресудата на Кривичниот суд со која новинарката и уредничка на „Сител“, Ивона Талевска, вчера беше осудена на условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не стори друго кривично дело.

Талевска ја доби пресудата откако вчера призна вина на првото рочиште за случајот „Тифани“, во кој беше обвинета за даночно затајување. Покрај условната казна Талеска има обврска да ја врати целата сума, од околу 50 илјади евра, за која беше обвинета.

– Како што вчера кажа и самата обвинителка (Елизабета Јосифовска) задоволни сме од признанието на вина од страна на обвинетата. Во однос на пресудата ќе се произнесеме откако ќе ја добиеме на писмено – изјавија од СЈО за „Мета“.

Пресудата за Талевска предизвика бурни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

СЈО и одбраната на Талевска имаат право на жалба на пресудата во рок од 15 дена.

За случаите што ги отвори СЈО досега се изречени четири пресуди, во кои судот изрече девет условни затворски казни, вклучувајќи ја и последната на Талевска.

  • 8 ноември 2017 година – Кривичниот суд ја изрече првата пресуда по обвинение на СЈО за случајот „Тврдина 2“, за уништување на документи поврзани со опремата од незаконското прислушување. Поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски за ова доби една и пол година затворска казна, додека другите шест обвинети, вработени во УБК, добија условни казни, пет од нив се осудени на условна казна од 9 месеци, а една од нив на 2 години. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска тогаш изјави дека се задоволни од пресудата.
  • 24 ноември 2017 година – четвртообвинетиот за насилствата пред Општина Центар во 2013 година, Томислав Лазаров, откако призна вина доби шест месеци условна казна затвор, доколку во следните две години не изврши ново кривично дело.
  • 30 ноември 2017 година – на идентична казна од шест месеци условно беше осуден и петтообвинетиот за насилствата пред Општина Центар, Јордан Ристевски, кој како и Лазаров претходно призна вина пред судот.
  • 19 февруари 2018 година – Кривичниот суд во Скопје на новинарката и уредничка во „Сител“ и одреди условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично дело. Талевска, според пресудата, ќе треба да ја врати и целата сума за којa беше обвинета во случајот „Тифани“ на Специјалното јавно обвинителство.

Рочиштето за жалбите на Грујевски и Бошковски во Атина одложено за 2 март


Атина, 16 февруари, 2018 - 10:37 (META) 

Врховниот суд во Атина го одложи за 2 март рочиштето на кое треба да се разгледува жалбата на одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Грујевски и Бошковски биле денеска во судот во Атина заедно со нивните адвокати.

Советот на судии во Солун на 5 јануари, годинава донесе одлука поранешните началници во УБК да бидат екстрадирани во Македонија, каде се обвинети во повеќе случаи на Специјалното јавно обвинителство поврзани со незаконското прислушување.

Веднаш по објавувањето на пресудата, Грујевски и Бошковски преку своите грчки адвокати поднесоа жалби на пресудата на солунскиот суд, по кои сега треба да одлучува Врховниот суд во Атина.

Инаку, Грујевски и Бошковски вчера требаше да бидат сослушани пред Комитетот за азил во Солун, но и ова рочиште беше одложено. Тие пред Комитетот треба да ги образложат причините поради кои бараат азил во Грција.

Против двајцата бегалци во Ггрција се води уште еден судски процес, оној за фалсификуваните бугарски пасоши со кои на 18 октомври, лани беа фатени на аеродромот во Солун при обид да заминат за Унгарија. Ова рочиште, кое досега неколку пати беше одложувано, е закажано за 17 мај.

Според некои проценки, Грујевски и Бошковски се очекува да бидат екстрадирани во земјава до крајот на март, за кога се закажани рочиштата за случаите „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“.


Судењето за „Трезор“ одложено, ќе се чека екстрадиција на Грујевски од Грција


Скопје, 5 февруари, 2018 - 14:20 (META) 

Судијката Џенета Бегтовиќ го одложи судењето за случајот на СЈО „Трезор“ за 29 март, оставајќи простор за завршување на екстрадицоната постапка за второобвиниетиот Горан Грујевски заради, како што рече, економично и целисходно водење на постапката.

Останатите обвинети во случајот, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот помошник министер Небојша Стајковиќ и екс шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, беа присутни на денешното рочиште.

Адвокатот Петар Василев, рече дека тој нема полномошно да му биде бранител на Грујевски, а како што појасни, тој не му е адвокат ниту во постапката за екстрадиција што се води во Грција, туку таму учествува како правен советник на адвокатскиот тим на Грујевски, а грчкиот суд му дозволува да ги следи рочиштата, освен во делот каде што тие се затворени за јавност.

Василев информираше дека во врска со екстрадиционата постапка има правосилно првостепено решение со кое се дозволува екстрадиција на Груејвски во Македонија, но оти таквата одлука на солунскиот суд е обжалена пред Врховниот суд на Грција кој треба да донесе конечна одлука.

Тој не сакаше да шпекулира за колку време би била донесена одлуката на Врховниот суд и наведе дека според она што му го кажале грчките адвокати на Грујевски, постапката во вакви случаи трае обично од три до шест месеци.

Поради ова судијката го одложи денешното рочиште и наведе дека ќе побара од претседателот на Кривичниот суд да назначи адвокат по службена должност доколку некој од најблиските членови на семејството на Грујевски не достави полномошно дека во меѓувреме ангажирале бранител.

Адвокатот Љупчо Шврговски побара од судијката долку е можно почетокот на главната расправа да го закаже за април бидејќи 29 март е многу рано за да се очекува екстрадиција, но Бегтовиќ остана на тој датум.

Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.


Солунскиот суд даде зелено светло за екстрадиција на Грујевски и Бошковски


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:54 (META) 

Советот на судии во Солун донел одлука поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Грујевски и Никола Бошковски да бидат екстрадирани во Македонија, јавува солунскиот портал „Вориа“.

Според истиот извор, веднаш по објавувањето на пресудата, двајцата обвинети поднеле жалби на одлуката до Врховниот суд во Грција.

Како што пишува „Вориа“, Грујевски и Бошковски барале сослушувањето да бидe пред камери, бидејќи се плашеле за своите животи.

Инаку, првично одлуката солунскиот суд требаше да ја соопшти на 22 декември, минатата година, но пресудата беше одложена за денеска бидејќи Грујевски и Бошковски се жалеа дека не ја разбираат преведувачката која што била од Бугарија.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство за случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на нелегалното прислушување на над 20.000 лица во земјава и за уништување на опремата од прислушувањето.

Тие беа упасени на 18 октомври на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта со фалсификувани бугарски пасоши.

За ова на двајцата им се суди во одвоена постапка пред солунскиот суд, а рочиштето кое досега неколку пати беше одложувано е закажано за 17 мај, оваа година.