Груевски наскоро ќе добие упат за затвор, пресудата од Апелација стаса во Кривичен суд


Скопје, 19 октомври, 2018 - 14:43 (META) 

Основен суд Скопје 1, познат како Кривичен суд, денеска соопшти дека ја добиле второстепената пресуда од Апелациски суд Скопје за случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцедесот“ вреден речиси 600.000 евра.

Од судот велат дека пресудата од Апелација ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката.

Со оваа пресуда, Апелација ги отфрли жалбите на Никола Груевски и ја потврди двегодишната затворска казна, а ја намали казната на првообвинетиот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна од шест и пол години на четири и пол години.

 


Денеска пресуда за Јанкулоска за набавката на „мерцедесот“


Скопје, 8 октомври, 2018 - 9:22 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, според најавеното, денеска треба да се изрече пресудата за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во судењето за случајот „Тенк“, кој го води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Станува збор за одвоено судење, кое почна поради нејзината бременост. Претходно таа беше дел од главната постапка во случајот за блиндираниот мерцедес од околу 580.000 евра, набавен за тогашниот премиер Никола Груевски.

Апелацискиот суд Скопје во петокот ја потврди неговата двегодишна затворска казна за овој случај, а казната на поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, ја намали од 6,5 на 4,5 години.


Апелација ја потврди казната од 2 години затвор за Груевски за „мерцедесот“


Скопје, 5 октомври, 2018 - 12:01 (META) 

Скопскиот Апелациски суд на својот веб-сајт денеска ја објави одлуката со која се отфрлаат жалбите на Никола Груевски за неговата двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на скапиот луксузен „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.

„Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, се вели во соопштението.

Апелација делумно ја уважи жалбата на првообвинетиот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна од шест и пол години на четири и пол години.

Пресудата беше изречена во Основен суд Скопје 1 на 23 мај годинава, а јавната седница на жалбите на двајцата осудени во Апелациски суд се одржа на 5 септември, и на судот му требаше еден месец да ја донесе одлуката.

Во случајот и се судеше и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но поради нејзината бременост пролетва за неа почна издвоено судење. Завршните зборови на овој процес беа завчера.


Одбиено барањето за изземање на Јанева, седницата во Апелација продолжи


Скопје, 5 септември, 2018 - 11:48 (META) 

Барањето на адвокатите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено како недозволено, по што не постојат пречки за продолжување на седницата за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.

Пред судот има полициско обезбедување, а има и граѓани кои протестираат.

За случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.


Груевски денеска не се појави на суд, адвокатите бараат изземање на Јанева


Скопје, 5 септември, 2018 - 11:17 (META) 

Адвокатите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски побараа изземање на обвинителката Катица Јанева на денешното продолжение на јавната седница во Апелациониот суд, за жалбата за затворските казни за Груевски и Ѓоко Поповски во предметот „Тенк.“

По ова барање, беше дадена пауза, за Судскиот совет да реши како ќе продолжи седницата.

Груевски вчера на прес-конференција најави дека денеска нема да се појави во суд, бидејќи како што кажа „власта води политичка хајка против него и однапред се знае пресудата“.

На седницата не присуствуваат ниту неговите адвокати, кои го известиле судот дека се спречени да дојдат, бидејќи се ангажирани на другите предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговите адвокати пак се присутни на седницата.

Во случајот на СЈО „Тенк“, Груевски во Кривичниот суд беше осуден на две години затвор како поттикнувач на делото за набавка на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.


Одбиени првите барања на Груевски, сега се бара изземање на судијката-известител


Скопје, 31 август, 2018 - 16:12 (META) 

Откако по два и пол часа заседавање Врховниот суд попладнево го одби барањето на адвокатите на Никола Груевски за изземање на судечкиот совет и в.д. претседателката на Апелациски суд, одбраната повторно побара изземање, овојпат на судијката – известител, Тања Милева.

Апелацискиот суд денеска на јавна седница треба да решава за жалбата на Никола Груевски и на поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за затворските казни што Кривичен суд им ги досуди во случајот „Тенк“. Поповски доби шест и пол години затвор, а Груевски две години.

На почетокот на денешната седница, адвокатите на поранешниот премиер побараа одложување на седницата, со образложение дека мора да одат на други судења кои се приоритетни, бидејќи станува збор за притворски предмети. Судечкиот совет во Апелација не го прифати ваквото барање на адвокатите. Тогаш тие побараа да се изземат судечкиот совет и претседателката на Апелација, Лидија Димчевска.

Како образложение на денешното трето барање, адвокатот Стерјо Зиков ја наведе поврзаноста на сопругот на судијката – известител, Игор Милев, со СДСМ, како и изборот на судијката откако е започнато судењето за случајот „Тенк“.

Поради најновото барање беше прогласена пауза од 30 минути, за претседателката на Апелација да донесе одлука.


Судењето на Јанкулоска за блиндираниот мерцедес продолжува утре


Скопје, 29 август, 2018 - 17:04 (META) 

Раздвоената судска постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден околу 580.000 евра продолжува утре со сослушување на сведоци.

Таа беше издвоена од почнатиот судски процес поради нејзината ризична бременост. Пролетва за набавката на блиндираниот автомобил поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски доби шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, доби две години затвор.

Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанкулоска, во воведен говор пред судот, рече дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.


Груевски и Поповски денеска ќе ја чујат пресудата за луксузниот „мерцедес“


Скопје, 23 мај, 2018 - 9:20 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Тенк“, во кој осомничени за набавката на скапиот луксузен „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра се екс-премиерот Никола Груевски и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.  Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Поповски вчера беше осуден на деветгодишната затворска казна за случајот „Триста“, за  незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, а му беше одреден и притвор поради опасност од бегство.

Пред Основен суд Скопје 1 се поставени метални барикади, во очекување на протест поради пресудата.


ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за Поповски е неправда и реализација на партиско политички нарачки


Скопје, 22 мај, 2018 - 16:30 (META) 

Ова што го видовме денеска не е суд и правда, туку реализација на партиско-политички нарачки и неправда. Невини луѓе кои ниту оствариле каква било имотна корист и не предизвикале никаква штета се осудуваат со драконски казни, а Зоран Заев кого целата јавност го виде како бара поткуп се ослободува од каква било одговорност, реагира ВМРО-ДПМНЕ во врска со пресудата за Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во МВР.

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека, вакви процеси какви што води судот под притисок на криминалниот картел на власта, се водат само во Северна Кореја, а можеби ни таму.

-Вакви пресуди врз вакви докази не изрекувале ниту црвените кмери во Камбоџа. Правосудството денеска го допре дното. Ниту некој прибавил противправна имотна корист, ниту е направена материјална штета. Набавените возила сè уште се користат во Министерството за внатрешни работи. Постапката за набавка на 300 автомобили е спроведена согласно со закон и потребите на полицијата. Постапката е завршена со јавно отворање на понудите, по што е донесен извештај со предлог за избор за најповолен понудувач. Одлуката за избор ја донела Комисијата за јавни набавки, која е составена од искусни професионалци и специјалисти за јавни набавки, кои ја сугерирале и примениле одредбата од неговата одлука за јавна набавка која се однесува на деливоста на набавката внатре во лотовите. Сведочењата на членовите на комисијата за јавни набавки се во прилог на одбраната – истакна Стоилковски.

Според него, СЈО овој случај го заснова врз само еден приватен телефонски разговор.

-СЈО нема ниту еден издржан аргумент. Пресудата, особено нејзината висина е одраз на политички притисок од страна на картелот на власт. Зоран Заев лично го најави овој прогон и во негова изјава пред неколку дена ги најави првите пресуди – додаде Стоилковски.


Ѓоко Поповски осуден на 9 години затвор во случајот „Триста“ за набавка на возила во МВР


Скопје, 22 мај, 2018 - 13:21 (META) 

Кривичниот суд денеска го осуди поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски на 9 години затворска казна за случајот на СЈО „Триста“ за незаконска набавка на 300 полициски возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година.

Според пресудата, Поповски треба и да ја надомести штетата од приближно половина милион евра и судските трошоци. Судијката Добрила Кацарска рече дека Поповски бил свесен дека со неговото постапување може да настапи штетна последица и дека бил должен да се грижи за финансиите на МВР, кои всушност се пари на даночните обврзници.

-Министерството исплатило 318.050.292 денари односно 27.894.522 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за набавка на возила. Со ова е нанесена е штета на МВР од големи размери – рече Кацарска.

Таа истакна дека 11 економски оператори доставиле понуда за сите возила. Комисијата не предложила избор на економски најисплатливите понуди. Договорите наместо да се склучат со прворангираните економски оператори, се склучувале со другите оператори.

Поповски претходно се изјасни дека не е виновен и дека очекува ослободителна пресуда. Тој е осуден за злоупотреба на службената положба и овластување.