!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Одбележана годишнината од нападите во Њујорк и во Вашингтон


Вашингтон, 11 септември, 2017 - 16:48 (META) 

САД ја одбележаа 16-годишнината од терористичкиот напад на Ал каеда во Њујорк и во Вашингтон, во кој на 11 септември 2001 година загинаа околу 3.000 лица.

Во Њујорк, на местото на кое беа кулите близначки, односно Светскиот трговски центар, роднините на загинатите носеа нивни фотографии и ги чита нивните имиња.

Церемонијата, на која учествуваа околу 1.000 лица, почна со едноминутно молчење и со биење на камбани, по што традиционално беа прочитани имињата на загинатите.

Американскиот претседател Доналд Трамп го предводеше оддавањето почит на жртвите во Вашингтон. Тој и првата дама Меланија пред Белата куќа со едноминутно молчење им одадоа почит на околу 3.000 лица кои загинаа откако терористите на Ал каеда киднапираа авиони и ги насочија во кулите близначки во Њујорк и во Пентагон во Вашингтон, додека еден авион падна во Пенсилванија.

Одавањето почит во Белата куќа беше одржано во 8.46 часот по локално време, кога првиот авион удри во кулите близначки во Њујорк.

Трамп и правата дама исто така учествуваа на церемонијата во Пентагон, која ја предводеше министерот за одбрана, Џим Матис.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, ја претставуваше администрацијата во Шанксвил, Пенсилванија, каде се урна авионот во кој патниците ги оневозможија терористите да извршат напад на Конгресот и на Белата куќа во Вашингтон.


Поради годишнината од Рамковниот, Џафери ја презакажа седницата за в понеделник


Скопје, 12 август, 2017 - 23:12 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се премисли и расправата за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, која требаше да продолжи утре, ја презакажа за в понеделник.

На официјалната интернет-страница на Собранието стои дека за утре не се предвидени никакви активности во законодавниот дом, а продолжението на седницата е закажано за в понеделник во 11 часот.

Пратениците, како што објави „Телевизија 24“, веќе добиле смс-пораки дека седницата планирана за утре е презакажана.

Според неофицијални информации, седницата се одложува поради активностите на дел од политичарите и пратениците околу одбележувањето на 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Од кабинетот на Џафери вечерва соопштија дека утре во 19 часот тој ќе има обраќање по повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, што ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Во најавата за обраќањето на Џафери, нема информација за одложувањето на собраниската седница.

Инаку, собранискиот спикер на денешното продолжение не го прифати барањето на кооридинаторот на една од 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, седницата за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски да продолжи в понеделник. Џафери изјави дека пратениците на опозициската партија ја поставиле динамиката во која тече дебата и дека додека имаат работа ќе мора да работат.


Со „Скопје го слави животот“ ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес


Скопје, 25 јули, 2017 - 11:18 (META) 

Со настани организирани од Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, Музејот на Град Скопје и од Град Скопје, утре ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Мултимедијалниот културен настан што под мотото „МКЦ за Скопје“ го организира Младинскиот културен центар, кој традиционално се одржува на 26 јули, годинава се одржува два дена, односно почнува денеска, 25 јули, а ќе заврши утре.

Вечерва во 20 часот почнува книжевна вечер посветена на поетесата Даница Ручигај, а ќе има и проекција на документарните филмови „Поетот живее по смртта“ и „Соновите не заспиваат“.

Утре во 20 часот во галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на Димитар Аврамовски-Пандилов, а во 22.30 ќе почне концерт на повеќе музички изведувачи од САД. Истовремено, ќе се одржи и фотографска изложба на Вацлав Шваб, како и готографски инсталации „Јас, ти и градината, фотографии на отворено“ од Ан Д’Гела, Максим Делво, Герт Д’Теје, Алан Брејер.

Во Музеј на Град Скопје утре во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од Матијас Шуман од Дрезден, Германија, а со почеток во 21 часот ќе настапи ревискиот оркестар на „Македонска радио-телевизија“.

 


Турците вчера пред да телефонираат мораа да го слушаат Ердоган


Анкара, 16 јули, 2017 - 13:55 (META) 

Обидот да се повика мобилен број во Турција вчера доведуваше до неочекуван соговорник – гласот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По вртењето на бројот, пред да почне воспоставувањето на врската, повикувачот првин ја слушаше снимената аудиопорака од претседателот, а дури по нејзиниот крај почнуваше вртењето на бројот, јавуваат турските медиуми.

Во пораката, Ердоган им го честитал на повикувачите „националниот празник на демократијата и на единството“, со кој се одбележа првата годишнина од неуспешниот пуч.

„Како претседател, испраќам честитки за 15 јули – Денот на демократијата и националното единство и посакувам милост за мачениците, а на хероите (кои се бореа против пучистите) здравје и благосостојба“, гласи пораката која траеше 16 секунди.

Дека нарачката за оваа „услуга“ ја направила државата, на својот твитер-профил потврди Омер Фатих Сајан, директор на Комисијата за информации и комуникациски технологии (БТК).

Овој потег предизвика гнев кај многумина корисници, а многумина критикуваа и објавија видеоснимки на кои се гледа како мора да почекаат да заврши пораката пред да може да разговараат.


Шест години по убиството на Нешковски, обидот за прикривање уште актуелен


Скопје, 6 јуни, 2017 - 12:50 (META) 

Денеска е шестгодишнината од протестите против полициската бруталност што избувнаа по убиството на Мартин Нешковски вечерта на 5 јуни 2011 година, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалното јавно обвинителство на почетокот на минатата година го презеде во своја надлежност случајот за убиството на Нешковски, кој, како што информираат оттаму, сè уште е во предистражна постапка.

Инаку, полицаецот Игор Спасов, кој беше осуден на 14 години затвор за убиството на Нешковски, е првиот кој беше на распит во Специјалното јавно обвинителство во февруари минатата година.

Овој случај стана предмет на работа на СЈО бидејќи убиството на Мартин Нешковски беше дел од прислушуваните разговори што лидерот на СДСМ, сега премиер, Зоран Заев, ги објави во текот на 2015 година.

Од „29. бомба“ што Заев ја објави на 5 мај пред две години, се појавија индиции и сомневања дека тогашното раководство на Министерството за внатрешни работи и вработени во МВР, меѓу кои и Дејан Митровски-Урко, поранешниот личен телохранител на тогашниот премиер Никола Груевски, се обиделе да го сокријат убиството на Нешковски од јавноста.

– Еве уште една вистина дека ни загубен живот нема никаква цена за власта (на ВМРО-ДПМНЕ) и како некој сакаше да ја скрие вистината за Мартин Нешковски – рече Заев при објавувањето на „бомбата“, по што илјадници граѓани излегоа на протест пред Владата и дојдоа во судир со полицијата, која подоцна, до доцна вечерта приведуваше демонстранти по уличките во центарот на Скопје, а упадна и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Денеска е шестгодишнина и од апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во акцијата „Кампања“, уште еден случај за кој СЈО отвори истрага под името „Тортура“. Во овој случај осомничени се седум лица, припадници на полициската едница „Алфа“, меѓу кои и командантот на единицата, Ивица Анчевски-Пуки. Тие се товарат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Според СЈО, нечовечкото апсење тие го сториле за да му удоволат на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Овој случај СЈО го презеде од Основното јавно обвинителство Скопје. Останува неизвесно дали случајот „Тортура“ ќе се најде пред суд, откако вчера истече рокот од 18 месеци, во кој СЈО требаше да поднесе обвиненија за случаите што ги презеде од основните јавни обвинителства.

Инаку, Бошковски за случајот „Кампања“, односно за нелегално финансирање изборна кампања, беше осуден на пет години затвор. Тој ја отслужи казната и излезе од затвор на средината од минатата година.


Местенка, тероризам или криминал: Две години без одговори за акцијата во Диво Насеље


Скопје, 9 мај, 2017 - 8:01 (META) 

И по точно две години  прашањата што се наметнаа уште додека Диво Насеље во Куманово сè уште мирисаше на барут и на чад од дводневната борба помеѓу специјалните полициски сили и вооружената група, остануваат неодговорени. Одговори на клучните дилеми нема ниту по една и пол година судски процеси:

  • Кои биле вистинските мотиви и цели на кумановската група?;
  • Дали станува збор за чисто криминална или за терористичка организација?;
  • Доколку се терористи, зошто не излегоа со коминике и со некакви политички барања?;
  • Ако безбедносните служби подолго време ја следеле групата и навреме известиле за неа, како што тврди Агенцијата за разузнавање, зошто не бил превениран судирот во Куманово и претходно нападот на караулата Гошинце (на 21 април 2015)?;
  • Кое е (и дали имала) кодното име на полициската акција во Куманово?;
  • Дали во настаните биле вмешани странски служби?

Судскиот процес за настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година почна на 9 февруари минатата година. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против 37 лица (29 уапсени непосредно по борбите со полицијата и 8 кои подоцна беа обвинети како логистика на групата), за кои тврди дека има доволно докази дека се виновни за тероризам и за терористичка организација, и толку.

Обвинетите ги отфрлија тврдењата на обвинителството и сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар, а дел од нив рекоа не биле дојдени во Куманово да војуваат и дека биле искористени за политички цели.

„Дури и малите деца знаат дека не сме терористи и дека не дојдовме во Куманово да војуваме. Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа“, изјави Насуф Бекири, еден од обвинитите во случајот „Диво Насеље“, на 11 февруари 2016 година.

Адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, во изјава за медиумите, по првото рочиште во февруари минатата година, рече дека се убедени дека со нападот на караулата Гошинце (кон крајот на април 2015) и со настаните од Диво Насеље, се сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори, кои истата година почна да ги објавува СДСМ.

Првообвинетиот во случајот, Сами Укшини, алијас командант Соколи, на 17 февруари оваа година, во својот исказ пред судот изјави дека политичките проблеми на Албанците и неимплементирањето на Охридскиот рамковен договор биле причината поради која кумановската вооружена група дошла во Македонија и во Диво Насеље и дека намерата била да ги повикаат новинарите, односно да свикаат прес-конференција, на која јавно ќе кажат дека ако не се реализира Рамковниот договор, работите во Македонија ќе се вратат во 2001 година.

Речиси половина од судскиот процес за настаните во Диво Насеље се одвиваше зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена од рочиштата на кои се сослушуваа заштитени сведоци, меѓу кои и припадници на полициските сили. Не е познато дали пред судот искази дале тогашните први луѓе на Министерството за внатрешни работи (Гордана Јанкулоска), на Управата за безбедност и контраразузнавање (Сашо Мијалков), на Бирото за јавна безбедност (Митко Чавков) и на Агенцијата за разузнавање (Наќе Чулев).

Мијалков и Јанкулоска си поднесоа оставки два дена по настаните во Диво Насеље, изнудени или не – остана мистерија.

Пратеникот во Собранието, Оливер Спасовски, вчера одговарајќи на новинарско прашање изјави дека новата влада ќе спроведе нова истрага за расчистување на сите дилеми околу настаните во Диво Насеље:

„…Ако добро ја гледате програмата на идната влада на Социјалдемократскиот сојуз, таму стои и тоа дека мора да има нова детална истрага што ќе укаже на сите апекти од настаните во Куманово. Тоа мора да биде на еден транспарентен начин, да се расчистат сите можни дилеми“.

Во настаните во Диво Насеље загинаа осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа повредени. Терористичката група броела четириесетина членови, од кои во борбите со полицијата убиени беа 10 членови. По борбите, на полицијата ѝсе предадоа 28 терористи. Како водачи на групата се идентификувани Мирсад Ндрецај (убиен) , Бег Ризај (убиен), Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху.


Туск: Единството е единствен начин ЕУ да опстане


Рим, 25 март, 2017 - 13:44 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по повод 60 години од постоењето на Европската Унија, изјави дека единството на 27-те земји членки е единствен начин да се осигури нејзиниот опстанок.

– Европа, како политички ентитет, или ќе биде обединета или нема да ја има воопшто – им порача Туск на лидерите на 27-те земји кои се собраа во Рим да одбележат шест децении од потпишување на Римскиот договор, со кој е основана ЕУ.

Туск на свечената седница рече дека „единствено обединета Европа може да биде суверена Европа во односот со остатокот од светот“.

– Само суверена Европа гарантира независност на своите земји, гарантира слобода на своите граѓани – рече Туск.

Самитот го отвори премиерот на Италија, Паоло Џентилони, кој рече дека лидерите на ЕУ мораат да ја заслужат поддршката на половина милијарда жители и да се спротивстават на растечкиот национализам во Европа, на создавање работни места и на намалување на социјалната нееднаквост.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека одбележувањето на 60-годишнината од основачкиот договор на ЕУ „е многу тажен момент“ без учеството на Велика Британија.


Со „Прошетка за Зоран“ одбележана 14. годишнина од атентатот на Ѓинѓиќ


Белград, 12 март, 2017 - 15:46 (META) 

Со традиционалната „Прошетка за Зоран“ и со полагање венци и цвеќе на гробот и на местото на неговото убиство, денеска во Белград е одбележана 14-годишнината од убиството на премиерот на Србија и претседател на Демократската партија, Зоран Ѓинѓиќ.

Членовите на владата на првиот премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ и денеска, како секој 12 март, положија цвеќе во дворот на Владата на Србија, на местото каде што е убиен Ѓинѓиќ. Зоран Живковиќ, кој ја презеде должноста по атентатот врз Ѓинѓиќ, на новинарите им кажа, посочувајќи на претседателските избори во Србија кои ќе се одржат во април, дека барем тројца од кандидатите за нов водач на државата се радувале кога Зоран Ѓинѓиќ бил убиен.

„Прошетката за Зоран“ од центарот на градот до гробот на Ѓинѓиќ ја предводеа Чедомир Јовановиќ, претседател на Либерално-демократската партија, како и Ненад Чанак, претседател на Лигата на социјалдемократите на Војводина.
Јовановиќ, некогашен висок функционер на Демократската партија и близок соработник на Ѓинѓиќ, рече дека граѓаните со прошетката покажуваат готовност да се борат за своите животи „онака како што тоа би го правел Зоран Ѓинѓиќ“, кога би бил со нив.

Чанак рече оти фактот дека досега не се откриени и казнети поттикнувачите на атентатот врз Зоран Ѓинѓиќ покажува дека „тоа не беше истрел во човек, туку во идеја“ и дека „додека не се соочиме со минатото, иднината нема да биде поинаква“.

Зоран Ѓинѓиќ, кој како премиер го почна процесот на демократизација на српското општество и коренити економски и социјални реформи, е убиен на 12 март 2003 година во дворот на Владата на Србија, а за неговото убиство на 40 години затвор осудени се офицерот на Единицата за специјални операции (ЈСО) на Државната безбедност, Звездан Јовановиќ, и командантот на ЈСО, Милорад Улемек – Легија. Политичките нарачатели, пак, досега не се откриени.


Јанева на „Фејсбук“ објави фотографија со целиот тим на СЈО


Скопје, 15 септември, 2016 - 21:21 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска на својот фејсбук-профил објави фотографија со целиот тим во новите простории во кои СЈО се пресели на почетокот на овој месец.

Јанева денеска го објави вториот шестмесечен извештај за работата на СЈО и ги поднесе до судот првите две обвиненија. Едното е за уништување на документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а другото за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Денеска е годишнина од именувањето на Катица Јанева за специјална јавна обвинителка и од формирањето на СЈО.


Бан Ки-мун предложи на ИД да им се суди во Меѓународниот суд во Хаг


Њујорк, 4 август, 2016 - 9:52 (META) 

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, вчера изјави дека дејствата на терористичката групација Исламска држава во градот Синџар се злосторство врз човештвото, јавуваат светските агенции.

Генералниот секретар предложил и тие настани да бидат ставени под истрага во Меѓународниот суд во Хаг.

Тој изрази загриженост за судбината на луѓето што се наоѓаат во областите окупирани од ИД, особено за „илјадниците жени и деца – јазиди, чиешто ослободување треба да биде приоритетна цел на воените операции“.

Во писмена декларација по повод две години од заземањето на областа околу Синџар од џихадистичките трупи, водачот на светската организација ги осуди „чудовишните злосторства“ врз разни малцински етнички и религиозни групи во Ирак, кои и понатаму траат.

На годишнината од окупацијата на Синџар, во Белгија се одржа комеморација за жртвите од тој настан.