Министерство за култура повика да се пријавуваат неправилностите, „доколку ги има“


Скопје, 15 февруари, 2018 - 17:16 (META) 

Министерството за култура, по бројните реакции од опозицијата и од јавноста за наводни злоупотреби и непотизам во Годишната програма, упати јавен повик да му се достават таквите информации.

„Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации. Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон“, се вели во соопштението.


Програмата за култура поголема отколку досега


Скопје, 10 февруари, 2018 - 14:30 (META) 

Министерството за култура на Република Македонија денеска, објавуваќи ги Годишната програма и резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2018 година, рече дека во програмата нема повеќе партиска, идеолошка или каква било друга негативна селекција.

Покрај тоа, годинава пристигнале барања за многу повеќе проекти од претходно, рече министерот Роберт Алаѓозовски.

– Имаме зголемен интерес за културни проекти,  правичност и диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, согласно интересот на граѓаните. Обезбедивме силна поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите,  децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, за сите граѓани подеднакво. За илустрација – во ликовната, музичката, фолклорната и драмската дејност, во 2016 година беа пристигнати 1.556, во 2017 година 1.593 проекти, а на годинашниот конкурс пристигнаа 2066 проекти – 500 проекти повеќе, или над 25% пријави повеќе! Тоа покажува дека е зголемена довербата во институцијата и успешноста во популаризацијата на конкурсот во јавноста – рече министерот Алаѓозовски.

Програмата овозможува простор за сите уметници и за сите манифестации што имаат повеќегодишна традиција. Зад одлуките за неизбор стојат автономно конкурсните комисии и нивните образложенија за неисполнување на критериумите и потфрлање на квалитетот, појасни Алаѓозовски.


Писателите со проглас бараат поништување на „вулгарната политизација“ во издаваштвото


Скопје, 27 јануари, 2017 - 13:47 (META) 

Уривањето на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од страна на државата ја доживea својата највисока точка, порача 56 македонски писатели  во својот Проглас за заштита на достоинството на македонски писaтели и на македонската книжевност, со кој остро реагираат на годинашната програма за издавачка дејност на Министерството за култура.

Оваа програма, која треба да го изразува националниот интерес, според писателите, е само „неморален чин на деградирање и на писателот и на книжевните вредности на денешницата и најгруба, вулгарна политизација на книжевноста“. Меѓу основните приговори упатени до Министерството, како и до членовите на комисијата што ги избирала делата, се дека програмата на дела поддржани од државата е политичка, дека не се поддржани новите имиња во македонската проза што се многу популарни, но и дека отсуствуваат и веќе афирмирани книжевни имиња. Писателите сметаат дека нив ги нема во програмата оти се „автори што јавно изнеле критички став кон власта или, пак, не се во групациите на бизнис-писатели што имаат тесна соработка со неа“.

Писателите обвинуваат и за преголема поддршка дадена за просечна или неквалитетна преводна литература, која и онака на пазарот остварува добри приходи, а македонските писатели по вкупните суми се изедначени со преводната литература. Бараат да се се поништи Годишната програма за издавачка дејност за годинава, да се утврдат јасни критериуми за избор на членови на комисии што би подготвиле нова програма, но, исто така, и постудиозно проценување на делата, а пред сè, целосна департизација на државата политика во издаваштвото. Побунетите писатели ги повикаа своите колеги да се приклучат на прогласот и да побараат укинување на годишната издавачка програма.