Рибарев: Нема да има промена на судиите за предметите што се во тек


Скопје, 4 мај, 2017 - 20:11 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска се одржал колегиум на судиите на кој в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев, ги известил колегите дека со новиот годишен распоред за работа, помеѓу судиите ќе бидат прераспределени само прекршочните предмети за кои сè уште не е закажно судење, соопштија од судот.

Сите други предмети, соопштил Рибарев на колегиумот, за кои процедурата веќе тече, „ќе ги завршат судиите кај кои тие се распоредени и по кои постапуваат, со што нема да има никакво непотребно одолжување на предметите и штетни последици за странките“.

„Истовремено претседателот на судот ги извести судиите дека поради промена на околности, односно промена на бројот на предмети и заминувањето на одредени судии во пензија, ќе почне измена и дополнување на постојниот распоред за работа на судот, во кој ќе бидат земени предвид и забелешките на судиите во однос на распоредот“, се додава во соопштението.


Врховниот суд официјално кажа дека одбил буквално сè, но не и зошто


Скопје, 11 април, 2017 - 16:26 (META) 

Врховниот суд попладнево и официјално соопшти дека ги одбил сите барања и приговори што беа на дневен ред на денешната општа седница.

Имено, на седницата се одбиени барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, приговорот на судијката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и приговорите на 17-те судии од Основниот суд Скопје 1 против годишниот распоред на работа, што го донесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.

Во соопштението на Врховниот суд не е наведено никакво образложение зошто и врз основа на што се одбиени барањата и приговорите.

„Врховниот суд на Република Македонија ја информира јавноста дека денеска беше одржана општа седница на Врховниот суд на Република Македонија, на која: Барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, поднесно од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, беше одбиено; Приговорот на судија на Врховниот суд на Република Македонија (Лидија Неделкова, н.з.) изјавен против одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за распоредот за работа на судиите и судската администрација во Врховниот суд на Република Македонија за 2017 година, беше одбиен; Сите 17 приговори на судиите на Основен суд Скопје 1 изјавени против годишниот распоред за работа на судиите на Основен суд Скопје 1 за 2017 година, се одбиени“, стои во соопштението на Врховниот суд.

Претседателот на Врховниот суд треба да одлучува по барањето за заштита на законитоста што на 27 март оваа година го поднесе Републичкото јавното обвинителство, со кое се бара поништување на одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, а со кои му беше одреден притвор на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО,  и кој веќе месец и пол е во бегство.

Специјалното јавно обвинителство бараше изземање на Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Според СЈО, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.


Која е судијката Татјана „2.000 евра казна за Јанева и за Фетаи“ Михајлова?


Скопје, 8 март, 2017 - 11:19 (META) 

Судијката Татјана Михајлова вчера си поднесе оставка од функцијата в.д. претседател на најголемиот и најважниот суд во државата, Основниот суд Скопје 1. Причините за ненадејната одлука на Михајлова сè уште не се познати, иако една од шпекулациите е дека тоа го сторила затоа што Врховниот суд поништи седум од осумте прераспоредувања што таа ги потпиша. Молчи и претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски, институцијата која е надлежна за избор на судиите и на претседателите на судовите, а до кого, според досегашните информации, Михајлова вчера ја поднела оставката.

Михајлова се најде во фокусот на јавноста со донесувањето на новиот годишен распоред на судиите во Основниот суд Скопје 1 и по контроверзните одлуки како судијка во случајот на Специјалното јавно обвинителство за настаните пред Општина Центар, во јавноста познат како „Шамари“, а во кој обвинет е поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од штурата биографија на Михајлова, објавена на официјалната интернет-страница на судот, може да се види само дека е родена во 1961 година и дека работи на кривична материја (ова е според стариот распоред на судот).

Михајлова беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој меѓу обвинетите, а потоа и осуден на четири и пол години затвор беше и новинарот Томислав Кежаровски.

Еве кои се последните значајни датуми од минатата и оваа година поврзани со работата на Михајлова:

20 септември – Обвинението на СЈО за насилствата пред Општина Центар беше распоредено кај судијката Михајлова;

5 декември – Михајлова е избрана за в.д. претседател на Кривичниот суд Скопје 1 на седница на Судскиот совет. Нејзиниот избор го поддржаа девет членови на Советот, а четворица беа против;

16 декември – Михајлова на подготвителното рочиште за случајот „Шамари“ донесе решение со кое забрани дел од „бомбите“ и заштитен сведок да бидат користени како докази во судењето против Груевски и другите 13 обвинети;

3 февруари – СЈО поднесе жалба на решението на Михајлова. Апелацискиот суд Скопје сè уште нема донесено одлука по жалбата;

21 февруари – медиумите објавија дека в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 донела нов годишен распоред, со кој дел од судиите од кривичниот беа префрлени во прекршочниот или други оддели во судот. Дел од експертите новиот распоред го оценија како чистка во судот поради предметите на СЈО. Судот ги демантираше ваквите тврдења;

22 февруари – Михајлова ги казни специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по 2.000 евра бидејќи на рочиште ја нарекоа „фалсификатор“ (Обвинителката Фетаи, откако не ѝ беше даден збор од Михајлова, стана и ѝ рече дека не е дојдена во судот за да види колку е убава, а потоа ја обвини Михајлова дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште);

27 февруари – Јанева и Фетаи до Основниот суд Скопје 1 поднесоа жалби за паричните казни од Михајлова, а Јанева претходно најави и кривична пријава против судијката, поради записникот;

2 март – Врховниот суд прифати седум од вкупно осумте приговори на прераспоредени судии и го поништи нивното прераспоредување;

7 март – Михајлова си поднесе оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.


Панчевски ќе добие поголема плата, на прераспоредените ќе им останат исти


Скопје, 3 март, 2017 - 11:29 (META) 

На судиите од Основниот суд Скопје, кои со новиот годишен распоред што го донесе в.д. претседателката на судот, Татјана Михајлова, се прераспоредени од кривичното во прекршочното одделение, нема да им бидат намалени платите.

На прашање на „Мета“ дали има разлики во висината на платите на судиите во овие одделенија, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека „платата на судиите е утврдена согласно Законот за платите на судиите и не постои разлика во платата кај судиите кои постапуваат по кривична или прекршочна материја“.

Сепак, од судот потврдуваат дека со новиот годишен распоред, повисока плата ќе добие поранешниот претседател на Основниот суд Скопеј 1, Владимир Панчевски, кој од кривичниот, сега е префрлен во одделот за организиран криминал и корупција, каде платите на судиите се повисоки.

– Секој судија е избран да биде судија на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и во судот не постои систем за градација или деградација. Годишниот распоред за работа за в.д. претседателот и за судиите при овој суд се прави секоја година и секоја година се вршат прераспределби на судии во согласност со потребите по оддели и по одделенија за да не дојде до застој во работењето и до одолжување на постапките. Тоа е интерна организациска работа на судот и тоа не влијае на дигнитетот на вршителите на судската власт – се додава во одговорот од судот на нашето прашање.

Инаку, според членот 4 од Законот за плати на судиите, „висината на платата на судијата се утврдува во зависност од видот на судот, специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува), внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет), судскиот стаж, научно-стручните звања и специјализацијата и постигнатите резултати во вршењето на судиската функција.

Според членот 5 и 5-а, платата се пресметува така што се множи основицата, која изнесува 25.726 денари, со коефициентот за утврдување на плата.

Коефициентот, пак, се движи од 2,8 до 3,7 во зависност од надлежноста на судот и според ова платите на судиите се распоредени во шест групи.

  • Во првата група се судиите (коефициент 2,8) и претседателите (3,0) на судовите со основна надлежност;
  •  Втората група ги опфаќа судиите (коефициент 2,9) и претседателите (коефициент 3,2) на судови со проширена надлежност (каков што е Основниот суд Скопје 1, н.з.);
  •  Третата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,2) и претседателите (коефициент 3,5) на апелационите судови и судиите во специјализираното судско одделение во Основниот суд Скопје 1 надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија;
  •  Четвртата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,3) и претседателот (коефициент 3,6) на Управниот суд;
  •  Петтата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,35) и претседателот (коефициент 3,65) на Вишиот управен суд;
  •  Шестата група ги опфаќа судиите (коефициент 3,4) и претседателот (коефициент 3,7) на Врховниот суд на Република Македонија.

Работното искуство на судиите, според челнот 10 од Законот, се вреднува со додаток на платата од 0,5 отсто за секоја почната година на работен стаж, а најмногу до 20 отсто.

Со новиот годишен распоред на Михајлова, меѓу прераспоредените се и неколкумина судии кои ги прифатија барањата на Специјалното јавно обвинителство за одредување притвор на некои од осомничените во нивните постапки, како и претреси во институции за потребите на истрагите на СЈО. Дел од експертите новиот годишен план на судот го оценија како чистка на судиите поради СЈО. Судот ги демантираше ваквите наводи, со тврдење дека „годишниот распоред се утврдува единствено во функција за ефикасно работење на судот, а пред сè за да се задоволат потребите на граѓаните“.

Инаку, вчера Врховниот суд прифати седум од вкупно осум поднесени приговори од судии кои беа прераспоредени од кривичното во прекршочното или во други одделенија на судот. Сè уште не се знае дали по ова в.д. претседателката Михајлова ќе треба да прави нов распоред.


По новиот распоред на судиите СДСМ најавува реизбор, а ВМРО-ДПМНЕ обвинува за притисоци


Скопје, 21 февруари, 2017 - 17:26 (META) 

Во Македонија ќе има целосен реизбор на судии, кои ќе работат за заштита на граѓаните, а не по партиски директиви како досега, велат од СДСМ, по информациите дека Основниот суд Скопје 1 донел нов годишен распоред на судии, со кој извесен број судии, кои досега работеа на кривични предмети, се прераспоредени во одделот за прекршоци.

– Сите обиди на криминалците и надежи дека може да ја избегнат правдата се јалови. Порачуваме до институциите да не се вовлекуваат во заштита на криминалната власт во заминување, која не избира кого ќе повлече со себе, во паниката од промените што доаѓаат – стои во соопштението на СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека граѓаните еднаш веќе видоа „како СДСМ владее и како сака во целост да го окупира судството“.

– СДСМ е водена од аболиран криминалец и врши континуиран притисок врз судството. Македонија еднаш виде како изгледа кога СДСМ во еден ден менува 617 судии и обвинители со такви по свој терк. Судството не смее да потклекне пред заканите на СДСМ. Судиите мора да го задржат професионалниот кредибилитет и интегритет и да судат по закон без разлика на заканите за нивно разрешување ако не се покорат на волјата на Заев – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Новиот распоред на судиите не е чистка поради СЈО, демантираат од Судот


Скопје, 21 февруари, 2017 - 16:58 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1, в.д. претседателката Татјана Михајлова донела нов годишен распоред на судии, според кој, извесен број судии, кои досега работеа на кривични предмети, се прераспоредени во одделот за прекршоци.

Инаку, скопскиот суд е надлежен за процесирање на случаите на Специјалното јавно обвинителство.

Според пишувањата на дел од медиумите, кои се повикуваат на извори од судот, меѓу прераспоредените судии е и Весна Димишкова, која досега беше судија на претходна постапка, а сега е распоредена во одделот за малолетници. Димишкова, како што се наведува, е судијката што го издаде налогот со кој минатата година Специјалното јавно обвинителство влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Судијката Славица Андреевска, која му одреди притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, осомничен во случајот „Транспортер“ на СЈО, е преместена да води предмети според стариот Закон за кривична постапка.

Меѓу судиите кои од кривичниот се префрлени во прекршочниот оддел, биле и судиите со долгогодишна пракса, Драган Николовски, Седат Реџепагиќ, Оља Ристова и Марија Клетничка-Марковска.

Од Основниот суд Скопје попладнево, преку соопштение, реагираа на ваквите наводи. Оттаму велат дека зачудува интересот и објавувањето на невистинити и непроверени информации во врска со годишниот распоред, кој, согласно Законот за судови, претседателот или в.д. претседателот на секој суд е должен да го утврди.

– Секој судија во овој суд е избран за судија на Основниот суд Скопје 1, а не за оддел или одделение во кое ќе биде распореден да постапува, па нејасна е квалификацијата на „подобни и неподобни“ судии. Проценката кој судија во кој оддел или одделение ќе биде распореден е законски утврдена и е право на претседателот или в.д. претседателот на судот, па оттаму нејасни се објавените дезинформации за некакво задоволување на желбите или за „чистка“ на одредени судии – стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Од судот велат дека годишниот распоред се утврдува „единствено во функција на ефикасно работење на судот, а пред сè за да се задволат потребите на граѓаните“.

– Годишниот распоред почнува да се применува од 1 март 2017 година и што е можно поскоро списокот на судии ќе биде ажуриран и на интеренет-страницата на судот. Судот во целост ги демантира наводите на одредени интернет-портали дека со годишниот распоред за работа на судот се прераспоредени само судии што биле потпишани на петиција против поранешниот претседател (Владимир Панчевски, н.з.) или судии кои постапуваат само по предмети на СЈО – се вели во соопштението.