!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Врховниот суд утре ќе одлучува за изземањето на Вангеловски


Скопје, 10 април, 2017 - 15:10 (META) 

Врховниот суд за утре ја закажа општата седница на која треба да одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на претседателот на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски, потврдија за „Мета“ од судот.

На седница која е затворена за јавноста, како што информираат од Врховниот суд, ќе се одлучува и по приговорите на судиите од Основниот суд Скопје 1 против годишниот план за работа што го донесе в.д. претседателот Стојанче Рибарев.

„Ве известуваме дека утре, на 11 април 2017 година, закажана е општа седница на Врховниот суд на Република Македонија, на која ќе се одлучува по приговорите на судиите на Основен суд Скопје 1 против годишниот распоред за работа и барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија“, стои во одговорот на Врховниот суд на нашите прашања колку вкупно судии досега поднеле приговори за годишниот распоред во Основниот суд Скопје 1 и дали е закажана општата седница на која треба да се одлучува по приговорите и по барањето на СЈО за изземање на Вангеловски.

„Општа седница“ е термин со кој се означуваат седниците на Врховниот суд на кои присуствуваат сите судии.

Од Врховниот суд не кажуваат колку судии досега поднеле приговори за годишниот распоред на Рибарев. Според последните информации од минатата недела, во судот беа пристигнати 17 приговори, но не се исклучува можноста нивниот број да е поголем.

Специјалното јавно обвинителство бара изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, а кои биле снимени во период кога тој, исто така, ја извршувал функцијата претседател на судот. Како што појаснуваат од СЈО во барањето, тој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски.


Седумнаесет судии поднеле приговори до Врховниот суд за распоредот на Рибарев


Скопје, 5 април, 2017 - 12:53 (META) 

Седумнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 досега поднеле приговори до Врховниот суд за новиот годишне распоред што кон крајот на минатиот месец го донесе претседателот на судот, Стојанче Рибарев, потврдиле од Врховниот суд за дел од медиумите.

Не се исклучува можноста до Врховниот суд деновиве по пошта да пристигнат нови приговори, по што треба да биде закажана општа седница за разгледување и за одлучување по приговорите.

Годишниот план за работа на судиите на Рибарев, како и тој на неговата претходничка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, предизвика контроверзии во јавноста бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж се унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Со годишниот распоред на Рибарев на клучни позиции се ставени судии кои или биле дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ или за кои Специјалното јавно обвинителство има поднесено претставки за утврдување одговорност поради непрофесионално и несовесно постапување.

Од Основниот суд Скопје 1 на 29 март соопштија дека при подготвувањето на распоредот предвид биле земени мислењата на судиите, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.


Во годишниот распоред на Рибарев имало место само за желбите на некои судии


Скопје, 29 март, 2017 - 13:06 (META) 

Новиот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, вчера на судиите им го доставил годишниот распоред за работа за 2017 година, соопштија денеска од судот.

При подготвувањето на распоредот, како што стои во соопштението на судот, предвид биле земени мислењата на судиите, од седницата што тие ја одржаа со Рибарев, кон средината на овој месец, кратко по неговиот избор за в.д. претседател на судот, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

„Некои од желбите на судиите имаше можност да бидат уважени, а за некои ќе се создаде можност во текот на годината. При подготвувањето на распоредот се имаше предвид состојбата со движењето на предметите од сите области, заостатокот во одредени области и потребата од итност во постапувањето по некои видови предмети утврдена со законските рокови. Исто така, се имаше предвид и оптовареноста на секој судија поединечно со предмети, како и досегашните забелешки и мислења од повисоките судски инстанци во врска со работата на судот“, се вели во соопштението.

Распоредот, во писмена форма, бил доставен до секој судија, кој може да достави приговор за неговото распоредување до Врховниот суд.

Од судот додаваат дека во моментот се применува досегашниот распоред на работа и закажаните судења се одвиваат според тој распоред, а новиот распоред ќе се применува кога ќе стапи на сила.

Дел од медиумите вчера објавија дека и во годишниот распоред што го донел Рибарев, имало контроверзии, како во оној што пред еден месец го донесе неговата претходничка на функцијата, в.д. претседателката Татјана Михајлова. Како што објави „Телма“, годишниот распоред на Рибарев бил спорен бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж биле унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.