Со помали глоби „поуспешно“ против корупцијата


Скопје, 21 јануари, 2019 - 12:25 (META) 

Целосно новиот главен антикорупциски закон, и покрај значителните измени на подобро во однос на досегашниот, е со вградени фалинки добиени при последната амандманска расправа, особено во делот политички партии и незаконско финансирање. Зачудува и генерално намалената прекршочна политика, со значително помали суми за прекршоци од овој закон, пишува „Вистиномер“.

Собранието на Република Македонија на 17.01.2019 година со 81 глас за го донесе сосема новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси, кој, иако на прв поглед драматично ги зголемува овластувањата на идните антикорупционери, во старт беше „затапен“ со прифаќањето на добар дел од амандамните на опозицијата.

Во новиот закон веднаш се гледа дека глобите за веќе постоечките прекршоци, но и за новите се значително намалени во споредба со претходното решение.

На пример, санкцијата за непријавување на имот и на судир на интереси по стапувањето на функцијата, за време на функцијата или ако има промени, досега изнесуваше од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност (член 63 од стариот закон). Сега законодавецот во новиот закон, член 109, за неисполнување на ваквата обврска предвидел изрекување глоба во висина од 300 до 500 евра!

Такви се и сите останати глоби. На пример, во членот 101 од новиот закон пишува дека на финансиска институција ќе ѝ се изрече глоба од 1.000 евра, доколку до Државната комисија не ги достави бараните податоци во рок од 15 дена. Што значат 1.000 евра за некоја од банките во РМ, макар и најмалата, па дури и за штедилница, макар и најмалата, јавноста може сама да извлече заклучок.

Целата статија прочитајте ја на „Вистиномер.мк“.


Во буџетот се предвидени повеќе приходи од глоби, а се најавува намалување на казните


Скопје, 4 декември, 2018 - 13:45 (META) 

Во предлог-буџетот за 2019 година се предвидува од глоби, судски и административни такси за граѓаните и компаниите во државната каса да се слеат 2.092.032.000 денари или 34 милиони евра, што е зголемување во однос на годинава кога во буџетот за оваа ставка биле предвидени 2.000.000.000 денари или 32,5 милиони евра.

Владата проектира зголемување на овие приходи, а истовремено најави дека во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица.

Според најавите предвидено е намалување на глобите за физичките лица за 75 отсто.

Mинистерката за правда Рената Дескоска при презентацијата на законските измени рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.

Ваквата изјава е контрадикторна со буџетските проекции кои предвидуваат зголемување на ставката од глоби.

Таа посочи и дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да ги надминат утврдениот минимум и максимум, што значи дека граѓаните најверојатно ќе почекаат додека Собранието ги усогласи законите со новата регулатива за намалување на казните.


Владата подготвена да ги избрише глобите за медиумите и да го зголеми буџетот за МРТ


Скопје, 20 ноември, 2017 - 13:41 (META) 

Целта на Владата е да создаде простор и механизми со кои медиумите ќе можат да се саморегулираат, оти таа не треба да биде авторот на реформите на медиумите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната дебата за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која Владата ја организираше како продолжение на досегашната расправа со медиумите и со еснафските организации.

Во речиси двочасовната расправа за обемниот предлог-закон, раководни лица на медиуми и на асоцијации на медиуми побараа повеќе измени на законот, а остри критики за сегашната верзија на предлог-законот упати и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој беше придружуван од генералниот секретар на здружението и од неколку членови на управниот одбор. Според Селмани, тие луѓе во Владата што го пишувале текстот за законот се непријатели на медиумите, а многу ѝ штетат и на Владата.

Како што посочија и Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, Владата е подготвена да ги прифати забелешките и да повлече некои решенија, како што се укинување на глобите од 5.000 евра за медиумот и од 1.500 евра за одговорното лице за непрофесионално новинарско известување и за говор на омраза, што го побараа и Селмани и Лазо Петрушевски, претседателот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовозиуелни услуги, но и други учесници.

Во однос на МРТ, владиниот текст на законот претрпе остри критики зашто предвидува премалку пари за работењето на јавниот радиодифузен сервис, односно затоа што 0,7 отсто од државниот буџет се премалку пари за јавниот сервис. Беше посочено дека тие пари нема да бидат доволни за да се овозможи и работа и враќање на долговите, но, како што рекоа министрите Манчевски и Поповски, тоа се моменталните можности, а намерата на Владата е секоја следна година да ги зголемува тие средства за плус 0,1 отсто, па до крајот на четиригодишниот мандат да го достигне нивото на 1 отсто од буџетот. Владимир Петрески побара да се дефинира и законска граница за задолжувањето на МРТ во иднина, а при нејзино надминување, да се воведува принудна управа.

Денешната дебата во хотелот „Александар палас“ беше последната од серијата јавни дебати за текстот, а можно е, како што рече Манчевски, да се одржи и уште една дебата што ќе се однесува строго на застапеноста на македонската музика во програмите на медиумите.

Свои коментари за законот ќе може да даваат сите заинтересирани на страницата на ЕНЕР до 30 ноември, иако, како што најави Поповски, најверојатно Владата ќе остави уште седум дена простор за дебата за овој закон, кој за да помине во Собранието, треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство.

– Затоа бараме и од опозицијата да се вклучи во процесот, за да донесеме текст кој навистина ќе овозможи реформи – рече Манчевски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Според КЗ: Затвор од најмалку 4 години и високи глоби за затајување данок


Скопје, 23 март, 2017 - 16:51 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори четири нови истраги – „Табла“, „Тристa“, „Тотал“ и „Тифани“, од кои во последните две, осомничените физички лица се товарат за кривичното дело затајување данок.

Според Кривичниот законик (КЗ) за ова дело е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години и парична казна, а ако затаениот износ е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години, плус парична казна.

Тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во
случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна (член 279, став 1 од Кривичниот законик).

Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна (став 2 од членот 279 на Кривичниот законик).

Како што соопшти обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција, осомничените во случаите „Тотал“ и „Тифани“ се осомничени за кривичното дело даночно затајување по член 279, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години и парична казна.

Осомничениот во „Тотал“, според СЈО, одбегнал да плати персонален данок во износ од 63.032 евра, а фирмите чиј управител бил не платиле данок во вкупен износ од 121.414 евра. Осомничената во „Тифани“, пак, одбегнала да плати персонален данок во износ од околу 17.000 евра, а фирмите затаиле данок на добивка во износ од 37.634. евра.

Глоба во висина до десеткратен износ од помалку уплатениот данок согласно со одредбите од овој закон, ќе му се изрече на даночниот обврзник за сторен прекршок, доколку за целите на утврдување на даночната основа и даночните олеснувања на образецот за пресметка на данокот наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помала даночна основа (член 43, став 1 од Законот за данок на добивка).

Глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците од став 1 на овој член (став 2 од член 43).

За неподнесување даночна пријава и за нецелосно пријавени приходи. глобата, според Законот за персонален данок на приходи, се движи од 100 до 200 евра.


Ако не сте добиле К15, пријавете во Државниот инспекторат за труд!


Скопје, 2 јануари, 2015 - 15:51 (META) 

Два дена поминаа по рокот до кога приватните компании имаа обврска да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени. Некои К15 исплатиле во текот на минатата година, но многумина чекаа да чукне и последниот час од годината. Имаше и такви фирми кои им ја намалуваа платата на вработените за декември, за да им исплатат регрес.

Од Државниот нспекторат за труд сè уште немаат податоци за тоа колку компании исплатиле регрес. Од инспекторатот велат дека рокот за исплата за регресот беше 31 декември и ќе им треба време да ги обработат податоците.

Ако граѓаните сакаат да пријават дека компанијата каде биле или се вработени не им исплатила регрес за годишен одмор, можат да се јават на телефоните 02/ 3 296 310 и 3 116 110.

Инспекциските служби ќе вршат и самостојни инспекции.

Сите фирми од приватниот сектор од минатата година имаа законска обврска да им исплатат регрес за годишен одмор на вработените што во компанијата работеле во континуитет шест месеци до крајот на годината. Висината на надоместот со Општиот колективен договор за стопанството е утврдена на најмалку 40 отсто од просечната републичка нето­-плата исплатена претходниот месец, што, според сегашните пресметки, изнесува околу 8.500 денари.

За неисплата на регрес за годишен одмор предвидена е глоба од 3.000 до 4.000 евра. Од 2.000 до 3.000 треба да плати правното лице, а со 500 до 1.000 евра се казнува одговорното лице кај работодавецот.


Уште оваа сезона казни од 15 евра за неносење зимска опрема, догодина двојно


Скопје, 17 ноември, 2014 - 14:44 (META) 

Од изминатиот викенд, граѓаните мораат задолжително да носат зимска опрема во својот автомобил и  да имаат зимски гуми, во спротивно можат да заработат казна од 15 евра. Уште оваа сезона грѓаните ќе можат да се извлечат само со 15 евра глоба за неносење зимска опрема, затоа што со усвојувањето на новиот Закон за безбедност  на сообраќајот и патиштата ова сума е два пати поголема

Казнувањето во претстојната зимска сезона ќе биде согласно претстојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, но со новиот Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата, чија подготовка е во тек, казните ќе се зголемат за 30 евра, односно секој што ќе биде затечен дека не носи зимска опрема ќе мора да плати 45 евра голба.

Со новиот закон кој е во тек, предвидено е да се плаќа 50 евра за неносење појас за совозач, 100 евра за кал на гумите, 250 евра казна за родителот чие дете под десет години вози велосипед, исто толку и за непревезување на повредено лица, 30 евра за возење ролерки на коловоз, 35 евра за превезување животни без заштитни кутии и 500 евра за надминување на дозволената брзина за 50 километри во населено место и 70 километри на отворен пат. Износот на овие глоби не е европски, затоа што Директивата за унифицирање на законодавството со ЕУ, глобите не мора да бидат унифицирани. Во предлог-законот стои дека целта на овој закон е да се вовоедат нови решенија.

„Предлогот на новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата има за цел да воведе нови решенија со кои ќе се зајакне безбедноста на сите учесници во сообраќајот и истовремено да се предвидат високи стандарди за лична одговорност на секој учесник во сообраќајот“, образложено е известувањето за започнување на процедурата за законот .